Захарова: Заев без никакви докази шири антируска хистерија додека Западот се меша во Македонија


Москва, 19 јули, 2018 - 11:02 (META) 

Марија Захарова, портпаролка на руското Министерство за надворешни работи на брифингот со новинарите вчеравечер во Москва порача дека обвинувањата од македонскиот премиер Зоран Заев, кои тој ги искажа во интервју за „БазФид њуз“, а потоа и на почетокот на изградбата на фабриката на американската фабрика „Дура“, обвини дека „грчки бизнисмени” кои „се сочувствителни на руската кауза“ им платиле на Македонци суми во износ од 13.000 до 21.000 долари за „извршување акти на насилство”, се неосновани, антируски и обид на Заев да води внатрешно-политичка борба со други алатки, во време кога Западот отворено се меша во внатрешните работи на Македонија.

– Предизвикуваат вчудовидување изјавите на македонскиот премиер Зоран Заев дека некои бизнисмени што се симпатизери на Русија наводно го финансираат антивладиното протестно движење во Македонија против Преспанската спогодба постигната со Грција за преименување во „Република Северна Македонија“. Станува збор за уште едни неосновани обвинувања на адреса на Москва, коишто се во правецот на засилување на антируската хистерија. Очигледно дека нема да видиме никакви докази што би можеле да ги потврдат зборовите на Зоран Заев, оти да беше така, веќе ќе ни беа презентирани. Во меѓувреме, западните земји отворено се мешаат во внатрешните работи на Македонија и, како што гледаме, тоа од нивна гледна точка, е нормално – рече Захарова.

Според портпаролката на руското МНР, играјќи со „антируска карта“ Заев ги заплашува сопствените граѓани, во време кога Русија се залага единствено за взаемно прифатливо решение на спорот за името на Македонија со Грција, но без наметнати рокови.

– Наместо да ги почитува нормите на македонското законодавство и меѓународното право, владејачката коалиција во Скопје рутински игра со „антируската карта“ како метода за внатрешно политичка борба и, за жал, заплашување на сопствените граѓани. Руската Федерација секогаш беше определена за постигнување на взаемно прифатлива спогодба на Скопје и Атина за име на земјата без надворешни притисоци и наметнати вештачки рокови, спогодба што би ја рефлектирало волјата на народите на двете држави и би се темелела на широк општествен консензус и неоспорна уставна и правна основа. Но до тоа не дојде – порача Марија Захарова.

Според неа, со спогодбата на двете влади се создадени поделби во двете општества и таа не ги зацврстува мирот и безбедноста на Балканот, туку е само пат за втурнување на Македонија во НАТО.

Преспанската спогодба доведе до длабоки расцепи во општествата во Грција и во Република Македонија. Очигледно е дека таа спогодба е далеку од темелните интереси за зацврстување на мирот и безбедноста на Балканот и служи исклучително како алатка за побрзо внесување на Република Македонија во НАТО – порача портпаролката на Министерството за надворешни работи на Руската Федерација.


Руска амбасада: Заев и Шекеринска шират русофобија, очекуваме истрага за изјавите


Скопје, 17 јули, 2018 - 9:51 (META) 

Руската амбасада вчеравечер реагираше со соопштение за наводите од премиерот Зоран Заев дека бизнисмени од Русија финансирале антивладини протести. Заев тоа го кажа во интервју за „BuzzFeed News“ и потоа го повтори како одговор на новинарско прашање на почетокот на изградбата на фабриката на американската „Дура“ во Бунарџик.

Од амбасадата сметаат дека станува збор за паушални изјави, слични на тие на министерката за одбрана Радмила Шекеринска од неодамна, стои во соопштението.

„Сметаме дека ваквите паушални изјави, како и неодамнешните наводи од страна на министерот за одбрана, Радмила Шекеринска, имаат за цел ширење на русофобијата, која што преку западните партнери на Македонија сè почесто се прифаќа како алатка за постигнување сопствени внатрешни и надворешно политички цели. Во тој контекст се доведува во прашање искреноста на заложбите на Владата на Република Македонија за градење пријателски односи со Руската Федерација“, се вели во соопштението.

Дополнително, се повикува на истрага за наводите на владата.

„Очекуваме дека македонската страна, во рамките на правното поле на својата држава и меѓународната практика, ќе спроведе детална и објективна истрага на наводите на кои алудираат посочените членови на Владата на Република Македонија, и ќе ѝ презентира на јавноста, како и на руската страна, реални факти, а не конструкции“, се вели во соопштението.

Од амбасадата на Руската Федерација велат дека станува збор за „контрапродуктивни и неодговорни обиди“ за заплашување на граѓаните „со измислена руска закана“.


Руска амбасада: Изјавата на Заев е политички неодговорна и русофобна алатка


Скопје, 16 јули, 2018 - 17:19 (META) 

Руската амбасада во Скопје порача дека денешната изјава на премиерот Зоран Заев за „комити“ потплатени од руски бизнисмени да протестираат против договорот со Грција и зачленување на Македонија во НАТО и ЕУ, е политички неодоговорна и русофобна.

Заев прашан за своите тврдења дека руски бизнисмени ги потпалувале протестите во Македонија, посочи на добиените извештаи од разговорите во полицијата со дел од демонстрантите.

– Зборувам од тоа што го слушам во извештаите што ги добиваме. Знаете, тие млади момчиња „комити“ кога нападнаа полицајци беа повикани во полицијата на исказ, па спомнуваа бизнисмени од Русија дека давале пари, заради тоа се тука и оти немаат ништо против или слично – рече Заев.

Амбасадата на Руската Федерација преку својот Твитер-профил порача дека денешната изјава на македонскиот премиер ја става под прашалник искреноста на заложбите на македонската влада за градење добри односи со Русија, како и дека русофобијата е се повеќе алатка во надворешната, но и во внатрешната политика на Македонија.