!Во периодот што претстои работиме на воведување систем за пристап и за претплата. За начинот на пристап и за претплатата ќе информираме дополнително. Содржините на „Мета“ до тогаш се слободни за преземање со задолжително цитирање и атрибуирање.

Заврши расправата за законот за јазиците, седницата продолжува утре


Скопје, 14 ноември, 2017 - 16:37 (META) 

По само 13 минути дискусија по паузата за ручек претседателот на Собранието, Талат Џафери ја прекина седницата на Собранието на која се разгледуваше предлог-законот за употреба на јазиците. Тој констатира дека е исцрпена листата на пратениците што се пријавил за збор, па најави дека таа ќе продолжи утре во 12 часот.

Претходно во расправата реплицирајќи му на Драган Данев од ВМРО-ДПМНЕ, новиот пратеник Костадин Ацевски од СДСМ, кој влезе во собраниската фотелја на 8 ноември, „го пофали“ Данев за желбата за јавна расправа и консензус, велејќи дека тоа го немало додека пратениците на ВМРО-ДПМНЕ биле претставници на власта.

– Да не беше промената на власта, граѓаните немаше да бидат свесни за вашата желба и потреба за јавна расправа, консензус. Јас мислев дека за вас тоа беа мисловни именки или придавки. Да не поминевте во опозиција, граѓаните исто немаше да бидат свесни колку ги познавате Деловникот на Собранието и неговите одредби – рече Ацевски.

Веднаш откако ја прекина седницата за законот за јазиците, Џафери го почна шестото продолжение на 12-тата седница, на која прва точка е Предлог-закон за дополнување на Законот за исплата на платите, по скратена постапка, поднесен од пратениците на ВМРО-ДПМНЕ, Илија Димовски, Драган Данев и Невенка Стаменковска.


Расправата за ребалансот на буџетот продолжува утре


Скопје, 4 август, 2017 - 18:34 (META) 

По низа реплики и контрареплики на пратеници од власта и од опозицијата, претседателот на Собранието, Талат Џафери ја прекина 11. седница и го закажа следното продолжение за утре во 11 часот.

Дискусијата на денешното продолжение на седницата се сведе на тоа што направила и не направила претходната власт, а што сегашната ветила и треба да оствари.

Во репликите предничеше Панчо Минов, кој главно се осврна на прашања и инвестиции што се однесуваат на Тиквешијата. По долгата дискусија тој искористи право на две контрареплики на излагања на пратеници од ВМРО-ДПМНЕ.

Дебатата за дополнетиот закон за ребалансот на буџетот продолжува утре, а според деловникот, би требало да заврши најдоцна в недела вечер.


Собранието заседаваше до 3.30 часот, продолжува денеска


Скопје, 15 јули, 2017 - 10:00 (META) 

Маратонската осма седница на Собранието на Република Македонија која траеше до 3.30 часот утрово, ќе продолжи денеска во 13 часот, откако претседателот на Собранието, Талат Џафери, синоќа прогласи постојано заседание на парламентот. Попладнето и вечерта минаа без пратениците од владејачкото мнозинство, пратениците од ВМРО-ДПМНЕ и коалицијата си реплицираа едни на други, што, според Џафери е „некоректно и ја забавува работата“. Пратениците ја продолжија истата практика и ноќта, откако седницата продолжи во 1 часот, по два и полчасовна пауза.

На дневен ред е спроведувањето на буџетот за 2016 година. Опозициската ВМРО-ДПМНЕ вели дека се работело домаќински, иако Македонија била во голема политичка криза. За пратениците на СДСМ завршната сметка на буџетот покажува многу нерационални трошења.

Министерот за финансии, Драган Тевдовски, во образложението наведе дека економскиот пораст на Македонија во 2016 г. изнесувал 2,4 проценти, забележувајќи оти тоа е најниска стапка на економски пораст во регионот.

Собранието на краткото продолжение на деветтата седница вчера попладнето одлучи ребалансот на буџетот, односно предлог-законот за дополнување на Законот за извршување на буџетот за 2017 година да се донесе по скратена постапка. Таа седница продолжува в понеделник.


Разрешувањето на Зврлевски е политички линч, вели опозицијата


Скопје, 12 јули, 2017 - 14:25 (META) 

Како политички линч и обид за партизација на институцијата Јавно обвинителство на Република Македонија го оценија пратениците на ВМРО-ДПМНЕ предлогот на Владата да се разреши Марко Зврлевски од функцијата јавен обвинител.

Откако по кратката пауза за координација кога Зврлевски требаше да им се обрати на пратениците седницата продолжи, Зврлевски рече дека ќе сака првин да ги чуе репликите на пратениците на образложението на предлогот за разрешување што го даде заменик-министерот за правда, Оливер Ристовски.

Веднаш потоа уследија низа реплики на неколкумина пратеници на ВМРО-ДПМНЕ, кои предлогот за разрешување го прогласија за политичка пресметка.

– Неговата најголема вина и нестручност е што стручно го фатил градоначалникот на Струмица како бара поткуп – рече Антонио Милошоски.

Неговиот партиски колега, Зоран Илиоски, во сличен стил му се обрати на Ристовски, велејќи му дека ако сака да се спроведува правда, да почне првин со случајот „Поткуп“.

Лилјана Кузмановска, исто така од ВМРО-ДПМНЕ, побара од предлагачот, заменик-министерот Ристовски, точно да наведе членови од закон според кои се предлага разрешување на Зврлевски.

Нејзината колешка Ане Лашкоска рече дека Ристовски се обратил со политички говор во неговиот прв настап пред пратениците и дека предлогот е брзање на Владата да ја партизира институцијата Јавно обвинителство.

Владанка Авировиќ разрешувањето го нарече политички линч и на јавниот обвинител и на сите јавни обвинители.

Џафери во меѓувреме прогласи редовна пауза за ручек.


Седницата за владата минува во дуели меѓу ВМРО-ДПМНЕ и СДСМ


Скопје, 31 мај, 2017 - 13:42 (META) 

Со остра полемика помеѓу пратеници на ВМРО-ДПМНЕ и пратеници од СДСМ и од неговата коалиција, но и со конфронтации со претседателот на Собранието, Талат Џафери, тече седницата на која се расправа за составот и за програмата на новата влада.

Додека пратениците на ВМРО-ДПМНЕ наведуваат што направиле владите предводени од нивната партијата и прашуваат што ќе направи новата влада на СДСМ, за истата проблематика зборуваат пратениците од владејачката коалиција, посочувајќи дека во изминатите 11 година во Македонија е направен „хаос и се урнати многу вредности, а врвот на ВМРО-ДПМНЕ енормно се збогатил“.

Почнувајќи од Димитар Стевананџија од ВМРО-ДПМНЕ, кому му реплицираа Горан Мисовски од НСДП, како и Томислав Тунтев и Милева Ѓорѓиева, па продолжувајќи со дискусијата на Владимир Ѓорчев и со одговорот од Павле Богоевски, од говорницата се зборуваше и за масовно иселување од земјата и за киднапирање на државата, но и за инвестиции и за тоа колку нови фабрики ќе може да отвори новата влада, и за уништениот образовен систем, како и за „јадење живи луѓе“.

Стевананџија, во еден момент, посочувајќи дека СДСМ ветувал влада со 20 министри, а прави кабинет со 26, спомена дека „плус шест плати и автомобили ќе значат помалку пари за шест Тамари“, на што имаше голема реакција од пратениците на мнозинството.

Богоевски, кој зборуваше за „банда што го држела општеството како заробеник“, исто како и другите пратеници од мнозинството, порача дека и сè друго да се заборави, не може да се заборави дека пратеници од ВМРО-ДПМНЕ ги отвориле вратите на маскираните тепачи од МВР и од војската, но и дека ВМРО-ДПМНЕ го присвоило за себе македонскиот идентитет.

– Ми пречи вашиот криминал, вашите лоши политики, уништените здравство, младите, медиуми, но најмногу ме боли што го присвоивите нашиот, мојот македонски идентитет, го изедначивте со ВМРО-ДПМНЕ, ме боли што луѓе завиткани во македонско знаме влегоа да убиваат пратеници кои ги избрал тој народ – рече Богоевски.

Конфронтација со умерен тон се случи и меѓу Илија Димовски, кој повикувајќи се на војничката дисциплина на Талат Џафери, побара да се почнува навреме, а потоа се расправаа за користењето на албанскиот јазик при обраќање кон пратениците од ВМРО-ДПМНЕ. Џафери му одговори на Димовски дека сè додека го признаваат само за пратеник, а не за претседател, ќе го користи пратеничкото право да говори на мајчиниот јазик.