Средношколка убиена од поранешното момче во Истанбул


Истанбул, 13 октомври, 2017 - 18:33 (META) 

Средношколка на возраст од 17 години е убиена, а две нејзини соученички се ранети откако во нив пред железничка станица во квартот Пендик во Истанбул со сачмарка стрелало поранешното момче на убиената, јавија светските агенции.

Напаѓачот е 21-годишен маж, кој потоа се обидел да се самоубие сечејќи си ги вените на пожарните скали во училиштето каде учела убиената девојка. Училиштето е на отприлика еден километар од железничката станица, а напаѓачот избегал во него во обид да се скрие од полицијата. Сепак, тој е приведен.

Нападот се случил на азиската страна на градот.


Македонец убил пријател додека правеле „селфи“ со сачмарка во Мелбурн


Мелбурн, 4 август, 2016 - 12:44 (META) 

Дваесетгодишен Македонец во Австралија го застрелал и го убил својот пријател додека позирале со сачмарка за да се сликаат, во мотел во градот Мелбурн, пренесуваат светските медиуми.

Настанот, како што пишува лондонски „Гардијан“, се случил на почетокот на март годинава, а вчера почнал судскиот процес во врска со случајот. На рочиштето, обвинетиот Македонец, Алберт Раповски, се изјаснил за виновен, а судот му го продолжил притворот до следното сослушување.

Според документите изнесени пред судот, Раповски и неколкумина негови пријатели, меѓу кои и 22-годишниот Махамд Хасан, на 5 март се собрале во соба на мотелот „Парксајд ин мотел“ каде донеле пушка – сачмарка и почнале да си играат со неа.

Хасан, наводно, му кажал на Раповски да го испразни оружјето за да не застрела некого. Според полицијата, Македонецот ја отворил пушката, а еден од неговите пријатели од неа извадил два патрони.

Раповски во еден момент ја вперил пушката во главата на Хасан додека тој се подготвувал да се слика себеси со мобилниот телефон. Македонецот го повлекол орозот и оружјето испукало директно во главата на неговиот пријател.

Раповски, според полицискиот извештај, почнал да плаче и да вреска, викајќи „Го застрелав Мо, го застрелав Мо“, а потоа побегнал од хотелот.

Телото на Хасан го открил сопственикот на мотелот. Следниот ден, како што пишува „Гардијан“, Раповски се обидел да избега во Македонија. Тој на свој пријател, кој работел како туристички агент, му рекол дека мора итно да замине во Македонија за да ја види својата баба, која, наводно, била болна.

Тој бил пресретнат од полицијата на аеродромот во Мелбурн на 6 март, каде е уапсен, а потоа и обвинет за убиство на својот пријател од средношколските денови.