Бранителите од Прилеп бараат нивните семејства да имаат приоритет при вработување


Прилеп, 3 декември, 2018 - 12:21 (META) 

Во чест на 16-годишнината од формирањето на Здружението на резервни воени обврзници, учесници во настаните од 2001 и 2002 година од Прилеп, како и во знак на почит кон своите загинати соборци, но и 30-ина бранители коишто поради пост-трауматски шок починаа подоцна, тие посадија зимзелени дрвја во Меморијалниот комплекс во селото Лениште –Прилепско.  Притоа ја искажаа својата загриженост, поради неповолната позиција во која се наоѓаат.

-Социјалните прашања, невработеноста и правото на адекватно здравствено згрижување се прашања коишто нè тиштат. Веруваме дека со оваа влада конечно ќе ги оствариме своите барања – велат дел од членовите на ова Здружение.

Бранителите побараа и нивните деца да имаат приоритет при вработување.

-Кога се објавуваат конкурси за вработување, доколку децата на бранителите ги исполнуваат условите, сметаме дека треба да имаат приоритет пред друтите кандидати. Ова особено во случаи, кога семејствата на бранителите се социјално загрозени – порачуваат бранителите.

Во прилепското здружение на бранители членуваат околу 1.000 луѓе.


„Македонски шуми“: Лице вработено во Општина Центар побара 120 садници


Скопје, 30 ноември, 2016 - 18:45 (META) 

Во ЈП „Македонски шуми“ се јави лице вработено во Општина Центар кое побара 120 садници да бидат распределени на Општина Центар и тоа беше испочитувано од наша страна, велат од „Македонски шуми“ како реакција на обвинувањето од Општина Центар дека претпријатието има различен аршин кон единиците на локалната самоуправа.

„По повод акцијата „Ден на дрвото“ согласно одлука на Влада на РМ, беа одржани три координтивни средби со градоначалниците од општините во град Скопје и градоначалникот на град Скопје, на кој беше поканет, но не присуствуваше градоначалникот на Општина Центар Андреј Жерновски. На средбите беа договорени локациите и бројот на садници кои треба да бидат распределени по општините. По одржување на координативните состаноци во ЈП „Македонски Шуми“ се јави лице вработено во Општина Центар кое побара 120 садници да бидат распределени на Општина Центар и истото беше испочитувано од наша страна“, велат од „Македонски шуми“.

Од претпријатието сметаат дека изјавата на Андреј Жерновски е злонамерна, тенденциозна и дека е со цел нарушување на угледот на „Македонски шуми“.


Општина Центар доби само 120, а Ѓорче Петров – 85.293 садници за „Денот на дрвото“


Скопје, 30 ноември, 2016 - 11:21 (META) 

Државата преку „Македонски шуми“ има различен аршин кон единиците на локална самоуправа, па своеволно одлучува која општина колку садници ќе добие за зазеленување на просторот, се вели во соопштението на Општина Центар.

Во него се посочува дека за денешниот „Ден на дрвото“, Општина Аеродром добила 22.770 садници, Општина Ѓорче Петров добила 85.293 садници, Општина Гази Баба добила 67.905 садници, а Општина Центар добила само 120 садници.

– 710 пати повеќе садници се пратени за садење во Ѓорче Петров, отколку во Центар, во општината во која власта и градот Скопје направија најбрутална сеча на дрвјата – се додава во соопштението.

Инаку, последните мерења на мерните станици за квалитетот на воздухот покажуваат дека Општина Центар е меѓу најзагадените општини во земјава.


Денеска ќе бидат засадени 2,6 милиони садници на 550 хектари


Скопје, 30 ноември, 2016 - 9:58 (META) 

Денеска, во рамките на акцијата „Ден на дрвото“, ќе бидат засадени  2,6 милиони садници на 550 хектари, информираше директорот на ЈП „Македонски шуми“, Жарко Караџовски.

Тој истакна дека годинава во акцијата најмногу акцент е ставен на најзагадените градови, односно на Скопје (околу обиколницата), Битола, Кичево и на Тетово.

Во Скопје ќе бидат засадени околу еден милион садници.

Градоначалникот Коце Трајановски на вчерашната прес-конференција истакна дека дел од садниците ќе им бидат доделени и на граѓаните.

 


За „Денот на дрвото“ во Скопје ќе се засадат милион садници за почист воздух


Скопје, 29 ноември, 2016 - 13:42 (META) 

Во Скопје утре ќе бидат засадени околу милион садници во акцијата „Ден на дрвото“, соопшти градоначалникот на Град Скопје, Коце Трајановски.

– Градот Скопје и годинава се вклучува во традиционалната акција „Ден на дрвото“, во којашто на територијата на градот Скопје ќе бидат засадени околу милион садници. Дел од садниците ќе им бидат доделени и на граѓани, односно домаќинства. Градот Скопје ја поддржува оваа граѓанска акција за да се подобрат условите за живот во градот и да се намали загадувањето на воздухот – изјави Трајановски на денешната прес-конференција.

Директорот на ЈП „Македонски шуми“, Жарко Караџовски, истакна дека годинава ќе се засадат околу 2,6 милиони садници на 550 хектари, а во акцијата најмногу акцент е ставен на најзагадените градови, односно на Скопје, Битола, Кичево и на Тетово. На територијата на Скопје акцент е ставен на просторот околу обиколницата.


Денеска ќе бидат засадени три милиони дрвца


Скопје, 2 декември, 2015 - 10:18 (META) 

Под мотото „Засади успех“, денеска на повеќе од 100 локации на целата територија на Република Македонија ќе се одржи 16. акција „Ден на дрвото – засади ја својата иднина“, во рамките на која ќе бидат засадени три милиони дрвца на 930 хектари земјиште.

Како што информираат од Граѓанското здружение „Ден на дрвото – засади ја својата иднина!“, ќе бидат засадени и 7.000 леандри покрај автопатот Гевгелија – Смоквица и 3.000 чемпреси покрај другите автопатишта низ земјава. Од „Македонски шуми“, за сите општини во Република Македонија ќе бидат доделени уште 67.000 дрвца.

Според нив, досега граѓаните во Македонија засадиле околу 50 милиони дрвца, а од Испекторатот за земјоделство е потврдено дека зафатени се околу 60 проценти од нив.

Со организиран превоз од 9 и од 11 часот за граѓаните во сите општини да можат да ги посетат одредените локациите и да засадат дрвце. Враќањето назад е предвидено во 14 часот, информираат од Здружението.

 


Ден на дрвото, 2 декември, е неработен ден


Скопје, 24 ноември, 2015 - 9:54 (META) 

Владата на Република Македонија донесе одлука следната среда, 2 декември, да се одржи традиционална акција „Ден на дрвото“.

Три милиони садници на површина поголема од илјада хектари ќе бидат засадени во рамките на 16. по ред „Ден на дрвото“.

Годинешното мото „Засади успех“ се однесува на сите досега реализирани акции, во кои процентот на зафатеност на засадените дрва изнесува 60 отсто, што според организаторите е импресивна бројка и за европски рамки.

Истиот ден ќе биде неработен за сите граѓани на Република Македонија, а дополнително ќе биде утврден денот кога ќе се одработува овој ден.


Град Скопје доделува листопадни и зимзелени дрвца


Скопје, 2 ноември, 2015 - 11:09 (META) 

Градот Скопје, на заинтересирани куќни совети и урбани и месни заедници, ќе им додели 2.000 дрвца (листопадни и зимзелени) од ЈП „Паркови и зеленило“. Садниците што ќе ги додели Градот ќе бидат стручно засадени од вработени лица во ЈП„Паркови и зеленило“.

Заинтересираните куќни совети и месни и урбани заедници треба да поднесат барање за доделување садници до секторот за комунални работи на Град Скопје, булевар Илинден бр. 82. Субјектите во барањето треба да го наведат бројот на садниците што бараат да им се доделат и точната локација на која планираат да ги засадат дрвцата. На барањето треба да стои печат од куќниот совет или од месната, односно урбаната заедница.

На куќните совети и на месните и урбаните заедници на кои ќе им бидат одобрени барањата, во оваа акција ќе им се доделат најмногу 10 садници.

Барањата за добивање садници до секторот за комунални работи на Град Скопје може да се доставуваат од 3 до 13 ноември 2015 година, а од 16 до 25 ноември субјектите ќе може да ги подигнат решенијата за доделените садници.

Акцијата на Град Скопје за доделување садници се организира веќе осум години во две етапи, односно напролет и наесен.


Денеска, по 14. пат, Ден на дрвото


Скопје, 3 декември, 2014 - 9:33 (META) 

Денеска во рамките на акцијата „Ден на дрвото – засади ја својата иднина“, што ќе се одржи под  мотото  „Стоп за катастрофите“, ќе бидат засадане повеќе од 5 милиони дрвца на површина од 1.107 хектари низ цела Македонија.

„Македонски шуми“ ќе отстапи 24.000 повеќегодишни садници за пошумување во урбани средини, а на урбаните општини ќе им бидат дадени 83.000 декоративни садници од пруја, јасен, јавор, бреза, чемпрес и од други украсни дрва за пошумување паркови. На четирите гранични премини со Албанија, ќе бидат засадени 200 повеќегодишни декоративни дрвја.

За поголема масовност на акцијата, Владата денешниот ден го прогласи за неработен, а општините организираат бесплатен превоз до локациите каде што ќе се раззеленува.