!На 1 февруари 2017 година, заврши промотивниот период на слободно користење на содржините на „Мета“. Во периодот што претстои го воведуваме новиот систем за пристап и за претплата. За начинот на пристап и за претплатата ќе информираме дополнително

Меѓународен самит за фотографи и за видеографи во Струга


Струга, 12 април, 2017 - 10:57 (META) 

Со учество на познати имиња од светот на фотографијата, од Полска, Тајван, Франција, Русија, Португалија и од домаќинот – Република Македонија, во Струга од 11 до 13 април се одржува првиот Меѓународен самит за фотографи и за видеографи.

Самитот е во организација на професионалното студио за фотографија „Ангеловски фотографи“ од Скопје.

На самиот има посебни програми за видеографи, со што лицата што се занимаваат со оваа дејност ќе добијат шанса да партиципираат заедно со нивните колеги, фотографите.
Главната активност е отворената дискусија за паралелата меѓу уметничката фотографија и колку преку оваа дејност може да се основа сопствен бизнис.

Учесниците учат нови техники и нови начини на пристап кон фотографијата, а за нив има и промоција на нови производи од фотографијата, видеографијата и од дигиталните медиуми.

Активностите се одвиваат преку предавања и работилници, додека за предавачи се ангажирани познати имиња од светот на фотографијата, како Грег Момен од Полска, Хуанг Сусу од Тајван, Дејвид Брено од Франција, Дмитри Усанин од Русија, Серџо Дуарте – кинематограф од Португалија, како и Бојан Митковски, Томислав Георгиев и Роберт Атанасовски од Македонија.


Во Мадрид се одржува самит на земјите од југот на ЕУ


Мадрид, 10 април, 2017 - 10:54 (META) 

Во Мадрид денеска ќе се одржи самит на земјите од југот на Европската Унија, кој се очекува, неколку дена откако Велика Британија го почна процесот на напуштање на ЕУ, да го истакне спротивното – продлабочувањето и проширувањето на Унијата.

На самитот се очекува да присуствуваат шефовите на држави или влади на седум земји: Португалија, Шпанија, Франција, Италија, Малта, Грција и Кипар. Тоа ќе биде трет самит на југот на ЕУ од септември 2016 година.

„Самитот ќе биде шанса да се испрати порака за единство и за посветеност на проектот на европска интеграција и тоа во пресудниот момент од историјата на ЕУ. Европа треба да продолжи да се занимава со прашања што се однесуваат на сите граѓани и да го зајакне проектот на интеграција“, велат во соопштението шпанските домаќини на самитот и додаваат дека теми на средбата ќе бидат доселувањето, економијата, социјалната и одбранбената политика на ЕУ.

Европскиот совет на 29 април треба да донесе одлука за насоките на преговорите на ЕУ со Велика Британија.

На состанокот ќе бидат претседателите на Франција и на Кипар, Франсоа Оланд и Никос Анастасијадис, премиерот на Италија, Паоло Џетилони, на Грција, Алексис Ципрас, на Португалија, Антонио Костас, на Малта, Џозеф Мускат, и на Шпанија, Маријано Рахој.


Груевски замина на конгрес на сестринските партии на Малта


Скопје, 27 март, 2017 - 13:16 (META) 

Лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Никола Груевски од денеска па во наредните неколку дена, заедно со партиска делегација ќе присуствува на конгресот на Европската народна партија (ЕПП), што се одржува на Малта, потврди за „Мета“, директорот на центарот за комуникации на ВМРО-ДПМНЕ, Иво Котевски.

Посетата на Груевски на Малта и учеството на конгресот на ЕПП, доаѓа во време кога Собранието треба да биде избран нов претседател на законодавниот дом, како услов за продолжувањето на процесот за формирање на влада, по изборите на 11 декември, минатата година.

Престојот на Груевски на конгресот на ЕПП, како што ни изјави Котевски, меѓудругото „ќе биде искористен за билатерални средби со луѓе од европскиот политички естаблишмент.“

– На конгресот на Европската народна партија ќе присутвуваат политичките функционери од Европа кои припаѓаат на десничарските политички партии кои се највлијателната политичка сила во рамките на Европската Унија. Во рамките на престојот меѓудругото ќе се презентираат ставовите во однос на актуелните домашни случувања, политичката криза, како и стратешките интереси на Република Македонија – вели Котевски.

Во Малта, на самитот на ЕПП се очекува да присуствуваат германската канцеларка Ангела Меркел, премиерот на Шпанија Марио Рахој, премиерката на Норвешка, Ерна Солберг, ирскиот премиер, Енда Кени, премиерот на Унгарија, Виктор Орбан, претседателот на ЕПП – Јозеф Дол, како и претседателите на Европската комисија и на Советот на ЕУ, Жан Клод Јункер, односно Доналд Туск.


Трамп во мај ќе присуствува на самитот на НАТО


Вашингтон, 22 март, 2017 - 10:20 (META) 

Американскиот претседател Доналд Трамп ќе присуства на самитот на НАТО на 25 мај во Брисел, потврди Белата куќа.

– Претседателот е нетрпелив да се сретне со своите партнери од НАТО, да го потврди нашиот цврст ангажман во НАТО и да разговара за прашања кои се пресудни за Алијансата, особено за поделбата на одговорноста на сојузниците и за улогата на НАТО во борбата против тероризмот – соопшти синоќа Белата куќа.

Стејт департментот претходно соопшти дека државниот секретар на САД, Рекс Тилерсон, ќе го пропушти својот прв НАТО-состанок во Брисел во април. На негово место, на состанокот ќе присуствува државниот потсекретар и политички директор, Томас Пенон, дипломат од кариера, кој беше дел од Стејт депарментот и за време на Џон Кери. Состанокот на министрите за надворешни работи на НАТО ќе се одржи на 5 и на 6 април во Брисел.

Стејт департментот со ваквата одлука ризикува да предизвика загриженост во Алијансата по критиките од претседателот Трамп дека НАТО е надживеан.

Стејт департментот наведе дека Тилерсон денеска во Вашингтон ќе се сретне со повеќето колеги од НАТО за време на состанокот на 68 члена на коалицијата против Исламска држва, кој се одржува во главниот град на САД.
Портпаролот на Стејт депарментот истакна дека неприсуствувањето на Тилерсон на средбата на НАТО не треба да се толкува како знак на непочитување на Алијансата.


Билт се интересира дали ЕПП ќе реагира на кризата во Македонија


Брисел, 9 март, 2017 - 12:27 (META) 

Поранешниот шеф на шведската дипломатија, Карл Билт, преку својот твитер-профил праша дали Европската народна партија (ЕПП) ќе реагира на политичката криза во Македонија, споделувајќи анализа за политичката ситуација во државата.

„Македонската владејачка партија си игра со оган во регион со сè поголема нестабилност. Дали ЕПП ќе реагира?“, праша Билт.

Денеска во Брисел се одржува самит на Европската народна партија пред одржувањето на Европскиот совет.

Минатата година на самитот на ЕПП, одржан во октомври во Мастрихт, Холандија, лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Никола Груевски, не беше поканет иако ЕПП е сестринска партија на ВМРО-ДПМНЕ, која е членка на оваа асоцијација на европските демохристијански партии.

Во Мастрихт бил поканет само премиерот Емил Димитриев, но тој одговорил дека нема да биде во можност да присуствува.

Портпаролот на ЕПП, Зигфрид Муресан, тогаш изјави дека на самитите на асоцијацијата се канат само највисоко рангираните политичари и поканата не може да се пренесе на друг.

– ЕПП на своите самити ги поканува највисоко рангираните политичари, кои припаѓаат на нашето политичко семејство, во случајот премиерот Емил Димитриев. Поканата за ваквите средби на високо ниво на ЕПП е лична и не може да се пренесе на друг. Премиерот Димитриев се извини дека нема да присуствува на состанокот поради претходно планирани обврски во неговата земја кои не можеле да се одложат – изјави Муресан.

Груевски присуствуваше на самитите на ЕПП во 2014 и во 2015 година.


Неформален состанок на Оланд, Меркел, Рахој и на Џетилони во Версај


Париз, 6 март, 2017 - 10:50 (META) 

Франција и Германија, со поддршка од Италија и од Шпанија, денеска во Версај кај Париз ќе одржат неформален самит на кој, како што е најавено, ќе се разгледа иднината на Европската Унија, која е разнишана од одлуката на Велика Британија за излегување од неа, како и поради порастот на популизмот.

Самитот го организира францускиот претседател Франсоа Оланд, а на него ќе присуствуваат германската канцеларка Ангела Меркел и премиерите на Шпанија и на Италија, Маријано Рахој и Паоло Џентилони.

Француски дипломатски извори наведуваат дека состанокот се одржува како „политички поттик на четири земји на ЕУ“ во пресрет на самитот во Рим, закажан за 25 март, на кој ќе се обележи 60-годишнината од Римскиот договор, потпишан во 1957 година, со кој е основата Европската економска заедница (ЕЕЗ) и Европската заедница за атомска енергија (Еуратом).


Свилановиќ: РСС ќе придонесе регионот да биде просперитетен и стабилен


Скопје, 9 февруари, 2017 - 16:08 (META) 

„Исклучително е важно да се осигури понатамошен напредок и продолжување со реформите во регионот, бидејќи тоа се неповратни процеси кои произлегуваат од тежнеењето на државите да пристапат кон Европската Унија. Регионалниот совет за соработка (РСС) ја продолжува блиската соработка со вас, за регионот да биде просперитетен и стабилен“, изјави генералниот секретар на Регионалниот совет за соработка (РСС), Горан Свилановиќ, обраќајки се на шестиот неформален состанок на министрите за надворешни работи и за енергетика од Западен Балкан, кој денеска се одржа во Скопје.

Според него, очекувањата од претстојниот самит во Трст се големи.

„Поврзаност, борба против корупција, иновација и пренос на технологија се некои од темите за кои ќе се разговара на самитот. Ако им се пристапи на соодветен начин, како на национално така и на регионално ниво, во голема мера ќе придонесат за одржување на економскиот развој, но, исто така, и ќе го поттикнат процесот на проширување на Западен Балкан“, изјави Свилановиќ.

Тој зборуваше и за приоритетите и за активностите на организацијата предвидени за следните три години и потсети на поранешните успеси на РСС, како што се посредството при меѓувладините договори, за приоритет да се земе меѓусебното признавање на стручните квалификации во граѓанскиот и во здравствениот сектор, подготовката и усогласувањето на регионалната програма за туризам и др.

На маргините на состанокот се потпишани и договори со кои се осигурува дополнителен придонес на ЕУ во пружање техничка помош и финансирање на проекти од областа на енергетската ефикасност и обновливи извори на енергија во регионот.

Денешниот состанок беше продолжение на министерскиот состанок на шесте економии на Западен Балкан одржан во септември минатата година во Њујорк, на маргините на 71. седница на Генералното собрание на Обединетите Нации.


Кучи: Поврзување и сигурно снабдување со енергија, заедничка цел на земјите од регионот


Скопје, 9 февруари, 2017 - 12:53 (META) 

„Македонија, како членка на Енергетската заедница, се обврза да стане дел од внатрешниот пазар на енергија во Унијата. Работиме на изнаоѓање нов концепт во политиката за поддршка на обновливите извори на енергија, како и на можностите и на начините Македонија постепено да се интегрира на регионалниот и на европскиот пазар“, изјави министерот за економија, Дритон Кучи, на министерскиот состанок на земјите од Западен Балкан, на кој присуствуваа и еврокомесарот за соседска политика и за преговори за проширување, Јоханес Хан, и директорот на Енергетската заедница, Јанез Копач.

На заедничката сесија на министрите за енергетика, чии домаќини беа вицепремиерот Пешевски и министерот Кучи, се дискутираше за примената на одлуките од Парискиот самит и за очекувањата од претстојниот самит во Трст во рамките на т.н. Берлински процес.

– Притоа, мора да се спомене дека Македонија претставува релативно мал пазар, со ограничени ресурси. Либерализацијата на малите пазари нуди поголеми можности доколку се дизајнира соодветен оптимален пазарен модел, кој ќе ги задоволи во обем и во цена потребите на домаќинствата и на индустријата – додаде Кучи.

Министрите за енергетика од земјите на Западен Балкан во заедничка изјава ја потврдија силната посветеност на процесот на Берлин и на регионалната агенда за поврзување како клучен фактор за пораст во регионот.

Тие ја потврдиле посветеноста во насока на имплементација на Повелбата на одржлив развој, што ќе резултира со почиста животна средина преку имплементација на мерки за енергетска ефикасност и користење на обновливи извори на енергија.

Се осврнале и на важноста на спроведувањето на т.н. меки мерки, за спроведување на регионален пазар на електрична енергија, со што ќе се овозможи отстранување на постојните законски и регулаторни бариери и подобрување на институционалните структури потребни за функционирање на пазарот во согласност со Договорот за основање на ЕЗ и релевантното европско законодавство.

На маргините на состанокот беа потпишани два договора помеѓу Европската комисија и меѓународните финансиски институции – Европската банка за обнова и развој (ЕБРД), Европската инвестициона банка (ЕИБ) и Банкарскиот концерн KfW, во рамките на Програмата за регионална енергетска ефикасност (REEP Plus – Regional Energy Efficiency Programme ) и Фондот за зелен раст (GGF – Green for Growth Fund ), преку кои ќе се финансираат проекти што ќе се реализираат во регионот.


Ивица „Ние сме будали што ве признавме“ Дачиќ дојде во Македонија или во БЈРМ?


Скопје, 9 февруари, 2017 - 11:02 (META) 

На министерскиот состанок во Скопје дојде и шефот на српската дипломатија, Ивица Дачиќ, кој неодамна рече дека Србија погрешила што ја признала Македонија под нејзиното уставно име затоа што Македонија го признала Косово и го поддржала неговото членство во УНЕСКО.

– Србија направи голема грешка. Цела Европа и целиот свет го користат називот Поранешна Југословенска Република Македонија, а ние им удривме шамар на нашите браќа Грци и сега очекуваме од Грците да не го признаат Косово, а Македонија ја признавме навредувајќи ги Грците, додека тие (Македонците) секогаш гласаат за Косово. Јас морам да кажам дека сме будали – изјави тогаш Дачиќ.

Тој додаде дека Белград во билатералните односи со Скопје и понатаму ќе го користи уставното име на Македонија, но дека мултилатерално ќе го користи името кое се употребува во ЕУ и во Обединети нации – БЈРМ.

По релативно благата реакција на македонското МНР и појавата на терминот БЈРМ на српските патарини, Дачиќ рече дека Србија бара „обостран коректен однос“.

– Ако веќе протестираат поради сметката за патарина, што би требало ние да направиме поради нивното признавање на Косово и гласањето во УНЕСКО – изјави Дачиќ за „Вечерње новости“.

Дачиќ, исто така, праша зошто Македонија не ги напушти Обединетите нации, Советот на Европа, ОБСЕ и состаноците со ЕУ, каде фигурира под референцата БЈРМ.

– Зошто седат под тоа име, а сега им е проблем сметка за патарина на која истото го пишува? Србија не го сменила својот став за признавање на Македонија, но и за Србија е навредливо и срамно кога тие велат „Република Косово“ – рече Дачиќ.

Повеќе за изјавите на Дачиќ и за реакциите на нив на следните линкови:

http://meta.mk/dachik-srbija-pogreshi-shto-ja-prizna-makedonija-pod-ustavno-ime/

http://meta.mk/mnr-do-dachik-da-ne-se-rushi-prijatelstvoto-megu-graganite-na-srbija-i-makedonija/

http://meta.mk/dachik-ja-spushta-topkata-prijatelstvoto-treba-da-se-pochituva-i-vo-skopje-i-vo-belgrad/

http://meta.mk/dachik-ako-vi-e-navredlivo-bjrm-zoshto-sedite-vo-on-eu-obse-i-sovetot-na-evropa/

http://meta.mk/mnr-za-meta-dachik-se-plashi-izlivite-na-shovinizam-da-gi-nasochi-kon-golemite-sili/


Состанок меѓу Путин и Трамп е можен пред самитот Г20, информира Кремљ


Москва, 30 јануари, 2017 - 19:39 (META) 

Кремљ соопшти дека рускиот претседател Владимир Путин би можел да се сретне со неговиот американски колега, Доналд Трамп, пред самитот Г20 во јули.

Портпаролот на Кремљ, Димитри Песков, изјави дека телефонскиот разговор меѓу Путин и Трамп во саботата поминал добро, но дека тешко може да се говори за каков било договор во врска со санкциите.

– За почеток мораме да одредиме датум и време за состанокот помеѓу двајцата претседатели – изјави Песков, додавајќи дека на тоа се работи и дека состанокот би можел да се одржи пред самитот Г20, кој е закажан за 7 и 8 јули во Хамбург.

Песков додаде дека заедничката борба против тероризмот, мерките за одржување на стратешка стабилност, решавањето на регионалните конфликти и развојот на билатералните односи може да станат „точки на согласност“ во односите помеѓу Русија и САД.