Рударите ќе се пензионираат на 50 години


Скопје, 11 септември, 2018 - 15:59 (META) 

Владата денеска усвоила измени на Законот за пензиско и инвалидско осигурување со кои се предвидува рударите да се пензионираат на старосна возраст од околу 50 години. Како што соопштија министрите за труд и социјална политика и за економија, Мила Царовска и Крешник Бектеши, измените наскоро ќе бидат доставени на гласање во Собранието, а ќе почнат да се применуваат од почетокот на идната година.

При пресметките за основа ќе се зема бенефицираниот стаж.

– Рударите ќе можат да остварат право на старосна пензија со навршување на 40 години пензиски стаж за мажи, односно 35 години пензиски стаж за жени. Тоа значи дека ако сега рудар се пензионира со навршени 58 години, со новото решение ќе се пензионира на околу 50 години – објасни Царовска на заедничката прес-конференција.


САСА: Работата на рудникот беше загрозена поради незаконска блокада


Македонска Каменица, 14 март, 2018 - 13:58 (META) 

Група поддржувачи на огранокот на Мултиетничкиот синдикат на образованието (МЕСО) од Македонска Каменица, спротивно на Законот, утринава поставиле блокада на патот што води кон рудникот САСА, при што автобусот што ги превезува работниците од првата смена во рудникот бил спречен да дојде до рудникот и на работниците им било оневозможено да стигнат на своите работни места, тврдат од компанијата.

Во моментов, рудникот САСА функционира нормално, но доколку ваквата незаконска блокада продолжи, ќе се доведе во прашање натамошната работа, што ќе предивика големи штети и за компанијата и за сите нејзини 700 вработени, велат од таму.

За целата ситуација биле информирани надлежните државни органи, од кои, согласно нивните законски надлежности, е побарано да преземат мерки за целосна деблокада на патот кон рудникот.

„Согласно одредбите од Законот за работни односи, протестот организиран од локалниот огранок на МЕСО е незаконски. Рудникот САСА досега имаше одлична соработка со вработените и нивниот легитимен синдикат које е дел од СИЕР – Синдикатот на индустријата, енергетиката и рударството, за што доказ се досегашните постигнати резултати во безбедноста при работа, платите кои се двојно поголеми од просечните плати во земјата и вложувањата во нова технолија и подобри услови за работа“, се вели во соопштението на компанијата.

Во него се додава дека, според Законот, менаџментот на рудникот е обврзан да разговара и соработува со оној синдикат кој во законска процедура докажал дека ги претставува вработените.

„Тоа досега беше синдикатот на рударите при СИЕР. Секој друг синдикат, за да може да преговара, согласно Законот за работни односи, е обврзан да го докаже истото. Досега, и покрај барањата од страна на компанијата, новиот огранок на МЕСО нема доставено до рудникот ниту еден формален доказ дека е репрезентативен синдикат во САСА. Исто така, согласно Законот, пред да се започне со штрaјк или протест, двата синдикати треба да состават заеднички тим за преговори со менаџментот и да отпочнат процес на медијација. Ниту еден од овие законски одредби досега не е исполнет, што го спречува менаџментот на компанијата да постапува“, објаснуваат од САСА.


Анѓушев: Владата подготвува мерки за подобрување на статусот на рударите


Македонска Каменица, 9 септември, 2017 - 18:05 (META) 

Во Владата во тек е подготовка на активности околу подобрување на состојбата на работниците во рударството, порача вицепремиерот за економски прашања, Кочо Анѓушев, при денешната посета на рудникот Саса во Македонска Каменица, при што се сретна со неговиот генерален директор, Нели Стивенсон.

– Разговаравме за задоволување на европските стандарди и норми во практикување на рударство во Саса и во другите рудници. Раководството ни ги презентираше развојните проекти и какви чекори ќе преземат за заштита на животната околината. Разговаравме и како да се подобрат работните услови на работниците. Во Владата во тек е подготовка на активности околу подобрување на состојбата на работниците во рударството. Ги информиравме за активностите, тие се подготвени да соработуваме и заеднички да работиме на подобрување и унапредување на условите на работниците – истакна вицепремиерот Анѓушев, посочувајќи дека рудниците се значаен извор на приход во Република Македонија.


Тројца кинески рудари пронајдени мртви во рудникот Булќиза во Албанија


Тирана, 10 февруари, 2017 - 10:25 (META) 

Три лица, рудари од Кина, се пронајдени мртви во рудникот за хром во албанскиот град Булќиза, јавува дописничка на „Мета“ од Тирана.

Со овој рудник стопанисува Самир Мане, еден од најбогатите бизнисмени во Албанија. Но, за рудникот постојано има обвинувања дека рударите работат во небезбедни услови. Тие досега протестираа двапати, поради смрт на нивни колеги.

Според пишувањата на албанските медиуми, повеќе од 30 рудари загинаа во овој рудник во последните пет години.


СДСМ ќе потроши милиони евра, но за нови работни места, порача Заев од Делчево


Делчево, 29 ноември, 2016 - 23:29 (META) 

„Ако Груевски потроши 700 милиони евра за споменици и за фонтани, и јас ќе потрошам 700 милиони евра, но за нови работни места“, порача лидерот на СДСМ и носител на кандидатската листа на партијата во изборната единица 4, Зоран Заев, на митингот кој Коалицијата за живот во Македонија вечерва го одржа во Делчево.

Тој истакна дека Делчево ќе го оправда аманетот на Гоце Делчев, револуционерот по кого градот го носи своето име, дека ослободувањето на еден народ е пред сè негово сопствено дело.

– Ах, да стане Делчев и да види какви неранимајковци го носат светото име ВМРО и да види на какво дереџе ја донесоа Македонија… Денеска знаеме сè, вистината е обелоденета до крај, никој не може однадвор да дојде и да ни ја спаси Македонија. Затоа Делчев зборуваше дека ослободувањето на еден народ е пред сè негово сопствено дело. Во наши раце е пенкалото, да се ослободиме од крпениот живот и да обезбедиме живот како во модерните Италија, Хрватска, Словенија – рече Заев.

Тој истакна дека сите ресурси на државата ќе бидат насочени кон отворање нови работни места, просечната плата ќе биде 30.000 денари, а минималната, која ќе изнесува до 16.000 денари, ќе биде еднаква за сите работници независно од кој сектор доаѓаат.

Лидерот на СДСМ рече дека нема да дозволи промена на Уставот, кој, како што истакна, напротив, ќе се почитува и ќе се спроведува.

– Се збунил Груевски, вели ќе има федерализаицја и кантонизација, но не, ќе има конфискација, фамилијата на власт ќе врати сè што им одзеде на стотици фамилии – рече Заев.

Пред делчевци вечерва се обрати и носителот на кандидатската листа на СДСМ во третата изборна единица, Љупчо Николовски, кој меѓу другото порача дека ќе има праведна распределба на државното земјиште.

– Земјата ќе биде во рацете на вистинските земјоделци. Тие ќе имаат поевтина нафта, поевтини трошоци, бенефициран стаж и сигурен откуп на земјоделските производи – рече Николовски.

Денеска СДСМ имаше и митинг во Македонска Каменица, каде лидерот на опозициската партија истакна дека СДСМ ќе го врати стариот закон за пензионирање на рударите.

– Не може бенефициран стаж да има секој, а рударите да се мачат – истакна Заев.


Наумов: Поддршка на домашните претпријатија и соработка со сериозни странски инвеститори


Пробиштип, 1 септември, 2016 - 16:26 (META) 

„Ќе обезбедиме стабилни работни места со поддршка на домашните претпријатија и во соработка со сериозни странски инвеститори, а не како искуствата што ги имате досега. Од вас слушнав дека само во последниве години, повеќе од 3.000 граѓани од овој крај си заминале од родното место, во потрага по работа, за да го обезбедат парчето леб за своите семејства“, изјави претседателот на комисијата за финансии на СДСМ, Кире Наумов, при посетата на Пробиштип.

Тој додаде дека еден од последните примери на несериозен однос на оваа власт е заминувањето на индискиот инвеститор кој остави повеќе од 1.000 рудари без работа.

– Индискиот инвеститор си замина од Македонија, ги остави рударите без 12 плати, остави и милионски долгови кон доверителите. На телевизија покажуваат дека влегол, наводно, нов инвеститор, но рудникот сè уште не почнал со работа. Велат дека почнале исплатите на плати, но од вас слушам друго. Плати нема. Беше ветено раздолжување на доверителите во март, не се случи. Доверителите се домашни фирми. И таму работат луѓе и поради сето ова и овие луѓе остануваат без работа – изјави Наумов.

Тој додаде дека СДСМ јавно ќе ги објави сите потпишани договори со постоечките и со евентуални идни странски инвеститори и рече дека партијата се обврзува да обезбеди нови работни места, пристојна работа и повисоки плати за сите граѓани, пред сè, за рударите.


Над 250 рудари се повредени во судир со полицијата во Боливија


Сукре, 13 август, 2016 - 17:57 (META) 

Најмалку 252 рудара се повредени, од кои осуммина потешко, при судири со полицијата за време на протест во боливискиот град Ла Пас, потврди претседателот на Националната федерација на рудари, Карлос Мамани.

Боливискиот министер за внатрешни работи Карлос Ромеро истакна дека во немирите се повредени најмалку 100 полицајци.

Судирите меѓу рударите и полицијата почнаа во средата, а првиот ден демонстрантите земаа како заложници неколкумина полицајци, кои следниот ден беа ослободени откако полицијата ослободи 85 уапсени рудари.

Демонстрантите блокираа и неколку автопатишта.


Апелацискиот суд ја поништи хипотеката на рудниците Злетово и Тораница


Штип, 8 јуни, 2016 - 17:27 (META) 

Со денешната одлука на Апелацискиот суд во Штип, за поништување на хипотеката на објектите на рудниците Злетово од Пробиштип и Тораница во Крива Паланка, отстранета е правната пречка за почеток на работата на новиот концесионер, компанијата „Минстрој“ од Бугарија.

За синдикатот во Злетово судската одлука за поништување на хипотеката е значајно поместување.

– Тоа значи дека нашата голгота денеска завршува. Во законскиот рок за 10 или 15 дена „Минстрој“ ќе почне со експлоатација на рудниците – вели претседателот Тодос Гацовски.

Досегашниот концесионер „Индоминерали и метали“ целиот имот на рудниците го ставил под хипотека 10 месеци пред отворање на стечајот. Новиот концесионер „Минстрој“ отвори своја канцеларија во Пробиштип пред еден месец, од каде најавуваа планови за враќање на работа на сите 1.000 рудари. На потпишувањето на договорот ветија повисоки плати, но рударите, сепак, очекуваат прво да ги добијат заостанатите три плати.

– Откако ќе се предаде имотот на „Минстрој“, прво, според законот, треба да се исплатат заостанатите плати на работниците. Ние имаме три неисплатени плати – рече Гацовски.


Во рудник во Пакистан загинаа осум рудари


Исламабад, 13 март, 2016 - 14:37 (META) 

Најмалку осум рудари загинаа, а четворица се водат како исчезнати откако во северозападен Пакистан по силен дожд дојде до рушење на рудникот.

Локален официјален претставник, Дост Мохамад, рече дека рушењето на рудникот во пакистанскиот регион Оракзаи се случило синоќа.

Војниците успеаја да спасат 29 рудари, иако нивните спасувачки напори биле отежнати поради дождот кој непрестано паѓал.

Поради силниот дожд во други делови на северозападен Пакистан дошло до голем број на срушени покриви на куќи при што загинале седум луѓе.


Владата ќе ги плаќа рударите од Злетово и од Тораница


Штип, 17 февруари, 2016 - 21:10 (META) 

Премиерот за спроведување на изборите, Емил Димитриев, пред утрешното рочиште на кое ќе се одлучува каков стечај ќе биде отворен за „Индоминерали и метали“, компанијата што управуваше со рудниците Злетово и Тораница, на својот профил на „Фејсбук“ објави дека Владата ќе им помогне на рударите.

 „На денешната седница на Влада донесовме одлука да ги преземеме трошоците за одржувањето на рудниците Злетово од Пробиштип и Тораница од Крива Паланка до нивна продажба. Се одобруваат 60.000 евра сметано од декември 2015 година до јули 2016 година. Во меѓувреме го објавивме и повикот за доделување концесија за минералните суровини, кој треба да заврши на средината на наредниот месец и со тоа да се овозможи рестарт на овие два значајни стопански капацитети. Со ова повторно ќе се овозможи вработување на близу 1.000 луѓе, но овојпат со значителни вложувања во нова опрема, нови наоѓалишта, поквалитетни услови за работа, повисоки плати“, напиша Димитриев.
Рударите веќе неколку месеци се без никакви примања, а Синдикатот објави дека на шеесетина рудари им е исклучена струјата поради неплатени сметки.