!На 1 февруари 2017 година, заврши промотивниот период на слободно користење на содржините на „Мета“. Во периодот што претстои го воведуваме новиот систем за пристап и за претплата. За начинот на пристап и за претплатата ќе информираме дополнително

Дванаесет повредени на карневалот во Рио де Жанеиро


Рио де Жанеиро, 27 февруари, 2017 - 10:16 (META) 

За време на парадата на познатиот карневал во Рио де Жанеиро, една од платформите удрила во заштитната ограда, при што се повредени најмалку 12 лица, од кои најмалку едно потешко, соопшти полицијата.

Последната платформа на школата за самба „Параисо до Туиути“ се движела по улицата кога удрила во ограда што ја одвојувала трибината од тротоарот, при што се повредени гледачи, учесници на парадата и новинари.

Полицијата поведе истрага непосредно по минувањето на другите платформи низ таканаречениот „Самбадром“.

– Последната платформа тргнала наназад и од една страна ги притисна учесниците на парадата на оградата, што предизвика хаос. Управувачите со платформата направиле и дополнителен маневар и тогаш се повредени уште лица – соопшти претставник на полицијата.


Почнува карневалот во Рио де Жанеиро


Рио де Жанеиро, 24 февруари, 2017 - 20:36 (META) 

Во Рио де Жанеиро, кој не е ниту главен, ниту најголем град на Бразил, но е секако најпознатиот, денеска, како и во други места во големата јужноамериканска земја, почна карневалот.

Карневалот во Рио е можеби најпознатиот на светот, а наскоро градските власти на овој крајбрежен мегалополис ќе му ги предадат клучевите на градот на „Момо“, односно годинашниот дебел крал на карневалот, кој е водач на карневалската забава.

Карневалот во Рио ќе трае пет дена, а се очекува да го проследат огромен број гости од земјата и од странство, и покрај рецесијата и штрајковите на полицајците.

Градските власти на Рио се надеваат дека карневалот ќе привлече повеќе од милион посетители и ќе донесе околу милијарда американски долари во градската каса.