Дескоска најави целогодишна контрола на АКМИС-от во 16 судови


Скопје, 11 декември, 2018 - 16:28 (META) 

Министерката за правда Рената Дескоска соопшти дека донела решение со кое во текот на целата наредна година ќе се врши надзор на работењето на АКМИС системот во 16 судови.

Проблемите со информатичкиот систем за автоматска прераспределба на предмети (АКМИС), неговото нефункционирање и преголемото влијание на човечкиот фактор беа утврдени со извештајот на Работната група за овој систем формирана од министерството за правда. Наодите за неправилностите беа објавени летоска.

Дополнително Дескоска најави и дека измените на Законот за судови и Законот за Судски совет оваа недела влегуваат во собраниска процедура. Како што кажа министерката на денешната тркалезна маса на која беше презентирана работната верзија на анализата за проценката на влијанието на регулативата на Законот за судови, во организација на Институтот за европска политика (ЕПИ), речиси сите препораки од Венециската комисија се применети во новите предлог-закони.

-Дополнителните препораки кои ги добивме од Венециската комисија овој месец се имплементирани. Со целосно затворен пакет одиме во Собранието. Се надевам дека сите 120 пратениците ќе имаат доблест и сила да ги поддржат овие измени, бидејќи тие се веќе верификувани од Венециската комисија, којашто ја цени усогласеноста на законската регулатива со европските стандарди – потенцираше Дескоска.

Како клучни измени во делот на Законот за судови, министерката Дескоска ги наведе измените коишто се однесуваат на основите за утврдување дисциплинска одговорност кај судиите. Во главните измени на Законот за Судскиот совет, е и основата за утврдување на одговорност на членовите на Судскиот совет за нивното работење. Се поедноставуваат постапките за утврдување на дисциплинска одговорност, но и разрешување на судиите.


Во буџетот се предвидени повеќе приходи од глоби, а се најавува намалување на казните


Скопје, 4 декември, 2018 - 13:45 (META) 

Во предлог-буџетот за 2019 година се предвидува од глоби, судски и административни такси за граѓаните и компаниите во државната каса да се слеат 2.092.032.000 денари или 34 милиони евра, што е зголемување во однос на годинава кога во буџетот за оваа ставка биле предвидени 2.000.000.000 денари или 32,5 милиони евра.

Владата проектира зголемување на овие приходи, а истовремено најави дека во владина постапка влегува Законот за прекршоци во кој се предвидуваат измени за намалување на висината на казните за правните и физички лица.

Според најавите предвидено е намалување на глобите за физичките лица за 75 отсто.

Mинистерката за правда Рената Дескоска при презентацијата на законските измени рече дека казнената политика нема да биде политика за полнење на буџетот, туку ќе биде насочена кон опомена на оние кои што згрешиле.

Ваквата изјава е контрадикторна со буџетските проекции кои предвидуваат зголемување на ставката од глоби.

Таа посочи и дека околу 200 закони во кои е уредена висината на казната, ќе треба да се усогласат со Законот за прекршоци и нема да смеат да ги надминат утврдениот минимум и максимум, што значи дека граѓаните најверојатно ќе почекаат додека Собранието ги усогласи законите со новата регулатива за намалување на казните.


Казните за граѓаните и фирмите ќе се намалат до 75 отсто


Скопје, 3 декември, 2018 - 10:07 (META) 

Во владина постапка влегува Законот за прекршоци во кој се предвидуваат измени за намалување на висината на казните за правните и физички лица, со што, како што велат од Владата се воведува разумна казнена политика.

„Предвидуваме намалување на глобите за физичките лица за 75 отсто. Со новото решение, минималната глоба за физичко лице е 15 евра, а максималната глоба ќе биде 250 евра, наместо досегашните 1.000 евра. За правните лица, при одмерување на глобата ќе се води сметка за приходот остварен во претходната година, број на вработени и претходно санкционирање за исти или слични прекршоци. Во законот прват се прави градација помеѓу малите, средни и големи претпријатија“, рече премиерот Зоран Заев кој измените ги презентираше со министерката за правда Рената Дескоска.

Дескоска рече дека казнената политика нема да биде политика за полнење на буџетот, туку ќе биде насочена кон опомена на оние кои што згрешиле.

Таа посочи дека околу 200 закони во кои е уредена висината на казната, ќе треба да се усогласат со Законот за прекршоци и нема да смеат да ги надминат утврдениот минимум и максимум.

„Доколку казната за нерегистрирано возило изнесувала 500 евра, со новиот закон ќе изнесува 250 евра, казната за технички неисправно возило сега изнесува 400 евра, со новиот закон истата не смее да надминува 250 евра, за предизвикување бучава казната сега изнесува 450 евра, со новиот закон сега казната нема да смее да надмине 250 евра“, рече Дескоска.

Извршната директорка на Стопанска Комора на Македонија, Билјана Пеева Ѓуриќ рече дека Законот за прекршоци е од особен интерес за претставниците на бизнис заедницата кој треба да биде коректив и поттик за деловните субјекти да можат да го корегираат своето работење и да ги исполнуваат сите предвидени законски обврски. Таа дополни дека бизнис-заедницата имала важна улога во процесот на креирање на законското решение.


Македонија ќе побара повлекување на одлуката за азил на Груевски


Скопје, 21 ноември, 2018 - 13:52 (META) 

Владата размислува и ќе донесе одлука да испрати барање за повлекување на одлуката за азил на Никола Груевски, рече денеска министерката за правда Рената Дескоска на настанот за почетокот на проектот „Јакнење на казнено-поправниот систем и пробациската служба“.

Таа додаде дека, доколку одлуката е заснована врз определени факти кои не се такви какви што се, државата има право да ја отповика или да ја поништи одлуката.

– Унгарските закони се доста рестриктивни и дури даваат и можности за отповикување на дадена одлука за азил, така што Владата размислува и ќе донесе одлука да испрати барање за повлекување на одлуката за азил. Исто така, гледајќи го унгарскиот закон, оние кои добиваат азил, доколку во исто време не добијат државјанство, или трајно жителство, нивната одлука за азил се преиспитува, по службена должност на секои три години. Значи, доколку Груевски не добие државјанство, тогаш неговата одлука дури и во овој случај не биде преиспитана по барање на Владата, би требало според унгарските закони да биде преиспитувана на секои три години – рече Дескоска.

До сега, како што рече, со Унгарија немале проблем околу екстрадицијата во ниту еден случај и оти Унгарија никогаш не покренала никакво прашање ниту за состојбите во затворите, ниту за сомневања во делувања во судството за да одбие екстрадиција.

– Ова не е прва екстрадиција што ја бараме, но се надевам нема да отскокне да биде прва што ќе биде одбиена – додаде Дескоска и потенцираше дека, ако се гледа целиот процес и сите информации што доаѓаат од почетокот на напуштањето на земјата и се до пристигнувањето во Будимпешта, од страна на Никола Груевски, може да се сфати дека станува збор за многу политика вмешана во овој случај.


Заев најави интензивирање на судските реформи


Скопје, 31 октомври, 2018 - 12:56 (META) 

На шестата седница на Советот за следење на имплементацијата на Стратегијата за реформи на правосудниот сектор на Владата, која се одржала синоќа, премиерот Зоран Заев како претседавач на Советот најавил интензивирање на реформите во правосудниот сектор.

Како што стои во соопштението од Владата, министерката за правда, Рената Дескоска, го презентирала добиеното мислење од Венециската комисија за новите предлог-закони за судовите и за Судскиот совет.

Дескоска потенцирала дека се работи за „прецизно трасирање на насоките во делот на измените со конкретни на одредени членови од законот“ и притоа го нагласила како главна тема на забелешките аспектот на разрешувањето на судиите.

Притоа министерката укажала дека Венециската комисија прави дистинкција помеѓу нестручност и несовесност во работата на судиите.


Венециската комисија со добра оценка, но и забелешки за судските закони


Скопје, 19 октомври, 2018 - 16:54 (META) 

Министерката за правда Рената Дескоска учествува на 116-та пленарна сесија на Европската комисија за демократија преку правото (Венециска комисија), на која е разгледано и усвоено Мислењето на Венециската комисија за Законот за изменување и дополнување на Законот за Судскиот совет и Законот за судовите, извести Министерството за правда.

„Според мислењето на Венециската комисија, кое е неодамна доставено до Министерството за правда, последните измени и дополнувања на Законот за Судски совет и Законот за судови се оценети позитивно, но се укажува и на потребата од понатамошно подобрување на текстовите на законите“, стои во соопштението за јавноста.

Во мислењето е истакнато дека двата закони поставуваат цврсти темели за добро функционирање на судството, но се препорачуваат и измени и дополнувања. Венециската комисија посочува во Законот за Судски совет да се наведе кој ја има функцијата на филтрирање во новиот систем за дисциплински постапки и да се допрецизира дисциплинската постапка и постапката за одговорност на судиите.

Дополнително, се бара и да се прецизира разликата направена помеѓу нестручно и несовесно вршење на судиската функција и она што претставува сериозен дисциплински престап.

Венециската комисија препорачува и укинувањето на основот за разрешување на судиите доколку се утврди повреда на Европската конвенција за човековите права, информираат од Министерството за правда.

Министерката Дескоска изразила подготвеност на Владата за спроведување на сите препораки на Венециската комисија за подобрување на законските текстови, но посочила дека за усвојување на ваквите измени ќе биде потребно двотретинско мнозинство во Собранието.


Дескоска: Скринингот ќе помогне да се создаде нова реформска динамика


Брисел, 27 септември, 2018 - 15:50 (META) 

Владино-државна делегација составена од 40 експерти и предводена од вицепремиерот за европски прашања Бујар Османи, министерката за правда Рената Дескоска и шефот на техничкиот преговарачки тим Бојан Маричиќ денеска формално го започна објаснувачкиот скрининг за Македонија и Албанија, како подготовка за почеток на преговорите за полноправно членство во Европската унија.

Дескоска рече дека делегацијата е подготвена да ги вложи напорите во процесот на скрининг, а потоа во процес на преговори.

„Почитувањето на човековите права, независното судство, владеењето на правото и демократијата не се само барања што треба да се исполнат при пристапувањето во ЕУ. Тие се, исто така, стратешките цели на Владата, тие се наши цврсти и недвосмислени цели. И ова беше потврдено во нашата Владина програма и во плановите за реформи, План 3-6-9 и План 18“, рече Дескоска.

Таа потенцираше дека владеењето на правото не значи само усвојување на законодавство во согласност со ЕУ, туку и негова конзистентна имплементација на одржливи решенија.

Дескоска смета дека скринингот ќе помогне да се создаде нова реформска динамика која ќе ја унапреди консолидацијата на Македонија како стабилна, модерна демократија, која ги поддржува и го зајакнува владеењето на правото и целосно ги опфаќа европските вредности.

Маричиќ укажа дека Македонија е во клучна фаза на градење на преговарачката структура која ќе го води процесот на општествена трансформација и промена на однесување, кој е потребен за пристапувањето кон ЕУ, но верува дека партнерски однос со Европската комисија ќе помогне во исполнување на стратешката цел.


Македонија денеска го почнува скрининг процесот за членство со ЕУ


Скопје, 27 септември, 2018 - 9:40 (META) 

Во Европската комисија во Брисел се наоѓа 40-члена делегација составена од експерти од надлежните државни институции кои имаат надлежности во дадената област, предводена од главниот политички преговарач вицепремиерот за европски прашања Бујар Османи, а во нејзиниот состав се и министерката за правда Рената Дескоска, главниот технички преговарач Бојан Маричиќ и експерти од Секретаријатот за европски прашања. Скринингот ќе почне со Поглавјето 23 – Правосудство и фундаментални права.

Овој прв објаснувачки состанок ќе трае два дена за време на кои ЕУ ќе ги презентира законски одредби, судски одлуки, или, пак, т.н.р. „најдобри практики“ кои во текот на самите преговори ќе им бидат водилка на земјите преговарачи на патот кон зачленувањето во Унијата.

За два месеца, во текот на ноември, треба да се одржи вториот состанок, посветен на поглавјето 24 наречен „правда, слобода и безбедност“.

Според новата методологија на преговори со ЕУ, воведена по последниот бран проширување, сите нови земји кандидати задолжително започнуваат со овие две поглавја, клучни за консолидирање на владеењето на правото, човековите права и правдата.

Во следните месеци, па сѐ до јуни 2019, кога Советот на ЕУ треба и официјално да го даде зеленото светло за старт на преговори доколку Македонија ги исполни зададените услови, треба да се одржат 31 слични состаноци на денешниот за секое од останатите преговарачки поглавја, од земјоделство до животна средина или, пак, конкурентност.

Сите овие подготвителни состаноци ќе се одржуваат заедно со албанската делегација, поради фактот што двете земји во јуни заедно добија условен датум за старт на преговори. Оваа практика не е вообичаена за ЕУ, која претпочита секоја земја да напредува според сопствените заслуги, но во оваа подготвителна фаза одлучено е двете земји да одат во пакет. Понатаму, во текот на самите преговори за членство, се очекува да се примени принципот на „секој по сопствена заслуга“, брифираат дипломатски извори во Брисел.

Состанокот започнува утринава, во девет часот, и ќе трае до петок попладне. Во петок комесарот Јоханес Хан се очекува да одржи прес-конференција со Бујар Османи и неговиот албански колега, додека на маргините на овој прв скрининг, Рената Дескоска треба да оствари средба со евркомесарката за правда, Вера Јурова.


Владата формираше Kомитет за интеграција во НАТО со кој претседава Заев


Скопје, 5 септември, 2018 - 9:21 (META) 

Владата на 86. седница формираше Комитет за интеграција во НАТО, а со него претседава премиерот Зоран Заев, а негови заменици се вицепремиерите Радмила Шекеринска Јанковска, Бујар Османи и министерот за надворешни работи Никола Димитров.

Постојани членови на Комитетот се и министрите Оливер Спасовски, Рената Дескоска, Драган Тевдовски, Дамјан Манчевски, генерал – мајор Васко Ѓурчиновски, началник на генералштабот на АРМ, директорот на дирекција за безбедност на класифицирани информации Стојан Славески, националениот координатор за НАТО Стево Пендаровски, заменикот-министер за одбрана Беким Максути, заменикот-министер за внатрешни работи Агим Нухиу.

Од Влада соопштуваат дека во работата на Комитетот може да учествуваат и други членови на Владата и други релевантни чинители доколку се расправа за теми од нивната област.


Дескоска ги претстави новите објекти во затворот „Идризово“


Скопје, 29 август, 2018 - 17:01 (META) 

Министерката за правда Рената Дескоска и директорот на Управата за извршување на санкции Јовица Стојановиќ, денеска ги промовираа двата новоизградени објекти во затворот „Идризово“. Тоа се КПУ Идризово – отворено одделение за сместување на 294 осудени лица на површина од 3.800 м2, како и полуотворено одделение за сместување на 252 осудени лица на површина од 4.000 м2.

Новите одделенија се изградени по најсовремени европски стандарди и затворски правила. Ќелиите се за сместување на четири осудени лица, со бања, предвидени се заеднички простории за престој, работилници, фитнес сали, ќелии за лица со посебни потреби, шеталишта и игралишта, соопшти Министерство за правда.

Во отвореното одделение изградени се и гаражи и работилници во кои затворениците ќе работат. Добрите услови и работилниците помагаат за побрза и подобра ресоцијализација на осудените лица.

Министерката за правда Рената Дескоска истакна дека еден од приоритетите на Владата на Република Македонија, претставува и искоренувањето на сите облици на кршење на човековите права, спречување на мачењето и понижувачко постапување и казнување на затворениците.

– Новата Влада на Република Македонија со посетата на премиерот Заев на овој затвор, ги отвори вратите на Идризово за јавноста, која преку новинарите можеа од блиску да ги видат условите во оваа институција. Денеска повторно ги отвараме вратите на новоизградениот дел на Казнено поправниот дом Идризово во кој можете да видите поинаква слика, слика која ветува значително подобрени услови за сместување на лицата кои издржуваат казна затвор овде – истакна министерката Дескоска.

Во Идризово се сместени повеќе од 3/5 од затворениците во целата земја.

Покрај изградбата на новите одделенија во КПУ Идризово, изградена е пречистителна станица за отпадни води, извршена е реконструкција на постоен објект кој се адаптираше во Тренинг центар за одржување на обуки и проверка на знаењата на вработените во казнено-поправните и воспитно-поправните установи во Република Македонија, реконструирана е административната зграда, а набавена е и современа опрема за негово функционирање, односно набавена е информатичка опрема, опрема за симултан превод, кујна и мебел за сите простории во објектот.

Дескоска најави дека наскоро ќе биде пуштен во процедура и Законот за извршување на санкциите.

Проектот за изградба и реконструкција на казнено поправните и воспитно поправните установи во Република Македонија се реализира преку Министерство за правда – Управа за извршување на санкции со заем од Банката за развој на Совет на Европа (ЦЕБ), во износ од 46 милиони евра.

Директорот на управата за санкции Јовица Стојановиќ одговарајќи на новинарски прашања појасни дека со грант на Европската Комисија од затворот „Скопје“  во скопската населба Шуто Оризари во затворот Идризово ќе биде префрлена судницата. Причината е големиот број осудени лица кои се наоѓаат во најголемиот затвор во Македонија.

Со истиот грант, додаде тој, завршена е постапката за комплетна реконструкција во затворот во Битола, во кој  во мај-јуни беше затворен притворскиот дел што не ги исполнува условите.

Стојановиќ најави и воведување на пробацијата во сите затвори во Македонија,  проект што треба да почне од 3 септември.