!Во периодот што претстои работиме на воведување систем за пристап и за претплата. За начинот на пристап и за претплатата ќе информираме дополнително. Содржините на „Мета“ до тогаш се слободни за преземање со задолжително цитирање и атрибуирање.

Тилерсон: Нема непосредна опасност од Северна Кореја


Вашингтон, 9 август, 2017 - 15:24 (META) 

Американскиот државен секретар, Рекс Тилерсон, непосредно пред слетувањето во Гуам, изјави дека не верува дека постои непосредна закана од Северна Кореја и дека Американците не треба да бидат загрижени.

– Претседателот испрати силна порака и тоа на јазикот што Ким Јонг-ун единствено го разбира – рече Тилерсон.

Претходно Пјонгјанг предупреди дека може да испука ракети во насока кон американскиот остров Гуам во Тихиот Океан, а претседателот на САД, Доналд Трамп, вети дека севернокорејскиот режим ќе се соочи со „оган и бес“.


Стејт департмент: Тилерсон нема намера да поднесе оставка


Вашингтон, 26 јули, 2017 - 10:43 (META) 

Американскиот Стејт департмент синоќа ги демантираше наводите на „Си-ен-ен“ дека државниот секретар Рекс Тилерсон планира да поднесе оставка поради несогласување со Белата куќа.

„Државниот секретар Рекс Тилерсон нема намера да поднесе оставка. Тоа не е точно. Разговаравме со државниот секретар и тој беше јасен – има намера да остане овде. Имаме уште многу работа“, соопшти портпаролката Хедер Науер, додавајќи дека скратениот распоред на Тилерсон претставува „мал одмор“ по бројните состаноци во Европа и во Персискиот Залив.

Американската телевизија „Си-ен-ен“, повикувајќи се на неименуван извор близок до државниот секретар, објави дека Тилерсон во разговорите со своите пријатели надвор од Вашингтон велел дека е „фрустриран од мешањето на Белата куќа во процесот на именување негови соработници“.


Тилерсон размислува да поднесе оставка, јавува „Си-ен-ен“


Вашингтон, 25 јули, 2017 - 17:23 (META) 

Американскиот државен секретар, Рекс Тилерсон, сè повеќе е незадоволен од начинот на кој функционира Белата куќа, поради што би можел да поднесе оставка, јавува „Си-ен-ен“, повикувајќи се на неименувани извори.

Два извора, кои се добро запознаени со разговорите на Тилерсон и на неговите пријатели надвор од Вашингтон, наведуваат дека кај него се зголемува незадоволството и оти се сомневаат дека наскоро ќе се намалат затегнатите односи во Белата куќа.

Една од причините за незадоволството на Тилерсон е одлуката за ангажирање на Антони Скарамули за директор за комуникации по оставката на портпаролот Шон Спајсер.

За Тилерсон, како што наведуваат изворите, уште поголем удар била изјавата на претседателот Доналд Трамп дека жали што го избрал Џеф Сешенс за државен обвинител.

Сепак, според изворите, пред да замине, Тилерсон планира да го реорганизира Стејт департментот.


ОМД: Писмено барање од 32 конгресмени за Тилерсон да ја посети Македонија


Вашингтон, 24 јули, 2017 - 10:44 (META) 

Обединетата македонска дијаспора (ОМД), глобална организација на Mакедонците во дијаспората, изрази благодарност кон Конгресната група на пријатели на Македонија и на македонската дијаспора во САД за испратеното писмо до државниот секретар на САД, Рекс Тилерсон, да ја посети Македонија, што би го зајакнало стратешкото партнерство помеѓу САД и Македонија.

Посетата на државниот секретар Тилерсон би била прва негова посета на Македонија и прва посета од страна на државен секретар на САД од 2001 година, кога земјава ја посети тогашниот државен секретар Колин Пауел, појаснува ОМД.
Писмото до државниот секретар Тилерсон собра 32 потписи од членови на Конгресот од 16 различни сојузни држави во САД, односно од четири члена на Комисијата за воени услуги и од девет члена на Комисијата за надворешни работи при Претставничкиот дом. Потписници се и претседавачот и членови на поткомисијата за Европа, односно вкупно 14 републиканци и 18 демократи.

„Ваквиот двопартиски карактер на писмото ја потврди униформната важност да се одржи врската помеѓу САД и Македонија. Ова писмо претставува кулминација на речиси двомесечната кампања која почна за време на четвртата македонско-американска конференција за лидерство организирана од ОМД, кога учесниците на конференцијата ја истакнаа важноста од евентуална посета на Тилерсон пред некои од горенаведените конгресмени. Заедно со претставници на подмладокот на ОМД, беа одржани повеќе од 250 едукативни средби во американскиот Конгрес“, појаснува ОМД и изразува оптимизам дека ова е вистински момент да се реафирмира силата и одржливоста на односите помеѓу САД и Република Македонија.

„Во рамките на развивањето на политиката на вашата администрација кон Европа, се надеваме дека ќе го сфатите унапредувањето на односите на САД со Македонија како потег што е во целосен склад со интересите на САД, знаејќи дека обете земји се стремат кон побезбеден и послободен свет. Воедно, остануваме подготвени да ви помогнеме во вашите напори за активно промовирање на билатералните односи“, се вели, меѓу другото, во писмото од 32-та конгресмени.


САД се подготвени да соработуваат со Русија околу Сирија


Вашингтон, 6 јули, 2017 - 10:29 (META) 

САД се подготвени да соработуваат со Русија за со заеднички сили да ја стабилизираат ситуацијата во Сирија, изјави американскиот државен секретар, Рекс Тилерсон.

Тилерсон изјави дека САД сакаат да разговараат со Русија за прекин на огнот на копно и да го координираат испраќањето помош на Сиријците.

– Доколку нашите две земји работат заедно на воспоставување стабилност на теренот, тоа ќе постави темел за напредок во решавање на политичката иднина на Сирија – рече Тилерсон пред самитот на Г20.

Тој додаде дека Русија има обврска да ја спречи владата на сирискиот претседател Башар ал Асад да користи хемиско оружје.

Претседателите на САД и на Русија, Доналд Трамп и Владимир Путин, ќе се состанат на маргините на самитот на Г20, кој утре почнува во Хамбург и, како што изјави Тилерсон, Сирија ќе биде една од темите за кои ќе се разговара.


Северна Кореја тестирала нов ракетен мотор


Вашингтон, 23 јуни, 2017 - 9:48 (META) 

Северна Кореја тестирала нов ракетен мотор кој би можел да се користи за интерконтинентална балистичка ракета, изјавил доцна синоќа неименуван американски функционер, јавуваат светските агенции.

„Ракетниот мотор е тестиран во четвртокот“, рекол за агенциите функционерот, но не изнел други детали.

Шефот на американската дипломатија, Рекс Тилерсон, побарал во средата од Кина, која е единстевниот сојузник на Северна Кореја, да изврши дополнителен притисок врз Пјонгјанг за да ги прекине нуклеарните и балистичките проби.

Тилерсон изјавил дека Северна Кореја претставува „прва безбедносна закана за САД“.

Од почетокот на 2016 година, Северна Кореја спроведе повеќе десетици ракетни и нуклеарни проби.


Рекс Тилерсон во посета на Лондон


Лондон, 26 мај, 2017 - 10:11 (META) 

Британското министерство за надворешни работи соопшти дека државниот секретар на САД, Рекс Тилерсон денеска ќе пристигне во кратка посета на Лондон во знак на американска поддршка на Велика Британија после бомбашките напади во Манчестер, во кои загинаа 22 лица.

Тилирсон ќе разговори со министерот за надворешни работи Борис Џонсон и ќе се впише во книгата на жалост.

Во соопштението се наведува дека Тилерсон и Џонсон ќе дадат кратка изјава за медиумите.

Посетата доаѓа во момент кога британската полиција и владините претставници го осудија протекувањето информации од истрагата во американските медиуми.


Трамп го прими Лавров во Белата куќа


Вашингтон, 10 мај, 2017 - 18:04 (META) 

Американскиот претседател, Доналд Трамп, денеска во Белата куќа го прими рускиот министер за надворешни работи, Сергеј Лавров. Тоа е негова прва официјална средба со претставник на руската влада откако е избран за шеф на државата.

Како што беше најавено претходно,Трамп и Лавров ќе разговараат за билатералните односи, Сирија и за други меѓународни прашања.

Пред средбата со Трамп во Белата куќа, Лавров разговараше со државниот секретар на САД, Рекс Тилерсон, кој изјави дека нивниот состанок е можност за двајцата дипломати да продолжат со дијалогот што го почнаа минатиот месец во Москва.


Тилерсон и Лавров утре во Вашингтон ќе разговараат за состојбите во Украина и во Сирија


Вашингтон, 9 мај, 2017 - 13:06 (META) 

Државниот секретар на САД, Рекс Тилерсон, утре во Вашингтон ќе се сретне со министерот за надворешни работи на Русија, Сергеј Лавров. Како што соопшти денеска американскиот Стејт департмент, двајцата ќе разговараат за ситуацијата во Украина и во Сирија, како и за билатерални прашања помеѓу САД и Русија.

Во врска со ситуацијата во Украина, Тилерсон и Лавров, стои во соопштението, ќе разговараат за потребата од запирање на насилствата на истокот на земјата и за решавање на конфликтот преку целосна импелентација на Договорот од Минск.

Во врска со Сирија, пак, како што велат од Стејт Департментот, Тилерсон има намера да разговара за напорите за намалување на насилствата, овозможување на хуманитарна помош за населението во Сирија и за подготовка на терен за политичко решавање на конфликтот.


Путин сепак се сретнал со државниот секретар на САД, Тилерсон


Москва, 12 април, 2017 - 19:38 (META) 

Рускиот претседател, Владимир Путин, се сретнал со државниот секретар на САД, Рекс Тилерсон, во Кремљ, а на средбата присуствувал и шефот на руската дипломатија, Сергеј Лавров.

Средбата ја потврдиле портпаролот на Кремљ, Дмитриј Песков, и американската амбасада во Москва.

Средбата помеѓу Путин и Тилерсон се случи по многу неизвесност, бидејќи пред посетата на државниот секретар на Москва, Песков изјави дека „во распоредот на претседателот не е планирана средба со Тилерсон“.

Песков денеска најави дека Путин ќе ги прими Тилерсон и Лавров доколку „тие сметаат дека е разумно да го брифираат за исходот на денешните разговори“, пренесуваат руските медиуми.

Медиумите, исто така, јавуваат дека Путин се состанал со Тилерсон откако САД и Русија меѓусебно се обвинија во врска со нападот со хемиско оружје во Сирија.

Агендата на состанокот не е објавена, но се очекувало тие да разговараат за ситуацијата во Сирија, како и за наводното руско мешање во минатогодишната кампања за претседателски избори во САД.