!Во периодот што претстои работиме на воведување систем за пристап и за претплата. За начинот на пристап и за претплатата ќе информираме дополнително. Содржините на „Мета“ до тогаш се слободни за преземање со задолжително цитирање и атрибуирање.

„Лавиринт“ нова книга од Ристо Лазаров


Скопје, 13 март, 2017 - 10:16 (META) 

Издателството „Везилка 2011“ ја објави новата, 32. поетска книга „Лавиринт“ од Ристо Лазаров. Како и последните десетина книги на овој автор, и оваа содржи 50 песни, седум циклуси со седум песни и една воведна песна.

Авторот на поговорот кон книгата, професорот Ферид Мухиќ, оваа книга ја нарекува поетска ревизија на архетипските митови. Класичните антички митови, оценува Мухиќ, од Тројанската војна и сите најважни херои и ликови што одиграле клучна улога во овој настан опеан од Хомер, преку Зевс и Хермес.

Инаку, „Лавиринт“ пред извесно време беше одбиена на конкурсот на Министерството за култура за финансирање на проекти од национален интерес за 2017 година.


„Лавиринт“ од Ристо Лазаров објавена на чешки јазик


Прага, 20 декември, 2016 - 14:44 (META) 

Осум години по објавувањето на книгата поезија „Чехопек“, во Чешка е објавена втора книга од македонскиот поет Ристо Лазаров, стихозбирката „Лавиринт“, создадена во формат по кој е препознатлив овој поет – седум циклуси по седум песни.

Песните на чешки ги преведе академик Иван Доровски, кој е автор и на предговорот на книгата, како и на биографијата и на библиографија на Лазаров. Ликовното решение на корицата на книгата е на Дагмар Доровски.

Издавач на ова втора поетска книга на Ристо Лазаров, кој инаку е член на чешкиот ПЕН-центар, е издавачката куќа „Теибуна ЕУ“.

Наскоро во Белград се очекува и објавување на неговата најнова стихозбирка „Мрак“ на српски јазик.


Нова книга од Ристо Лазаров


Охрид, 16 мај, 2016 - 17:53 (META) 

„(П)огледи“ е насловот на најновата книга есеи на македонскиот писател и новинар Ристо Лазаров.

Повеќето од есеите во книгата се објавуваат првпат, а некои веќе се објавени во медиумите. Нивни заеднички именител се траумите што ги доживува Македонија во транзицијата, особено последниве години, и експлозијата на незадоволството од владеењето со државата.

Во поговорот кон книгата, новинарот и публицист Бранко Героски оценува дека „Лазаров нуди неколку задлабочени погледи всушност на иста тема, за големата и неизвесна битка за враќање на изгубената човечност“.

Книгата е во издание на „Везилка 2011“.


Ристо Лазаров на поетскиот фестивал „Војната и поезијата” во Романија


Крајова, 10 мај, 2016 - 9:53 (META) 

Македонскиот поет Ристо Лазаров учествува на Mеѓународниот поетски фестивал што до 15 мај се одржува во романскиот град Крајова, во чест на романскиот поетски великан од 19 век, Михаел Еминеску.

На фестивалот учествуваат поети од триесетина земји од целиот свет.

Покрај бројните поетски настапи, програмата предвидува и разговори на тема „Војната и поезијата“.

Секоја година фестивалот објавува антологија од творештвото на неговите учесници.
Меѓу годинешниве фестивалски лауреати е и поетот Ристо Василевски од Смедерево, надворешен член на МАНУ.

Лазаров, гостувањето го реализира без финансиска поддршка од Министерството за култура на Македонија.


„Ѕидови“ од Енес Халиловиќ на македонски јазик


Охрид, 28 април, 2016 - 14:08 (META) 

„Везилка 2011“ ја објави на македонски јазик стихозбирката на Енес Халиловиќ „Ѕидови“, во препев и со поговор на Ристо Лазаров.

Халиловиќ, за оваа книга, минатата година ја доби наградата „Меша Селимовиќ“, едно од најпрестижните книжевни признанија во соседна Србија.

Добитник е и на наградите „Бранко Миљковиќ“ и „Ѓура Јакшиќ“.

Халиловиќ е автор уште на четири поетски книги, две книги раскази и на еден роман.

Негови книги се објавени на англиски, полски, француски, македонски и на турски јазик, а делата му се преведувани уште на петнаесетина јазици.


Романот „Џимиринче“ од Милисав Савиќ на македонски јазик


Охрид, 20 април, 2016 - 9:53 (META) 

Романот „Џимиринче“ на еден од водечките современи прозаисти во Србија, Милисав Савиќ, излезе од печат во издание на „Везилка 2011“, а со превод на Ристо Лазаров.

– „Џимиринче“ е романескен приказ на времето на распаѓањето на СФРЈ и на раѓањето на мафијата во некогашната југословенска престолнина. Јунаците во романот се луѓе од периферијата, кои секавично влегуваат во светот на профитерството иако немаат абер што е тоа – туку така, наеднаш да одимаш сè што ќе посакаш – се наведува во поговорот кон романот.

Савиќ е автор на десетина романи, а во 1991 година за романот „Леб и страв“ ја доби наградата на НИН за роман на годината. Добитник е на сите позначајни книжевни награди во Србија, а преведуван е на повеќе европски јазици.


„Птици“, нова книга поезија од Ристо Лазаров


Охрид, 9 март, 2016 - 10:20 (META) 

Во издание на „Матица македонска“ излезе од печат новата, триесетта по ред, поетска книга на Ристо Лазаров, со наслов „Птици“.

На 142 страници се поместени шест циклуси, секој од седум песни на тема птици: „Орли“, „Езерки“, „Гулаби“, „Црвен кардинал“, „Рајска птица“. На крајот, издвоено, поместена е песната „Хичкок“.

Поговорот за книгата го напиша Оливера Ќорвезироска.

– Најновиот поетски ракопис на Ристо Лазаров, „Птици“, можеме да го претставиме во контекст на неговата богата и плодна поетска продукција и пројава како бележит и самосвоен творечки глас во нашата современа поезија и со тоа да го подвлечеме заклучокот дека овој поет продолжува со концептуалните збирки со стожерен мотив, т.н. целни или „(само)зададени“ збирки кои функционираат како скапоцени монети за раздолжување или раситнување на неговата повеќедецениска крупна творечка банкнота – пишува Ќорвезироска.


На македонски јазик издадена стихозбирката „Да се биде“ од Дејан Алексиќ


Охрид, 21 јануари, 2016 - 9:53 (META) 

Во издание на книгоиздателството „Везилка 2011“, излезе од печат стихозбирката „Да се биде“ од Дејан Алексиќ, еден од водечките српски поети од помладата генерација.

Алексиќ (1972) е добитник на престижните книжевни награди во Србија: „Бранкова награда“, „Бранко Миљковиќ“, „Меша Селимовиќ“ и други.

Неговата книга на македонски јазик ја препеа Ристо Лазаров, кој е и автор на поговорот.

– Средбата на читателот со оваа поетска книга на Алексиќ е и средба со една голема, силна творечка моќ, со една несекојдневна индивидуалност и дарба на кантарот на зборовите да се стави вистинската мера на чувствата – нагласува Лазаров.