Поранешниот генерален секретар на НАТО, Џорџ Робертсон, денеска на прием кај Заев


Скопје, 24 април, 2018 - 9:40 (META) 

Премиерот Зоран Заев денеска ќе прими висока делегација предводена од поранешниот генерален секретар на НАТО, лордот Џорџ Робертсон.

Во делегацијата која ја предводи Робертсон, ќе допатува и поранешниот бугарски претседател Росен Плевнелиев.

По заедничката прес-конференција во Клубот на пратениците во 15.30 часот, ќе се одржи панел дискусија на која ќе учествуваат министерката за одбрана Радмила Шекеринска, Робертсон, Плевнелиев и Ален Ле Роа.

За високата делегација ќе биде организиран прием во Александар Палас во 19 часот, на кој домаќин ќе биде премиерот Заев.


Плевнелиев: Од Москва доаѓаат тезите на противниците на договорот со Македонија


Скопје, 7 јули, 2017 - 10:26 (META) 

Бугарија нема повисок интерес од тоа да има мир на Балканот и се залага за траен и одржлив мир и за добрососедство, изјави поранешниот бугарски претседател, Росен Плевнелиев, коментирајќи го развојот на бугарско-македонските односи во емисијата „Денот почнува“ на „Бугарската национална телевизија“.

Според Плевнелиев, Бугарија има историска шанса да биде патот по кој Европската Унија ќе се прошири, а Македонија треба да влезе во Европа, но најголем нејзин проблем, како што рече, е идеологијата на македонизмот.

– Тоа е една целосно антибугарска идеологија, која нас нè прави фашисти. Тоа е една идеологија на бришење, тоа е една идеологија на манипулирање на историјата. Бугарија треба да излезе и јасно да каже дека ние сме за обединета и неделива Македонија. Тоа е една млада држава и ние треба да ѝ помогнеме да оди напред. Бугарија нема потреба од повеќе територија, Бугарија е за тоа границите да паднат, а не да се поместуваат. Бугарија е за траен и одржлив мир и за добрососедство – изјави Плевнелиев.

За Плевнелиев, потпишувањето на договорот за добрососедство со Македонија ќе претставува сигурна основа за развој на меѓусебните односи и напорите во таа насока треба да бидат поздравени.

Плевнелиев, исто така, посочи дека сериозно ги анализирал „главните тези“ на противниците на договорот меѓу двете земји во дебатите што се водат во Македонија, Бугарија, но и во Србија.

– Главните точки се исти. Според мене, тие доаѓаат од Москва. Москва ја користи секоја можност и секој начин да ја дестабилизира ЕУ. Најлесниот пат за тоа е преку Балканот. Тука останува на бугарските политичари, независно од која политичка партија доаѓаат, да не одат по точките од една или друга сила, туку да направат дебата во парламентот за суштината на националната стратегија на Бугарија –додаде Плевнелиев.


Попоски: Колку би било убаво Плевнелиев да беше како Желев пред 25 години


Скопје, 22 јануари, 2017 - 15:22 (META) 

Пред 25 години, првото признавање на независна и суверена Република Македонија дојде од Софија, а „потоа следеа сите други пријателства“, напиша денеска министерот за надворешни работи во оставка, Никола Попоски, на својот фејсбук-профил, изразувајќи „благодарност до Бугарија од Македонија“.

Попоски вели дека тогашниот претседател на Бугарија, Жељу Желев, имал демократско чувство и почит кон волјата на македонските граѓани, додавајќи дека било убаво таква широчина да покажел и доскорешниот бугарски претседател, Росен Плевнелиев.

„…(Жељу Желев н.з.) даде недвосмислена поддршка во тешки моменти за сосед како нас. Голем човек несомнено, кој ја заслужува сета наша почит. Тоа беа други времиња, други луѓе. Колку би било добро и оној кој до вчера ја имаше истата функција, Плевнелиев, да ја имаше истата широчина, визија и почит за волјата на граѓаните на соседна држава. Да покаже сила и мудрост и да одбере пораки на мир, подавање рака и одлучна поддршка за сите да бидеме во европското семејство час поскоро. Тоа сигурно е покорисно отколку гонење митови, креирање лажни закани и поттикнување фобии. На крајот на денот, сите сме луѓе кои сакаат спокојство, благодет во живеењето и почит од ближните. Баш такви какви што сме“, пишува Попоски на „Фејсбук“ и нагласува дека „лидерите се за да ни го покажат патот што нè води во тој правец и да нè поврзат“.

Република Бугарија на чело со тогашниот претседател Жељу Желев прва ја призна Македонија под нејзиното уставно име на 15 јануари 1992 година.

Росен Плевнелиев функцијата претседател на Бугарија ја извршуваше до денеска, кога должноста ја презеде новоизбраниот бугарски претседател Румен Радев.

Плевнелиев во своето последно интервју како претседател на Бугарија рече дека „Македонија треба да влезе во Европската Унија, но не и македонизмот“.


Предвремените парламентарни избори во Бугарија ќе се одржат напролет


Софија, 21 декември, 2016 - 18:09 (META) 

Право и обврска да закаже конкретен датум за предвремени парламентарни избори и за формирање влада, има новоизбраниот претседател Румен Радев, изјави бугарскиот претседател во заминување Росен Плевнелиев, јавува дописничката на „Мета“ од Бугарија.

Тоа би значело дека до 22 јануари останува владата во оставка на Бојко Борисов.

Според зборовите на претседателот, создавање на две влади е ризично решение бидејќи е симбол на поделба. Тој додаде дека за да нема никакви шпекулации дека сака да го продолжи мандатот на владата во оставка, подготвен е во секој момент да соработува со новоизбраниот претседател Румен Радев за да се состави новата влада.

– За жал, секогаш кога се поставува прашањето за избори, преовладуваат теснопартиските интереси. Во мојот мандат, се уверив дека треба да се држиме до уставот. Најдобро е да имаме една непречена транзиција, од редовна кон службена, па кон формирање нова влада – изјави Плевнелиев.


Плевнелиев очекува решение за поставување бугарски споменик на Кајмакчалан


Софија, 23 ноември, 2016 - 10:53 (META) 

Потпишувањето на договорот за добрососедство меѓу Бугарија и Македонија е важен чекор на патот кон мирното продлабочување на врските помеѓу двата народи и на европската интеграција на државите од регионот, изјави бугарскиот претседател во заминување, Росен Плевнелиев, по работната средба со македонскиот претседател Ѓорѓе Иванов, соопшти портпаролот на бугарскиот претседател.

Двете страни преговараат веќе неколку години за договорот за добрососедство, откако Бугарија најави дека без него нема да го поддржи членството на Македонија во Европската Унија. Плевнелиев како пример ги посочи договорите што Бугарија ги склучила со Романија и со Турција и истакна дека регулирањето на билатералните односи со овие држави придонело за подобрување на бизнис-климата и за зголемување на довербата кај меѓународните партнери.

Бугарскиот претседател изрази уверување дека договорот со Македонија ќе води кон заеднички инвестиции, успешни регионални инфраструктурни проекти, како и кон зајакнување на туризмот и на мобилноста на квалификувани професионалци.

Тој ја истакна важноста од спроведување на реформите во клучните области во Македонија и од обезбедување на независноста на судската власт, како важен дел од патот на европската интеграција на Македонија.

Плевнелиев потсети дека бугарската страна придава големо значење на заштитата и на реставрацијата на бугарските воени споменици.

– Очекуваме конечно решение за поставување спомен-плоча за загинатите бугарски војници во близина на Кајмакчалан – рече тој.

Иванов повика на повеќе регионални иницијативи за Балканот да стане активен учесник во креирањето на политиките на ЕУ.

– Нашиот регион мора да биде обединет, да биде воден од прагматизам и не смееме да дозволиме историскиот товар да ја попречи нашата соработка во овој динамичен свет – рече Иванов.


Договорот за добрососедство не треба да биде пречка за односите со Бугарија, оцени Иванов


Софија, 22 ноември, 2016 - 14:35 (META) 

Претседателот на Република Македонија, Ѓорге Иванов, денеска во Софија се сретна со бугарскиот претседател во заминување, Росен Плевнелиев, и со новоизбраниот претседател на Република Бугарија, Румен Радев.

На средбите, како што соопштуваат од кабинетот на Иванов, било заклучено дека договорот за добрососедство меѓу Македонија и Бугарија не треба да биде пречка за развојот на билатералните односи, бидејќи станува збор за две пријателски и соседни држави, кои ги поврзуваат многу нешта од минатото и кои имаат заедничка иднина.

– Договорот меѓу нашите две земји сè уште не е завршена работа. Поминаа многу години во обиди да се изедначи текстот, бидејќи се настојува да постои симетричност во него и двете страни на некој начин да бидат задоволени – изјави Иванов по средбите.

Тој изрази надеж дека со изборот на новата влада и од бугарска страна, конечно ќе се решат некои ситни дилеми кои се состојат во зборови и во нијанси на формулации, со што ќе се заврши долгиот процес на усогласување.

– Бугарија е петти трговски партнер на Македонија. Без изградена инфраструктура, без автопати, без изградена пруга сме постигнале така висока трговска размена и тоа влијае на нашите две стопанства, на нашите граѓани и на блиските односи меѓу институциите – рече Иванов.

Тој посочил дека со своите бугарски колеги бил и останува отворен за соработка.

– Кога ќе имате разговор и дијалог, можете да дојдете до решение. И сепак, личниот однос, повторувам, е секојпат оној што ги отвора сите врати – посочил претседателот Иванов.

????????????????????????????????????

Ѓорге Иванов и Румен Радев

На средбата, Иванов му посакал успешен мандат на новоизбраниот претседател Радев и го поканил во официјална посета на Македонија.

– Се надевам дека посетата ќе се оствари и дека тоа дополнително ќе ги поттикне и ќе ги зацврсти односите што веќе ги имаме – истакнал Иванов, кој ја оценил работната посета на Бугарија како успешна.
На средбите станало збор и за претстојните избори во Македонија и во Бугарија.

– Нè очекуваат избори, треба да избереме ново собрание, нова влада, веројатно веќе напролет и во Бугарија се очекуваат избори, ќе треба и тие да изберат ново собрание и се надеваме дека новите влади и новите министри ќе ги продолжат сите овие работи што досега сме ги имале и многу прашања ќе бидат затворени – рекол Иванов.

Македонскиот претседател, исто, така посочил дека БАН и МАНУ се пример како две институции кои се во науката треба да пристапат за сите прашања кои ги оптоваруваат односите меѓу нашите две земји.

Прогласувањето за почесен доктор на науки од страна на Бугарската академија, како што рече Иванов, е плод на таа соработка, но и на стекнатата доверба во работењето на двете академии.

– Јас сум добивал многу признанија, но кога тоа доаѓа од сосед, има особена тежина и значење – нагласил македонскиот претседател.


Иванов во работна посета на Бугарија, ќе биде прогласен за почесен доктор на науки


Скопје, 20 ноември, 2016 - 12:33 (META) 

Претседателот Ѓорге Иванов ќе престојува во работна посета на Бугарија, утре и задутре (21 и 22 ноември).

Утре, Иванов ќе ја посети Бугарската академија на науките во Софија, каде ќе се сретне со академик Стефан Воденичаров, претседател на Бугарската академија на науки, и ќе одржи предавање на тема „Миграциите и мигрантите: предизвици за третиот милениум“.

На свечена церемонија, Бугарската академија на науките на претседателот Иванов ќе му ја додели титулата почесен доктор на науки.

На 22 ноември (вторник) претседателот Иванов ќе оствари средби со претседателот на Бугарија, Росен Плевнелиев и со новоизбраниот претседател, Румен Радев, на кои ќе биде разговарано за севкупните билатерални односи меѓу двете земји и можностите за унапредување на билатералната и регионалната соработка.


Плевнелиев и Борисов побараа од Трамп да ги укине визите за Бугарите


Софија, 10 ноември, 2016 - 17:21 (META) 

Во своите честитки до новоизбраниот претседател на САД, и бугарскиот претседател Росен Плевнелиев и премиерот Бојко Борисов побараа од Доналд Трамп за време на својот мандат да ги укине визите за граѓаните на Бугарија.

Премиерот Борисов официјално му ја честиташе победата на Трамп и му посака нему и на американскиот народ здравје и благосостојба, соопштија од прес-службата на кабинетот на бугарскиот премиер.

„Исклучително го ценам високото ниво на пријателство и стратегиско партнерство меѓу нашите две земји. Искрено верувам дека за време на Вашиот мандат, Бугарија и САД ќе продолжат да го надградуваат постигнатото“, се нагласува во телеграмата со честитки од Борисов.

Премиерот Борисов особено ја истакнал одличната соработка меѓу Бугарија и САД во областа на одбраната, борбата со тероризмот и со организираниот криминал во драматично променета безбедносна состојба во светот. Тој ја изрази својата благодарност за помошта на САД во модернизацијата на бугарските вооружени сили.

„Истовремено сум убеден дека ќе можеме да направиме уште многу за проширување на присуствотото на американските бизниси во Бугарија. Се надевам на напредок во дијалогот за укинување на визните ограничувања за САД, што ќе овозможи зголемување на директните контакти меѓу граѓаните на двете земји“, посочил Борисов.

Бугарскиот претседател Росен Плевнелиев во својата честитка до Трамп истакнал дека Бугарија и САД имаат заедничка перцепција и блиски оценки за најважните светски прашања. Тој, исто така, го поставил прашањето за укинувањето на визите за бугарските граѓани, како главна тема во дијалогот меѓу Бугарија и САД во иднина.

„Се надевам дека динамиката на нашата соработка ќе добие соодветен израз и во проширувањето на можностите за блиски конкатки меѓу граѓаните на двете земји и во напредок во дијалогот за укинување на визните ограничувања за бугарските граѓани кои патуваат во САД“, истакнал Плевнелиев.


Грчката и бугарската влада на заедничка седница во Софија


Софија, 1 август, 2016 - 10:24 (META) 

Грчкиот премиер Алексис Ципрас денеска е во еднодневна посета на Софија за заедничката седница на грчката и на бугарската влада. Ципрас ќе има тет-а-тет средби со својот бугарски колега, Бојко Борисов, и со претседателот на Бугарија, Росен Плевнелиев. Заедно со Ципрас во Софија се и грчкиот министер за надворешни работи, Никос Коѕиас, како и министрите за миграција, економија, туризам, труд и социјална политика, енергија, транспорт и за цивилна заштита.

Секој од министрите ќе има тет-а-тет средба со својот бугарски колега, а за време на посетата ќе бидат потпишани неколку меморандуми за соработка меѓу двете земји.

Главни теми на разговор на овие состаноци ќе бидат енергетската соработка меѓу Грција и Бугарија преку гасоводите ИГБ и Трансјадранскиот гасовод, зајакнување на добрите политичко-дипломатски врски, бегалската криза, соработка во одбраната и можни инфраструктурни проекти за подобро поврзување на двете земји. На агендата се очекува да се најде и ситуацијата во Македонија, за која Бугарија и Грција имаат слични ставови и бараат исполнување на Договорот од Пржино и однесување во согласност со европските вредности за Македонија да може да стане дел од Европската Унија.

Бугарија се претставува како еден од најстабилните балкански партнери на Грција во овој клучен период на справување со бегалската криза, во моменти кога владее неизвесност дали турскиот претседател ќе се придржува до договорот ЕУ-Турција за контрола на бегалскиот бран кон Грција. Двете држави планираат засилување на соработката на пограничните служби и во одбраната за подобро справување со потенцијален нов зголемен бегалски бран од Турција кон ЕУ.

Оваа посета на Ципрас на Бугарија се претставува како ново отворање на Грција кон Балканот. Заради засилување на соработката со балканските држави, Коѕиас планира и втор регионален самит во октомври годинава, како тој во април за бегалската криза, на кој ќе присуствуваат претставници од Македонија, Бугарија и од Албанија.


Почина синот на бугарскиот претседател Плевнелиев, сочувство и од Иванов


Софија, 9 август, 2015 - 11:14 (META) 

Синот на бугарскиот престедател Росен Плевнелиев, Филип (14), починал синоќа во една од болниците во Бугарија.

Како што пренесуваат бугарските медиуми, тој боледувал од ретка болест која предизвикала крвавење во организмот, што било причина за настанување на смртта.

Сочувство до претседателот Плевнелиев, изрази и македонскиот претседател Ѓорге Иванов.

И претседателот на СДСМ, Зоран Заев, во свое лично име и во името на Социјалдеморкатскиот сојуз на Македонија упати телеграма со сочувство до бугарскиот претседател.