!Во периодот што претстои работиме на воведување систем за пристап и за претплата. За начинот на пристап и за претплатата ќе информираме дополнително. Содржините на „Мета“ до тогаш се слободни за преземање со задолжително цитирање и атрибуирање.

Уапсен потпретседателот на „Самсунг“ поради истрага за корупција


Сеул, 17 февруари, 2017 - 11:13 (META) 

Јужнокорејските власти го уапсија потпретседателот на компанијата „Самсунг електроникс“, Ли Џае-јонг во рамки на истрага за корупција, која доведе до отповикување на јужнокорејската претседателка Парк Геун-хе.

Судот во Сеул соопшти дека е неопходно Ли Џае-јонг да биде уапсен поради нови докази. Сепак, судот го одби барањето за апсење и на претседателот на компанијата, Парк Санг-јин.

Канцеларијата на специјалниот обвинител во вторникот побара да се уапсат двајцата раководители на „Самсунг“ поради корупција и други обвиненија.

Компанијата е обвинета дека донирала 36,3 милиони долари на невладини организации поврзани со Чои Сун-сил, блиска пријателка на јужнокорејската претседарелка, во замена за поддршка на спорни зделки.


Најмногу очекуваните паметни телефони годинава


Њујорк, 27 јануари, 2017 - 22:02 (META) 

Познавачите на пазарот на паметни телефони типуваат кои ќе бидат моделите што ќе предизвикаат најголемо внимание во светот годинава.

Откако ќе се појави на пазарот, осмата генерација ќе биде јаготката на шлагот за прославата на десеттиот роденден на „ајфон“. „Ајфон 8“ ќе биде комплетно редизајниран во однос на претходниците. „Мек ворлд“ најавува можно враќање на дизајнот со нерѓосувачки челик со комплетно стаклено лице, извиен ОЛЕД-екран, нови бои за избор и безжично полнење.

Годинава се очекуваат и „галакси С8“ и „галакси С8 еџ“ на „Самсунг“.„Форбс“ пишува дека ќе имаат „бескраен екран“, со што ќе се вклучат во трендот на многу тенок, милиметарски раб. Засега нема најави кога новите модели ќе бидат промовирани, но се очекува новите паметни телефони да излезат на пролет.

„Самсунг“ планира да исфрли на пазарот нов модел од серијата „галакси ноут“, за да го замени „ноут 7“, кој беше вистински кошмар и за компанијата и за многу корисници, поради експлодирањето на батериите, по што примероците беа повлекувани.

Кога станува збор за „Гугл“, паметните телефони „пиксел“ и „пиксел екс-ел“ се веќе на пазарот, откако беа формално најавени на крајот на 2016 година. Тоа се првите телефони што се направени токму од „Гугл“, оти претходно, како во случајот со паметните телефони и таблети „нексус“, „Гугл“ целосно го доверуваше производството на други производители.

„Ел- џи Г6“ се очекува на крајот на февруари, како нов адут на производителот од Јужна Кореја што цело време се бори да излезе од сенката на својот сонародник „Самсунг“. Фотографиите кои протекоа во јавноста покажуваат дека е изработен од метал и од стакло со екран од 5,7 инчи и многу тенок раб. Во однос на практичноста и економичноста, ќе има батерија што може да се замени. Овој телефон нема да пропушта вода.


Блекбери-таблет од „Самсунг“


Ванкувер, 16 март, 2015 - 15:32 (META) 

Канадската компанија „Блекбери“ го претстави својот нов уред SecuTABLET, кој настанал како соработка меѓу „Самсунг“ и компанијата „Еј-Би-Ем“.

Уредот се темели на таблетот на „Самсунг“, моделот „galaxy Tab S 10,5“ со кој има речиси идентични спецификации.

Таблетот е опремен со бројни безбедносни решенија, па поради тоа пред се е наменет за разни агенции и бизнис корисници.


„Самсунг“: Внимавајте што зборувате пред паметните телевизори


Сеул, 10 февруари, 2015 - 21:04 (META) 

Јужнокорејската компанија „Самсунг“ ги предупреди своите купувачи да избегнуваат разговори од лична природа пред „паметните“ телевизори.

Предупредувањето се однесува на гледачите кои на своите телевизори „самсунг-смарт“ користат услуга за гласовна активација.

Во соопштението се наведува дека сличните телевизори „слушаат“ разговори кои се водат пред нив и разменуваат детали со „Самсунг“ или со трети лица.

Предупредувањето е објавено на страницата на магазинот „Дејли бист“, каде е објавен дел од политиката за заштита на приватноста на „Самсунг“ во врска со „паметните“ телевизори поврзани со интернет.

Во тој дел се наведува дека телевизорот ги слуша разговорите на луѓето за да воочи изговорена команда.
„Доколку меѓу изговорените зборови спаѓаат лични или други чувствителни информации, тие податоци се наоѓаат меѓу собраните и се испраќаат на трета страна“, се истакнува во упатството на „Самсунг“.


„Самсунг“ ќе ја купи „Блекбери“


Сеул, 15 јануари, 2015 - 16:36 (META) 

„Самсунг“ размислува да ја преземе компанијата „Блекбери“ и е подготвена да плати околу 7,5 милијарди долари, јавуваат светските агенции.

Јужнокорејската компанија нуди од 13,35 до 15,49 долари за акција на „Блекбери“, што е од 28 до 60 отсто повеќе од нивната сегашна реална вредност на пазарот. „Самсунг“ најмногу е заинтересирана за патентите на „Блекбери“, а самата вест за состанок на челниците на двете компании предизвика пораст на вредноста на акциите на „Блекбери“ за триесет отсто.

„Блекбери“ кон крајот на минатата година потпиша договор со „Самунг“ за соработка на полето на безбедноста, додека преземањето ќе ѝ помогне на јужнокорејската компанија во пазарната борба со „Епл“.

„Блекбери“ и „Самсунг“ засега не ги коментираат официјално овие информации.


„Самсунг“ лансира паметен телефон за 90 долари


Сеул, 30 декември, 2014 - 20:15 (META) 

„Самсунг“ ќе направи пробив на пазарот на новата генерација паметни телефони што функционираат со оперативниот систем „тизен“, зад кој стои самата компанија.

Првиот телефон „самсунг“ со оперативен систем „тизен“ ќе биде „ Z1“ и неговата цена ќе биде 90 долари, објави денеска веб-страницата „Коукотланд“.

За оваа цена, купувачот ќе добие уред што, меѓу другото, ќе доаѓа со екран од четири инча, 800×480, двојадрен процесор од 1,2 гигахерци, работна меморија од 768 мегабајти, простор за чување податоци од четири гигабајти, со мемориска СД-микрокартичка, задна камера од три мегапиксели и предна камера од 0,3 мегапиксели, „3G“ врска и батерија од 1.500 мегаампери на милиампери на час.

Телефонот би требало следниот месец да биде лансиран со верзија „тизен 2.3“ и тоа, на почетокот, само во Индија.


Подарок од „Самсунг“ – отказ за Божик


Лондон, 25 декември, 2014 - 13:34 (META) 

Јужнокорејската компанија „Самсунг“, без претходна најава, одлучи да ја затвори својата најголема продавница во Велика Британија, „Експиријенс стор“ во Лондон.

Крајот на годинава несомнено е особено тежок за јужнокорејскиот гигант. Демонтирањето на продавницата почна ноќта меѓу 23 и 24 декември, кога сите вработени, во пресрет на Божик, добиле известување за отказ.

„Самсунг“ прецизираше дека и понатаму сака да ги задржи другите продавници во Велика Британија, но затворањето на најголемата меѓу нив не е позитивен сигнал дека ќе продолжи моделот на продажба и на претставување производи создаден по примерот на „Епл стор“, пишува веб-страницата „Култургик“. (kulturegeek.fr).


Јужнокорејскиот гигант во третото тримесечје годинава забележал деловни резултати кои се во „слободен пад“, како и постојан пад на продажбата на мобилни телефони. Ваквиот потег на произведувачот навестува декаверојатно нема да се надмине негативната ситуација во која се најде.


„Галакси ноут 4“ доби новогодишна реклама


Сеул, 22 декември, 2014 - 19:05 (META) 

„Самсунг“ креираше новогодишна реклама за својот нов телефон „галакси ноут 4“, во која главниот лик се обидува да стигне дома за празниците, а телефонот со опциите што ги нуди му помага да го оствари тоа.


Новиот телефон „galaxy S6“ ќе има екран од 5,5 инчи


Пекинг, 7 декември, 2014 - 17:21 (META) 

Веќе извесно време се зборува дека новиот телефон „galaxy S6“ ќе пристигне со поголем екран и со поголема резолуција од својот претходник. Ваквите информации ги потврдува и „скриншотот“ кој се појави на кинескиот портал CNMO.

Доколку информациите се точни, новиот телефон „galaxy S6“ на компанијата „Самсунг“ ќе поседува екран од 5,5 инчи, со резолуција од 1.440×2.560 пиксели, а во него ќе биде вграден 64-битен осумјадрен процесор „exynos 7420“. Според податоците, „S6“ би требало да стигне со работна меморија од три гигабајти и со внатрешна меморија од 32 гигабајти.

За фотографиите ќе биде задолжена камера од 20 мегапиксели, а предната камера од пет мегапиксели ќе служи и за видеоповици. Телефонот би требало да дојде со „лолипоп“ верзијата на оперативниот систем „андроид“.


„Самсунг“ ќе гради фабрика во Виетнам


Сеул, 11 ноември, 2014 - 9:17 (META) 

Јужнокорејскиот технолошки гигант „Самсунг електроникс“ (Samsung еlectronics) ќе инвестира три милијарди долари во изградбата на својата фабрика во Виетнем, објави „Би-Би-Си“. Ова ќе биде втората фабрика на производителот на смартфоните и таблетите „галакси“ (Galaxy). Првата производствена линија чинеше две милијарди долари и проработи во март оваа година, откако во неа работат повеќе од 16.000 лица.