!Во периодот што претстои работиме на воведување систем за пристап и за претплата. За начинот на пристап и за претплатата ќе информираме дополнително. Содржините на „Мета“ до тогаш се слободни за преземање со задолжително цитирање и атрибуирање.

Жбогар: По конгресот очекувам конструктивна, а не деструктивна ВМРО-ДПМНЕ


Скопје, 14 декември, 2017 - 21:44 (META) 

Се надевам дека по конгресот на ВМРО-ДПМНЕ следната недела, ќе добиеме опозиција која нема да биде посветена само на тоа деструктивно да ги спречи работите кои се случуваат, вели евроамбасадорот Самуел Жбогар во интервју за неколку медиуми, пренесува „Алсат М“.

– Подобро е да имаме опозиција која ќе и конкурира конструктивно на Владата, со идеи, предлози и сугестии, како да се корегира. Таква опозиција е потребна, а таа во овој момент ја нема. Јас се надевам дека повторно ќе го вратиме силното ВМРО-ДПМНЕ во јавниот живот и во Собранието – вели Жбогар, додавајќи оти се надева дека партиите веќе нема да имаат потреба за меѓународно посредување за решавање на внатрешните прашања.

Околу иницијативата „Жан Моне“, која го вклучува предлогот лидерите да се сретнат во Париз, според Жбогар, не била смислена да биде продолжение на Договорот од Пржино, туку да придонесе за подобрување на атмосферата.

Според евроамбасадорот очите на меѓународната заедница се вперени во спроведувањето на реформите во трите најважни полиња – правосудството, безбедносните служби и вработувањето во институции каде што има многу отворени позиции.

– Ние сакаме овој процес да биде транспарентен. Овие се нашите приоритети и таму каде што ние сакаме да видиме напредок-вели Жбогар.

Тој изјави дека во Брисел се води дебата за изнаоѓање нови начини за проширување и дека сега е време да се стане дел од тој список.

– Следната година се отвара навистина сериозна можност за тоа. Не знаеме дали ќе има подобар можност во иднина за земјата да го фати возот кој е веќе тргнат и се движи напред во натамошните настани на проширување на ЕУ – изјави евроамбасадорот.

Во врска со преговорите за решавање на спорот за името со Грција, амбасадорот Жбогар вели оти гледа добра волја од двете страни, но дека е рано за предвидување дали тие ќе завршат со успех.

Коментирајќи ги оставките во Државната изборна комисија, евроамбасадорот вели дека тоа е добра лекција која може да послужи и за слични случаи во другите институции. Според него, Изборниот законик, освен оваа точка, има потреба и за други измени и побара тие да се направат пред следните избори.


ЕУ на МВР му донираше возила и опрема вредни околу четири милиони евра


Гевгелија, 13 декември, 2017 - 16:23 (META) 

Македонската полиција денеска доби донација од Европската Унија во возила и опрема вредна околу четири милиони евра.

Донацијата, со која треба да се подигнат капацитетите на граничната полиција, се состои од осум комбиња, осум патнички возила, осум четирицикли и пет специјални возила за надзор на границата со термални камери, од кои едно опремено со радар, потоа 100 рачни радио терминали и програмски алатки, 250 рачни палки со ознака „Стоп полиција“со лед светла, четири детектори за срцево отчукување, четири рачни скрининг-системи за карго-товар и проверка на возила, шест системи за проверка на валидност на документи – ВИСПЕК, комуникациска мрежа, како и локално распоредлив координативен-комуникациски центар, мобилен систем за надгледување со камери и радар.

Евроамбасадорот Самуел Жбогар рече дека самиот слоган „ЕУ за тебе“ значи дека Европската Унија е тука за да и помогне на нашата земја да се справува со предизвиците.

– Со оваа донација, полицијата ќе биде поподготвена да се справува со предизвиците со кои се соочува на границата. Европската Унија останува посветена на давањето поддршка за да може полесно да се справите со овие предизвици – рече Жбогар.

Спасовски ја посети и полициската станица во Гевгелија, каде беше информиран дека безбедносната состојба во општината е на задоволително ниво, а беше запознаен и со условите и проблемите со кои се соочуваат полицајците при извршувањето на задачите.


Заев вети владина помош на општините за враќање на долговите


Струга, 1 декември, 2017 - 21:22 (META) 

Премиерот Зоран Заев најави план за помош на општините во справувањето со долговите кои надминуваат 200 милиони евра, упатувајќи порака до градоначалниците да се воздржат од политизација на администрацијата и да применат креативност во надминувањето на предизвиците.

– Може ќе заминете од функцијата посиромашни, но ќе бидете посреќни – рече Заев на Националниот форум за градоначалници, кој се одржува денеска и вчера во Струга. На форумот организиран од Програмата за развој на Обединетите нации (УНДП) во партнерство со Министерството за локална самоуправа и со Министерството за финансии, 79 градоначалници имаа можност да дискутираат со премиерот и со министрите за приоритетите и за потребите на општините.

– Локалните заедници се срцето на развојот и демократијата. Општината е местото каде се создава квалитетот за животот на граѓаните – рече постојаниот претставник на УНДП, Луиза Винтон.

Самуел Жбогар,  шефот на Делегацијата на ЕУ во Скопје, истакна дека патот кон решавање на локалните проблеми е тежок, но води кон подобар живот за граѓаните.

Премиерот Заев најави дека Владата ќе работи заедно со градоначалниците за вистинска децентрализација преку пренесување на надлежностите и обезбедување поголемо финансирање за локалниот развој.

– Не постои причина зошто капиталните инвестиции, на пример, во образованието, да не бидат во рацете на општините или планските региони. Вие подобро знаете каде се потребни парите – рече Заев.


Жбогар: Ако се совпаднат визиите на Владата и на Јункер, ќе има добри резултати за Македонија


Скопје, 17 ноември, 2017 - 15:49 (META) 

Доколку реформската визија на Владата и визијата на Европската Унија за Западен Балкан, што во февруари следната година треба да ја претстави претседателот на Европската комисија, Жан-Клод Јункер, се совпаднат, тогаш можеме да се надеваме да видиме добри резултати околу евроинтрегациите на Македонија, изјави денеска евроамбасадорот Самуел Жбогар.

– Тоа што генерално го споделуваме е оптимизам дека работите се одвиваат во правилна насока, дека реформите што ги очекуваме во земјата почнуваат да се спроведуваат и ја охрабруваме Владата да продолжи по овој пат. Во следните месеци од наша страна ќе ја претставиме визијата за регионот во следните години и децении преку стратегискиот документ за Западен Балкан што претседателот на ЕК, Јункер, го најави за февруари. Очекуваме од Владата и од институциите да покажат посветеност и резултати поврзани со реформите. Доколку овие две визии и активности се совпаѓаат, се надеваме дека ќе видиме добри резултати следната година – рече Жбогар, по посетата на СВР Скопје, каде заедно со министерот за внатрешни работи, Оливер Спасовски, присуствуваше на презентацијата на ТЕТРА-системот за комуникација на полицијата.

Прашан за можноста меѓународната заедница да изврпи притисок врз Грција да дозволи Македонија да влезе во НАТО под привремената референца, Жбогар рече дека секогаш е подобро кога прашањата се решаваат со дијалог.

– Нема решение кога едната страна е задоволна, а другата не е и сите компромиси се засновани на тоа двете страни да го прифатат решението. Ова е единствениот начин да се дојде до долгорочно решение. Гледаме дека тоа е пристапот на Владата, преку чести средби меѓу министрите за надворешни работи, кои ја подобруваат атмосферата и добрососедските односи и веруваме дека ова ќе доведе до добри резултати – изјави Жбогар.


Жбогар и евроамбасадорите повикаа на избори без заплашување и без насилство


Скопје, 13 октомври, 2017 - 11:25 (META) 

Делегацијата на ЕУ и на амбасадите на земјите членки на ЕУ денеска порачаа дека локалните избори на 15 и на 29 октомври се можност за граѓаните да ги изразат своите гледишта за правецот во кој нивните општини треба да се движат во иднина.

„ЕУ ги охрабрува политичките лидери, нивните партии како и релевантните чинители да го искористат изборниот процес за да ја потврдат и да ја покажат својата посветеност на демократските вредности и владеење на правото. Ги повикуваме политичките лидери и партиските членови да овозможат одржување на избори без заплашување и насилство“, стои во заедничката изјава.

Делегацијата на ЕУ и амбасадите потсетуваат на важноста да се направи јасна поделба меѓу државните и партиските активности и ресурси пред, за време на изборите и по нив.

„Ги повикуваме медиумите да им обезбедат на граѓаните разновидно и објективно информирање, кое им е потребно за да донесат информирана одлука на денот на изборите. Ја подвлекуваме важноста од меѓународни набљудувачи на изборите, особено на ОБСЕ/ОДИХР. Секој глас е важен. Ги повикуваме сите граѓани да го исполнат своето демократско право на глас и на тој начин да ја обликуваат иднината на своите општини“, се вели во изјавата.


Жбогар: Политичките лидери и партиите да ги спроведат изборите без заплашувања и насилство


Скопје, 12 октомври, 2017 - 19:01 (META) 

Амбасадорот на Европската Унија во земјава, Самуел Жбогар, денеска преку видео-обраќање по повод локалните избори в недела ги повика граѓаните да го исполнат своето право на глас, а политичките лидери и партиите да ги спроведат изборите без „заплашувања и насилство“.

Жбогар порака ја испрати на македонски јазик.

– Локалните избори на 15 октовмри се можност за вас граѓаните да ги изразите вашите гледишта за правецот по кој вашите општини треба да се движат во иднина. Ги повикуваме политичките лидери и членовите на партиите да ги спроведат изборите без заплашување и насилство. Потсетуваме на важноста да се направи јасна поделба меѓу државните и партиските активности пред, за време и по изборите. Ние сметаме на државните институциите како што е полицијата, независните институциите, како што е Државната изборна комисија, како и граѓанското општество да го исполнат својот дел од одговорноста за одржување на демократски, слободни и фер избори. И, на крајот, секој глас е важен. Ги повикуваме сите граѓани да го исполнат своето демократско право на глас и на тој начин да ја обликуваат иднината на своите општини – рече Жбогар во обраќањето.

Претходно денеска и Амбасадата на Соединетите Американски Држави во Македонија преку соопштение порача дека претстојните локални избори се важни за иднината на Македонија како просперитетна, стабилна демократија, целосно интегрирана во евроатлантските институции и ги повика граѓаните да излезат и да гласаат.


Медениот месец на Владата заврши, препораките на Прибе останаа, порача Попоски


Скопје, 20 септември, 2017 - 16:07 (META) 

Корисно е практиките од првите 100 дена на Владата да се напуштат во пресрет на реформите за кои е неопходен национален консензус, рече пратеникот на ВМРО-ДПМНЕ, Никола Попоски, на денешната седница на Националниот совет за европски прашања при Собранието на Република Македонија, на која беше конституиран новиот состав.

– Владиниот меден месец заврши, препораките од извештајот на Прибе останаа. Европската Унија ни наметнува потреба од отворен дијалог дома, длабински реформи со најширока поддршка и реална примена на правилата. Протрчување без издржана дебата не е добро ниту за државата ниту за тој што го промовира таквиот пристап. Владата не може да сонува за мандат без контролни механизми, а опозицијата е тука да поддржи добри решенија за најбрз почеток на преговорите за членство во ЕУ – истакна Попоски, кој е претседател на Советот за европски интеграции.

На денешата седница беа присутни и вицепремиерот за европски прашања, Бујар Османи, како и амбасадорот на Европската Унија во земјава, Самуел Жбогар, кој ги нагласи очекувањата за постигнување најширок можен консензус во однос на реформите кои се неопходни за членство во ЕУ.


Заев – Жбогар: Постои голем оптимизам во Брисел дека Македонија оди напред


Скопје, 11 септември, 2017 - 16:42 (META) 

Премиерот Зоран Заев денеска се сретнал со евроамбасадорот Самуел Жбогар, а на средбата Заев порачал дека владата е решена да гради квалитетен живот за сите граѓани. Евроамбасадорот, како што извести Владата, рекол дека во Брисел постои оптимизам за идните чекори на Македонија и дека земјата ја има досега најголемата шанса за напредок во евроинтеграциите.

– Постои голем оптимизам во Брисел дека Македонија е конечно подготвена да оди напред во интерес на иднината на граѓаните и на државата. Република Македонија  ја има најголемата шанса за успех досега за остварување на стратешките евроатлантски цели – рекол евроамбасадорот Жбогар на средбата со премиерот Заев, како што пренесе владината служба за информирање.

Заев рекол  дека Владата фокусирано го реализира реформскиот план „3-6-9“ низ инклузивни политики на соработка во општеството, работи на подобрување на животниот стандард на граѓаните, како и на пријателска, принципиелна и конструктивна соработка со соседите и со земјите членки на ЕУ и на НАТО.


Шекеринска и Бартол го честитаа Денот на независноста од врвот Мусица кај Крушево


Крушево, 8 септември, 2017 - 15:52 (META) 

Министерката за одбрана, Радмила Шекеринска, и морнаричкиот капетан Горазд Бартол, шеф на Канцеларијата за врски на НАТО, денеска од врвот Мусица на Бушева Планина им го честитаа 8 Септември, Денот на независноста, на сите граѓани на Република Македонија.

Придружувани од амбасадорите на ЕУ, Самуел Жбогар, на Обединетото Кралство, Чарлс Герет, одбранбени атаеши во Македонија, членовите на планинарското друштво „Ристо Карпуш“, голем број граѓани на Крушево денеска беа дел од настанот „Заедно кон врвот“ кој се организира по повод Денот на независноста.

– Дозволете ми на граѓаните на Република Македонија да им го честитам 8 Септември – Денот на независноста и да посакам следните 26 години да имаме поголема благосостојба и стабилност. Во 26-те години независност поминавме низ добри и тешки моменти, но покажавме дека кога се има иста цел, кога сме упорни и истрајни, таа цел е достижна. Денеска ни треба заедништво околу нашата заедничка стратешка цел – членство во НАТО и во ЕУ – рече министерката.

Морнаричкиот капет Бартол го честиташе Денот на независноста и изрази уверување дека сите 29 земји членки на НАТО ја поддржуваат Република Македонија да стане 30. членка на Алијансата.

– Вашата земја помина избори, има нова влада и нови идеи. Имам чувство дека вашата земја е решена да продолжи на патот кон членство во НАТО и во ЕУ. Можам да ве уверам дека сите 29 земји даваат поддршка на вашата земја и со нетрпение очекуваме вашата земја да стане 30. членка на алијансата. Мојата канцеларија е тука да ви помогне – рече Бартол.


Заев: Ќе има нула толеранција за изборни злоупотреби


Скопје, 6 септември, 2017 - 12:41 (META) 

Испраќам порака до владините и до државните институции дека ќе има нула толеранција за изборни злоупотреби, рече премиерот Зоран Заев на денешната конференција „Одвојување на државата од политичките партии“, во организација на Граѓанската асоцијација „Мост“.

– Владата на Македонија гради институции за и на граѓаните и има цел на претстојните локални избори да ги заштити граѓаните од партиски злоупотреби. Вршителите на јавните функции нема да ги злоупотребуваат своите надлежности за партиски цели. Нема да има уцени, закани и заплашувања за партиски цели. Одвојувањето на партијата од државата е даден збор на новата влада. Врвен приоритет ни е одржувањето на фер и демократски избори. Владата ќе донесе мерки со кои ќе ги спречи кандидатите за градоначалници да користат државни средства – рече Заев.

Шефот на Делегацијата на Европска Унија, Самуел Жбогар, на лидерите на политички партии им порача да ги искористат локалните избори за да покажат демократски вредности.

– Примарно е политичките лидери што ги спроведуваат кампањите за изборите, да ги спроведуваат без насилство, заплашувања и без етнички тензии. Лидерите да го користат изборниот процес за да покажат демократски вредности. Изборите да бидат чекор напред во евроинтеграциите – вели Жбогар.

Во минатото имаше доволно примери за непочитување на принципот на одвојување на државата од партијата, смета Дарко Алексов, извршниот директор на „Мост“, кој порача дека сите сакаат да видат дека власта може и поинаку да се практикува.

– Треба прекршувањата на принципот на одвојување на државата од партијата да бидат истражени и соодветно санкционирани – додаде Алексов.