Во бизнисот со јавни набавки вклучени се само 4.800 од 70.000 компании


Скопје, 14 март, 2017 - 17:06 (META) 

Од околу 70.000 активни компании во земјава, само 4.800 се вклучени во бизнисот со јавни набавки, кој годишно вреди околу една милијарда евра.

Ова беше истакнато на конференцијата „Јавните набавки во Македонија: искуства и предлози за законски решенија за нивно подобрување“, како завршен настан на Проектот на УСАИД за пристап на микропретпријатијата до јавните набавки.

– На секој четврти јавен повик објавен од државните институции, има само по еден понудувач. На државните тендери со години учествуваат и ги добиваат исти фирми. Поради ова, неопходна е поголема контрола на целиот процес на јавни набавки, која би требало да му се довери на Бирото за јавни набавки – велат од Центарот за граѓански комуникации, кои го надгледуваат овој процес.

Оттаму сметаат дека проширените надлежности на Бирото за јавни набавки би овозможиле спречување на злоупотребата на јавните пари, но би довело и до санкционирање на случаите кога ќе се констатираат злоупотреби.


Со нова веб-платформа граѓаните ќе се информираат како се трошат нивните пари


Скопје, 14 септември, 2016 - 16:33 (META) 

Граѓаните имаат право да знаат како се трошат нивните пари и на среден рок владите ќе бидат принудени да даваат повеќе информации, бидејќи на тој начин може да се зборува за здраво и демократско општество.

Ова денеска го истакна Сабина Факиќ од Центарот за граѓански комуникации на конференцијата „Отворени податоци за трошење на јавните средства, искуства од регионот и состојба во Македонија“, организирана од Македонскиот центар за меѓуетничка соработка (МЦМС).

Таа говореше за новата веб-платформа за отворени податоци која треба да ја зголеми информираноста за начинот на кој се трошат парите на граѓаните во Македонија.

– Целта е да им кажеме на граѓаните дека со нивните пари се финансира и здравството, полицијата, се градат индустриските зони и се доделуваат субвенции. Нудиме можност секој граѓанин да ја внесе својата нето-плата и да види колку го чинат функциите на централната власт пресметувајќи го персоналниот данок, придонесите и данок на додадена вредност, водено според онаа стапка на просечната потрошувачка – изјави Факиќ.

Таа додаде дека еден граѓанин кој прима плата од 22.000 денари, функциите на централната власт го чинат 421 денар дневно.

Претставници од Македонија, Бугарија и од Словенија денеска на конференција во Скопје разменуваат искуства за отвореност на податоците на владите за трошење на парите од буџетот.