Мотоциклист од Охрид загинал кога удрил во паркиран автобус


Охрид, 6 август, 2018 - 12:51 (META) 

Во сообраќајна несреќа кај охридското село Косел, вчера животот го загубил 32-годишниот охриѓанец Љ.Ј., соопшти СВР Охрид.

Несреќата се случила околу 17.15 часот на магистралниот пат Охрид – Ресен, кај Косел. Сега загинатиот охриѓанец управувајќи мотоцикл „јамаха“ удрил во задниот дел на паркиран автобус „мерцедес“ со кочански таблички и го загубил животот.

Полицијата извршила увид заедно со Јавен обвинител, а телото на починатиот со наредба од обвинителот е предадено за обдукција.


Алијансата за позитивна Македонија се преименува во ПОЕН


Ресен, 9 декември, 2017 - 12:44 (META) 

Алијансата за позитивна Македонија донесе одлука да се преименува во Партија за општествен и економски напредок, скратено ПОЕН, и воедно да почне процедура за пристапување кон Европската слободна алијанса (ЕФА) како придружна членка.

Како што соопштија од партијата предводена од Рубин Земон, на седница на главниот одбор оддржана во Ресен, за нов претседател на одборот е избран Димитар Илиевски и се направила мала реконструкција на извршниот одбор.

Oваа партија, која сега е дел од владината коалиција на СДСМ, беше формирана во пресрет на парламентарните избори во 2014 година.


Одблокиран процесот на обесштетување на земјоделците за непогодите во 2016 година


Скопје, 26 септември, 2017 - 17:43 (META) 

Владата на Република Македонија денеска го усвоила Акцискиот план за постапување по предметите за настанатите штети од временските непогоди што се случија во 2016 година, соопшти Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство, посочувајќи дека тоа значи дека е одблокиран процесот за исплата на обесштетувањата на земјоделците кои во 2016 година претрпеа штети во земјоделското производство од пролетниот мраз, град и поплави.

Формирана е комисија која ќе ги прегледува барањата за штети и елаборатите, а нејзините членови ќе ги посетуваат општините и заедно со општинските комисии ќе ги обезбедат податоците кои се потребни за довршување на процесот за исплата на обештетувањата на земјоделците.

„Ќе бидат посетени 14 општини,  во кои штети врз земјоделските култури имаат пријавно околу 5.500 земјоделци. Исплатата на обештетувањата ќе се врши согласно Законот за земјоделство и рурален развој. Најмногу барања за исплата на обештетувања има во во општината Ресен, каде што повеќе од 2.300 земјоделци поднеле барања“, соопшти Министерството за земјоделство.


Во Охридско и ноќеска земјотреси


Охрид, 15 јули, 2017 - 10:05 (META) 

Ноќеска на само единаесет минути пред полноќ во Охридско-ресенскиот Регион, според Евро-медитеранскиот сеизмолошки центар, се случил земјотрес со магнитуда од 3 степени по Рихтер, кој бил на длабочина од 2 километри.

Потоа во 49 минути по полноќ се случил уште еден земјотрес, со магнитуда од 2,3 степени и на длабочина од 2 километри.

Вчеравечер во 18.58 и 18.59 часот во истиот реон беа регистрирани два посилни земјотреса од 3,2 степени.


Нов земјотрес на северот од Галичица


Ресен, 7 јули, 2017 - 13:37 (META) 

Земјотрес со магнитуда од 2,5 степени се случил во 12.13 часот на северниот дел на планината Галичица. Епицентарот бил на 9 километри северозападно од Ресен и 8 километри северно од селото Јанковец, а потресот се случил на длабочина од 2 километри, известува Евро-медитеранскиот сеизмолошки центар.

Земјотрес со сила од 2,5 степени според европската макросеизмичка скала обично едвај се чувствува од населението.

Подрачјето на северот на Галичица е сеизмички активно од 18 јуни, со повеќе од 1.000 потреси регистрирани оттогаш.


Два земјотреси почувстувани утрово во Охрид и во Ресен


Охрид, 18 јуни, 2017 - 10:16 (META) 

Два земјотреси со умерен интензитет утрово се случија во југозападниот дел на Македонија, односно во охридското епицентрално подрачје. Првиот, кој бил посилен, е регистриран во 2.01 часот, додека вториот со послаб интензитет – во 8 часот изутринава.

Според податоците на Телеметриската сеизмолошка мрежа на Природно-математичкиот факултет во Скопје, епицентрите на двата земјотреси се лоцирани во подрачјето меѓу градовите Охрид и Ресен.

Интензитетот на првиот земјотрес е 3,1 степени според Рихтеровата скала, со хипоцентар, односно на длабочина од пет километри, додека вториот е со интензитет од 2,5 степени се случил на два километра длабочина.

Засега нема пријавени случаи на предизвикана материјална штета.


Жбогар и „ЕУ за тебе“ утре во Ресен


Ресен, 29 март, 2017 - 11:18 (META) 

Шефот на Делегацијата на Европската Унија, Самуел Жбогар, утре ќе биде во посета на Ресен, во рамки на кампањата „ЕУ за тебе“, каде ќе се сретне со градоначалникот Ѓоко Стрезовски и ќе го посети средното училиште „Цар Самоил“, кое беше направено енергетски ефикасно со пари од ЕУ.

Жбогар ќе ги посети и местата опфатени од проектот „Иновативни практики во заштитата на животната средина“ за квалитетна вода и за пречистување на водите во Преспанскиот Регион.

И двата проекта се финансирани од Програмата за прекугранична соработка на Европската Унија.

Целокупната помош на Европската Унија за Македонија во областа на животната средина изнесува повеќе од 80 милиони евра во рамките на програмата ИПА1 (2007-2013), додека понатамошна поддршка од 100 милиони евра се планира во рамки на ИПА2.


Тешко повредено дете најдено покрај пат, полицијата се обидува да го идентификува


Охрид, 3 февруари, 2017 - 15:14 (META) 

Дванесетгодишно момче со тешки телесни повреди и во бесознание вчера попладне било пронајдено на регионалниот пат Охрид – Ресен. Полицијата го истражува случајот и се обидува да го идентификува детето.

Детето, како што соопштија денеска од полицијата, се наоѓа во Ургентниот центар Скопје и е во животна опасност.

Портпаролот на Секторот за внатрешни работи Охрид, Стефан Димоски, за „Мета“ вели дека полицијата од вчера почнала со сите мерки за утврдување на околностите на несреќниот случај и се обидува да ги утврди идентитетот на момчето, како и тоа како ги добило повредите и кој е одговорен за тоа. На случајот работи и јавен обвинител.

Тоа што полицијата не го идентификувала говори и дека досега никој не се обратил во полиција за да го побара момчето или да го пријави како исчезнато.

– Ние сè уште работиме на овој настан, во моментов уште се води како несреќен случај, сè уште работиме на утврдување на сите аспекти, во координација сме со јавен обвинител. Екипите работат да се добијат информации, во моментов знаеме дека станува збор за дете од ромска националност, но немаме идентификација во моментов – изјави Димовски за „Мета“.

Откако било пронајдено покрај патот кај местото Буково, момчето било пренесено во Медицински центар – Битола, а потоа поради сериозноста на повредите е пренесено во Ургентен центар – Скопје.


Градоначалници од ВМРО-ДПМНЕ во одбрана на Владимир Талески


Битола, 18 јуни, 2016 - 13:50 (META) 

Градоначалниците на Охрид, Прилеп, Босилево, Кривогаштани, Ресен и на Новаци денеска застанаа во одбрана на битолскиот градоначалник Владимир Талески, кој е осомничен во случајот „Транспортер“ за малверзации со превозот на ученици во Битола.

Градоначалникот на Охрид, Никола Бакрачески, тврди дека Талески е чесен и искрен градоначалник и, пред сè, многу добар човек, кој не би ги прекршил законите на Република Македонија.

– Верувам дека низ една регуларна судска постапка или правна процедура тој ќе го докаже тоа – рече Бакрачески, додавајќи дека има верба во правосудниот систем на РМ и во судските органи.

Градоначалникот на Прилеп, Марјан Ристески, е убеден и уверен во чесноста на постапките на Талески, додавајќи дека тој важи за еден од најуспешните градоначалници во Македонија.

– Господинот Талески пожртвувано три мандати се бори за развојот на Битола, на Пелагонискиот Регион, за промоција на Битола и на Македонија. Ова значи комплетно дискредитирање, обид за дискредитирање на господинот Талески и на локалната самоуправа во заложбите за попросперитетен развој на Битола и на Република Македонија – рече Ристески.

Според градоначалникот на Босилево, Љупчо Колев, Закон за јавни набавки е донесен под сугестии и директиви на Европската Унија, градоначалникот нема големо влијание врз набавките на стоки и на услуги во општините, а за она за што се товари Талески времето ќе покаже дека било во согласност со сите законски прописи.

Градоначалник на општина Кривогаштани, Тони Затковски, исто така, рече дека е убеден во чесноста на битолскиот градоначалник и додаде дека сите политички хајки што се одвиваат во овој период во Македонија се деструктивни.

– Со таквиот начин на дејствување, доаѓа секој во Македонија да претставува некој експерт, носи правда на своја рака и сметам дека треба да ги оставиме сите судски институции да си ја реализираат својата работа, а не да подлегнуваат под тие притисоци – рече Затковски.

Градоначалниците на општините Ресен и Новаци, Ѓоко Стрезовски и Лазар Котевски, денеска на прес-конференција оценија дека судството потклекнало под притисоците на СДСМ и на Зоран Заев.

– Македонскиот народ не го одобрува ова. Владимир Талески е чесен и искрен градоначалник. Тој беше и претседател на Советот на Пелагонискиот Регион и успешно ги спроведуваше програмите за развој на регионот. Не го оправдуваме ова насилство на СДСМ и на Зоран Заев. Талески не заслужува третман каков што го има во моментот – рече градоначалникот Котевски.


Се санира регионалниот пат Битола – Ресен – Буково


Охрид, 16 мај, 2016 - 13:18 (META) 

Во тек е санација на регионалниот пат Битола – Ресен – Охрид, а во моментов се врши асфалтирање на коловозот по превојот Буково во правец од Охрид кон Ресен.

Станува збор са санација на коловоз со должина од 27 километри.

Инвестицијата е вредна шест милиони евра, a работите треба да завршат до септември годинава.