Зимбаве гласа на првите избори без Мугабе


Хараре, 30 јули, 2018 - 11:39 (META) 

Во Зимбаве денеска се одржуваат првите избори по ерата на Роберт Мугабе, кој со оваа африканска земја владееше четири децении. Се гласа за претседател, за парламентот и на локални избори.

Мугабе рече дека нема да гласа за Емерсон Мнангагва, кој го замени на лидерското место по неговото уривање од власт. Мнангагва (75) е од владејчката партија Зану ПФ, а неговиот главен противкандидат е лидерот на опозицијата Нелсон Чамиса. Според анкетите, се очекува тесна победа на Мнангагва, иако има 23 кандидати за претседател. Доколку победи Чамиса, тој со 40 години возраст, ќе биде најмладиот избран претседател на оваа држава.

Во текот на четирите децении на власт, Роберт Мугабе владееше речиси деспотски, а земјата проживуваше една од најголемите економски кризи во светот во последните две децении.
Околу 5,3 милиони граѓани имаат право на глас, а со одлука на Уставниот суд, граѓаните што живеат во странство овојпат нема да можат да гласаат.


Мнангагва му ветил сигурност на Мугабе


Хараре, 24 ноември, 2017 - 9:42 (META) 

Идниот претседател на Зимбабве, Емерсон Мнангагва, кој денеска треба да ја преземе функцијата, му ветил на својот претходник, Роберт Мугабе, дека тој и неговото семејство ќе бидат безбедни во земјата.

Како што пренесуваат локалните медиуми, Мугабе му соопштил на Мнангагва дека поради замор нема да присуствува на неговата инаугурација.

Светските медиуми вчера јавија дека Мугабе добил имунитет кој го штити од судски постапки и му ја осигурува безбедноста во неговиот дом, што е дел од договорот да се повлече од претседателската функција.


Мугабе поднесе оставка – славење на улиците на Зимбабве


Хараре, 21 ноември, 2017 - 17:11 (META) 

Претседателот на Зимбабве, Роберт Мугабе, поднесе оставка која веднаш стапува на сила, јавуваат светските агенции.

Во писмото кое го испратил до парламентот се наведува дека оставката е доброволна.

Претседателот на парламентот на Зимбабве веднаш ја прекина собраниската седница на која се расправаше за отповикување на Мугабе, а на улиците на оваа африканска држава веќе се слави.

Претходно, поранешниот потпретседател, Емерсон Мнангагва, го повика Мугабе да поднесе оставка и да дозволи земјата да „тргне напред“.

Роберт Мугабе, кој со земјата владееше 37 години од нејзиното осамостојување од Британија, во неделата беше сменет од местото претседател на владејачката партија, а вчера му истече рокот што му беше даден за да поднесе оставка од функцијата шеф на државата.


Мугабе ја напишал својата оставка


Хараре, 20 ноември, 2017 - 10:36 (META) 

Претседателот на Зимбабве, Роберт Мугабе, се согласил да се повлече и составил писмо во кое ја дава својата оставка, јави телевизијата „Си-ен-ен“, повикувајќи се на воени извори вклучени во преговорите во Хараре.

Според одредбите од договорот, Мугабе и неговата сопруга Грејс, ќе добијат целосен имунитет, но други детали засега не се откриваат.

Владејачката Африканска национална унија на Зимбабве – Патриотски фронт (ЗАНУ-ПФ) му даде рок на Мугабе да се повлече до денеска напладне по локално време.

Разрешувањето на поранешниот заменик-претседател, Емерсон Мнангагва, и обидот на Мугабе да ја постави својата сопруга Грејс на чело на државата, предизвикаа реакција од страна на армијата.


Импичмент за Мугабе доколку не поднесе оставка до утре попладне


Хараре, 19 ноември, 2017 - 16:40 (META) 

Владејачката партија на Зимбабве (ЗАНУ-ПФ) му даде рок на Роберт Мугабе, кого го смени од позицијата лидер на партијата, до утре попладне да поднесе оставка од позицијата шеф на државата.

Партијата најави дека во спротивно ќе почне процедура за импичмент, односно за смена на Мугабе од претседателската функција на седницата на парламентот која е закажана за вторник.

За наследник на Мугабе во партијата е избран Емерсон Мнангагва, сменетиот потпретседател, а од партијата е избркана и сопругата на Мугабе, Грејс Мугабе.

Предлогот и симнувањето на Мугабе од чело на партијата, членовите на централниот комитет на партијата го поздравиле со овации.

Министерот за внатрешни работи на Зимбабве, Оберт Мпофу, во своето обраќање нагласил дека сопругата на Мугабе, Грејс, и нејзините блиски соработници ја искористиле состојба на Мугабе за да ги ограбат националните ресурси.


Мугабе сменет од лидерската позиција во владејачката партија на Зимбабве


Хараре, 19 ноември, 2017 - 14:15 (META) 

Претседателот на Зимбабве, Роберт Мугабе, е сменет од местото лидер на владејачката партија и е избркан од нејзиното членство, јавуваат светските новински агенции.

На неговото место во партијата е поставен Емерсон Мнангагва, кој овој месец беше сменет од местото потпретседател на државата.

Вчера илјадници граѓани на Зимбабве ги преплавија улиците на главниот град Хараре, мавтајќи со националното знаме, и со песна го чекаа падот на претседателот, Роберт Мугабе.


Мугабе не сака да се повлече


Хараре, 17 ноември, 2017 - 9:30 (META) 

Претседателот на Зимбабве, Роберт Мугабе, одбива да се повлече и покрај постојаните повици за негова оставка.

Деведесет и тригодишниот Мугабе од завчера е во домашен притвор, откако војската ја презеде власта, а во меѓувреме сè уште трае борбата за неговата позиција.

Војската соопшти дека преговара со Мугабе, пренесува „Би-би-си“.

Во соопштението се наведува дека е направен напредок во борбата против „криминалците“ околу претседателот, но не се откриваат детали.

Неколку функционери се приведени.

Во соопштението на војската, кое го објави државната телевизија, се наведува дека нацијата ќе биде „во најкус рок известена“ за исходот од преговорите со Мугабе.


Мугабе преговара со војската за својата иднина


Хараре, 16 ноември, 2017 - 21:00 (META) 

Долгогодишниот лидер на Зимбабве, Роберт Мугабе, води директни преговори со војската за неговата иднина, пренесува „Би-би-си“.

Медиумите во Зимбабве објавија фотографии од 93-годишниот Мугабе со началникот на војската на Зимбабве и двајца пратеници од Јужна Африка во неговата резиденција во Хараре.

Мугабе од вчера се наоѓа во домашен притвор, откако војската ја презеде контролата во земјата.

Извори блиски до војската соопштиле дека Мугабе денеска одбил да поднесе оставка, додека други извори пренесуваат дека е блиску договор за негово заминување.

Лидерот на опозицијата во Зимбабве, Морган Чвангирај, изјавил дека Мугабе мора да си поднесе оставка од позицијата претседател на земјата.


Свештеник посредува во повлекувањето на Мугабе


Хараре, 16 ноември, 2017 - 11:19 (META) 

Во разговорите за повлекување на претседателот на Зимбабве, Роберт Мугабе, кој инсистира дека може да го смени само раководството на неговата партија, посредува католички свештеник, соопштија денеска политички и разузнавачки извори.

Опозицискиот лидер, Морган Чвангирај, кој во странство се лечеше од рак, доцна синоќа е врати во Хараре, соопшти портпаролот на неговата партија.

Судбината и статусот на Мугабе (93) се нејасни откако војската вчера ја презеде контролата во земјата.

Медиумите пренесуваат дека Мугабе е притворен во својот дом во Хараре, а не се потврдени наводите дека неговата сопруга Грејс побегнала во Намибија. Се сметаше дека таа ќе го наследи Мугабе на чело на државата, јавува „Би-би-си“.

Војската презеде акција по смената на потпретседателот Емерсон Мнангагве, кој е жесток противник на Мугабе. Не е познато каде се наоѓа тој.

Мугабе владее со Зимбабве откако земјата стекна независност од Велика Британија. Регионалниот блок, Јужоафриканска развојна единица, денеска ќе одржи итен состанок во Боцвана за да ја разгледа кризата во Зимбабве.

Опозицискиот лидер, Тендаи Бити, изјави дека сака да се формира преодна влада во земјата.


Гутереш повика на воздржаност во Зимбабве


Њујорк, 15 ноември, 2017 - 21:15 (META) 

Генералниот секретар на Обединетите нации, Антонио Гутереш ја повика Зимбабве на воздржаност после излегувањето на војската на улица во главниот град на земјата.

Тој повика на мир, избегнување на насилство и воздржаност.

-Да се сочуваат основните права, меѓу кои и слободата на говор и собирање е од витално значење – оцени Гутереш.

Во изјавата на Гутереш се вели дека полтичките разлики треба да се решаваат по мирен пат и дијалог во склад со Уставот на земјата.

После неколку дена затегнување на односите предизвикани од отпуштање на потпреседателот на земјата Емерсон Мангагве, војската на Зимбабве вчера го стави во куќен притвор Роберт Мугабе.