Вучиќ на средба со амбасадорите поради одлуката на Косово за зголемување на данокот


Белград, 21 ноември, 2018 - 17:00 (META) 

Претседателот на Србија, Александар Вучиќ оствари средба со амбасадорите на Кина, Русија, САД, Велика Британија, Франција, Германија и Италија откако владата во Приштина објави дека го зголемува данокот на производите од Србија од 10 на 100 отсто, јавува дописничката на „Мета“ од Белград.

Владата на Косово ја усвои одлуката за зголемен данок за увоз на роба од Србија и БиХ од 10 на 100 отсто. Данокот од 10 отсто беше воведен пред две недели. Таа одлука ја осудија владите на Србија, БиХ, а ЕУ повика на почитување на Централноевропскиот договор за слободна трговија ЦЕФТА.

Вучиќ го повтори ставот дека дијалогот помеѓу Белград и Приштина нема да продолжи додека косовските власти не ја повлечат одлуката за данок.


Трговска војна помеѓу Србија и Косово во пресрет на новата рунда дијалог во Брисел


Белград, 7 ноември, 2018 - 16:08 (META) 

Одлуката на владата на Косово да го зголеми данокот на увоз на роба од Србија и Босна и Херцеговина за 10 отсто, предизвика критики од Белград кој побара итна реакција на меѓународната заедница, во очи на новата рунда дијалог со Приштина која е закажана утре во Брисел.

Оданочувањето на увозот од Србија и БиХ, Владата на Косово го образложи како заштита на домашниот пазар, но повеќе косовски политичари рекоа дека таа мерка е „најдобриот одговор на деструктивното однесување на Србија“. Претходно косовските медиуми пишуваа дека Косово го освојува роба „Made in Serbia“, како и дека до крајот на годината увозот од Србија ќе изнесува 400 милиони евра.

Мерката ќе се применува на увозот на млеко и млечни производи, вода, бисквити, градежен материјал и сокови со потекло од Србија и БиХ, но дека нема да се однесува на производите на меѓународните брендови кои се произведуваат во Србија и БиХ како на пример „кока-кола“.

ЕУ побара од Приштина итно разјаснување на новите мерки, со напомена дека станува збор за јасно кршење на ЦЕФТА (Централно европскиот договор за слободна трговија).

Шефот на српската дипломатија, Ивица Дачиќ, оцени дека одлуката на властите во Приштина е еден вид на притисок врз ЕУ на Косово да му одобри либерализација на визниот режим. Дачиќ рече дека претседателот на Србија. Александар Вучиќ, за одлуката на приштинските власти ќе разговара со европските функционери за време на самитот на Европската народна партија во Хелсинки. Се очекува тоа да биде тема и на состанокот на Вучиќ и косовскиот претседател Хашим Тачи, кој за утре во Брисел го закажа високата претставничка на ЕУ, Федерика Могерини.