Николовски: Се водат разговори за пласман на македонската зелка на рускиот пазар


Скопје, 16 април, 2018 - 14:57 (META) 

Се следи состојбата со откупот и цената на пролетната зелка и се преземаат мерки за понуда на рускиот пазар, порача министерот за земјоделство, шумарство и водостопанство, Љупчо Николовски.

Украина и Русија засега не увезуваат македонска зелка затоа што имаат прилив од други земји по многу поконкурентни цени.

– Вложуваме максимални напори да го олесниме извозот, но притисокот од други земји е многу голем и си го прави своето. Цената е многу поконкурентна од нашата, и ние правиме напори за да обезбедиме пласман – изјави Николовски.

Тој додаде дека изминатиов период со Москва се разговарало и за царинските давачки кон Македонија.

Инаку цената на зелката во моментов е 12 денари за килограм.


Десет македонски компании ќе ги изложат производите во „Фуд сити“ во Москва


Скопје, 21 март, 2017 - 10:02 (META) 

Десет македонски компании од прехранбената индустрија ќе изложуваат во „Македонскиот изложбено-трговски дом“, кој на 23 март ќе биде отворен во Москва.

Вино, сирење и кашкавал, кондиторски производи, тестенини, конзервиран и сушен зеленчук и овошје, чаеви и други производи ќе бидат изложени во огромниот деловен центар кој е сопственост на најголемиот руски агрокластер „Фуд сити“ и на тој начин ќе им бидат на дофат на руските трговци и граѓани.

– За какви можности за македонските компании се работи, најдобро зборуваат податоците дека во московскиот „Фуд сити“ годишно се прави обрт од 1,8 милиони тони прехранбени производи или 5.000 тони дневно. Трговскиот комплекс се простира на 345.000 квадратни метри. Значајно е што македонските компании ќе имаат можност да пронајдат и купувачи од земјите од Евроазиската Унија, односно од Белорусија, Ерменија, Киргистан и од Казахстан – изјави извршниот директор на Македонска-рускато стопанска комора, Дејан Бешлиев.

Македонската бизнис-делегација при престојот во Руската Федерација ќе има прием и во Московската стопанска комора и ќе присуствува на потпишување на Меморандумот за соработка меѓу Македонско-руската стопанска комора и деловната асоцијација од Москва, која има 3.500 членки.

Македонија и Руската Федерација лани оствариле меѓусебна трговска размена од 191,9 милиони долари.


Производите од фабриката „11 Oктомври“ ќе се вратат на рускиот пазар


Куманово, 18 ноември, 2016 - 10:35 (META) 

Фабриката за заварени цевки „11 Октомври“ од Куманово ќе се обиде да се врати на рускиот пазар со помош на деловните асоцијации од Русија со кои Македонско-руската стопанска комора има воспоставено блиски контакти.

Ова беше истакнато при денешната посетата и разговорите на извршниот директор на Македонскo-руската стопанска комора, Дејан Бешлиев, со менаџерскиот тим на најголемата кумановска фабрика.

Во нејзините погони се произведуваат разни типови заварени челични цевки и профили, кои наоѓаат примена во повеќе делови од стопанството.

Компанијата ги поседува сите неопходни стандарди за квалитет, а за нивната имплементација можеби најдобро зборува фактот што рекламации за нивните производи воопшто нема.

– Извезуваме најмногу во Германија, Италија, Шпанија, Холандија, но и во земјите од регионот. Имаме врвен квалитет, но со ниски цени за европскиот пазар што е резултат на големата конкуренција. На домашниот пазар нашите цевки ќе бидат употребени за изградбата на гасоводот на трасата од Штип преку Неготино до Битола и од Скопје, преку Тетово до Гостивар, за што ќе бидат произведени 16.000 тони заварени цевки – истакна Страхил Пановски, извршен директор на ФЗЦ „11 Октомври“.


Се отвора можност македонските компании повеќе да извезуваат на рускиот пазар


Скопје, 9 ноември, 2016 - 13:02 (META) 

Македонско-руската стопанска комора и „Македонски дом“ од Москва потпишаа договор за соработка, со што се отвора можност македонските компании да ги пласираат своите производи на рускиот пазар.

– Во наредниот период со македонската деловна асоцијација активно ќе соработуваме на развивање на трговско-економските и туристички врски меѓу деловните луѓе од двете земји, создавајќи притоа услови размената да се зголемува, но и да се врамонотежува, бидејќи Македонија има сериозен трговски дефицит во размената со Руската Федерација – истакна генералниот директор на „Македонски дом“, Ина Владимировна Жарова.

Во овој момент на рускиот пазар се извезуваат земјоделски и фармацевтски производи, но има можност за развој на соработката во областа на туризмот.

Во текот на неколкудневниот престој на менаџментот на „Македонски дом“ во Македонија, ќе бидат посетени повеќе македонски компании, производители на вино и на алкохолни пијалоци, компании кои се занимаваат со туризмот, ресторани, како и места кои би можеле да бидат интересни за посета од страна на руски туристи.

Инаку, според податоците на Државниот завод за статистика, обемот на стоковната размена со Руската Федерација до крајот на септември бележи опаѓање од 12,2 проценти.


Се отвора пат за млечените и месните производи да се извезуваат во Русија


Скопје, 4 јуни, 2015 - 16:00 (META) 

„На пазарот во Руската Федерација нашите земјоделски производи, месо и месни производи и млеко и млечни производи, не се продаваат и од тие причини правиме напори да можеме да ги продаваме“, изјави министерот за земјоделство, Михаил Цветков.

Денеска беше потпишан меморандум помеѓу македонските Министерство за земјоделство и Агенцијата за храна и ветеринарство и Федералната служба за ветеринарен и фитосанитарен надзор на Руската Федерација, за исполнување на барањата да се реализира извозот, како и за создавање заштитни механизми за злоупотребите со увоз на земјоделски производи во Русија со лажни македонски сертификати.

Алексеј Алексеенко, помошник раководител на Федералната служба за ветеринарен и фитосанитарен надзор на Руската Федерација, истакна дека наскоро Македонија ќе добие неограничен пристап кон рускиот и кон пазарите на другите земји од евроазиската економска унија.

Трговската размена на Македонија со Руската Федерација, во 2014 во однос на 2013 година, е зголемена за 92,8 проценти, а во првите три месеци од годинава е задржано истото темпо.