!На 1 февруари 2017 година, заврши промотивниот период на слободно користење на содржините на „Мета“. Во периодот што претстои го воведуваме новиот систем за пристап и за претплата. За начинот на пристап и за претплатата ќе информираме дополнително

Ситуацијата со отпадот во Македонија е очајна, предупредува „Ајде Македонија“


Скопје, 22 април, 2017 - 12:10 (META) 

Македонија се наоѓа во очајна состојба во справувањето со отпадот и со можностите кои постојат доколку поинаку се постапува со него, предупредуваат од Асоцијацијата за чиста животна средина „Ајде Македонија“, а по повод 22 Април – Денот на планетата Земја.

„Ситуацијата со управувањето со отпадот во Република Македонија се карактеризира пред сè како супстандардна и неефикасна, а системот е попречен од сериозни организациски и технички недостатоци. Тоа резултира со различни дисфункционални системи на национално и на општинско ниво и со негативни ефекти врз животната средина и здравјето на луѓето“, стои во соопштението на „Ајде Македонија“.

Оттаму велат дека околу 99 отсто од комуналниот отпад во Македонија се депонира, со што се пропушта можноста за зачувување на животната средина, отворање на нови работни места, поефтини суровини за индустријата и приходи за државата во облик на даноци.

„Затоа, ние бараме имплементирање на правилата кои веќе ги имаме утврдено во нашето законодавство, а тоа се стандардите наведени во Директивата за отпад. Тие се засновани на хиерархијата во управувањето со отпадот, односно да се работи на спречување на создавањето на отпадот, а доколку ова е невозможно, отпадот да се селектира, реупотреби, рециклира, компостира или да се добие биоенергија“, велат од Асоцијацијата.

Според „Ајде Македонија“, во земјава има 54 комунални депонии и стотици нелегални или „диви“ депонии, од кои 16 се со висок ризик по животната средина, потоа 16 со среден и 19 со низок ризик. Дополнително, во Македонија има 16 стари еколошки загадени индустриски локалитети кои претставуваат сериозен ризик за луѓето што живеат во нивна близина.

Од Асоцијацијата апелираат што побргу да се најде политичка волја за решавање на овој проблем.


Заев: Од ДУИ добивме документ со решенија за Законот за јазици, работна група го разгледува


Скопје, 17 февруари, 2017 - 13:08 (META) 

Лидерот на СДСМ, Зоран Заев потврди дека доцна синоќа од ДУИ добиле документ со предлог решенија за Законот за употреба на јазиците. Тој додаде дека лично не го видел документот што содржи, но работна група составена од Оливер Спасовски, Радмила Шекеринска и Рената Дескоска го разгледуваат материјалот.

– За нас е прифатливо се што е во рамките на Уставот и потребите на граѓаните Албанци или од било која малцинска заедница. Предлогот да е уставно издржлив и уставно издржан и да ги одразува практичните потреби на граѓаните. Со вака широко доставени рамки не знаеме кога ќе донесеме одлука. Како што реков предлогот стигна доцна синоќа и го разгледуваме – изјави Заев.

Во однос на пробивањето на роковите за формирање на нова влада, Заев истакна дека верува дека треба да се изнајде брзо решение, а причина повеќе за тоа се роковите за локалните избори кои треба да ги забрзаат преговорите помеѓу политичките субјекти

– Правниците повеќе се упатени, но мислам дека од 70 до 90 дена е рокот за распишување на локални избори. Крајот на февруари или почетокот на март тие веќе треба да се распишат за да се одржат околу 7 или 14 мај. Оттука формирањето на влада е потребно што побрзо – рече Заев.

Заев ова го истакна на одбележувањето на 95 години од постоењето на Стопанска комора на Македонија на која присуствуваат голем број на бизнисмени, дипломати, поранешни премиери и политичари од Западен Балкан.

Заев истакна дека ова е одлична можност да се слушне од докажани бизнисмени и експерти во која насока треба да оди политиката во државата.


Ахмети: Треба да донесеме добро решение, наскоро ќе има конкретен резултат


Скопје, 16 февруари, 2017 - 20:36 (META) 

Треба да донесеме добро и здраво решение, а секоја брза реакција може да има фатални последици, изјави денеска лидерот на ДУИ, Али Ахмети по одбележувањето на 16-годишната од конфликтот во 2001 година.

Ахмети рече дека во партијата се прават сите анализи, но дека тие „не резултираат со некакви атомски бомби“, туку дека се работи за конкретни прашања кои се однесуваат на интересите на Албанците и нивниот правен и политички статус.

– Мислам дека секоја брза реакција може да има фатални последици. ДУИ никогаш не била субјект кој ги предизвикувал проблемите, туку напротив секогаш ги решавала. Мислам дека наскоро ќе има резултат и конкретен одговор. Треба да донесеме добра и здрава одлука – рече Ахмети.

Портпаролот на СДСМ, Петре Шилегов денеска одговарајќи на новинарско прашање дали СДСМ добиле нацрт-закон за употреба на јазиците од страна на албанските партии рече дека „во оваа фаза зборуваме за мандат за состав на Влада“ и дека ниту се зборува за содржина, ниту за формата и видот на Владата. Тој рече дека кризата што ВМРО-ДПМНЕ сака да ја прикаже дека постои во земјава, е обид на Никола Груевски и на раководството на партијата да се спасат од нормални судења и од затворски казни.


СДСМ: Последните податоци за загадувањето се доказ за несериозноста на Владата


Скопје, 14 февруари, 2017 - 15:13 (META) 

Последните податоци според кои Скопје, Тетово и Битола се во 10-те најзагадени градови во Европа уште еднаш ја докажа несериозноста на Владата во заминување, за решавање на проблемот со загадувањето, велат од СДСМ.

„Власта во заминување која ги опустоши зеленилата во урбаните средини и на нивно место градеше згради заради остварување лични профити ја наруши циркулацијата на воздухот и ја направи Македонија опасна место за живеење. Последната мерка за бесплатен автобуски превоз која беше повлечена после само 48 часа, покажа за какви несериозни политичари станува збор. На Скопје и на Македонија и се потребни сериозни решенија за решавање на проблемот со загадувањето“, стои во соопштението на партијата.

СДСМ, се додава во соопштението, во својата програма се обврза на долгорочни мерки кои ќе го намалат загадувањето, меѓу кои најприоритетни ќе бидат гасификацијата на Скопје и други градови, субвенционирање на обновливи извори на енергија и греење за граѓаните, субвенции за поставување филтри кај големите загадувачи и зголемување на зелените површини во градовите.


УЈП присилно ќе ја наплаќа радиодифузната такса од граѓаните


Скопје, 7 септември, 2016 - 15:15 (META) 

Управата за јавни приходи (УЈП) најави дека присилно ќе ја наплаќа радиодифузна такса од граѓаните кои се најдоа на листата на должници.

Станува збор за 85.790 граѓани кои УЈП ги повикува најдоцна до 13 септември да си ги подигнат решенијата за присилна наплата.

Имињата на граѓаните кои нема да ги подигнат решенијата, ќе бидат објавени во Службен весник, по што ќе следува присилна наплата.


Тачи не верува во одржување на лидерска средба


Тетово, 13 јуни, 2016 - 11:16 (META) 

„На лидерската средба што се најавува за деновиве нема што да се понуди за излез од кризата. Таква средба би била несериозна и не верувам дека ќе се одржи“. Ова на брифинг со новинарите, го изјави лидерот на ДПА, Мендух Тачи, по синоќешната ифтарска вечера, која традицонално ДПА ја одржува во Тетово.

Решението за излез од политичката криза, според Тачи, е долгорочно. Формирање техничка влада за него е неприфатливо. ДПА смета дека треба да се формира широка коалициска влада, во која половина од министерските места што сега ги има ДУИ би требало да ѝ припаднат на ДПА. Ваквото решение за излез од кризата би значело и одржување на парламентарни избори на редовниот термин во 2018 година, вели Тачи.

Според него, широката коалициска влада треба да го организира и пописот, кој би гарантирал прочистен избирачки список. За ваквите статистички операции, потребно е време и затоа е невозможно да се одржат избори наесен или во март наредната година заедно со локалните.

Тој на брифингот со новинарите рече оти сè уште смета дека политичката криза е виртуелна.

– Политичката криза е виртуелна. Во Македонија има меѓуетничка криза. Решението за оваа криза го гледам во договорот меѓу Македонците и Албанците која е дел од платформата на ДПА. Некои нè прашуваа зошто толку време не можеме да ја имплементирате таа платформа. Затоа што ДПА сака оваа платоформа да ја имплементира по демократски пат во рамки на институциите – изјави Тачи.

Доколку не се седне, како што рече Тачи, сериозно да се разговара за реалните проблеми, можно е ДПА да излезе од секакви преговори за решавање на политичката криза.


Тачи по средбата со Хајндл: Обидите да се оживее Договорот од Пржино може да завршат неуспешно


Скопје, 8 јуни, 2016 - 11:07 (META) 

Лидерот на Демократската партија на Албанците (ДПА), Мендух Тачи, не е преголем оптимист дека обидите на меѓународната заедница и на специјалниот пареник на германскиот министер за надворешни работи, Јоханес Хајндл, ќе завршат успешно и додава дека „враќањето на старата власт е најголемиот проблем што сега го имаме“.

– Не сакам да излезам политичар кој нема надеж за понатаму. Инсистирањето на меѓународната заедница на емисарот од министерстото за надворешни работи на Германија да го оживее Договорот од Пржино можеби ќе биде неуспешно – изјави Тачи по разговорите со Хајндл, во германската амбасада.

Запрашан зошто е песимист, лидерот на ДПА рече дека по една година преговарање, бесмислено е да се вратат истите луѓе на власт.

На прашањето дали е можна нова лидерска средба, Тачи изјави дека не очекува такво нешто да се случи во моментов, додавајќи дека за него е неприфатлив селективниот пристап за одредени точки од Договорот од Пржино.

– Ние сакаме да се разговара за сите проблеми што се создадени и да се договориме за сите тие проблеми, а не селективно за еден проблем. Ако имате во Договорот од Пржино 10-15 точки, а некој инсистира да се договорите за осмата точка, тоа не е принципиелно. Политичкиот договор треба да биде целосен и тој политички договор треба да резултира со вистински излез од кризата. Ние немаме само проблем со изборите, имаме и други проблеми – изјави Тачи.


Заев – Хајндл: Потребна е влада што ќе спроведе брзи и регуларни избори


Скопје, 7 јуни, 2016 - 18:19 (META) 

Начините за излез од политичката криза биле тема на разговор на денешната средба на лидерот на СДСМ, Зоран Заев, и на специјалниот пратеник на сојузниот германски министер за надворешни работи, Франк Валтер Штајнмаер, амбасадорот Јоханес Хајндл.

На средбата било истакнато дека постои согласност дека решението на политичката криза е во реализацијата на обврските од Договорот од Пржино од страна на потписниците и дека врвен приоритет за Македонија е организација и спроведување на фер и регуларни избори.

„За таа цел неопходно е да се организира влада за исполнување на условите за избори и нивно спроведување и да се дефинираат прецизни рокови за клучните услови за фер и регуларни избори, а тоа се, пред сè, прочистување на избирачкиот список и обезбедување објективно известување од медиумите. Македонија има потреба од брзи и регуларни избори“, рекол Заев на средбата, стои во соопштението од партијата.

На средбата, Заев и Хајндл заеднички констатирале дека „целосното повлекување на незаконската аболиција беше неопходност и отвора пат за функционирање на правната држава, но дека се потребни и соодветни реформи што ќе го обезбедат непреченото спроведување на правдата“.


Тачи – Даниелсон: Единствен излез од кризата е вистински политички дијалог


Скопје, 27 мај, 2016 - 13:22 (META) 

Причинителите на кризата ВМРО-ДПМНЕ и ДУИ продолжуваат со еднострани и неодговорни одлуки за прашања кои беа дел до преговорите и за кои требаше да се постигне консензус меѓу најголемите политички партии, со посредство на претставниците на САД и ЕУ, истакнал претседателот на ДПА, Мендух Тачи на денешната средба со директорот на Директоратот за проширување на Европската комисија, Кристијан Даниелсон.

„Единствен излез од оваа ситуација е продолжение на вистински политички дијалог со посредство на меѓународниот фактор, кој бара нов пристап и силна политичка волја од сите страни. Решението на спорот за името и меѓуетничките односи, како и исполнувањето на демократските услови за организирање на веродостојни избори без оглед кога тие ќе се одржат, и понатаму остануваат клучни и неопходни прашања за Демократската партија на Албанците“, оценил Тачи на средбата.


Груевски со Даниелсон: Приоритет на ВМРО-ДПМНЕ е нормализирање на состојбата


Скопје, 27 мај, 2016 - 12:37 (META) 

Актуелната влада има легитимен мандат до 2018 година, но како партија ВМРО-ДПМНЕ е подготвена тие да се одржат и порано доколку опозицијата изрази подготвеност да излезе и се соочи со граѓаните, посочил претседателот на владејачката партија, Никола Груевски на денешната средба со директорот на директоратот за проширување во Европската комисија, Кристијан Даниелсон.

На средбата, на која двајцата соговорници размениле мислења за актуелната политичка состојба во земјава, Груевски истакнал дека приоритет на ВМРО-ДПМНЕ е „нормализирањето на политичката ситуација, внесување на сигурност кај граѓаните и враќање на патеките на напредокот и економскиот просперитет“

„ВМРО-ДПМНЕ ги поддржува процесите кои значат унапредување на стандардите во секоја област и притоа секое решение важно за иднидната на државата треба да биде базирано на волјата на граѓаните“, рекол Груевски, стои во соопштението на ВМРО-ДПМНЕ за средбата и додал дека во меѓувреме ќе се продолжи со работите и активностите кој ќе значат зголемување на довербата и кредибилноста на изборниот процес.

Во врска со интегративните процеси, лидерот на владејачката партија посочил дека стратешки интерес на државата претставува членството во Европската Унија и НАТО.

„Кога станува збор за европските интеграции Груевски истака дека во периодот што следи ќе има интензива агенда во поглед на исполнување на сугестиите од извештајот на Прибе и продолжување на реформите кои значат подигнување на стандардите во повеќе области како што е судството, безбедносните органи, медиумите, и антикорпцијата. Тоа е наш силен интерес, и преку еден конструктивен процес ќе бидат понудени решенија кои би значеле унапредување на критериумите и принципите на работа во посочените области“, се наведува во соопштението на ВМРО-ДПМНЕ.