!Во периодот што претстои работиме на воведување систем за пристап и за претплата. За начинот на пристап и за претплатата ќе информираме дополнително. Содржините на „Мета“ до тогаш се слободни за преземање со задолжително цитирање и атрибуирање.

Почина славниот актер Љубиша Самарџиќ


Белград, 9 септември, 2017 - 15:28 (META) 

Љубиша Самарџиќ, еден од најславните актери во Србија, но и во поранешна СФРЈ, починал во Белград во 81. година од животот, објавија утрово српските медиуми.

Тој починал по едномесечно лечење од леукемија на одделот за хематологија во клиничкиот центар во Србија. Љубиша Самарџиќ во декември минатата година имаше тешка операција на тумор на мозокот.

Неговото последно појавување во јавноста беше на 30 март годинава во Домот на младите во Белград, на отворањето на 64. Мартовски фестивал на документарниот и краткометражниот филм.

Тој беше ѕвезда на голем број филмови во СФРЈ, а потоа и во Србија, а во последните децении на кариератата работеше и како режисер.

Љубиша Самарџиќ беше оженет со Мирјана Самарџиќ, со која беа во брак повеќе од 50 години. Роден е на 19 ноември 1936 година во Скопје, во рударско семејство.


СДСМ: Глумецот Талески влезе во режисерска фаза


Битола, 14 ноември, 2016 - 13:25 (META) 

Градоначалникот на Битола, од глумец влезе во режисерска фаза со плановите за Битола, рече советникот на СДСМ, Златко Ќурчиевски, откако на дневен ред на Советот на Општина Битола се најдоа развојните планови за наредните три години. Тој вели дека Талески од изградбата на инфраструктура во станбениот комплекс „Касарна“ направил драма, од ветениот стадион – научна фантастика, а од кружните текови – класична бајка или фикција.

– Талески е глумец или режисер. Сега гледам дека влегол во режисерска фаза и сите планови за Битола ги поделил по жанрови. Со тоа што не ја изгради инфраструктурата во касарната, испреплете стотици судбини на луѓето кои таму ги купија становите, а не можат да земат имотни листови. Но, оваа драма влезе во мелодрамска фаза затоа што и СЈО и Јавното обвинителство и органите на прогонот се заитересираа за случајот – рече Ќурчиевски.

Советникот на ВМРО-ДПМНЕ, Ихор Хаџиевски, рече дека локалната власт ги реализира ветените планови за Битола, а дека битолчани со сигурност ќе ја добијат новата северна трибина на стадионот и дека ќе уживаат во новите асфалтирани улици.


Почина Дарко Марковиќ, легендарниот карикатурист и автор на „Пецко“


Скопје, 10 јуни, 2016 - 9:55 (META) 

По долго и тешко боледување, синоќа почина Дарко Марковиќ, познатиот карикатурист, сатиричар и филмски режисер. Марковиќ, кај пошироката публика ќе остане запаметен како автор на стриповите со популарниот јунак „Пецко“, потпишани со псевдонимот кој е кратенка од првите три букви од неговото име и презиме „Дар – Мар“.

Марковиќ е роден во Скопје во 1940 година. Како сценарист и сценограф, аниматор, стрип-цртач, илустратор и дизајнер, зад себе остави богато и уникатно творештво. Во 1966 година дипломира архитектура, а во 1972 година специјализира анимиран филм во Загреб, под менторство на оскаровецот Душан Вукотиќ.

Професионалната кариера како карикатурист ја почна во 1960 година, работејќи за повеќе весници и списанија во Македонија и во поранешна Југославија. Од 1966 до 1975 година работи како главен уредник на хумористично-сатиричното списание „Остен“ и како директор на Светската галерија на карикатури во Скопје.

Со филм активно се занимава од 1975 година, кога се вработува во „Вардар филм“, отворајќи го студиото за анимиран филм. Од 1978 година работи како слободен уметник, а во 1983 година е назначен за професор на Факултетот за уметност во Скопје по предметот анимиран филм. Во истиот период работи како главен уредник на културно-уметничката програма во Телевизија „Скопје“.

Од 1988 до 1995 година живее и работи во Лондон, по што се враќа во Македонија.

За своите карикатури и анимирани филмови, има добиено повеќе од 30 награди и признанија.

Негови познати анимации се „Граница“ (1976), „Стоп“ (1976), „Три минути на светот на Мирослав Бартак“ (1976), „Бело топче“ (1977), „Циркус“ (1979) и други.

Времето на положувањето на посмртните останки на Дарко Марковиќ ќе биде дополнително соопштено.


Милчо Манчевски почна со снимањето на петтиот филм, „Бикини“


Њујорк, 27 април, 2016 - 11:24 (META) 

Режисерот Милчо Манчевски во Њујорк почна со снимањето на петтиот по ред долгометражен филм со наслов „Бикини“, соопштуваат од продуцентската куќа „С-прес“.

Филмот, кој е по сценарио и во режија на Манчевски, влегол во последните фази на претпродукција и снимени се почетните материјали, а првата клапа, според планираното, треба да падне на 9 мај.

„Новиот филм е за Бикини, харизматична, темпераментна и неспокојна поранешна жена-маринец, која се враќа од Ирак и ненамерно станува центар на документарен филм, додека се обидува одново да се интегрира во општеството и да си го поврати старателството врз малата ќерка“, велат од „С-прес“.

Во главната улога настапува Кондола Рашад, позната од новата ТВ-серија во САД „Милијарди“ и од бродвејската верзија на Шекспировата „Ромео и Јулија“ со Орландо Блум. Другите главни улоги Манчевски им ги доделил на актерите во подем Сара Голдберг, Вил Џеновиц и Сатја Сридхаран.

„’Бикини’, како и моите досегашни филмови, зборува за природата на вистината, лагата и на илузијата. Филмот ќе го има мирисот на Њујорк, се снима на повеќе локации во градот, кој ми е втор дом и многу го сакам. Имаме извонредно талентирана екипа, и актерска и филмска. На овој филм се изборив за апсолутна креативна слобода, без мешање од финансиери, продуценти или политичари, со целосна доверба и со хармонична соработка. Ова е еден од ретките американски филмови каде што авторот има право на „фајнал кат“ (право на финална верзија)“, вели Манчевски.

Манчевски досега сними четири филма во Македонија како европски копродукции, финансирани од владите на Велика Британија, Франција, Германија, Италија, Шпанија, Бугарија и од „Еуримаж“, во кои земјава учестуваше со една петтина од целокупниот буџет.

Неговите македонски филмови „Пред дождот“, „Прашина“, „Сенки“ и „Мајки“ ја презентираа македонската култура на сите шест континенти, со комерцијална дистрибуција во повеќе од 50 земји, проекции на повеќе од 200 фестивали и со повеќе од 40 меѓународни награди, меѓу кои и „Златен лав“ во Венеција и номинација за „Оскар“.

Манчевски предава филмска режија на постдипломските студии во Њујорк.


Познатиот режисер Томаж Пандур почина на проба на сцената во МНТ


Скопје, 12 април, 2016 - 14:25 (META) 

Познатиот словенечки режисер Томаж Пандур (52) денеска почина ненадејно за време на проба во Македонскиот народен театар.

Тој на сцената на МНТ од вчера ги почна пробите за претставата „Крал Лир“ од Шекспир.

Пандур, кој од Марибор се пресели во Мадрид, е признат европски режисер, а негови најпознати претстави се „Шехерезада“, „Тесла електрик компани“, „Хазарски речник“, „Хамлет“, „Медеја“.


Ретроспективата на Манчевски во Бразил


Бразилија, 4 септември, 2015 - 10:48 (META) 

Во Бразил почна ретроспективата на најтрофејниот македонски режисер Милчо Манчевски. Неговите филмови „Пред дождот“, „Прашина“, „Сенки“ и „Мајки“ ќе бидат прикажани како дел од едукативната и културна кино-дебата за човекови права (Human Rights Cinedebate) на бразилскиот Федерален универзитет на Рио Гранде до Сул.

Ретроспективата почна со проекцијата на „Пред дождот“ на 26 август, а следуваат на 23 септемрви „Прашина“, на 21 октомври „Сенки“ и на 25 ноември „Мајки“.

Федералниот универзитет на Рио Гранде до Сул е еден од најголемите федерални универзитети во Бразил, лоциран во Порто Алегре, а со единици во многу други градови. Универзитетот се вбројува меѓу најдобрите во Бразил, со најголема бројка на научни публикации и е признат во целиот свет.

Филмовите на Манчевски се особено популарни во Бразил. По победата во Сао Паоло на најголемиот бразилски и јужноамерикански фестивал, „Пред дождот“ беше и кино-филм на годината во Бразил и предмет на бројни академски трудови. И „Прашина“, „Сенки“ и „Мајки“ беа прикажани во Сао Паоло, а имаа и многу успешна кино и ТВ-дистрибуција во Бразил. До денес тие се дел од наставата на бразилските филмски школи и универзитетски програми и се прикажуваат во разни кинотечни и други програми.

Филмовите на Манчевски се предаваат на стотици универзитети во светот, а во Италија „Пред дождот“ е дел од задолжителната наставна програма во средните училишта. Неговите филмови се обработуваат во бројни есеи, книги и филмски енциклопедии, прикажани се на повеќе од 200 фестивали, во повеќе од 50 држави на сите континенти во редовна кино-дистрибуција и на ТВ-програмата.

„Пред дождот“, кој е најтрофеен македонски филм, е вброен во 1.000 најдобри филмови во историјата од страна на „Њујорк тајмс“ и има освоено повеќе од 30 меѓународни награди, меѓу кои и „Златен лав“, номинација за „Оскар“, ФИПРЕСЦИ, „Давид ди Донатело“, „Сребрен кондор“, награда на УНЕСКО… Во САД, реномираната „Крајтерион колекција“ го издаде видеозаписот од филмот во едиција со Бергман, Антониони, Тарковски, Бресон…


Почина режисерот Вес Крејвен, творецот на култниот „Кошмар во улицата на брестовите“


Лос Анџелес, 31 август, 2015 - 10:25 (META) 

Американскиот режисер на хорор-филмови, Вес Крејвен, творец на култниот серијал „Кошмар во улицата на брестовите“, вчера починал во својот дом во Лос Анџелес, на возраст од 76 години, јавуваат медиумите во САД.

Според медиумските извештаи, Крејвен починал од тумор на мозокот.

Тој го напиша и го режираше култниот „Кoшмар во улицата на брестовите“ во 1984 година, а неговиот серијал „Вресок“ достигна заработка од 100 милиони американски долари само во САД.

Крејвен во светот на филмот дебитираше во 1972 година, со неговиот прв филм „Последната куќа од лево“.

Тој, со промоцијата на првиот филм со легендарниот лик на Фреди Кругер, во 1984 година, во кој се појавува и дотогаш непозниот Џони Деп, се смета за возобновувач на тинејџерскиот хорор-филм, како посебен жанр.


Александар Поповски, кандидат за директор на Загрепскиот театар за млади


Загреб, 7 ноември, 2014 - 14:17 (META) 

Македонскиот режисер Александар Поповски конкурирал за директор на Загрепскиот театар за млади, пишуваат хрватските медиуми. Според нив, на почетокот на ноември истекол и рокот за пријавување на кандидати, а на конкурот се пријавиле пет кандидати, од кои четворицата Хрвати. Медиумите шпекулираа дека фаворит на градските власти била кореографката и танчерка Снежана Абрамовиќ, па заради неа бил променет и статутот на театарот за млади.

„Јутарни лист“ пишува дека Александар Поповски е интересен македонски режисер со меѓународна кариера.

„Тој многупати има режирано во Хрватска, во Гавели и во Керемпух. Колку што е познато, тој нема хрватско државјанство, па од него може да се бара и повеќе. На пример, иако одлично зборува хрватски јазик, тој нема потврда за степенот на познавање“, пишува весникот.

Следната недела треба да бидат разгледани апликациите на сите кандидати, по што ќе следува одлука кој ќе биде нов директор на театарот за млади во Загреб.