Обвинителството го преквалификува обвинението за Заев во „Поткуп“


Скопје, 15 мај, 2018 - 16:40 (META) 

Обвинителството денеска го преквалификува обвинението против Зоран Заев од „примање поткуп“ во „барање пари како поткуп“, а снимката која кружеше на „Јутјуб“ под името „Едно евро за Вицето“ е отфрлена како доказ.

На завршните зборови во случајот „Поткуп“ во кој на Заев му се суди под наводи за примање поткуп, беше сменето обвинението, со што наместо затвор од минимум пет години, како што беше според досегашното обвинение, сега највисоката казна што би можел да ја добие ако биде прогласен за виновен, би била од една до пет години затвор.

Пресудата треба да биде изречена в понеделник. Заев е обвинет дека како градоначалник на Струмица барал поткуп од струмичкиот Иван Николов Сачевалиев од околу 160.000 евра за легализација на градежно земјиште.

За денешниот потег на обвинителството, Заев по рочиштето рече дека е „обид за миење од срамот на обвинителството и потврда за незаконитоста на Посебните истражни мерки (ПИ-мерки)“. Тој нагласи дека случајот е монтиран за да го спречат да продолжи да ги објавува „бомбите“.

Сепак, Заев рече дека ќе ја почитува пресудата, каква и да е таа.

– Ќе ја почитувам секоја судска одлука каква и да биде донесена од страна на судечкиот судија. Промената на обвинението, односно преквалификацијата на самото обвинение, а согласно законот, со самото тоа и потврдата за незаконитоста на ПИ-мерките, за снимање на просториите, за слушање на телефоните и слично, само по себе, уште еднаш по не знам кој пат докажуваат каква била злокобна, зла  и незаконска намера, заради политички цели да се злоупотребат институциите на мојата земја, на мојата татковина Република Македонија, против мене, во тоа време како шеф на опозицијата, за да бидам спречен, или во најмала рака дискредитиран при објавување на процесот или проектот на „Вистината за Македонија” – порача Заев.

Тој рече дека покренал тужби против обвинителите од Основното јавно обвинителство за гонење организиран криминал и корупција.

– Јас со адвокатите колку што знам, имаме покренато и кривични пријави против обвинителите коишто го организирале целиот овој процес. Сега е повеќе од јасно, сведокот го потврди тоа како го монтирале, како го терале, буквално недозволливо со целиот овој процес. Секако, полагам надеж кон моите бранители дека до крај ќе ги истуркаат процесите заради тоа што неказнивоста за било што во нашата земја значи и повтарање на глупостите или делата коишто во минатото се случувале. Јас ветив дека ќе се борам никогаш повеќе да не се повторат сите овие работи што се повторувале во Македонија – рече Заев.


Заев: Ме местеа за поткуп за да ги спречат „бомбите“


Скопје, 30 април, 2018 - 13:38 (META) 

Ме местеа за ги спречат „бомбите“, рече премиерот Зоран Заев, кој е обвинет за случајот „Поткуп“, по денешното судско рочиште во Основен суд Скопје 1.  Тој смета дека најверојатно станува збор за пазерање со одредени политички структури за да биде спречено објавувањето на „бомбите“.

Откако на почетокот на денешното рочиште судијата Дарко Тодоровски соопшти дека Апелацискиот суд Скопје ја прифатил жалбата на Обвинителството, видео снимката од кабинетот на Заев да биде пуштена во судницата без присуство на новинарите, премиерот рече дека ќе бараат начин исечените делови од видеото да ги пуштат во јавноста.

– Станува збор за моето достоинство и углед – рече Заев.

Тој вели дека снимките што биле пуштени во судницата го докажуваат тоа што го тврделе, дека станува збор за местенка за да се оцрни неговиот углед.

Следното рочиште е закажано за 7 мај, кога Заев треба да биде распрашан, а ќе бидат изведувани и докази од одбраната.

На претходните рочишта Заев бараше снимката од ПИ-мерките да се пушти јавно, но Апелацискиот суд не го дозволи тоа.

Премиерот Зоран Заев е обвинет дека како градоначалник на Струмица побарал поткуп од 160.000 евра од бизнисменот Иван Сачевалиев Николов.

По судењето, одговарајќи на новинарски прашања, премиерот Заев рече дека е можна реконструкција на владата, но исто така постои опција да не се случи никаква промена.

– Течат во континуитет разговорите за проширување на владината коалиција и сакам да успее овој процес онака колку што постои подготвеност од двете страни, односно од помалите опозициони партии со кои преговарам и нашата владејачката страна – рече Заев пред Кривичниот суд во Скопје, прашан до каде е најавената реконструкција во Владата.

Притоа потсети дека ова прашање ќе ја информира јавноста по првомајските празници.


Продолжува судењето за предметот „Поткуп“ во кој е обвинет Заев


Скопје, 16 април, 2018 - 9:51 (META) 

Во Основен суд Скопје 1, на денешното рочиште за предметот „Поткуп“, во кој е обвинет премиерот Зоран Заев за барање поткуп во времето кога беше градоначалник на Струмица, треба да продолжи слушањето на разговорите од посебните истражни мерки (ПИМ).

Снимките кои ги обезбедил струмичкиот бизнисмен Иван Николов Сачевалиев, од кои еден дел можеше да види јавноста на „Јутјуб“, почна на минатото рочиште, во четвртокот, без присуство на јавноста. Заев и неговите адвокати побараа оваа снимка да биде презентирана јавно, бидејќи, според нив, снимката која беше објавена на „Јутјуб“, а со која се создаде впечаток дека Заев барал поткуп, е нецелосна.

Според Заев, во разговорите апсолутно нема никакви докази и оти станува збор за редовни комуникации на тогашен градоначалник со осомниченото лице и сите други лица, како што се директори на институции, граѓани кои се јавуваат кај тогашниот градоначалник на Струмица.

Заев рече дека не ја знае точната бројка на сите разговори, но оти се работи за преку 10.000 разговори, дел направени како ПИ-мерки, а дел снимени без вклученост на обвинителството.

Адвокатите на Заев побараа исказот на сведокот Сачевалиев од претходното рочиште да не биде прифатен како доказ во постапката. Тие сметаат дека судската постапка не може да се базира на неговиот исказ бидејќи тој бил агент-провокатор, односно бил инструиран да бара поткуп. За ова барање Судечкиот совет најави дека дополнително ќе се изјасни.


Јавноста исклучена, во судница се слушаат прислушувани разговори за „Поткуп“


Скопје, 12 април, 2018 - 13:10 (META) 

На судењето на случајот „Поткуп“, во кој обвинет е премиерот Зоран Заев, во судницата се слушаат прислушувани разговори кои со употреба на посебни истражни мерки биле обезбедени во истрагата за овој случај, објави „Фокус“.

Поради тајноста на овие докази, а на кои се слуша гласот на Заев, јавноста беше исклучена од рочиштето.

Засега е непознато и дали во судница јавно ќе биде презентирана снимката на која Заев и бизнисменот Сачавалиев зборуваат за донација за изградба на црква.

Заев и неговите адвокати побараа оваа снимка да биде презентирана јавно, бидејќи, според нив, снимката која беше објавена на „Јутјуб“, а со која се создаде впечаток дека Заев барал поткуп, е нецелосна.

Обвинителката во случајот, пак се спротивстави на ваквото барање и поднесе жалба до Апелација, која што треба да одлучи дали новинарите ќе можат да го видат овој доказ.

Адвокатите на Заев на денешното рочиште побараа исказот на сведокот Иван Николов да не се прифати како доказ во судската постапка против премиерот Зоран Заев, бидејќи, како што велат, тој бил агент – провокатор, односно бил инструиран да бара поткуп.

По ова барање, судскиот совет рече дека дополнително ќе се изјасни. Потоа обвинителката Валентина Бислимовска ги изведуваше писмените докази.


На „Поткуп“ денеска нема да се објави целата снимка, Сачевалиев тврди дека Заев барал едно евро и за СДСМ


Скопје, 26 март, 2018 - 11:28 (META) 

На денешното рочиште за „Поткуп“ кое се одржува во Основен суд Скопје 1, сепак, нема да се прикаже целосната снимка за овој случај, во кој е обвинет премиерот Зоран Заев.

Причината е што Обвинителството побарало одлуката за објавување на снимката да ја добие на писмено, бидејќи сака да се жали за неа на повисок суд.

Заев е обвинет дека како градоначалник на Струмица барал поткуп од струмичкиот Иван Николов Сачевалиев од околу 160.000 евра за легализација на градежно земјиште.

Тој на денешното рочиште во Основниот суд Скопје 1, рече дека Заев, во својство на градоначалник на Струмица, му побарал 300.000 евра мито за приватизација на пет парцели државно градежно земјиште, и од тие пари една третина требало да биде за него, едно за СДСМ, а едно а црквата во Струмица.

– На 8 ноември 2013 година, ми се јави тогашниот градоначалник Заев. Отидов во неговиот кабинет.  Знаеше дека сакам да откупам државно земјиште. Ми побара 70 денари по квадратен метар редовна цена за државата, но и 3 евра дополнително. Едно евро за него, едно за црквата, едно евро за СДСМ – рече Николов на денешното рочиште.

Објасни дека на 19 декември таа година одлучил да го пријави Заев во МВР, по што доби опрема за снимање, но на втората средба, го снижил поткупот на дополнителнни две евра, односно ја исфрлил едната третина што ја барал за СДСМ.


Во Кривичен суд денеска ќе се гледа целата снимка за „Поткуп“


Скопје, 26 март, 2018 - 9:34 (META) 

Во судењето за случајот „Поткуп“, во кое актуелниот премиер Зоран Заев е обвинет дека како градоначалник на Општина Струмица барал поткуп од струмичкиот бизнисмен Иван Сачевалиев, на денешното рочиште во Основен суд Скопје 1 ќе се прикаже целата снимка, на која и се темели случајот.

На досегашните рочишта, Заев тврдеше дека снимката е нецелосна и недостигаат два дела, поради што јавноста стекнала погрешен впечаток.

На барање на одбраната на обвинетиот, на минатото рочиште пред една седмица, Судечкиот совет на Кривичен суд одлучи снимката, која е клучниот доказ на обвинителството против него, да биде емитувана јавно, иако е обезбедена со примена на посебната истражна мерка – тајно снимање.

Претходно делови од снимениот материјал беа објавени на „Јутјуб“.

– Почнаа суштините на постапките во случајот „Поткуп“ што се води против мене. Денеска сум задоволен што Судот го прифати барањето на мојата одбрана, но и моето да се направи јавно изведување на доказите, односно видео снимката која влијаеше многу на мојата чест, углед и на приватноста да биде јавно презентирана од причина што се гледа дека на двапати е пресечена токму во во моментите каде впечатокот е целосно различен од тоа што е прикажано во јавноста – рече Заев минатиот понеделник пред Кривичниот суд.

На денешното рочиште, според најавите на судот, исказ треба да даде клучниот сведок, бизнисменот Сачевалиев, кој тврди дека Заев му побарал поткуп.

Според Обвинителството, Заев во својство на градоначалник на Струмица во 2013 година побарал поткуп од струмичкиот бизнисмен од приближно 160.000 евра за приватизација на градежно земјиште.


Судот го прифати барањето на Заев јавно да се гледа снимката за „Поткуп“


Скопје, 19 март, 2018 - 12:26 (META) 

По завршувањето на денешното рочиште за случајот „Поткуп“, премиерот Зоран Заев објасни дека Судечкиот совет одлучил снимката која е клучниот доказ на обвинителството против него да биде емитувана јавно, иако е обезбедена со примена на посебната истражна мерка- тајно снимање.

Тоа би требало да се случи на рочиштето следниот понеделник. За снимката Заев тврдеше дека е нецелосна и недостигаат два дела, поради што јавноста стекнала погрешен впечаток.

Заев е обвинет дека како градоначалник на Струмица побарал поткуп во висина од 160.000 евра од струмички бизнисмен за легализација и откуп на градежно земјиште.

– Почнаа суштините на постапките во случајот „Поткуп“ што се води против мене. Денеска сум задоволен што Судот го прифати барањето на мојата одбрана, но и моето да се направи јавно изведување на доказите, односно видео снимката која влијаеше многу на мојата чест, углед и на приватноста да биде јавно презентирана од причина што се гледа дека на двапати е пресечена токму во во моментите каде впечатокот е целосно различен од тоа што е прикажано во јавноста – рече Заев денеска пред Кривичниот суд.


Прифатени ПИ-мерките, почна судењето на Заев за „Поткуп“


Скопје, 6 март, 2018 - 12:41 (META) 

Судијата Дарко Тодоровски го одби предлогот на одбраната на премиерот Зоран Заев за случајот „Поткуп“ да бидат отфрлени Посебните истражни (ПИ) мерки на обвинителството како незаконски и да не се користат како докази во процесот.

Советот реши дека ПИ-мерите се стекнати легално и на законски начин. Станува збор за снимката со која беше објавена на „Јутјуб“ и на неколку национални телевизии, позната како „Едно евро за Вицето“.

Во Основен суд Скопје 1 со тоа започна судењето по обвинението од Основното јавно обвинителство за гонење организиран криминал и корупција. Заев се товари дека како градоначалник на Струмица барал поткуп од 163.924 евра од струмичкиот бизнисмен Иван Николов Сачевалиев за купување градежно земјиште. Заев на денешното рочиште треба да се изјасни дали се чувствува виновен.

На досегашните рочишта одбраната бараше видео снимките обезбедени со ПИ-мерки да се отфрлат како докази во постапката затоа што веќе биле објавени на видео сервисот „Јутјуб“. Тоа не беше одобрено од  Кривичниот суд, но потоа на 28 декември лани Апелациски суд – Скопје ја укина одлуката на Основен суд Скопје 1 снимката да биде дел од доказниот материјал и нареди предметот да се врати на повторно одлучување во првостепениот суд.