Руско МНР: Балканските држави не треба да се тераат да брзаат кон ЕУ


Москва, 15 февруари, 2018 - 17:02 (META) 

Принципиелен став на Русија е дека најкомлицираните проблеми во регионот мора да ги решат самите балкански држави независно, без да се тераат да брзаат и да се ограничуваат само на формалните критеруми, или со други зборови – без никакво надворешно мешање.

„Ова се однесува на прашањата за границите, темата со именувањето на Македонија, и особено ситуацијата со Косово“, изјави портпаролката на Министерството за надворешни работи на Русија, Марија Захарова на денешната редовна прес-конференција, зборувајќи за Стратегијата на ЕК за Западен Балкан.

Захарова истакна дека Стартегијата на ЕК за Западен Балкан ја потврдува геополитичката цел на Унијата за понатамошно проширување и зајакување на нејзината улога во овој важен европски регион.

– Ние повеќе пати истакнавме дека Русија не се спротивставува на европската интеграција на Балканот, сè додека потенцијалните членки на ЕУ не мора да избираат помеѓу ЕУ и Русија – рече Захарова.


Руско МНР за Стратегијата за Западен Балкан: Нашиот став не е „Со нас или против нас“


Москва, 9 февруари, 2018 - 10:42 (META) 

Русија не гледа никакви пречки во развојот на односите со земјите кои сакаат да станат членки на Европската Унија и кон нив не пристапува по принципот „со нас или против нас“, изјави вчера на прес-конференција портпаролката на руското Министерство за надворешни работи, Марија Захарова прашана за коментар на Стратегијата на Европската комисија за проширувањето на ЕУ со земјите од Западен Балкан, меѓу кои е и Македонија.

Захарова не сакаше да ја коментира Стратегијата, посочувајќи дека првин „треба да ја проучат“, а потоа ќе ги „споделат проценките“.

– Што се однесува до нашите односи и со земјите од Западен Балкан и со земјите од Европската Унија тие имаат суштинска вредност за нас. Ние ги развиваме односите со овие држави, како и со интегративните асоцијации во кои тие припаѓаат – рече Захарова, одговарајќи на прашањето како руското МНР ја оценува Стратегијата на Европската комисија и какво влијание ќе има таа на односите на Москва со земјите од овој регион и со Европската Унија.

Таа истакна дека позицијата на Русија секогаш била јасна по ова прашање.

– Ние, се разбира, тргнуваме од членството во ЕУ и соодветните обврски на земјите од Унијата, и се залагаме за хармоничен развој во неколку правци, како во билатералниот формат, така и во формат на Унијата. Што се однесува до оние змеји кои не се членки на ЕУ и го разгледуваат нивното членство или поблиска интеракција со Европската Унија, не гледаме никакви пречки во развојот на односите со нив и никогаш не го поставивме прашањето „со нас или против нас“. Ние секогаш сме за усогласување на овие односи. Ние веруваме дека практиката и искуството покажуваат дека таквиот пат е можен – изјави Захарова.


Руско МНР: Еди Рама и понатаму ги турка големоалбанските амбиции


Москва, 17 јануари, 2018 - 20:48 (META) 

Одделот за медиуми на Министерството за надворешни работи на Русија вечерва порача дека изјавата на албанскиот премиер и претседател на Социјалистичката партија на Албанија, Еди Рама, за Законот за употреба на јазиците во Македонија е потврда дека тој и понатаму сака да ја реализира „тиранската платформа“ и да се заканува на уставните темели на македонската државност и на Охридскиот рамковен договор.

„Ваквата реторика на Еди Рама ја потврдува намерата и понатаму да ја турка одиозната ”тиранска платформа“ создадена со неговото лично учество. Реализацијата на одредбите на овој документ се заканува со поткопување на уставните темели на македонската државност, на Охридскиот рамковен договор и како последица – со нови меѓуетнички потреси на Балканот. Сето тоа е дел од големоалбанските амбиции кои се повеќе се шират и го доведуваат во прашање територијалниот интегритет на низа држави во регионот. Давајќи му големо значење на прашањето за употреба на јазиците, сметаме дека од принципиелна важност е таквите решенија да се донесуваат врз основа на согласност од сите гранки на државна власт и со широк консензус во општеството“, се вели во реакцијата од руското МНР.

Одделот за медиуми напоменува дека албанскиот премиер истовремено се пофалил и дека Социјалистичката партија на Албанија, на чие што чело е тој, имала врска со формирањето на „Ослободителната армија на Косово“ и со „битката за Косово“ во соседната Србија.


Руското МНР нема коментар за насилствата од 27 април, кои биле „антинатовски митинг“


Москва, 6 декември, 2017 - 16:28 (META) 

Министерството за надворешни работи на Русија нема никаков коментар во врска со притворањето на 36-мина осомничени за насилствата во Собранието од 27 април, меѓу кои и шестмина пратеници на опозициската ВМРО-ДПМНЕ.

Ова денеска го соопшти портпаролката на руското МНР, Марија Захарова, прашана „за коментар за ситуацијата во Македонија, каде што кон крајот од минатата недела имаше апсења на претставници на опозицијата, кои во април оваа година учествуваа во организирање митинзи против НАТО, односно за вмешаност во инцидентот во Собранието“.

– Во овој поглед, немам никаква реакција. Можам да проверам со експертите. Ако има нешто, ќе ве известам – рече Захарова во кусиот одговор на прашањето во рамките на редовниот неделен брифинг на руското МНР.


Заев во ниту еден момент не ги доведе во врска заканите со атентат со Русија, велат од Владата


Скопје, 9 ноември, 2017 - 18:48 (META) 

Изјавата на премиерот Зоран Заев за црногорискиот медиум се темели на искуствата од регионот и на реакциите на Руската Федерација при зачленувањето на други земји од регионот во НАТО, стои во соопштението на Владата по денешните реакции на Москва на изјавите на Заев за црногорското радио „Антена М“.

„Во интервјуто за црногорскиот медиум, претседателот на Владата, Зоран Заев, во ниту еден момент не ги доведува укажувањата за ликвидација кон него во било каква релација со Руската Федерација. Владата на Република Македонија останува целосно на заложбите за реализација на нашите евро-атлантски стремежи и не гледа судир на тие заложби со определбата да ги одржиме добрите односи и со Руската Федерација“, стои во соопштението.

Во него се наведува дека стратешка определба и интерес на Македонија е членството во НАТО-алијансата и во Европската Унија и дека во исто време Владата на Република Македонија е сериозно посветена и кон градење пријателски односи и соработка со Руската Федерација на принципиелно демократско ниво.

Заев за црногорското радио „Антена-М“ изјави дека очекува жестока реакција од Русија кога ќе дојде време за прием на Македонија во НАТО, а збoрувајќи во контекст на црногорското искуство, рече дека некои безбедносни аналитичари му кажале дека му е загрозена безбедноста и дека е потенцијална мета на атентат.

На изјавата на Заев денеска реагираше и руската амбасада, а темата се најде и на редовниот брифинг на портпаролката на Руското министерството за надворешни работи, Марија Захарова, која рече дека „ваквите изјави не само што претставуваат неосновани инсинуации и манијакални конструкции, туку во суштината наликуваат на обиди за само-прикажување како жртва“.


Обвинувањата за руско мешање во Македонија не се неосновани


Скопје, 17 август, 2017 - 16:41 (META) 

Портпаролката на руското Министерство за надворешни работи, Марија Захарова, по повод интервјуто на  министерката за одбрана Радмила Шекеринска за агенцијата „Блумберг“ (во кое таа рече дека новата Влада ги зајакнува напорите за влез на Македонија во НАТО и дека членството во воената алијанса ќе ја заштити земјата од руското мешање), изјави:

Обвинувањата на сметка на Москва за наводното мешање во внатрешните прашања на Македонија се исконструирани и неосновани.

[Извор: Мета, датум: 15.08.2017]

ОБРАЗЛОЖЕНИЕ:

Оваа изјава на портпаролката на руското Министерство за надворешни работи, Марија Захарова, ја сметаме за невистинита.

Во изминатиот период се објавувани повеќе написи кои го демантираат тврдењето на Захарова дека „обвинувањата на сметка на Москва за наводното мешање во внатрешните прашања на Македонија се исконструирани и неосновани“а овде ќе наведеме само неколку.

Во јуни 2017 година видео-порталот НОВА ТВ објави заедничко истражување со партнерите „ОССРП“ (Мрежата за известување за оганизиран криминал и корупција OCCRP) и Српската мрежа за истражување кримнал и корупција – „КРИК“ во партнерство  со британскиот весник „Гардијан“, според кое:

Руски шпиони и дипломати биле вклучени во речиси децениски долги напори за ширење пропаганда и провоцириње раздор во Македонија како дел од пошироки регионални напори за спречување на балканските држави да му се придружат на НАТО.

Зклучоците кои произлегуваат од документите (од тајните македонски служби) кои повеќе недели ги анализирал и проверувал тимот новинари од четири држави, укажуваат дека:

Со употреба на сите техники и методологии на такаранечената мека моќ, како дел од стратегијата на Руската федерација на Балканот, целта е изолација на земјата (Македонија) од влијанијата на Западот“, се вели во еден од документите. „Уште повеќе, руската надворешна политика е во тесна врска со енергетската стратегија чија што цел е контрола врз стратешките енергетски ресурси преку партнерства со балканските држави“, пишува во еден од извештаите според коишто долгорочната цел на Русија е да ја смести Македонија во состојба на „ексклузивна зависност од руските политики“.

Настрана ова, туку документите објавени во ова истражување говорат и дека во изминатиот период во земјава се основани дури 30-ина македонско-руски асоцијации, што претставува значителна бројка, а толку билатерални пријателски асоцијации во Македонија нема со ниедна друга земја.

Понатаму, во мај 2017 година „Спутник Србија“ (регионалното претставништо руската информативна агенција основана и во сопственост на Кремљ), потпирајќи се на неофицијална информација од „Вечерње новости“ објави текст со наслов: „Во Македонија од Косово  влегле 800 вооружени ветерани на ОВК “ во кој тврди дека:

Српските служби за безбедност откриле дека околу 800 вооружени ветерани на озогласената терористичка организација ОВК од Косово влегле на територија на Македонија.

Овој маневар е извршен во два наврати, а според оперативните податоци албанските екстремисти биле опремени со автоматски пушки. На македонска територија влегле во групи, а тајно пренесувале и товари оружје

Со ова, државниот „Спутник“ влезе во кампањата која ја водеа проруските весници во Србија, но и некои во Македонија, објавувајќи вести за наводни стотици екстремисти на македонските западни и северо-западни граници, а кои во најголем број ги имаше пред настаните на 27 април во Собранието на РМ и насилството врз пратениците од новото владејачко мнозинство. Како што сега веќе знаеме, никакви вооружени екстремисти ниту имаше, а уште помалку тие влегоа на македонска територија.

На 06.04.2017 година „Спутник“ објави текст Косово плус Македонија – Голема Албанија, во кој пишуваше дека:

Сегашната криза во Македонија е подметната од странство, со цел земјата  да се федерализира со отцепување на  Албанците, што претставува последен чекор кон создавање на „Голема Албанија”, е заклучено во емисијата  „Светот со Спутник”.

Ова не се единствени примери во кои „Спутник“ подгреваше предвоена еуфорија во земјава. Се објавуваа написи со кои се навестуваше војна во Македонија и се цитираа изјави кои велеа дека „постои потенцијал да дојде до инцидентот  помеѓу припадниците на спротивставените страни, но и опасност да се случат организирани напади, како што беше оној во Куманово, во мај 2015 година“ (Стои ли ЦИА позади конфликтот во Македонија 26 април), создавајќи впечаток како да е таа „пред врата“.

На 21 мај 2017 година руската информативна агенција објави текст во кој вели:

Иако во Македонија веќе не постои вистинска патриотска партија, тоа не значи дека земјата нема патриоти.

Според  „Спутник“, „стотици илјади активисти на граѓанското општество кои учествуваа на демонстрациите за задржување на нивната сакана Обединета Македонија, како и некои познати новинари, би можеле да го сочинуваат јадрото на новата про–македонска партија“. Текстот дури и спомнува имиња на потенцијални лидери на таквата партија, при што станува збор за лица кои отоврено го напаѓаат НАТО и кои во минатото имаат изнесено про-руски ставови.

Така што,  наспроти тврдењето на  портпаролката на руското Министерство за надворешни работи,  Захарова , овие примери  говорат  дека „Обвинувањата на сметка на Москва за наводното мешање во внатрешните прашања на Македонија “, сепак, не се исконструирани и неосновани.

 


Руското МНР иронично му забележа на Столтенберг за изјавата по средбата со Заев


Москва, 15 јуни, 2017 - 16:42 (META) 

Портпаролката на руското министерство за надворешни работи, Марија Захарова, на денешниот брифинг за новинарите иронично ја искоментира изјавата на генералниот секретар на НАТО, Јенс Столтенберг, по средбата со македонскиот премиер Зоран Заев, во понеделникот оваа недела во Брисел.

Захарова се осврна на изјавата на Столтенберг, во која тој рече дека секое мешање однадвор во внатрешните политички процеси на некоја земја е неприфатливо, додавајќи дека токму грубото мешање на Западот предизвикало длабока криза во Македонија.

– Посветивме внимание на изјавата на генералниот секретар на НАТО, Јенс Столтенберг, од 12 јуни, околу исходот од средбата со премиерот на Република Македонија, Зоран Заев. Челникот на НАТО истакна дека секое мешање однадвор во внатрешните политички процеси е неприфатливо. Да зборуваме отворено, досега не сме слушнале генералниот секретар на НАТО, Jенс Столтенберг, толку остро да ги критикува Вашингтон, раковдството на Европската Унија, Берлин, Тирана, самиот себе и неговата организација. Токму грубото мешање на Западот предизвика длабока и долготрајна криза во Република Македонија. Оваа криза доведе до сериозна деградација на ситуацијата во оваа земја. Ѝ даваме целосна поддршка на оценката на Столтенберг. Би било убаво западните држави да почнат да ги користат ваквите ставови во практика – вели Захарова.

Инаку, премиерот Заев, во понеделникот беше во прва официјална посета на Брисел, каде покрај генералниот секретар на НАТО, имаше средби и со високата претставничка за надворешна политика и за безбедност на ЕУ, Федерика Могерини, еврокомесарот за проширување, Јоханес Хан, и со претседателот на Европскиот совет, Доналд Туск.


Руско МНР: Демонстрантите им се спротивставија на „натрапниците“


Москва, 28 април, 2017 - 16:40 (META) 

Руското министерство за надворешни работи денеска изрази загриженост за вчерашните насилства во Собранието, а причината за нив ја лоцираше во „обидот на опозицијата преку грубо кршење на процедурите да избере претседател на Собранието“. Како резултат на тоа, велат од министерството, се случил „метеж во кој беа инволвирани демонстранти кои им се спротивставија на ‘натрапниците’, од кои дел беа хоспитализрани“.

Руското МНР оценува дека „инцидентот бил претходно планиран“ и дека е уште еден показател за надворешното мешање во внатрешните работи на Македонија.

„Официјални претставници на Европската Унија, амбасадори на неколку европски земји и на Соединетите Американски Држави, веднаш го поздравија „новиот претседател“ на Собранието, кој, патем, е поранешен командант на проалбанската Ослободителна национална армија. Овој координиран одговор е индикација дека инцидентот бил претходно планиран со премолчана согласност од „надворешните куратори“ на опозицијата во Македонија. Ова уште еднаш ја потврдува тезата дека главна причина за актуелната политичка криза во Република Македонија е големото мешање во внатрешните работи на земјата“, велат од МНР на Русија.

Оттаму додаваат дека „понатамошниот развој на сценаријата за редефинирање на земјата врз основа на т.н. тиранска платформа можат да доведат до понатамошно зголемување на тензиите, што води кон конфликт, вклучително и на етничка основа.

„Ако се потсетиме дека истиот ден францускиот суд, и покрај потерницата на Србија преку Интерпол, го ослободи косовскиот Албанец Рамуш Харадинај, тогаш очигледни стануваат големоалбанските намери на Западот. Во оваа ситуација, адекватното решение се наоѓа само во внатремакедонски дијалог во рамките на Уставот и на законите. Неопходно е да се запре секој надворешен притисок и да се овозможи на одговорните политички сили во Република Македонија самите да го одредат понатамошниот развој на земјата“, велат од руското МНР.


Руско МНР: Провокација се тврдењата дека Лавров заговарал поделба на Македонија


Москва, 14 февруари, 2017 - 11:21 (META) 

Рускиот министер за надворешни работи Сергеј Лавров никогаш не дал изјава во која наводно заговара поделба на Македонија, стои во реакцијата на Министерството за надворешни работи на Русија на текст на македонската редакција на „Дојче веле“ со наслов „Предлогот на Рорабакер- верзија на стар руски предлог?“

– Забележавме дека во написот на македонското издание на „Дојче веле“, идејата за поделба на Македонија на невиден начин се обидува да му се припише на рускиот министер за надворешни работи Сергеј Лавров. Лавров никогаш не дал таква изјава. Напротив тој остро ги осудува ваквите шпекулации – стои во соопштението на руското МНР.

Оттаму велат дека „очигледно е дека оваа фикција е чиста провокација, чија цел е да ја расипе сликата за Русија на Балканот и уште повеќе да ја „подгрее“ ситуацијата во Македонија“.

– Бесрамните мешања на поранешната администрација на САД и на Европската Унија во внатрешните работи на Македонија, употребата на деструктивни методи како што е „обоена револуција“ во обидот да се наметне план за формирање на влада, спротивно на ставот што граѓаните на земјата го искажаа на предвремените парламентарни избори на 11 декември 2016 година, не беа отфрлени од споменатиот издавач. Убедени сме дека таквите акти на крајот ќе доведат до поткопување на суверенитетот и територијалниот интегритет на Република Македонија – се вели во реакцијата на руското Министерство за надворешни работи.

Инаку, во текстот на кој реагира руското МНР, објавен на 9 февруари, „Дојче веле“ го цитира виенски „Стандард“, кој вели дека: „Сличен предлог за поделба на Македонија, која во времето на бегалската криза и за Австрија играше решавачка улога, во игра внесе рускиот министер за надворешни работи, Сергеј Лавров, уште во 2015 година. И тогаш Бугарија, Албанија и Косово го отфрлија предлогот, исто како и македонската влада.“

Конгресменот Рорабакер, кој воедно е и претседател на Подкомитетот за европски работи на американскиот претставнички дом, минатата недела во интервју за албанската телевизија „Визион плус“, изјави дека „Македонија не е држава“, дека „Косовците и Албанците од Македонија треба да станат дел од Косово“, а „другиот дел од Македонија треба да стане дел од Бугарија или која било друга држава на која сметаат дека ѝ припаѓаат“.

Американскиот интернет-магазин „Политико“ во текст објавен во ноември минатата година, го нарекува Рорабакер „омилениот конгресмен на Путин“.


Москва: Бесрамното манипулирање со гласачите може да ја дестабилизира Македонија


Москва, 2 февруари, 2017 - 14:16 (META) 

Констатираме сериозно продлабочување на политичката криза во Република Македонија и станува очигледно дека „вештачки предизвиканите“ предвремени парламентарни избори одржани на 11 декември 2016 година не придонесоа за решавање на ситуацијата, се вели во денешниот коментар на одделот за информации и за печат на Министерството за надворешни работи на Руската Федерација.

Според руското МНР, под „псевдодемократски слогани“ продолжува длабокото надворешно влијание врз политичките сили во Македонија.

„Целта е очигледна – Западот да расчисти со македонските политичари кои не му се омилени и покрај јасно изразената волја на граѓаните на изборите во полза на Коалицијата за подобра Македонија на чело со Никола Груевски и со ДУИ на Али Ахмети“, стои во соопштението.

Оттаму велат дека особен немир „предизвикува фактот што во мултиетничка и мултикултурна Македонија, каде имаше тежок меѓунационален конфликт, политичарите од една етничка заедница врз основа на надворешно диктирани ултимативни барања фактички решаваат кој од блоковите на другата заедница да влезе во составот на идната владина коалиција“.

„Бесрамното макијавелистичко манипулирање со волјата на гласачите може да предизвика ескалација на состојбата во Македонија и да ја наруши кревката стабилност во целиот регион. Убедени сме дека само со целосно отфлање на штетните надворешни влијанија и со фокусирање на вистинската демократија и самостојно решавање на внатрешните проблеми се основа за зацврстување на довербата меѓу народите што живеат тука и формирање регионална клима за безбедност“, велат од руското МНР.

Соопштението на руското МНР доаѓа по вчерашната средба на лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Никола Груевски, со амбасадорот на Русија во земјава, Олег Шчербак.