!Во периодот што претстои работиме на воведување систем за пристап и за претплата. За начинот на пристап и за претплатата ќе информираме дополнително. Содржините на „Мета“ до тогаш се слободни за преземање со задолжително цитирање и атрибуирање.

Реконструкција на турската влада и итен состанок на Ердоган и на Јилдрим


Анкара, 19 јули, 2017 - 16:54 (META) 

Турскиот премиер Бинали Јилдрим објави реконструкција на владата во која остануваат 15 досегашни министри, на кои ќе им се приклучат уште пет нови.

Клучните министерства, за економија, финансии, за надворешни и за внатрешни работи, како и за европски работи, остануваат непроменети.

По состанокот со претседателот Реџеп Таип Ердоган, Јилдрим рече дека шест од досегашните министри преминуваат на нови функции.

Вицепремиери ќе бидат Мехме Шимшек, Бекир Боздаг, Фикри Исик, Реџео Акдаг и Хакан Чавушоглу.

Шимшек останува задолжен за економија, ресорот финансии и понатаму ќе го води Начи Агбал, а на иста функција останува и министерот за стопанство, Нихат Зејбекчи.

Нов министер за правда ќе биде Абдулхамит Ѓул, а за одбрана – Нуретин Чаникли.

За внатрешни работи остаува Мевлут Чавушоглу, додека Берат Албајрак останува министер за енергетика.

Заменик-премиерот и портпарол на владата, Нуман Кургулмус, сега станува министер за туризам.

Реконструкцијата се очекуваше уште од мај, кога Ердоган го презеде раководството на владејачката Партија на правдата и развој, а по референдумот за уставот со кој се проширија неговите овластувања.


СДСМ: Заради криминални тендери, ВМРО-ДПМНЕ сакаше да го уништи Скупи


Скопје, 16 јули, 2017 - 19:32 (META) 

„Додека ВМРО-ДПМНЕ ги подметнуваше новокомпонираните барокни градби како културно наследство, вистинското културно и историско наследство скапуваше и се распаѓаше. Додека ВМРО-ДПМЕ ги трошеше парите на граѓаните на стиропор и на лажен барок, најзначајните културно-историски објекти, како античкиот локалитет Хераклеја, скопскиот Аквадукт, археолошките остатоци на Плаошник, фреската „Ангелот од Курбиново“ во црквата „Свети Ѓорѓија“ и други, свесно и намерно беа загрозувани и запуштени“, одговори СДСМ на денешната прес-конференција на Владимир Атанасов во седиштето на ВМРО-ДПМНЕ.

„Локалитетот Скупи, за кој денес ВМРО-ДПМНЕ лицемерно прикажува загриженост, беше во опасност од уништување само заради остварување на криминални интереси на ВМРО-ДПМНЕ. СДСМ долго време предупредуваше дека ВМРО-ДПМНЕ преку таканеречена обнова и преку криминален тендер со набилдани цени сакаше противправно да гради сала со 9000 седишта и со тоа да го уништи археолошкиот локалитет Скупи. За разлика од криминалното владење на ВМРО-ДПМНЕ, СДСМ навистина ќе се грижи и ќе го заштити културното и историско наследство. За конкретниот случај со Скупи, одобрени се средства за да се доврши конзервацијата и таа е завршена. Нема да се дозволи остварување на криминални интереси и продолжување во следни фази на таканаречена обнова, бидејќи таков термин не постои во Законот“, се вели во реакцијата.


ВМРО-ДПМНЕ: Алаѓозовски и СДСМ го блокираат античкиот театар во Скупи


Скопје, 16 јули, 2017 - 17:34 (META) 

Со ребалансот на буџетот се спречува изградбата на античкиот театар во Скупи, а овој проект важен за граѓаните го блокираат министерот за култура Роберт Алаѓозовски и СДСМ, обвини Владимир Атанасов на прес-конференција во седиштето на ВМРО-ДПМНЕ. Тој рече дека со ребалансот се укинати над 80 отсто од парите предвидени за овој проект.

– За жал на граѓаните, а за волја на вистината, ова ќе биде најнеуспешната влада која неинвестирала во културата.Овој антички театар од римско време е еден од најголемите и најзначајните објекти на балканот и пошироко, кој со конзервација и реставрација ќе се возобнови и повторно ќе може да прими од 8 до 10 000 гледачи. СДС очигледно нема елементарни познавања за важноста на овој проект. Тие по секоја цена продолжуваат со деструктивноста, блокирањето и укинувањето на проектите кои се од огромно значење за граѓаните – обвини Атанасов.


Министерство за култура: За Домот на културата во Охрид речиси ништо не е сработено


Скопје, 11 јули, 2017 - 14:39 (META) 

Министерството за култура денеска се огласи со реакција на вчерашната прес-конференција на пратеникот на ВМРО-ДПМНЕ, Крсто Јовановски, кој обвини дека министерот Роберт Алаѓозовски ги прекинал и ги поништил постапките за реализација на проектот за реконструкција, надградба и за осовременување на Центарот за култура „Григор Прличев“ во Охрид.

„Лага е дека за овој објект бил обезбеден буџет и дека била завршена постапката за избор на проектант. Всушност, токму за тоа идејно решение бил распишан тендер за избор на проектант, а поради промени во буџетот, односно несоодветно испланирани финансии за реализација, министерот за култура одлучи да ја поништи оваа постапка. Од изнесените наводи, точно е само тоа дека досега било избрано само идејното решение за новиот изглед на Центарот за култура“, се вели во реакцијата.

Министерството за култура информира дека ја анализира документацијата за проектот, по што ќе следува избор на проектант преку јавен тендер.


ВМРО-ДПМНЕ: Алаѓозовски спречи Охрид да добие современ центар за култура


Скопје, 10 јули, 2017 - 16:26 (META) 

Министерот за култура, Роберт Алаѓозовски, тајно и зад грбот на јавноста, без никаква транспарентност ниту дебата, ги прекина и ги поништи постапките за реализација на проектот за реконструкција, надградба и за осовременување на Центарот за култура „Григор Прличев“ во Охрид, во кој се сместени и работат националните установи Театар Охрид, „Охридско лето“ и Библиотеката „Григор Прличев“, обвини пратеникот на ВМРО-ДПМНЕ, Крсто Јовановски.

– Веќе беше обезбеден буџет, избрано беше идејно решение и фирма проектант, која треба да ја изработи потребната проектна документација по што би се почнало со градежните активности за реконструкцијата на објектот. Но, сега тоа е стопирано од Алаѓозовски, Заев и од СДС, кои не сакаат во Охрид да има нов, современ и квалитетен објект, кој не е ниту нивна идеја ниту, пак, нивно дело. По контекст на ова, јавно ги прашуваме министерот за култура и владата на СДС, дали прекинувањето на овој значаен проект за бисерот на културата, Охрид, значи „живот“ за Охрид и за охриѓани? Дали за Алаѓозовски, охриѓани не се достојни да добијат објект на кој ќе се гордеат и во кој ќе може да ги следат бројните културно-уметнички настани во својот град? – праша Јовановски.


МТСП: Ниту се гради ниту, пак, ќе се гради бегалски камп во Демир Капија


Скопје, 4 јуни, 2017 - 17:11 (META) 

На територијата на општина Демир Капија ниту се гради ниту, пак, ќе се гради бегалски камп или нешто слично, соопштија денеска од Министерството за труд и социјална политика, кое како дезинформации ги отфрли шпекулациите за наводна изградба на бегалски камп.

„Министерството за труд и социјална политика најодговорно потврдува дека се врши реконструкција на Специјалниот завод- Демир Капија, која се однесува на депандансот кој се наоѓа во атарот на село Ергеле. За оваа активност финансиер е Меѓународната организација за миграции, која единствено треба за потребите на Министерството за труд и социјална политика да изврши реконструкција на постојните објекти исто како што претходно за потребите на Министерството за здравство спроведе и реконструкција на болниците во Гевгелија и во Куманово“, стои во соопштението на МТСП.

Оттаму нагласуваат дека Специјалниот завод – Демир Капија е составен дел од мрежата на јавни установи чијашто единствена намена е сместување и заштита на лица од ранливи категории.

„Ова значи дека истиот е невозможно да дава друг тип на услуги освен тие за кои согласно со Законот за социјална заштита е формиран. Воедно уште еднаш би сакале да го нагласиме ставот на Република Македонија која се декларираше како транзитна земја за мигранти и во согласност со таквата политика во моментот на територија на Република Македонија има вкупно 25 лица во двата прифатни транзитни центри во Гевгелија и на Табановце и 11 лица баратели на азил сместени во Јавната установа Прифатен центар за баратели на азил во село Визбегово, Скопско“, велат од Министерството за труд и социјална политика.


Џамијата „Али-паша“ во Охрид се реконструира и се конзервира


Охрид, 19 мај, 2017 - 16:13 (META) 

Директорката на Завод и музеј од Охрид, Тања Паскали-Бунташеска, денеска на прес-конференција изјави дека џамијата „Али-паша“ ќе остане во постојниот габарит, не се гради нова џамија, туку се врши само конзервација и реконструкција.

Со оглед на тоа што деновиве во јавноста се дискутираше и се бараа одговори околу конзервацијата и реконструкцијата на џамијата, Паскали-Бунташеска рече дека од Управата за заштита пристигнало одобрение за вршење на конзерваторските истражувања.

– На таа џамија се извршени многу градежни работи кои не соодветствуваа на архитектурата, всушност беа изведени како дивоградби од тогашното муфтиство. Истражувањата ги направивме за да видиме како изгледала џамијата во периодот кога била прогласена за споменик на културата и според нашиот закон да ја вратиме во автентична состојба. Точно е дека минарето е високо 32 метри, но тоа е дел од еден споменик на културата. На овој простор имаше остаток од постоечкото минаре во висина од шест и пол метри – истакна Паскали-Бунташеска.

Конзервацијата ќе трае до септември, па дури потоа ќе се премине на реконструкција на овој споменик на културата.


Голем одрон го затрупа патот кон тетовско Бањиче


Тетово, 28 април, 2017 - 13:26 (META) 

Вчера попладне на патот кој води кон рекреативното место Бањиче во Тетовско, наспроти објектот на хидроцентралата на реката Пена, паднал голем одрон од земја и од камења.

Според Секторот за сообраќај и патишта при Општина Тетово, одронот за неколку часа е отстранет, но оттаму апелираат овој патен правец да не се користи, освен во случај на голема потреба, затоа што сè уште постои ризик да се појават свлечишта.

Екипи постојано го контролираат овој патен правец сè додека состојбата не се стабилизира. Во меѓувреме, надлежните вршат проценки и утврдуваат на кој начин и со какви градежни активности би било најдобро и најбрзо да се сопрат ерозивните процеси на земјата над овој патен правец.

Патниот правец кон рекреативното место Бањиче почна да се реконструира како дел од проектот за реконструцкија на горниот тек на реката Пена.


Во ноември лани биле издадени 363 одобренија за градење


Скопје, 13 јануари, 2017 - 14:41 (META) 

Во ноември 2016 се издадени 363 одобренија за градење, односно 14,2 проценти повеќе во однос на истиот месец од претходната година, соопшти Државниот завод за статистика.

Според издадените одобренија за градење, предвидената вредност на објектите изнесува 6,03 милијарди денари, што е за 0,8 отсто повеќе во однос на истиот месец од претходната година.

Од вкупниот број на издадени одобренија за градење, 219 (60,3 проценти) се наменети за објекти од високоградба, 54 (14,9 проценти) за објекти од нискоградба и 90 (24,8 проценти) за реконструкција на објекти.

Од вкупно 363 објекти, на 239 (65,8 проценти) како инвеститори се јавуваат физички лица, а на 124 објекти (34,2 проценти)  инвеститори се деловни субјекти.

Во извештајниот период е предвидена изградба на 985 станови со вкупна корисна површина од 86.342 квадратни метри.


Нов, атрактивен дрвен мост над реката Дрим во центарот на Струга


Струга, 12 декември, 2016 - 13:56 (META) 

Реката Дрим во центарот на Струга ќе ја премостува нов, атрактивен дрвен мост. Проектантска куќа од Австрија во која работат Македонци го изработи проектот, а од таму се увезени и дрвените делови.

Идниот пешачки мост се монтира на местото на некогашниот мост, познат како „Мостот на Нина“, по името на некогашната општинска раководителка на Струга, а беше демонтиран пред пет години, поради дотраеност.

Надворешниот лик на мостот ќе биде во согласност со другите два моста во централното градско подрачје на Струга.

Градоначалникот на општина Струга, Зијадин Села, вели дека мостот се гради со донација од приватна фирма.

– Надворешните страни ќе бидат метални и ќе бидат исти со страните на Мостот на поезијата и на Чаршискиот, по нивната реконструкција – додаде Села.

Струшкиот градоначалник истакна дека почната е постапка и за уредување на шеталиштето, односно западниот брег на реката Црн Дрим, и на двата кеја.

Донаторот Менди Ќура вели дека мостот ќе биде поставен до крајот на годинава, за што ќе бидат инвестирани околу 150.000 евра.