!Во периодот што претстои работиме на воведување систем за пристап и за претплата. За начинот на пристап и за претплатата ќе информираме дополнително. Содржините на „Мета“ до тогаш се слободни за преземање со задолжително цитирање и атрибуирање.

СДСМ на 19. место, ВМРО-ДПМНЕ седма на гласачкото ливче за локалните избори


Скопје, 19 септември, 2017 - 15:17 (META) 

Денеска, со жрепка, во Државната изборна комисија (ДИК) беше утврден редоследот на кандидатите за градочалници и за советници на гласачките ливчиња за претстојните локални избори закажани за 15 октомври.

Листи со кандидати за градоначалници и за советници имаат поднесено 19 партии и коалиции.

Како што одреди жрепката, прва на гласачкото ливче ќе биде СДПМ, втора – Коалицијата Алијанса на Албанците и НДП, трета – ДУИ, четврта – Коалицијата за Битола (ДУИ, Беса и Алијанса на Албанците), петта – Коалиција „Заедно за Гази Баба“ предводена од Беса, шеста – НДМ, седма – ВМРО-ДПМНЕ, осма – Народно движење на Турците, деветта – Алијанса на Албанците, под број 10 е ТМРО, на 11. место е Демократската партија на Турците, под број 12 е ГРОМ, Коалицијата предводена од ВМРО-ДПМНЕ е на 13. позиција, Беса е под број 14, ДПА е 15, Левица е под број 16, ПДП е на 17. позиција, Сојузот на Ромите е на 18. место и СДСМ е под бројот 19.

Листите на кандидати од ист подносител ќе имаат ист реден број во сите општини.

Во општините каде што некоја партија или коалиција нема свој претставник, нејзиниот број ќе биде изоставен и на негово место ќе биде напишан редниот број на наредниот носител, без да се остава празно место.

Според роковите за локалните избори, општинските изборни комисии најдоцна до 21 септември треба да ги објават листите на кандидати за членови на совет и за градоначалници.

Денеска завршува и рокот од пет дена во кој политичките партии ќе можат да достават барање за запишување, дополнување или бришење на податоци од избирачкиот список, кој ДИК треба да го заклучи најдоцна до 24 септември. ДИК го потпишува избирачкиот список и изводите од него најдоцна до 29 септември.


Објавен огласот за нов јавен обвинител, почнуваат да течат роковите за пријавување


Скопје, 14 септември, 2017 - 9:48 (META) 

Собранието на Република Македонија денеска го објави огласот за именување нов државен јавен обвинител, по разрешувањето на Марко Зврлевски од оваа функција.

Со ова и официјално почнува да тече рокот од 15 дена за пријавување на заинтересираните кандидати за оваа функција.

„Заинтересираните кандидати кои ги исполнуваат условите предвидени со членот 44, ставови 1 и 2 од Законот за јавно обвинителство (да е државјанин на Република Македонија, активно да го владее македонскиот јазик, да е работоспособен и да има општа здравствена способност, да има стекнато универзитетска диплома за дипломиран правник во Република Македонија или нострифицирана диплома од странство, да има положено правосуден испит во Република Македонија и да има работно искуство од најмалку осум години со потврдени резултати на правни работи по положениот правосуден испит, или редовен или вонреден универзитетски професор кој предавал повеќе од десет години правен предмет од правосудната практика), пријавите со потребните документи треба да ги поднесат до Собранието на Република Македонија, во рок од 15 дена од денот на обајвувањето на одлуката во ’Службен весник’“, пишува во огласот, потпишан од претседателот на Собранието, Талат Џафери.

oglas za imenuvanje na javen obvinitel 2

Рокот за пријавување на заинтересираните кандидати е 15 дена, пишува во огласот потпишан од претседателот на Собранието, Талат Џафери

Инаку, Собранието го изгласа распишувањето на огласот за именување нов државен јавен обвинител пред точно една недела.

Според Законот, по пријавувањето на кандидатите, Владата мора да поднесе барање за мислење до Советот на јавни обвинители, кое има обврзувачка улога.

Советот има рок од 15 дена од денот на приемот на барањето од Владата да даде позитивно или негативно мислење за сите пријавени кандидати. По тоа, до Собранието доставува предлог за именување јавен обвинител со кандидатите за кои Советот дал позитивно мислење.

Доколку Советот на јавни обвинители од оправдани причини во рок од 15 дена не достави мислење, добива дополнителен рок од 15 дена, а ако и во овој рок Советот не достави мислење, се смета дека мислењето е позитивно.

Во случај Советот да не даде позитивно мислење за ниту еден од пријавените кандидати, Владата не може да достави предлог за именување јавен обвинител и може да му предложи на Собранието да го повтори огласот.

За именувањето, како и за разрешување државен јавен обвинител, Собранието одлучува со просто мнозинство, односно со 61 глас.

Засега во јавноста своите кандидатури ги најавија адвокатите Александар Тортевски, Звонко Давидовиќ, Александар Наков, Сејфула Османи и нотарката Лорија Ваневска.


Сугарески: Владата го усвои предлогот за продолжување на рокот за легализација


Скопје, 29 август, 2017 - 16:23 (META) 

Владата на денешната седница го усвоила предлогот на Министерството за транспорт и врски за измени и за дополнувања на Законот за постапување со бесправно изградени објекти, со што се дава нова можност за легализација на дивоградбите, информираше министерот за транспорт и врски, Горан Сугарески.

– Сметано од 1 јануари до 31 декември 2018 година, сите граѓани што претходно не успеале да поднесат барање за легализација, ќе можат да го направат тоа во овој дополнителен рок. Граѓаните, пак, кои поднеле барања, но не ја обезбедиле неопходната документација, ќе имаат дополнителни шест месеци од 1 јануари до 30 јуни 2018 година – изјави Сугарески.

Тој нагласи дека услов за легализација на објектот е тој да бил изграден заклучно со 3 март 2011 година и додаде дека и понатаму се потребни истите документи за аплицирање како и претходно.

Досега процентот на легализирани дивоградби е околу 40 проценти или околу 186.000 објекти кои се легализирани и запшани во катастарот.

Сугарески ги повика сите пратенички групи во Собранието да ги прифатат овие законски измени, кои, според него, се исклучиво во интерес на граѓаните на Република Македонија.


Рокови, процедури и можни сопки за изборот на новиот Јавен обвинител


Скопје, 17 август, 2017 - 16:16 (META) 

Со разрешувањето на Марко Зврлевски од функцијата државен јавен обвинител, Владата може да почне со процедурата за именување на негов наследник. Ако разрешувањето на Зврлевски ја окупираше јавноста добар дел од летото, со развлекувањето на расправата од страна на пратениците на ВМРО-ДПМНЕ, тогаш речиси извесно е дека постапката за именување на нов јавен обвинител, која и онака е покомплицирана, ќе биде актуелна во текот на оваа есен.

Постапката за назначување на нов Јавен обвинител е уредена со членот 41 од Законот за јавно обвинителство:

  • Владата дава предлог до Собранието;
  • Собранието распишува оглас за кандидати за јавен обвинител во „Службен весник“ и во најмалку два дневни весника од кои еден мора да биде на албански јазик;
  • Рокот за пријавување на кандидатите е 15 дена од денот кога огласот ќе биде објавен во „Службен весник“;
  • За именувањето на новиот државен јавен обвинител, Владата мора да поднесе барање за мислење до Советот на јавни обвинители, кое овојпат има обврзувачка улога, за разлика од постапката за разрешување, кога мислењето на Советот е повеќе од процедурална природа;
  • Советот има рок од 15 дена од денот на приемот на барањето од Владата да даде позитивно или негативно мислење за сите пријавени кандидати.

По ова Владата до Собранието доставува предлог за именување јавен обвинител со кандидатите за кои Советот дал позитивно мислење.

  • Доколку Советот на јавни обвинители од оправдани причини во рок од 15 дена не достави мислење, добива дополнителен рок од 15 дена;
  • Ако и во овој рок Советот не достави мислење, се смета дека мислењето е позитивно – што е друга разлика од постапката за разрешување;
  • Во случај Советот да не даде позитивно мислење за ниту еден од пријавените кандидати, Владата не може да достави предлог за именување јавен обвинител и може да му предложи на Собранието да го повтори огласот;
  • За разрешувањето и за именувањето јавен обвинител, Собранието одлучува со просто мнозинство, односно со 61 глас.

Покрај, основните услови – да е државјанин на Република Македонија, активно да го владее македонскиот јазик, да е работоспособен и да е во добра општа здравствена состојба, да има стекнато универзитетска диплома за дипломиран правник во Република Македонија или нострифицирана диплома од странство и да има положено правосуден испит во Република Македонија – кандидатите за државен јавен обвинител треба да исполнуваат и посебни услови. Тоа подразбира да имаат работно искуство од најмалку осум години со потврдени резултати на правни работи по положениот правосуден испит, или редовен или вондреден универзитетски професор кој предавал повеќе од десет години правен предмет од правосудната практика.

Премиерот Заев вчера изјави дека негов личен став е новиот јавен обвинител да биде експерт, кој ќе ја има довербата, пред сè, кај граѓаните.

Мандатот на државниот јавен обвинител е шест години, со право на повторен избор.

Дел од медиумите излегоа со информации дека до назначувањето на нов државен јавен обвинител, вршител на должност на функцијата ќе биде поранешниот министер за труд и социјална политика и поранешен заменик-министер за внатрешни работи Џелал Бајрами.


Роковник на ДИК: Кој, кога и што треба да направи до локалните избори


Скопје, 7 август, 2017 - 18:29 (META) 

Државната изборна комисија (ДИК) денеска го усвои роковникот за локалните избори, според кој изборите ќе се одржат на 15 октомври, вториот круг на 29 октомври, а политичките партии своите листи на кандидати треба да ги поднесат најдоцна до 9 септември.

Јавниот увид во избирачкиот список почнува на 21 август и ќе трае до 9 септември. Рокот за собирање потписи за листи на независните кандидати за советници и за градоначалници е од 21 август до 4 септември.

– ДИК е подготвена за организирање и за спроведување на локалните избори. Сите потребни подготовки кои се однесуваат на успешното спроведување на локалните избори се при крај – изјави Реџеп Прекопуца, потпретседател на ДИК.

ДИК денеска испрати барање до Министерството за внатрешни работи да направи список на полнолетните државјани за да се утврди точната бројка во гласачи во избирачкиот список.

Ждрепката за утврдување на редослед на кандидатите на гласачко ливче ќе се изврши најдоцна до 18 септември, а набљудувачите треба да се акредитираат најдоцна до 4 октомври.

Од денеска почнува и надзорот на медиумите за начинот на кој ќе известуваат за време на локалните избори од Агенцијата за медиуми.


Џафери ќе ги распише локалните избори утре во 12 часот во Собранието


Скопје, 5 август, 2017 - 15:39 (META) 

Претседателот на Собранието, Талат Џафери, утре ќе ги распише локалните избори, кои треба да се одржат на 15 октомври, информираат од кабинетот на претседателот.

„Претседателот на Собранието, Талат Џафери, в недела, на 6 август, во 12 часот ќе потпише решение за распишување избори за членови на советите на општините и на советот на Град Скопје и за градоначалници на општините и за градоначалник на градот Скопје“, се вели во соопштението.

Џафери неодамна информираше дека 6 август е краен рок за да ги распише локалните избори и со тоа да почнат да течат роковите и организацијата.


Новиот Зврлевски ќе се избира на оглас: Какви се роковите, процедурата и условите


Скопје, 15 јуни, 2017 - 8:08 (META) 

Штом заврши постапката за разрешување на актуелниот државен јавен обвинител, Марко Зврлевски, Владата веднаш ќе почне процедура за именување негов наследник, изјави премиерот Зоран Заев.

Сепак, за разлика од процедурата за разрешуавање на Зврлевски, која може да заврши до крајот на оваа недела, а десетина дена откако Владата ја почна, постапката за именување нов државен јавен обвинител е покомплицирана и најверојатно добар дел од летото ќе ги окупира надлежните институции и јавноста.

Постапката е пропишана во членот 41 од Законот за јавно обвинителство:

  • Владата дава предлог до Собранието;
  • Собранието распишува оглас за кандидати за јавен обвинител во „Службен весник“ и во најмалку два дневни весника од кои еден мора да биде на албански јазик;
  • Рокот за пријавување на кандидатите е 15 дена од денот кога огласот ќе биде објавен во „Службен весник“;
  • За именувањето на новиот државен јавен обвинител, Владата мора да поднесе барање за мислење до Советот на јавни обвинители, кое овојпат има обврзувачка улога, за разлика од постапката за разрешување, кога мислењето на Советот е повеќе од процедурална природа;
  • Советот има рок од 15 дена од денот на приемот на барањето од Владата да даде позитивно или негативно мислење за сите пријавени кандидати.

По ова Владата до Собранието доставува предлог за именување јавен обвинител со кандидатите за кои Советот дал позитивно мислење.

  • Доколку Советот на јавни обвинители од оправдани причини во рок од 15 дена не достави мислење, добива дополнителен рок од 15 дена;
  • Ако и во овој рок Советот не достави мислење, се смета дека мислењето е позитивно – што е друга разлика од постапката за разрешување;
  • Во случај Советот да не даде позитивно мислење за ниту еден од пријавените кандидати, Владата не може да достави предлог за именување јавен обвинител и може да му предложи на Собранието да го повтори огласот;
  • За разрешувањето и за именувањето јавен обвинител, Собранието одлучува со просто мнозинство, односно со 61 глас.

Покрај, основните услови – да е државјанин на Република Македонија, активно да го владее македонскиот јазик, да е работоспособен и да е во добра општа здравствена состојба, да има стекнато универзитетска диплома за дипломиран правник во Република Македонија или нострифицирана диплома од странство и да има положено правосуден испит во Република Македонија – кандидатите за државен јавен обвинител треба да исполнуваат и посебни услови. Тоа подразбира да имаат работно искуство од најмалку осум години со потврдени резултати на правни работи по положениот правосуден испит, или редовен или вондреден универзитетски професор кој предавал повеќе од десет години правен предмет од правосудната практика.

Премиерот Заев вчера изјави дека негов личен став е новиот јавен обвинител да биде експерт, кој ќе ја има довербата, пред сè, кај граѓаните.

Мандатот на државниот јавен обвинител е шест години, со право на повторен избор.


Мицкоски: Ветувањата кои ги даде новата влада мора да се реализираат со рокови


Скопје, 10 јуни, 2017 - 15:26 (META) 

„Невработеноста падна на рекордно најниско ниво и сега изнесува 22,9 проценти. Тоа е разликата помеѓу напорното работење на ВМРО-ДПМНЕ и деструктивните политики на СДС“, изјави членот на ИК на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски, на прес-конференција.

Според него, „ваквите резултати не се постигнуваат со манипулации и со креирање лажни вести, туку со посветеност, знаење и со работа“.

– Напорната работа, активните мерки за вработување, ниските даноци, политиката на странски инвестиции, поволната бизнис-клима, оперативните планови на Владата за вработување кои беа спроведувани изминативе години, придонесоа невработеноста да се намали на историски најниски 22,9 проценти – изјави Мицкоски.

Тој додаде дека ветувања кои се дадени од страна на новата влада предводена од СДСМ, мора да се реализираат со роковите што ги задале како ветувања, а не да се релативизираат.


Заев: Тешко дека денеска ќе го поднесам составот на владата во Собранието


Скопје, 26 мај, 2017 - 17:03 (META) 

Претседателот на СДСМ и мандатар за состав на новата влада, Зоран Заев денеска пред средбата со претседателот на Движењето Беса, Биљал Касами во Собранието на Република Македонија, изјави дека речиси нема никакви шанси денеска да го достави составот на новата влада до Собранието, а малку е веројатно тоа да се случи и пред утрешниот конгрес.

– Не, не верувам дека денеска ќе стигнеме. Правиме напори, тоа зависи од сите политички партии, доколку со другите две политички партии или коалiции одржавме средба, еве денеска исто и со БЕСА. До вечерва касно продолжуваме посветени максимално, но како и да ја гледам работата, денеска тешко дека ќе стигнеме – рече Заев.

Тој потоа кажа и дека дефинитивно нема да има состав на владата пред утрешниот редовен 22 конгрес на СДСМ.


Арифи: Нови избори не се решение за кризата, туку избор на нов спикер и на влада


Тетово, 10 април, 2017 - 16:07 (META) 

Градоначалничката на општина Тетово и потпретседателка на ДУИ, Теута Арифи, и денеска го повтори ставот на нејзината партија дека е потребно што поскоро парламентарното мнозинство да формира влада. Нови избори, според неа, не се решение на кризата, туку треба да се изберe претседател на Собрание и државата да почне да функционира нормално.

Таа додаде дека секој има право да протестира и посочи дека ДУИ како партијата протестирала во 2006 година поради прекршуавње на принципот победник со победник, но не ги блокирала институциите.

– Принципите на демократијата се тие – мнозинството да формира влада, да избере претседател на Собрание и државата да профункционира како што треба, додека секој, нормално во рамките на своите активности, има право да ги врши своите политички активности. Да потсетам само на моментот од 2006 година бидејќи гледам дека често се споменува како модел. Тогаш ДУИ 18 до 19 месеци протестираше поради тогашната политичка одлука, но институциите беа формирани, како и сè друго, а ние подоцна го искористивме нашето демократско право да го реализираме како што сметавме ние – изјави Арифи.

Таа рече дека поминати се сите рокови да се организираат локалните избори во мај.

– Мај е веќе надминат како можност кога може да се организираат локални избори. Нормално дека е потребно во Собранието да се реши како ќе се продолжи понатаму, но, најпрвин токму Собранието треба да се формира и треба да се прекине тенденцијата за навлегување уште подлабоко во оваа криза – изјави Арифи.

Арифи изјавата за политичката состојба во Македонија ја даде на пуштањето во употреба на реконструираниот парк во близина на автобуската станица во Тетово.