Растот на животниот стандард најбавен во Македонија и во Србија


Белград, 30 ноември, 2018 - 14:59 (META) 

Во изминатите пет години, вклучувајќи ја и оваа 2018, во Југоисточна и во Централна Европа најбавен раст на стандардот на граѓаните е забележан во Македонија и во Србија, пишува српскиот весник „Данас“.

Според податоците од октомврискиот Светски економски преглед на ММФ, во тој период Бруто домашниот производ (БДП) по жител измерен преку паритетот на куповната моќ, во Македонија пораснал за 15,2 отсто, во Србија за 19,2 отсто, а во сите други земји на Југоисточна и Централна Европа порастот изнесувал повеќе од 20 отсто.

Според стапките на раст на стандардот на граѓаните предничи Романија со зголемување на БДП за 31 отсто во изминатите пет години и за 46,5 отсто во последните седум години.

Растот на сите други земји освен Романија, Македонија и Србија изнесувал меѓу 22 и 24 отсто во последните пет години.


ЕУ и НАТО ќе го стресат пазарот на труд, но се голема шанса за работниците


Скопје, 12 септември, 2018 - 10:14 (META) 

Македонија се соочува со хроничен дефицит од одредени профили стручно квалификувани работници, а на тоа подолг период укажуваат стопанските комори во земјава. Најсвеж пример за тоа се транспортерите и стопанствениците од текстилната индустрија кои изминативе денови јавно се пожалија дека имаат недостиг од кадар и дека се потешко се наоѓаат работници од одредени струки. Извесно е дека овој проблем во иднина ќе се зголемува, а главна причина за тоа стратегиската определба на нашата земја за членство во Европската Унија за што на 30 септември ќе има изјаснување на граѓаните на референдум.

Доколку дојде до отварање на процесот на преговори и зачленување на Македонија во Европската Унија, тоа ќе значи и отворање на европскиот пазар на труд за работниците од нашата земја, што според регионалните искуства ќе придонесе за драстичен бран на иселувања на работници во некоја од европските земји.

EUmobile

Според податоците на „Еуростат“ во 2017 година повеќе од половина милион Бугари на возраст од 20 до 64 години живееле во некоја од земјите на ЕУ, а 70 отсто од нив работеле во државата каде што живеат. Официјалните податоци на Бугарскиот завод за статистика, покажуваат дека минатата година популацијата во Бугарија на возраст од 20-64 години изнесувала 4,5 милиони.

Од „Еуростат“ пресметале дека 12 отсто од лицата на оваа возраст се резиденти на некоја друга земја од ЕУ, што значи дека околу 550.000 Бугари живееле и работеле надвор од татковината. Во 2007 година само 5 отсто од Бугарите на оваа возраст живееле во ЕУ односно 220.000 лица. Податоците на „Еуростат“ откриваат дека убедлив рекордер во однос на иселувањата во земји од ЕУ е Романија, каде дури 19,7 отсто од населението на возраст од 20 до 64 години живее и работи во некоја од земјите од ЕУ.

Во Агенцијата за посредување при вработување во странство „Коузон“, која со децении работи на спојување на домашниот и странскиот пазар на труд велат дека во Македонија, посебно кај младите лица и сега постои огромен интерес за работа во странство.

Slobodnimesta

„Ние нудиме различни програми за сезонска и постојана работа насекаде во светот. Постои огромен интерес, а најдобар показател за тоа е што во моментов имаме над 1.000 студенти на работа во странство. Доколку дојде до отварање на европскиот пазар на труд за лица со македонски пасош очекуваме огромен бран иселувања бидејќи и досега многу наши сограѓани правеа сè што можат за да дојдат до бугарски пасош кој е своевидна виза за работа во ЕУ“, велат од „Коузон“.


EК ја повика Романија да го ревидира контроверзниот закон


Букурешт, 13 август, 2018 - 11:21 (META) 

Европската комесарка за правда, потрошувачи и полова еднаквост Вера Јoурова, во интервју за германскиот весник „Ди Велт“ ги повика романските власти да го ревидираат предлог-законот кој предизвика масовни протести против корупцијата во земјата.

Протестите продолжија мирно вчера, со околу 15.000 демонстранти на плоштадот „Викториеи“ во Букурешт. Протестите почнаа во петокот, кога ескалираа, и  при судирите на полицијата со дел од демонстрантите, беа употребени и водени топови и солзавец. Во судирите беа повредени 445 лица, од кои 30 полицајци.

На протестот во петокот дојдоа многу Романци иселени во Европа. Тој почна утрото, а се беше мирно до попладнето, кога почнаа првите судири, кои потоа ескалираа околу 21 часот.

Се протестира против власта, како и против судската реформа за која противниците велат дека е направена само за да ги заштити интересите на политичката елита, бидејќи, меѓу другото, ги декриминализира нарушувањата на законот од страна на политичарите.


Четири жртви во поплави во Романија


Букурешт, 2 јули, 2018 - 10:58 (META) 

Четири лица загинаа, а неколку стотици луѓе беа евакуирани поради обилните дождови што ја зафатија Романија во последниве денови.

Маж кој поминувал река на коњ и една жена се удавиле од надојдените води, исто како и маж што бил однесен од водата додека собирал зеленчук. Четвртата жртва настрадала при уривање куќа која била оштетена од дождот.

Во најтешко погодениот регион Ковасна, во централна Ромaнија, попуштил еден насип, а неколку села се целосно поплавени. Во целата земја настрадале околу сто села и неколку мостови а десетици куќи се урнати.


Ципрас: Ако Скопје направи отстапки, 2018 година би можела да биде позитивна


Белград, 9 декември, 2017 - 16:26 (META) 

Македонската влада треба да сопре со иредентизмот и со реторката за единствени потомци на Македонците, за да се направат суштински чекори и да се најде заемно прифатливо решение, порача грчкиот премиер Алексис Ципрас од Белград, велејќи дека ако се направат неопходните чекори, следната година може да донесе позитивен развој на прашањето за името.

Во Белград, по вториот состанок на четворката – Србија, Бугарија, Романија и Грција, на само два дена пред средбата на Нимиц со преговарачите на двете земји во Брисел, Ципрас напомена дека ако се преземат неопходните чекори и се прифати решение за името, тој ќе биде првиот што ќе се залага Грција да ја гарантира перспективата и безбедноста на Македонија, која ја нарече „соседната земја“.

– Можно е 2018 да е година во која би можеле да имаме позитивна разврска за долгогодишниот проблем, доколку новата влада на Скопје реши да направи суштински чекори напред, ако запре со, според моето мислење, непотребната реторика дека се единствените потомци на Македонците и на Александар Велики. Ако запре со иредентистичката реторика и во исто време прифати едно решение за името, заемно прифатено со соседите. Во оваа перспектива, секако, јас, ќе бидам првиот за Грција да ја гарантира развојната перспектива и безбедноста на оваа соседна земја – рече грчкиот премиер.

Теми на белградската средба беа бугарското претседателство со ЕУ како балканско претседателство, како и за оживување на Солунската агенда од 2003 година и за конкретни проекти, како што се енергетското и железничкото поврзување на балканските земји.


Борисов: Да се обединиме и да помогнеме во решавање на проблемот за името


Белград, 9 декември, 2017 - 15:39 (META) 

Прашањето за името меѓу Македонија и Грција мораме да го решиме. Мора да се обединиме и да ѝ помогнеме на Европската комисија да му помогне на Брисел да донесе правилни одлуки, а не да поставува некакви ултиматуми, истакна бугарскиот премиер Бојко Борисов денеска во Белград, по средбата со српскиот претседател Александар Вучиќ и со премиерите на Грција, Алексис Ципрас, и на Романија, Михај Тудосе.

Борисов посочил дека четирите застапени земји на денешната среддба се неразделно парче на Европа и дека треба се покаже на дело дека се научени лекциите.

– Балканот многу векови наназад генерирал само војни. Сега е клучен момент, многу од големите играчи во светот се заинтересирани за Балканот, а ние сакаме обединет Балкан, модерна инфраструктура, дигитална инфраструктура. Лидерите на Западен Балкан сознаваат дека доцнат со остварувањето на обврските и треба да се ангажираат. Продолжуваме, испраќаме кон нашите пријатели во Европа порака дека имаат еден мудар, сигурен Балкан, кој не генерира проблеми, туку ги почитува сите правила – рече Борисов.


Поради уцена притворен државниот секретар за транспорт на Романија


Букурешт, 14 ноември, 2017 - 10:08 (META) 

Обвинителите од Националната антикорупциска управа на Романија, вчера под обвинување за уцена го притворија Нинел Церцел, државен секретар во Министерството за транспорт на Романија.

Случајот на антикорупционерите е поврзан со  инцидент од 31 октомври годинава, кога во еден од вагоните на воз натоварен со амониум нитрат избил мал пожар, а Министерството за транспорт и националната компанија ЦФР Марфа не го третирале случајот како сериозен инцидент, велат обвинителите.

Следниот ден Церцел побарал од менаџерот на Центарот за транспорт за зоната Брашов да си даде оставка ако не сака да биде отпуштен, иако инцидентот со возот не се случил на територија под негова надлежност. Државниот секретар за транспорт на менаџерот му рекол и дека ако си даде оставка, нема да се поведе дисциплинска постапка против него, а ќе стане советник во Советот на општина Брашов и подоцна пак ќе добие работно место во компанијата ЦФР Марфа. Но, менаџерот не го прифатил тоа и пријавил.

Церцел сега е во 30-дневен притвор, а премиерот Михај Тудосе го разреши од функцијата.


Демонстранти фрлаа тоалетна хартија кон романската Влада


Букурешт, 9 ноември, 2017 - 13:01 (META) 

Околу 1.500 демонстранти синоќа фрлаа тоалетна хартија кон зградата на романската Влада, на протестот против итните мерки предложени од владата.

Дел од мерките е и владиниот предлог-закон со кој се предвидува во иднина министерот за правда да го именува јавниот обвинител, без можност претседателот на државата да влијае врз изборот. Според опозициските демонстранти, оваа одредба ќе доведе до потчинување на судството од страна на Владата. Протестот беше и против даночните измени што ги планира левичарската влада.

„Не сакаме да бидеме нација на крадци“, „Излезете од домовите“, „Срамно крвопролевање“ беа некои од паролите што можеа да се забележат на протестот. Тоа беше вториот протест на плоштадот „Викториеи“, откако претходниот, кој се одржа некаде околу пладне, беше помалкуброен.


Протести во Романија поради најавените правосудни закони


Букурешт, 6 ноември, 2017 - 9:56 (META) 

Повеќе од 7.000 граѓани на Романија синоќа излегоа на протест во Букурешт поради намерата на владата да усвои повеќе закони од областа на правосудството.

Опозицијата смета дека законите ќе ги ослабат напорите да се искорени корупцијата.
Демонстрантите се собраа пред зградата на Владата, носејќи романски знамиња и извикувајќи „демократија под опсада“ и дека владејачката Социјалдемократска партија е „црвена чума“.

Романските медиуми наведуваат дека демонстрантите носеле транспаренти на кои било испишано „Сакаме независно правосудство“, „Предвремени избори“, „Што чекате, нова диктатура?“.

Освен во Букурешт, протести се одржале и во осум други романски градови.

Странските амбасадори и ЕУ се противат на носењето на законите затоа што со нив се овозможува кривично осудувано лице да биде избрано за претседател на држава, а министерот за правда да ги именува врховните обвинители.


Бугарија и Романија добија пристап до информацискиот систем на Шенген


Варна, 4 октомври, 2017 - 14:49 (META) 

Европскиот парламент го поддржа предлогот на Советот на ЕУ, на Бугарија и на Романија да им се овозможи делумен пристап до базата на податоци за визите од информацискиот систем за шенгенскиот режим, јавија бугарските медиуми. Кога ќе биде изгласана од Советот на ЕУ, одлуката ќе им дозволи на двете држави да проверуваат информации во визниот систем, без да можат да внесуваат, менуваат или да бришат податоци.

Решението на Европскиот парламент е формално и е условено од потребата за постојани проверки на надворешните граници на ЕУ на сите лица и возила и не е тесно сврзано со влегувањето на Бугарија и на Романија во шенгенскиот безвизен режим.

Но, бугарскиот и романскиот премиер, Бојко Борисов и Михај Тудосе, вчера по конференцијата на премиерите на балканските земји во поранешната летна царска резиденција, дворецот Евксиноград во бугарскиот град Варна, рекоа дека нема формални пречки за влегување на двете земји во шенгенскиот систем и сметаат дека тоа треба да се случи најдоцна за една година.

Тудосе смета дека Бугарија и Романија се судбински одредени да чекорат заедно и на патот кон шенгенскиот безвизен режим. Според него, прашањето е политичко и според општото мислење на европските партнери, нема формални преки за вклучувањето во шенген-зоната.

Борисов напоменува дека Бугарија се наоѓа на едно од најкритичните места на патот на мигрантите кон Централна Европа, но дека благодарение на заедничките напори со  Романија, е постигната „нулта миграција“.

– Повеќето од нашите европски партнери се категорични дека во однос на заштитата на надворешните граници на ЕУ, Бугарија и Романија се справувааат многу подобро отколку ред други земји од шенген-зоната – смета бугарскиот премиер.