!Во периодот што претстои работиме на воведување систем за пристап и за претплата. За начинот на пристап и за претплатата ќе информираме дополнително. Содржините на „Мета“ до тогаш се слободни за преземање со задолжително цитирање и атрибуирање.

Бројот на загинатите во поплавите во Италија достигна до седум лица


Рим, 12 септември, 2017 - 10:28 (META) 

Бројот на загинатите во поплавите во централно-италијанскиот град Ливорно достигна до седум лица по откривањето на телото на уште една жртва што претходно се водеше како исчезната. Телото на 34-годишна жена е пронајдено во понеделникот попладне, во двор на куќа во градот, прекриено со кал. Таа и нејзиниот сопруг излегле да гледаат што се случува со поплавата, но биле однесени од водата. Нејзиниот сопруг беше пронајден жив во неделата.

Сега уште едно лице се смета за исчезнато. Четворица од седумте жртви биле членови на едно семејство кои се удавиле во подрумски стан.

Поплави имаше и во делови од Рим, поради што некои метро-станици беа затворени. Потоа дождовната бура се премести на југ и предизвика поплави и во градот Салерно. Поплави имаше и на Сицилија, каде покрај силниот дожд, дуваше и силен ветер.


Иванов денеска и утре во посета на Рим и на средба со папата Франциск


Рим, 25 мај, 2017 - 10:05 (META) 

Претседателот Ѓорге Иванов, денеска и утре ќе престојува во посета на Италија и на Ватикан, по повод манифестацијата „Македонија во чест на Св. Кирил“.

Денеска Иванов ќе ја посети базиликата „Свети Климент“, каде ќе биде положен венец на гробот на Св. Кирил. Иванов ќе ја посети и базиликата „Санта Марија Маџоре“, а во текот на денот ќе ја посети и базиликата „Св.Павле“, каде ќе положи цвеќе на гробот на Св. Павле. Во вечерните часови Иванов ќе присуствува на концерт на етно групата „Баклава“.

Утре Иванов заедно со министерот за надворешни работи Никола Попоски ќе има аудиенција кај Поглаварот на Римокатоличката црква, Неговата светост Папата Франциск, а ќе оствари средба и со државниот секретар на Ватикан, кардиналот Пјетро Паролин.


Македонска делегација во Рим во чест на свети Кирил


Скопје, 24 мај, 2017 - 10:37 (META) 

Државно-црковна делегација од Република Македонија денеска ќе се поклони на гробот на свети Кирил во Рим, во рамки на традиционалната манифестација „Македонија во чест на свети Кирил“. Делегацијата ќе ја предводи министерот за надворешни работи во заминување Никола Попоски, а со молебенот на гробот на светителот ќе чиноначалствуваат митрополитот дебарско-кичевски Тимотеј и митрополитот европски Пимен.

Претседателот на државата Ѓорге Иванов во Рим ќе престојува во петок и ќе ја предводи државно-црковната делегација на аудиенцијата кај папата Франциск. Иванов заедно со Попоски во петок во Апостолската палата ќе има средба и со државниот секретар на Светата столица, кардиналот Пиетро Паролин.

Традиционалната манифестација „Македонија во чест на Св. Кирил“ на 25 мај годинава ќе биде збогатена со настап на музичката група Баклава, која во Рим ќе ја претстави македонската изворна музичка традиција.

Користејќи го говорот на македонските Словени од околината на неговиот роден Солун, кој го знаел од детството, Константин ја составил првата словенска азбука – глаголица со 38 букви. Говорот на македонските Словени го издигнал на ниво на прв книжевен јазик.

Во 11 век Црквата го прогласила 24 мај (11 мај по стар стил) за ден на светите просветители Кирил и Методиј. Денот во Македонија првпат бил одбележан на 11 мај 1860 година во црквата Св. Богородица во Скопје.


Попоски утре на манифестацијата „Македонија за св.Кирил“


Рим, 23 мај, 2017 - 13:47 (META) 

Министерот за надворешни работи во заминување, Никола Попоски утре ќе ја предводи државно црковната делегација на гробот на Свети Кирил во базиликата „Сан Клементе“ во Рим со кој ќе чиноначалствуваат митрополитот дебарско – кичевски Тимотеј и митрополитот европски Пимен, при што ќе положи цвеќе на гробот на светителот.

Попоски заедно со претседателот Ѓорге Иванов на 26 мај, како дел од државно – црковната делегација, ќе присуствуваат на аудиенцијата кај Папата Франциск, а веднаш потоа ќе имаат средба со Државниот секретар на Светата Столица, кардиналот Пиетро Паролин, во Апостолската Палата.

Традиционалната манифестација „Македонија во чест на Св. Кирил“ на 25 мај годинава ќе биде збогатена со настап на музичката група „Баклава“, која во Рим ќе ја претстави македонската изворна музичка традиција.

Попоски утре ќе присуствува и на неформалниот состанок на министрите за надворешни работи од земјите од Западен Балкан на покана од италијанскиот министер за надворешни работи, Анџелино Алфано.


Експлозија во центарот на Рим


Рим, 12 мај, 2017 - 12:04 (META) 

Во центарот на Рим дојде до експлозија при која оштетен е еден автомобил, јавуваат светските агенции. Претставници на полицијата информираат дека нема повредени лица.

До експлозијата дошло пред поштата, додека локалните медиуми наведуваат дека станува збор за писмо бомба.

Во близина на местото на кое се случила експлозијата се наоѓа и претставништвото на Обединетите нации.

Полицијата ги затворила околните улици и влезните места кои водат до местото на експлозијата, по што на местото пристигнале пожарникари и специјалните полициски единици.

Според зборовите на сведоците, експлозијата била многу силна.


Усвоена Римската декларација за иднината на ЕУ


Рим, 25 март, 2017 - 16:23 (META) 

Шефовите на државите и на владите на земјите членки на Европската Унија во Рим ја усвоија Декларацијата за иднината на Унијата во која се нагласува дека ЕУ ќе остане неподелена.

Освен тоа, во Декларацијата се вели дека ЕУ ќе напредува со различни брзини и сили во ист правец и дека ќе биде отворена за оние европски земји што ги почитуваат и вложуваат напори да ги уважат европските вредности.

Римската декларација е усвоена на 60-годишнината од потпишување на договорот за основање на Унијата во Рим. Новиот документ дава политички и програмски насоки за утврдување на идните неопходни промени.

Во Декларацијата се укажува дека ЕУ е соочена со невидени предизвици како на светската така и на домашната сцена, дека постојат регионални конфликти, тероризам, миграционен притисок, протекционизам и социјална и економска нееднаквост.

„Унијата ќе ја направиме посилна и отпорна низ уште поголемо единство и солидарност помеѓу нас и со почитување на заедничките права“, се вели во Декларацијата.

Лидерите на државите нагласија дека во следната деценија сакаат Унија која ќе биде безбедна, напредна, конкурентна, одржлива и социјално одговорна со волја и со способност да одигра клучна улога во светот и да се соочи со глобализацијата.


„Виз ер“ воведува три нови линии до Рим, Малта и до Ваксјо


Скопје, 28 февруари, 2017 - 14:51 (META) 

Три нови авиолинии од Скопје до Малта, Рим и до Ваксјо (Шведска) ќе воведат „Виз ер“ и „ТАВ Македонија“, информираа од компанијата. Летовите ќе почнат да се реализираат на 14 и на 16 јули годинава, кога ќе се базира и четвртиот авион на оваа компанија.

– Нашата инвестиција во базата во Скопје со дополнителниот воздухоплов, трите нови линии и зголемените фреквенции на постојните летови, значи повеќе работни места во Македонија и во „Виз ер“. Ја прославуваме успешната приказна на „Виз ер“ во Македонија со специјална продажба на авионски билети со 20 проценти попуст на цената за сите нови резервации направени денеска, 28 февруари, до која било од 27 дестинации достапни од Скопје – изјави главниот директор за корпоративни прашања на „Виз ер“, Овен Џонс.

Продажбата на билетите за овие три нови линии почнува денеска, на wizzair.com, со цени кои почнуваат од 1.799 денари.

Покрај воведувањето на новите линии, летовите од Скопје до Ајндховен, Брисел-Шарлероа, Меминген (Минхен Запад) и Копенхаген ќе бидат со зголемени фреквенции до три летови неделно.

Конекциите од Скопје до Гетеборг Ландветер, Братислава и од Охрид до Базел-Милхаус-Фрајбург ќе бидат со зголемени фреквенции до четири летови неделно. Летови од Скопје до Малме и до Милхаус сега ќе сообраќаат секој ден.

„Овие три нови рути, заедно со веќе најавената нова линија на „Виз ер“ до Будимпешта, која ќе почне од 2 април, се навистина атрактивни дестинации, барани од пазарот и ќе бидат вистински погодок во контекст на проширувањето на нашата мрежа на авиолинии од двата македонски аеродроми. Ова е резултат на нашите постојани маркетинг-студии и активности“, изјави генералниот директор на ТАВ Македонија, Алпер Ерсој.

На аеродромот „Александар Велики“ денеска беше пречекан тримилионитиот патник.


Жртви и голема материјална штета од невремето во Рим


Скопје, 7 ноември, 2016 - 9:45 (META) 

Човечки жртви и голема материјална штета се последиците од силниот ветер проследен со бура и торнадо кои синоќа го погодија Рим.

Во местото Ладисполи, на 30 километри од Рим, едно лице загинало кога врз него се урнал дел од зграда, а десетина се повредени.

Има голем број паднати дрва и уништени продавници, но најголемите штети се на железничката станица, каде се урнала платформата. Во самиот центар на ова место се урнала и цела зграда од осум ката. Весникот „Мезаџеро“ пишува дека голем број од жителите се евакуирани.

Во населбата Чезано на северот на Рим загинал пензионер врз чиј автомобил паднало дрво. Медиумите јавуваат за големи штети, бидејќи од невремето голем број објекти останале без покриви и настрешници, додека некаде невремето уривало и ѕидови.

Во Рим едно од најмаркантните обележја на градот, Колосеумот, е под вода.


Папата Франциск ја прогласи Мајка Тереза за светица


Ватикан, 4 септември, 2016 - 11:45 (META) 

Папата Франциск пред стотици илјади граѓани на плоштадот Свети Петар во Ватикан ја прогласи Мајка Тереза за светица.

Во тек е процесијата околу канонизацијата на светицата Мајка Тереза, а папата Франциск пред граѓаните читаше од „Светата книга на мудроста“.

На прогласувањето во Ватикан присуствува делегација на Македонија во која се претседателот Ѓорге Иванов, министерот за надворешни работи Никола Попоски, министерката за култура Елизабета Канчевска-Милеска, лидерите на ВМРО-ДПМНЕ и на СДСМ, Никола Груевски и Зоран Заев.

По повод прогласувањето на Мајка Тереза за света, во Скопје се одржува манифестација „Денови на Мајка Тереза“, која почнува денеска со света литургија во Спомен-домот на Мајка Тереза, а ќе заврши на 11 септември со прогласувањето на домот на Мајка Тереза за светилиште.

Лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Груевски, на својот профил на „Фејсбук“ напиша дека повел иницијатива да се воспостави меѓународен орден за заслуги „Мајка Тереза“, кој би се давал на истакнати жени од светот со особени и вонредни достигнувања во различни области.

„Замислата е орденот за заслуга да се воспостави со точен ред и прецизни критериуми со единствен домашен и меѓународен одбор во кој задолжително би учествувал секој министер за надворешни работи од Македонија, но во одборот би биле, покрај него, и други личности од Македонија, а би имало и истакнати високоавторитетни личности од различни држави и области во светот. Би се воспоставил прецизен ред по принципот како тоа што е направено во земји со долга традиција од ваков вид, на пример, Франција или Англија. Самиот чин на врачување на орденот за заслуга би бил афирмација на делото и на животот на Мајка Тереза, но и афирмација на Македонија. Се разбира, би било и огромна чест за оној кој ќе ја прими и кој ја заслужил таа награда“, напиша Груевски на „Фејсбук“.


Македонија го празнува Денот на сесловенските просветители Свети Кирил и Методиј


Скопје, 24 мај, 2016 - 9:53 (META) 

Македонија денеска го одбележува Денот на сесловенските просветители Свети Кирил и Методиј. По тој повод, делегации на Владата и на Собранието ќе положат цвеќе пред споменикот на словенските просветители кај Камениот мост во Скопје.

Македонската академија на науките и уметностите (МАНУ), во чест на просветителите ќе се одржи свечен собир кој го организира заедно со Бугарската академија на науките (БАН). Во рамките на собирот ќе бидат промовирани три заеднички изданија на двете академии, а ќе биде отворена и изложбата „Графичка мапа на глаголицата“. Свое обраќање на собирот ќе имаат претседателите на МАНУ и БАН, академик Таки Фити и академик Стефан Воденичаров, а говори ќе одржат академик Блаже Ристовски и академик Дамјан Дамјанов.

Истовремено, во рамки на манифестацијата „Македонија во чест на Свети Кирил“, македонската делегација предводена од претседателот на Собранието, Трајко Вељаноски денеска во Рим ќе одржи молебен на гробот во базиликата „Сан Клементе“. Со молебенот ќе чиноначалствува митрополитот Тимотеј.

Манифестацијата „Македонија во чест на Свети Кирил“ се одржува по 48 пат во Рим. Првото поклонение на гробот е организирано во 1969 година, а оттогаш секоја година се одбележува со највисоки почести од црковно-државна делегација.