Бројот на жртви во Џенова се зголеми на 35, 16 лица се повредени, а десетина исчезнати


Џенова, 15 август, 2018 - 10:01 (META) 

Италијанските власти потврдија дека бројот на загинатите при уривањето на надвозникот кај Џенова се искачи на 35, меѓу кои има и три деца, а 16 луѓе се во тешка состојба. Десетина се водат за исчезнати. Во Лигурија денеска ќе биде прогласена вонредна состојба.

Според официјалните соопштенија во моментот на уривањето, на мостот се наоѓале 30 до 35 возила. Дел од нив се уште се наоѓаат под урнатините.

Исто така во уривањето настрадале и неколку куќи, а евакуирани се околу 440 жители од околните згради во непосредна близина на мостот.

Италијанските медиуми пренесувајќи ги изјавите на официјалните лице објавија дека бројот на жртви најверојатно ќе расте. Досега од под уранатините се спасени четири лица кои биле извлечени живи. Министерството за транспорт објави дека ќе го урне и другиот дел од мостот.

– Ваков мост не се урива ни од невреме, ни од молњи, мора да ги пронајдеме виновниците- изјави заменик министерот за транспорт Едоардо Рикси.

Италијанскиот премиер Џузепе Конте го посетил местото на несреќата и за италијанската телевизија РАИ изјави дека е „шокантно да се види урнат мост и жртвите кои спасувачите ги извлекуваат“ и ги пофали стотината спасувачи кои на местото на несреќата ги спасувале луѓето кои паднале од 45 метри висина.

Голем број очевидци изјавија дека непосредно пред несреќата што се случила околу 11.30 часот по локално време, во мостот удрил гром. Тие сведочеа дека уривањето изгледало како апокалиптична сцена.


Бројот на жртви при уривањето на мостот во Џенова се зголеми на 22 лица


Џенова, 14 август, 2018 - 16:40 (META) 

Бројот на жртвите при уривањето на мостот во италијанскиот град Џенова се зголеми на 22 лица. Според италијанскиот заменик- министер за сообраќај, Едоардо Рикси, бројот на жртви ќе продолжи да расте.

– Неприфатливо е толку важен мост да не биде изграден на начин за да се избегне ваков вид на колапс. Се урна централниот дел на надвозникот, а најмалку 20 возила паднале од мостот – изјави Рикси.

Италијанските власти наведуваат дека спасувачките екипи трагаат по преживеаните.

Италјанскиот премиер Џузепе Конте во текот на денот ќе пристигне во Џенова, најавија од неговиот кабинет каде ќе остане и утре.

На местото на несреќата се ангажирани околу 200 пожарникари.


Најмалку 11 лица загинаа при уривањето на мостот во Џенова


Џенова, 14 август, 2018 - 15:59 (META) 

Министерството за внатрешни работи на Италија потврди дека 11 луѓе загинале при уривањето на мостот во италијанскиот град Џенова, денеска за време на силна бура проследена со пороен дожд.

Италијанските власти стравуваат дека бројот на жртви ќе расте.

Министерот за транспорт, Данило Тонинели, го оквалификува инцидентот како „огромна трагедија“.

Пожарникарите тврдат дека при уривањето уништени се околу 20 автомобили.

На местото на несреќата се ангажирани околу 200 пожарникари.

Голем дел од мостот „Моранди“ кој е дел од автопатот А10 паднал врз железничката пруга, а со мостот паднале автомобили и камиони.


Се урна мост во Џенова, нема информации за повредени и загинати


Џенова, 14 август, 2018 - 13:52 (META) 

Мост кој е дел од автопатот А10 се урна во близина на италијанскиот град Џенова, соопшти полицијата, и се стравува дека под урнатините има луѓе и автомобили.

Мостот е висок околу 100 метри, а весникот „Кориере дела сера“ објави дека под него има затрупани луѓе. „Ла Република“ објави дека тој дел од градот е густо населен.

Фотографиите од местото на настанот покажуваат дека се урнал средишниот дел од мостот, под кој има огромни количества бетон.

Возила на итната помош се на местото на настанот, но засега нема официјална потврда дали има жртви.

Познат под името Моранди, мостот е изграден во 1960 година, а бил реконструиран во 2016 година.

Македонскиот оперски пејач Благој Нацоски кој живее и работи во Џенова, се огласи на социјалните мрежи и соопшти дека е добро откако се случи несреќата.

– Ви благодарам на сите за пораките. Jас сум добро, дома сум, шокиран. Денеска требаше да поминам на тој мост – напиша Нацоски.

 


ВМРО-ДПМНЕ: Да се гради Универзална сала, а не да се фрлат 8 милиони евра за уривање на галиите


Скопје, 20 февруари, 2018 - 15:24 (META) 

Скопскиот градоначалник Коце Шилегов не сака да даде пари за реконструкцијата на Универзална сала, но затоа е подготвен да даде 8 милиони евра за рушење на галиите, за кои не се потрошени ниту евро народни пари, рече на прес-конференција Ирена Попова, советник од ВМРО-ДПМНЕ во Советот на Град Скопје.

– Со ова непромислено трошење на 8 милиони евра за рушење на веќе изградено, а немање средства за реконструирање на симболот на градот, Универзалната сала, Шилегов и СДСМ само потврдуваат дека работат за исполнување на своите лични хирови и задоволување на сопствениот гнев кон една успешна власт, а не работат за граѓаните и нивните потреби. Затоа му порачуваме на Шилегов, парите за рушење на галиите да ги пренамени за реконструкција на Универзалната сала – рече советничката од ВМРО-ДПМНЕ.

Таа кажа дека за реконструкција на Универзална сала се доволни 4 милиони евра, а средствата за отпочнување на етапна реконструкција биле обезбедени и претходно со Буџетот во 2017 година, но СДСМ со ребалансот ги укинал.


ВМРО-ДПМНЕ: Сè што СДСМ ќе урне, ќе го обновиме кога ќе се вратиме на власт


Скопје, 3 ноември, 2017 - 20:26 (META) 

ВМРО-ДПМНЕ порача вечерва дека сè што СДСМ „ќе урне и ќе уништи од она што е создадено, веднаш по враќањето на власт ќе биде обновено и вратено таму каде што било и такво како што било“. Опозициската партија се закани и дека ќе се бара одговорност за секој што ќе учествува во разни уривања, уништување или преместувања.

Во соопштението партијата порачува дека отстранувањето на споменикот на Ќосето, како и на други личности, ќе внесе раздор во народот.

„ВМРО-ДПМНЕ укажува дека политиката на пресметка или обид за собирање на политички поени на СДС преку отсранување на спомениците на композиција на светица која за време на својот живот била и добитник на Нобелова награда за мир, скопјанката Мајка Тереза, или преку отстранувањето на обележјето на македонскиот војвода Андон Јанев Ќосето, близок и многу доверлив соработник на Гоце Делчев, Даме Груев и Христо Татарчев, човек кој сериозно го ризикувал својот живот за целите на македонската револуционерна борба за слобода, ќе биде чекор кој ќе внесе негативна енергија и нов раздор во македонското општество“, се вели во партиското соопштение.

Партијата му порача на владејачкиот СДСМ „да се фокусира на градење наместо на уривање, на создавање наместо на уништување и на решавање на проблемите на граѓаните“.


Најмалку 22 лица загинаа, а 30 се повредени во стампедо во Индија


Мумбај, 29 септември, 2017 - 11:37 (META) 

Најмалку 22 лица загинаа, а 30 се повредени во стампедо на железничка станица во финансискиот центар на индискиот град Мумбај, соопштуваат од локалната болница.

Од полицијата велат дека стампедото било предизвикано од информација за уривање на надвозник, откако парчиња бетон почнале да паѓаат врз луѓето, а хаосот настанал кога луѓето побрзале да го поминат мостот.

Полицијата сè уште го истражува случајот.


Силен земјотрес го погоди грчкиот остров Лезбос, едно лице загинало


Атина, 12 јуни, 2017 - 20:45 (META) 

Силен земјотрес со јачина од 6,3 степени според Рихтеровата скала го погоди грчкиот остров Лезбос, при што едно лице загинало, а повредени се десетина лица при уривање на стари куќи, јавуваат грчките медиуми.

Локалните власти соопштиле дека телото на починатата жена било пронајдено во селото Вриса. Службите на противпожарната единица информирале дека немале повеќе информации за исчезнати лица.

Епицентартот на земјотресот бил 11 километри јужно од селото Пломари, на длабочина од седум километри.


Вучиќ: Не ме загрижува Харадинај туку молчењето на Европа


Белград, 3 мај, 2017 - 15:17 (META) 

Премиерот на Србија, Александар Вучиќ, изјави дека го загрижува молчењето на Европа во однос на тоа што во последно време го порачуваат Албанците, јавува дописничката на „Мета“ од Белград.

Коментирајќи ја најновата порака што му ја упатил поранешниот лидер на ОВК, Рамуш Харадинај, „да не си игра со Албанците“, Вучиќ на новинарите им изјавил дека на Албанците им подал рака, но тоа нема да го направи со „злосторници и силувачи“.

Тој рекол дека не го загрижуваат „опасни луѓе“ како Харадинај, туку молчењето на Европа во однос на тоа што во последно време порачуваат Албанците, а што не може поинаку да се разбере освен како закана за промена на границите на Балканот.

Вучиќ изјавил дека Србија ќе остане на европскиот пат и дека ќе работи на унапредување на државата, но никого нема да моли за отворање поглавја.

Српските медиуми денеска го пренесоа пишувањето на приштинска „Газета експрес“ дека Харадинај по враќањето од Франција, чијшто суд го одби барањето на Србија за негова екстрадиција, на Вучиќ му порачал „да не си игра со Албанците“.


Во авионска несреќа во Лисабон загинаа пет лица


Лисабон, 17 април, 2017 - 16:24 (META) 

Мал авион денеска се урна во населено место во Лисабон, во близина на супермаркет. Според пишувањата на медиумите, загинале пет лица, од кои четворица кои биле во авионот и едно лице кое се нашло на местото на несреќата.

Авионот се урнал по полетувањето од аеродромот, кој е се наоѓа на дваесетина километри западно од Лисабон.

Пилотот на авионот бил Швајцарец, а патниците Французи.