!Во периодот што претстои работиме на воведување систем за пристап и за претплата. За начинот на пристап и за претплатата ќе информираме дополнително. Содржините на „Мета“ до тогаш се слободни за преземање со задолжително цитирање и атрибуирање.

13 македонски компании учествуваат на саем за храна во Москва


Москва, 11 септември, 2017 - 10:31 (META) 

Тринаесет македонски компании ќе се претстават на најголемиот прехранбен саем во Југоисточна Европа „Ворлд фуд 2017“, (World food 2017) во Москва, кој почнува денеска и ќе трае до 14 септември.

Македонските производители и преработувачи на свежо овошје и зеленчук ќе имаат национален штанд, кој се простира на површина од 110 квадратни метри, а делегацијата ја сочинуваат 28 бизнисмени.

– Покрај настапот на саемот, македонската бизнис-делегација денеска ќе има средба и со преставниците на најголемите трговски синџири од Руската Федерација во огромниот деловен центар „Фуд сити“, кој е сопственост на најголемиот руски агро-кластер – изјави Дејан Бешлиев, извршен директор на Македонско-руската стопанска комора, кој ја предводи бизнис-делегацијата од македонските компании.

Според Бешлиев, побарувачката за македонските земјоделски производи од страна на руските компании се зголемува, а во изминатиот период се зголемил и бројот на пратките и количествата што се пласирани на тој голем пазар.

Покрај учеството на саемот, бизнисмените ќе остварат бројни деловни средби со претставници на руската комора и со официјалните лица на руската администрација.

Настапот на македонските компании е во организација на Македонско-рускатата стопанска комора, со финансиска поддршка на ресорното Министерство за земјоделство, шумарство и водостопанство на Република Македонија.


Ципрас вети успешен крај на програмата за спас на Грција


Солун, 10 септември, 2017 - 18:48 (META) 

Грција успешно ќе ја заврши спасувачката програма во 2018 година, помогната од суштинскиот економски пораст, вели грчкиот премиер Алексис Ципрас, кој вети дека ќе ги поддржи младите Грци, како и малите бизниси во процесот на обновување на земјата.

На отворањето на 82. Меѓународен саем во Солун синоќа, Ципрас изјави дека грчката економија ќе постигне пораст во 2017 година по деветгодишната рецесија и додаде дека земјата отворила 236.000 нови работи места во првите седум месеци од 2017 година, што е најбрзиот пораст на вработеноста од 2001 година.

Саемот, на кој оваа година има 1.500 изложувачи, е посветен на Кина, која ќе учествува со 150 компании, од кои повеќето во сферата на високите технологии.


Сообраќајот на влезот во Скопје кај хотел „Континентал“ е затворен поради пукната цевка


Скопје, 17 април, 2017 - 13:43 (META) 

Поради пукната цевка, кружниот тек кај хотел „Континентал“ е затворен за сообраќај, од Автокоманда кон Саем и од Бит-пазар кон Саем, информираат од Авто-мото сојузот на Македонија.

Оттаму велат дека сообраќајот на државните патишта се одвива по влажни коловози.

Интензитетот на сообраќај на патните правци надвор од градските средини е зголемен. На граничните премини нема подолги задржувања. Оваа информација се однесува само за македонската страна на премините.


На Саемот за културен туризам во Бугарија, за Охрид заинтересирани и бугарски министри


Охрид, 10 април, 2017 - 19:27 (META) 

Штандот на Општина Охрид на Саемот за туризам во Велико Трново, покрај што беше посетен од многубројните посетители кои изразија особен интерес да дојдат во македонскиот туристички бисер, го привлече вниманието и на двајца министри од бугарската влада, Рашко Младенов, министерот за култура, и министерката за туризам, Стела Балтова. Тие изразија заинтересираност за активностите на Општина Охрид во насока на зголемување на туристичката понуда.

Општина Охрид во склад со активностите за промовирање на Охрид како атрактивна туристичка дестинација продолжи со саемското претставување на природните, културни и историски знаменитости на Охрид, презентирајќи го и на Меѓународниот саем за културен туризам и филмски фестивал во Велико Трново, Република Бугарија.

Пред бројните учесници, гости и претставници на туристички агенции, тур-оператори, медиуми и новинари од Бугарија, Турција, Виетнам, Јужна Африка, Португалија, Шпанија, Индонезија, беа презентирани културно-историските знаменитости, природните богатства, различните форми на активен туризам, како и богатата содржина на сместувачките капацитети во Охрид.

Во рамките на саемското претставување, Општина Охрид учествуваше на Филмскиот фестивал кој се одржа заедно со Меѓународниот саем за туризам, со две видеопрезентации во категориите промотивен филм во времетраење од 3 до 20 минути и огласувачки филм до 180 секунди.


Туристичкиот потенцијал на Македонија претставен на саем во Тирана


Тирана, 10 април, 2017 - 12:34 (META) 

Агенцијата за промоција и за поддршка на туризмот (АППТ) ја претстави туристичката понуда на Македонија пред 73 изложувачи и гости на првиот меѓународен саем за туризам „Медитераниан туризм фер“  (Mediteranian tourism fair) во Тирана.

Директорката на АППТ, Лела Крстевска, истакнала дека годинава балканските земји заедно ќе се претстават на саем за туризам во Јапонија, што е потврда за регионалната соработка.

Туристичката понуда од Македонија особено била интересна на помладата публика, а штандот го посетиле македонски и албански дипломати, како и туристички работници.

Саеми на книгата, на образованието и на туристичката понуда од 4 април во Скопје


Скопје, 28 март, 2017 - 11:17 (META) 

Во Скопски саем од 4 до 10 април ќе се одржат 29. Меѓународен саем на книгата, 20. Меѓународен саем за образование и за кариера и „Скопје травел маркет“. Влезниците ќе чинат 30 денари, а халите ќе бидат отворени секој ден од 10 до 20 часот.

Саемот на книгата е една од најзначајните културни манифестации во Македонија, а и годинава, како и претходно, ќе бидат понудени современи и класични литературни дела од домашни и од странски автори, стручна, научна и белетристичка литература, учебници и училишни прирачници, енциклопедии и дела од областа на културата и на уметноста.

На „Денови на образование и на кариера“ ќе се презентираат државните и приватните високообразовни институции, но ќе бидат присутни и странски образовни институции, како и компании кои имаат програми за студирање со стипендии и со кредити, компании кои нудат професионална пракса за студентите, како и компании кои нудат вработување.

На третата саемска манифестација, „Скопје травел маркет“, ќе бидат презентирани понудите на туристичките агенции.


Саемот за градежништво и за недвижности ќе се одржи од 28 февруари до 4 март


Скопје, 24 февруари, 2017 - 14:16 (META) 

Меѓународниот саем на градежништво, градежни материјали и за градежна механизација ќе се одржи од 28 февруари до 4 март. Истовремено со овој саем, ќе се одржува и Саемот за недвижности – „Риал експо“ (RealExpo) на кој ќе учествуваат голем број компании кои ќе ги изложат своите понуди за станбени објекти.

На саемот на градежништво ќе се нудат и ќе се продаваат производи и услуги за работа, одржување, модернизирање, реновирање и за опремување објекти и имоти.

– Бројот на изложувачи и оваа година е голем и компаниите ќе бидат распоредени во три саемски хали. Целта на Саемот на градежништво е да го задржи и да го промовира порастот на оваа стопанска гранка и да им понуди на посетителите директен пристап до најдобрите компании кои функционираат во овој сектор. Воедно, саемот се очекува да привлече и голем број експерти, кои ќе имаат можност да се запознаат со новите трендови во градежништвото – информираат организаторите.


Македонски компании ќе се претстават на саем за храна во Москва


Скопје, 3 февруари, 2017 - 14:47 (META) 

Македонија со национален штанд ќе се претстави на најголемиот саем за стоки за широка потрошувачка во Руската Федерација и во Југоисточна Европа „Продекспо 2017“, што ќе се одржи од 6 до 10 февруари во Москва.

Настапот на македонските компании е во организација на Македонско-руската стопанска комора и со финансиска поддршка на Министерство за земјоделство, шумарство и водостопанство на Македонија.

На саемот ќе се претстават винарниците „Стоби“, „Далвина“, „Кралска винарија“, производителите на сирење и на кашкавал „Здравје“, „Осогово милк“, како и производителот на конзервиран зеленчук и овошје „Вори“.

Македонско-руската стопанска комора го организира и самостојниот настап на „Кадино индустри груп“, која првпат со сопствен штанд ќе ги престави своите мелнички производи и свежо замрзнати тестенини.

На „Продекспо 2017“ ќе се претстават повеќе од 2.000 компании од 57 земји од светот, со 27 национални штанда.


Туристичките потенцијали на Македонија претставени на саем во Турција


Истанбул, 29 јануари, 2017 - 10:40 (META) 

Туристичките потенцијали на Македонија беа презентирани пред претставници од туристичката индустрија на Саемот за туризам во Истанбул на кој присуствуваат повеќе од 80 држави.

Агенцијата за промоција и поддршка на туризмот ги промовираше природата, културата и отоманските споменици во Македонија, како и македонската традиција и градовите кои може да се посетат.

Делегацијата на Агенцијата оствари бројни средби со претставници на познати тур-оператори и компании кои дејствуваат во областа на туризмот.


Противници на самитот на ОБСЕ подметнале пожари во Хамбург


Хамбург, 28 ноември, 2016 - 14:19 (META) 

Германската полиција соопшти дека неколку пожари се подметнати на влезот на саемот во Хамбург, каде следната недела ќе се одржи состанок на министрите за надворешни работи на ОБСЕ, а во јули следната година самитот Г20.

Пожарите, како што наведе полицијата, доцна синоќа ги пријавиле очевидци, а на влезот на саемскиот простор се пронајдени неколку запалени контејнери, еден мотоцикл, гуми и парчиња стакло, додека прозорците биле искршени со камења.

Очевидците пријавиле дека пожарот бил подметнат од група од 30 до 50 маскирани лица, кои побегнале пред полицијата да пристигне, а одговорноста за предизвикување на инцидентот ја презеде група под назив „Не ОБСЕ, не Г20“.

Шефовите на дипломатија на земјите членки на ОБСЕ на 8 и 9 декември ќе имаат самит во Хамбург.