!На 1 февруари 2017 година, заврши промотивниот период на слободно користење на содржините на „Мета“. Во периодот што претстои го воведуваме новиот систем за пристап и за претплата. За начинот на пристап и за претплатата ќе информираме дополнително

СДСМ: Пред 11 години долгот изнесуваше 1,8, а денес повеќе од 5 милијарди евра


Скопје, 19 мај, 2017 - 17:07 (META) 

„Следува период во кој новата влада ќе ги преиспита сите задолжувања што ги направи досегашната власт изминативе години на крајно нетранспарентен начин,“ велат од СДСМ.

Од партијата најавуваат дека ќе биде спроведена и темелна ревизија на сите нетранспарентни трошења на пари на граѓаните од буџетот на државата.

„Никола Груевски и неговите соработници заминуваат од власт оставајќи јавен долг во висина од речиси пет милијарди евра. Пред 11 години, во 2006 година јавниот долг изнесуваше 1,8 милијарди евра. На девизната депозитна сметка Груевски затекна над 250 милиони евра. За сите злоупотреби на пари на граѓаните ќе следува одговорност. Новата и одговорна влада ќе ја подигне економијата и транспарентно и отчетно ќе раководи со јавните финансии“, стои во соопштението на СДСМ.


Долгот на „Агрокор“ изнесува 5,4 милијарди евра


Загреб, 11 мај, 2017 - 17:42 (META) 

Хрватската компанија „Агрокор“ денеска испратила соопштение во кое се наведува дека актуелниот долг на фирмата, заклучно со 31 март 2017 година, изнесува околу 5,4 милијарди евра, пренесува балканскиот сервис на „Радио Слободна Европа“.

Наведената сума на долгови, по доспеани камати, други позајмици, одложено плаќање на даночни обврски и друго, како што било посочено, не ги прикажува долговите на целата групација, туку само тие на најголемите 19 друштва во рамките на „Агрокор“.

Во оваа сума не е прикажан ниту заемот од 80 милиони евра што компанијата го подигна на 13 април оваа година.

Од фирмата навеле дека и понатаму ги проверуваат потенцијалните неправилности во финансиските извештаи и според тоа, можна е ревизија и на овие податоци.

Инаку, на почетокот на април хрватското собрание донесе посебен закон за спасување на „Агрокор“.


СДСМ: Ќе има одговорност за палмите од 500.000 евра што завршија на депонија


Скопје, 25 април, 2017 - 16:16 (META) 

Ќе има ревизија и одговорност за набавките на скапите палми од 500.000 евра што завршија во депонија, порачаа денеска од СДСМ.

„Исушените палми од 500.000 евра што се најдоа на депонија, се класичен доказ дека Никола Груевски и ВМРО-ДПМНЕ во сè, па и во палмите, гледаат тендери за лично збогатување, и тоа во услови кога ја предизвикаа најголемата сиромаштија кај повеќе од 500.000 граѓани во Македонија“, стои во соопштението на СДСМ.

Оттаму додаваат дека и покрај противењето на целата јавност на идејата да се садат палми, кои сега овенати завршија на депонија, „за Груевски и за градоначалникот на Скопје, Коце Трајановски, најважно беше како да се дограбат до пари од граѓаните“.

Како што пренесуваат денеска медиумите, околу 140 палми кои беа засадени во Скопје, ќе завршат на депонија, бидејќи се исушиле поради големиот студ зимава, а на нивно место ќе бидат засадени јавори.

Од Градот Скопје претходно денеска реагираа дека палмите во Скопје, засадани во 2015 година, не биле проект на Градот, туку дел од проектот кој го реализира Јавното претпирјатие „Македонски шуми“.


Вучиќ: Зад барањето за ревизија на пресудата за Сребреница не стои добра намера


Белград, 20 февруари, 2017 - 15:52 (META) 

Премиерот на Србија, Александар Вучиќ, денеска изјави дека зад неодамнешното барање за ревизија на пресудата на Меѓународниот суд за правда во Хаг по тужбата на Босна и Херцеговина против Србија за геноцид, „не стои добра намера“ и најави дека најдоцна до среда за тоа ќе разговара со претставниците на власта и на опозицијата во Република Српска.

– Очигледно е дека пред нас се турбулентни политички времиња во регионот за кои не сме ни најмалку одговорни. Важно е со сите трезвено да разговараме, треба да ја спуштиме топката – изјави Вучиќ пред новинарите во Врбас.

Тој рече дека целата ситуација ги враќа Србија и БИХ во минатото и ги оддалечува од помирување и од подобро разбирање.

Барањето за ревизија на пресудата ја најави босанскиот член на Претседателството на БИХ, Бакир Изетбеговиќ, но со тоа не се согласија српскиот и хрватскиот член на претседателството.

Меѓународниот суд на правдата на 26 февруари 2007 година пресуди дека Србија не може да биде сметана за одговорна за геноцидот во Сребреница од страна на Република Српска, но дека ја прекршила Конвенцијата за геноцид со тоа што не направила сè што било во нејзина моќ да го спречи геноцидот, а потоа не казнила ниту предала ниту еден злосторник на Хашкиот трибунал.

Рокот за поднесување барање за ревизија е 10 години.


Не бараме 63 пратеници, туку поддршка за реформска влада, порача Заев од Битола


Битола, 3 декември, 2016 - 22:22 (META) 

Не барам 63 пратеници, туку подобар живот за 1,5 милиони граѓани во Македонија и за сите што си заминаа од државата, истакна лидерот на СДСМ и носител на листа во четвртата изборна едница, Зоран Заев, на вечерашниот митинг на партијата и на Коалицијата за живот во Македонија во Битола.

Тој истакна дека по проектот „Скопје 2014“, „најголемиот криминал што го направила власта на Никола Груевски е во РЕК Битола“.

„Македонија стана модерно робовладетелско општество… По „Скопје 2014“ најголемиот криминал што власта го направи е во РЕК Битола. Затоа ви давам збор дека ќе ги вратиме сите украдени пари и ова ќе заврши… Давам збор дека режимот ќе падне, но тоа не е доволно бидејќи вие очекувате чесни политичари, со одговорност. Знам дека ќе победиме на 11 декември, но ми треба поддршка од вас за реформска влада за да носиме решителни одлуки. Да оставиме печат и да покажеме дека Македонија може да биде земја за почит – рече Заев.

Кандидатот за пратеник во петтата изборна едница, Александар Кирацовски, најави ревизија не само на тендерите во РЕК Битола, туку и на приватизацијата на „Стопанска банка АД Битола“ и на земјоделскиот комбинат „Пелагонија“.

– Кажете им „не“ на Груевски, на Сашо Мијалков и на Владимир Талески. Ќе ги вратиме сите пари што ги украдоа од Битола и од државата – рече Кирацовски.

Заменик-претседателката на СДСМ и ностител на листа во петтата изборна единица, Радмила Шекеринска, истакна дека Груевски самиот си признал дека најмногу се плаши од истрагите на Специјалното јавно обвинителство (СЈО).

– Груевски си призна што најмногу го боли и зошто лаже низ целата кампања. Призна дека се плаши од истрагите на СЈО. Ако тој се прашува, СЈО од утре ќе престане да работи. Бараат власт за да избегаат од затворски казни. Гласот за Груевски е глас за амнестија на најкорумпираните политичари, градоначалници и криминалци – истакна Шекеринска.


СДСМ најавува целосна ревизија на акцијата „Ден на дрвото“


Скопје, 30 ноември, 2016 - 15:44 (META) 

Социјалдемократскиот сојуз на Македонија денеска соопшти дека ако дојде на власт, по изборите на 11 декември ќе спроведе целосна ревизија на спроведувањето на акцијата „Ден на дрвото“.

„Како што предвидовме во нашиот „План за живот во Македонија“, ќе направиме комплетна ревизија на спроведување на акцијата „Ден на дрвото“ од стручен и финансиски аспект. Ќе утврдиме на кои површини се спроведуваше акцијата, колку средства се потрошени и колкав е ефектот од пошумувањето“, изјави денеска претседателот на комисијата за животна средина и просторно планирање на СДСМ, Пеце Мирчевски.

Мирчевски истакна дека актуелната власт потрошила милионски суми за проектот „Ден на дрвото“, кој не дал резултати.

„Според „Македонски шуми“, досега биле платени повеќе од 64 милиони садници кои чинеле повеќе од 10 милиони евра, а на терен нема никакви резултати. И покрај целата акција, и покрај потрошените пари, Скопје, Тетово, Битола и Кичево сè уште се едни од најзагадените градови во Европа. Единствената придобивка од оваа акција е што Никола Груевски може да се слика со лопата в рака додека безмилосно ги троши парите на граѓаните“, рече Мирчевски.


СДСМ: Најновиот ревизорски извештај за Град Скопје покажува бројни злоупотреби


Скопје, 3 јуни, 2016 - 14:52 (META) 

„Пералницата за пари, преку спомениците вредни повеќе од 630 милиони евра, не запира со голтање на народните пари. Најновиот ревизорски извештај за работата на Град Скопје за 2015 година, упатува на бројни злоупотреби“, обвини Александар Наумовски, претседател на градскиот одбор на СДСМ.

„Надлежните институции молчат, го кријат криминалот. Јасно е дека во Македонија не функционираат институциите, сите се ставени во функција на партијата на власт. Поради тоа народот е на улиците, барајќи правда, борејќи се за слобода и за демократија. Јавното обвинителство не смее да чека, туку веднаш треба да побара одговорност од градоначалникот на Скопје, Коце Трајановски. Извештајот констатира пробиени рокови, неуплатени гарантни суми на изведувачите, безброј анекс-договори, омилени за ВМРО-ДПМНЕ, со кои се зголемува основната вредност на објектите и се перат пари, склучени договори со еден изведувач, потоа раскинат договор и избран на половина работа друг изведувач, нови фантомски договори за непредвидени работи во висина од милион евра“, вели Наумовски.

Тој додава дека ова е уште еден доказ дека неуставната аболиција на претседателот Иванов е по нарачка на Никола Груевски и дека мора да биде целосно повлечена.

 


Шилегов: Нова потврда дека Груевски стои зад ревизијата на Охридскиот договор


Скопје, 26 ноември, 2015 - 14:32 (META) 

„Еве, нова потврда дека Никола Груевски стои зад ревизија на Охридскиот рамковен договор. Ова е документ од Владата, анализа на Рамковниот договор“, обвини Петре Шилегов на прес-конференција пред Владата.

Konferencija za Ramkovniot dogovor

– Според овој документ, генералниот секретар на Владата побара тоа да биде тема на работните групи на политичките партии. Која е целта на Груевски со овие документи за Рамковниот договор? Што ветил Груевски и кому? Јавноста веќе дозна дека Груевски стои зад Конференцијата за анализа на Рамковниот договор – изјави Шилегов.

Тој вели дека Груевски е должен да излезе и на граѓаните да им објасни што прави зад нивниот грб.

 


Мехмети: На Рамковниот договор му треба ревизија


Сараево, 4 септември, 2015 - 11:16 (META) 

Потпретседателката на ДУИ, Ермира Мехмети, е првиот претставник на оваа партија што побара ревизија на рамковниот договор, пишува „Лајм“. Таа го кажа ова на денешната јавна расправа по повод 20-годишнината од склучувањето на Дејтонскиот договор, која Советот на Европа ја организира во Собранието на Босна и Херцеговина.

Мехмети направила споредба на теоретскиот и на практичниот дел од Дејтонскиот и од Рамковниот договор и ги нагласила недостатоците во имплементирањето на договорите што не биле предвидени во времето кога тие биле донесени.

– Дојде време да направиме преглед на овие договори бидејќи нашите општества се сменија и ги немааат истите оние недостатоци од времето кога се донесени. Верувам дека промените треба да одат во насока на барањата и на очекувањата на граѓаните, како и во насока на унапредување на демократките стандарди и на мултиетничкиот карактер на нашите земји – изјавила Мехмети.


Германија, Италија и Франција бараат ревизија на политиката за азил на ЕУ


Рим, 3 септември, 2015 - 11:06 (META) 

Министрите за надворешни работи на Германија, Италија и на Франција, вчера потпишаа документ со кој бараат ревизија на актуелните правила на Европската унија (ЕУ) за доделување азил и за „фер распределба“ на мигрантите во земјите-членки на унијата, соопшти шефот на италијанската дипломатија, Паоло Џентилони.

Во документот, на кој освен на Џентилони, стојат и потписите на Лорен Фабиус и на Франк-Валтер Штајнмаер, министрите за надворешни работи на Франција и на Германија, се подвлекува дека актуелната мигрантска криза јасно ги „покажала границите и недостатоците“ на правилата за азил, кои мора да бидат преиспитани.

Документот, според информациите, содржи конкретни препораки за преиспитување на политиката за азил на ЕУ, инаку, воспоставена пред 25 години.

Тројцата министри, со заедничката реакција истовремено повикуваат на „силен одговор кон кризата“, која се должи на големиот наплив на мигранти во зејите од ЕУ.

Трите земји бараат документот и неговата содржина да бидат разгледани и дискутирани на состанокот на министрите за надворешни работи на ЕУ, кој утре и в сабота (4 и 5 септември) треба да се одржи во Луксембург.

Денеска унгарските власти ги отворија за мигрантите главните железнички станици во главниот град Будумпешта, по дводневната забрана, која предзвика хаос и револт кај мигрантите. Според медиумите, стотици мигранти се движат по железничките платформи, и покрај соопштението на унгарските власти дека меѓународните линии кон Западна Европа се суспендирани на неодредено време.

Во меѓувреме, напната останува и ситуацијата во францускиот град Кале, каде стотици мигранти се обидуваат да го минат каналот Ла Манш и да стигнат до Велика Британија, чија политика околу мигрантите сè пожестоко се критикува од дел од земјите на ЕУ, пред сè, од Германија.