Владата допрва ќе решава колку ќе потроши за кампањата за референдумот


Скопје, 15 август, 2018 - 13:59 (META) 

За три дена од денеска, министерствата и другите органи од државната управа ќе мора да му рапортираат на Министерството за финансии колку средства имаат на располагање за владината кампања за референдумот, но Владата ќе ја води кампањата транспарентно, рече владиниот портпарол Муамет Хоџа на прес-конференција. Тој вели дека за тоа ќе се користат и средства заштедени од репрезентација на министрите, а Владата ќе биде целосно транспарентна за потрошените пари.

– Не се разговараше за средства, бидејќи треба да се донесе програма и план за спроведување на кампањата за референдумот и потоа ќе се знае колку средства ќе се потрошат. Тоа се средства од другите ставки, тие не се предвидени за референдумот при подготовката на буџетите. На пример, средства заштедени од репрезентација на министрите. Владата ќе биде транспарентна и отчетна за сите средства што ќе бидат потрошени за кампањата  – рече Хоџа.

За информирање на граѓаните преку Фејсбук-страниците на Владата, односно за промовирање на постовите за придобивките од Договорот со Грција, досега се потрошени 100 евра, објасни владиниот портпарол.

На новинарско прашање за усогласеноста на оваа одлука за кампања според Венецискиот кодекс за подобри референдумски постапки од 2007 година, со која се вели дека употреба на јавни фондови од Влада во кампања мора да биде забрането, Хоџа рече дека ќе се земат предвид сите прописи, а потоа ги наведе одредбите на Законот за референдум.

Владиниот портпарол рече дека кампањата е важна оти референдумското прашање е важно за иднината на земјава.

– Со неа ќе ги информираме сите граѓани за договорот и за придобивките од Договорот. Оценуваме дека референдумското прашање е многу важно за иднината на Македонија и дека на овој начин отвораме пат за европска Македонија – рече Хоџа.


Одбојкарите освоија сребрен медал и никој не ги пречека


Скопје, 4 јули, 2017 - 11:26 (META) 

Машката одбојкарска репрезентација на Македонија, која вторпат го освои сребрениот медал во Европската лига, вчеравечер се врати дома, но за неа немаше организиран пречек, како за ракометарите, па сами минаа низ Порта Македонија, на плоштадот ја отпеаја македонската химна и потоа заиграа оро.

Како што извести „Екипа“, од „пречекот“ директен пренос од својот мобилен телефон преку „Фејсбук“ правел капитенот Никола Ѓорѓиев.

Во финалето на Ф4-турнирот одбојкарите со 3:1 загубија од Украина, но на земјава ѝ го донесоа второто сребро од ова натпреварување.

 


Навивачите ќе може да се дружат со Лазаров и со другите ракометни репрезентативци


Скопје, 17 јуни, 2017 - 10:20 (META) 

Во пресрет на клучниот натпревар против Чешка од квалификациите за пласман на Европското првенство што ќе се одржи во Хрватска во 2018 г., навивачите денеска ќе имаат можност да се дружат со машката ракометна репрезентација.

Настанот во чии рамки селекторот Раул Гонзалес, капитенот Кире Лазаров и уште неколку репрезентативци ќе бидат на располагање за потпишување дресови, ќе се одржи од 12 до 13 часот на Националната арена „Филип Втори“ во Скопје.

Од РФМ информираат дека билетите за утрешниот натпревар меѓу селекциите на Македонија и на Чешка се целосно распродадени и ги повикаа гледачите кои ќе ја бодрат македонската репрезентација од трибините на арената „Борис Трајковски“ да дојдат минимум половина час пред почетокот на натпреварот.


Червар не е повеќе селектор на македонската ракометна репрезентација – се откажал вчера


Скопје, 12 март, 2017 - 20:02 (META) 

Ракометната федерација на Македонија (РФМ) попладнево преку соопштение го објави крајот на соработката со селекторот на македонската машка ракометна репрезентација, Лино Червар. Федерацијата соопшти дека по истекот на рокот што му го дале, Червар вчера информирал дека сепак ја одбрал понудата да биде селектор на хрватската репрезентација.

Договорот на РФМ со Червар истекуваше за три години.

„По завршувањето на 25. машки ракометен мундијал во Франција, во јавноста почнаа да се изнесуваат информации за евентуален трансфер на селекторот на машките ракометни сениори, Лино Червар, на клупата на хрватската национална селекција. По неодамнешните разговори помеѓу членовите на високото раководство на Ракометната федерација на Македонија и Лино Червар, во поглед на наводите за неговиот трансфер на клупата на хрватската национална селекција, двете страни договорија рок во чии рамки г. Червар требаше да ја извести федерацијата за својата одлука. По завршувањето на тој рок, на 11 март 2017 година, Червар упати писмо до претседателот на РФМ, во кое се заблагодарува на соработката и за третманот што го имал за време на неговиот тренерски мандат“, се вели во соопштението од федерацијата.

Во однос на одлуката на Червар, од ракометната федерација во своето соопштение пренесуваат и дел од неговиот допис до нив.

„..Дали тоа да биде со репрезентацијата на државата во која сум роден, во која основав семејно гнездо, во која се изградив, развивав и афирмирав како ракометен тренер и ги постигнав најголемите светски успеси и во која кога-тогаш морам да се вратам и вечно да останам или да се одредам за репрезентацијата на една мала, горда држава, мојата втора татковина, која ме дочека и ме прифати како свој тренер на кој му даде сè што може да се даде? Сепак, ја одбрав Хрватска, мојот роден крај, мојата земја…“, напишал Червар во својот  допис упатен до ракометната федерација.

Со ова писмо, како што појаснуваат од ракометната федерација, автоматски се активира и правниот инструмент за едностран раскин на договорот што Червар го има со неа.

Федерацијата вели дека за да се надмине ситуацијата, ќе формира тело за селекција што ќе ги избере кандидатите за наследник на Лино Червар.


Македонија загуби од Франција на почетокот на Европското првенство во ракомет


Варшава, 15 јануари, 2016 - 20:21 (META) 

Македонската ракометна репрезентација беше поразена од репрезентацијата на Франција (23-30) на Европското првенство во Полска.

Македонија е во групата А, каде што се и репрезентациите на Полска и на Србија.

Следен противник на нашата репрезентација е домаќинот Полска, а натпреварот треба да се игра на 17 јануари (недела), со почеток во 20.30 часот.


Македонија ја совлада Украина на кошаркарскиот турнир во Охрид


Охрид, 9 август, 2015 - 12:37 (META) 

Македонската репрезентација во кошарка ја совлада репрезентацијата на Украина со резултат од 81:51.

Со оваа победа, нашата репрезентација го осигура првото место на подготвителниот турнир за Европското првенство.

Турнирот во Охрид завршува утре, со мечот меѓу Украина и Израел.


МКФ му даде отказ на селекторот Џикиќ


Скопје, 22 јули, 2015 - 15:16 (META) 

Четириесетина дена пред почетокот на Европското првенство во кошарка, Македонската кошаркарска федерација (МКФ) му врачи отказ на селекторот на репрезентацијата, Александар Џикиќ.

„Македонската кошаркарска федерација со консензуална одлука на Комисијата за итност и со одобрување од телефонски консултираните членови на управниот одбор, го разреши од должност селекторот на сениорската репрезентација, Александар Џикиќ, поради нарушена соработка и недоверба во органите на Федерацијата, заблагодарувајќи му се за досегашната работа со репрезентацијата“, се вели во соопштението на МКФ.

Џикиќ на селекторкста позиција беше именуван минатата година и успеа со репрезентацијата да обезбеди пласман на Евробаскет 2015, иако во квалификациите играше со помлад состав.

Попладнево, порталот „Спортмедиа.мк“ објави дека нов селектор на македонската машка кошаркарска репрезентација ќе биде Марјан Србиновски, на кого ќе му помага спортскиот директор на МКФ, Заре Марковски.


Обрван доби поддршка од РФМ


Скопје, 27 февруари, 2015 - 18:15 (META) 

Управниот одбор на Ракометната федерација на Македонија (РФМ) денеска на седница одлучил да му изгласа доверба на актуелниот селектор, Ивица Обрван, кој ќе ја води репрезентацијата до крајот на квалификациите за Европското првенство во 2016 година, пренесува „Дерби“.

На денешната седница бил презентиран и извештајот за настапот на македонските репрезентативци на Светското ракометно првенство во Катар. И покрај неостварената цел, пласман во четвртфиналето, челниците на РФМ биле задоволни од работата и од залагањето на селекторот Обрван.

Договорот на Обрван со РФМ завршува по крајот на квалификацискиот циклус за ЕП 2016, кое ќе се одржи во Полска.

Македонија во досегашните натпревари во квалификациите има победа над Швајцарија и реми на гостувањето во Чешка.


Македонија елиминирана од Словенија на СП во Катар


Доха, 25 јануари, 2015 - 18:33 (META) 

Македонските ракометари загубија од репрезентацијата на Словенија со резултат 30:28 и не успеаја да се пласираат во четвртфиналето на Светското првенство во Катар.

–  Не постои ниеден сомнеж дека сакавме и дадовме сè од себе. Ова беше натпревар да се биде или не и нема шанси за поравен испит. Не треба да се срамиме, главите горе. Нè победи една квалитетна репрезентација. Многу е тешко кога се брка резултат. Тоа доведе да погодуваме стативи, пречки и да промашиме многу топки – рече капитенот Кире Лазаров, по завршување на натпреварот.

Македонската репрезентација и првото полувреме го заврши со негатива од еден гол, кога резултатот беше 16:15 за Словенија.

Како и на претходните натпревари, македонските ракометари имаа проблеми со одбраната, а се забележуваше и недостиг од свежина и од енергија. Речиси во текот на целиот натпревар, репрезентацијата на Словенија водеше со неколку гола разлика.

Најпрецизни во македонската репрезентација беа Георгиевски и Лазаров, кои постигнаа по седум гола.
Во словенечкиот тим најефикасен беше Гајиќ, со девет погодици.


Македонија со победата над БИХ во осминафинале на СП во ракомет


Доха, 19 јануари, 2015 - 21:42 (META) 

Македонската ракометна репрезентација со победата над Босна и Херцеговина, со 25-22, обезбеди пласман во осминафиналето на Светското првенство во Катар.

Најдобар играч на натпреварот беше Дејан Манасков, кој постигна шест гола, а по три постигнаа Гоце Георгиевски, Филип Миркуловски, Наумче Мојсовски, Немања Прибак и капитенот Кире Лазаров, кој сите погодоци ги постигна од пенал.

Ова за македонската селекција беше трета победа и сега има максимални шест бода. Утре ракометарите ќе имаат ден за одмор, а во четвртото коло, в среда, во 17 часот, ќе се сретнат со репрезентацијата на Хрватска.