Ќе се подобрува инфраструктурата за собирање на отпадните води во Скопје


Скопје, 13 јуни, 2018 - 15:44 (META) 

Градоначалникот на Град Скопје, Петре Шилегов заедно со министерот за животна средина и просторно планирање, Садула Дураки, евроамбасадорот Самуел Жбогар и францускиот амбасадор Кристијан Тимоние, денеска присуствувааа на почетокот на проектот за подобрување на инфраструктурата за собирање на отпадните води во Скопје, во населбата Ново Лисиче.

-Испуштањето отпадни води во Вардар, влијае на квалитетот на водата и на живиот свет во неа. Со реализација на овој проект ќе овозможиме заштита на реката од загадување преку затворање на неколку испусти на отпадни води што директно се излеваат во Вардар. Со изградбата на колекторите на двете страни на реката Вардар до 2020 година, ќе се создадат и главните предуслови за изградба на централна пречистителна станица за градот Скопје. Граѓаните на Скопје по завршување на изградбата конечно ќе добијат пречистителна станица во согласност со европските директиви, а воедно и контрола и третман на водата што се испушта во реката Вардар. Целта на проектот е да се намалат ризиците од загадување и да се подобри севкупната чистота на градот – рече Шилегов.

Тој додаде дека ќе се подигне квалитетот на водата во реката Вардар и дополнително ќе се придонесе за заштита на подземните води во Скопската котлина, што се користат за наводнување и за пиење.


Теодоракис: Сакаме решение на спорот со името, но под одредени услови


Атина, 22 март, 2018 - 13:50 (META) 

Сложено име за севкупна употреба, но и бришење на „агресивниот дух кон Грците“ од Уставот, учебниците и секојдневниот живот во соседната земја, се позициите на лидерот на партијата „Река“, Ставрос Теодоракис за прашањето за името.

Во интервју за грчката телевизија „Скај“ Теодоракис вели дека неговата партија, како и Движењето за промена, во кое членуваат Река, заедно со ПАСОК, сакаат да се реши проблемот, „затоа што не е толку голем колку што го претставуваат“. Меѓутоа, тој поставува и одредени предуслови за решение.

– Едно сложено име за севкупна употреба, паралелно со конкретни обврски од нашите соседи дека ќе има бришење во нивниот Устав и во учебниците. Многу инсистирам на учебниците затоа што тие ја градат свеста, дека од нивното секојдневие, од нивната култура, ќе се избрише овој агресивен дух кон Грците и кон грчката Македонија – вели Теодоракис за „Скај“.

Лидерот на „Река“ одби директно да одговори каква ќе биде позицијата доколку договорот дојде во грчкиот Парламент. Гласањето, според него, ќе зависи од самиот предлог и што тој точно ќе содржи, збор по збор.


Поплавувања во горните текови на Вардар, Црна и Треска


Скопје, 5 март, 2018 - 13:29 (META) 

Поплавувања има во горните текови на реките Вардар, Црна, Треска и нивните помали притоки, соопшти УХМР.

Новите врнежи од 10 до 15 литри на квадратен метар што се најавуваат за следните 24 часа на планините Кораб и Шар Планина, ќе предизвикаат дополнителен притисок врз водотеците и суводолиците во овие региони.

Во моментов, според информација од хидролошките станици, се гледа дека насекаде водостоите се високи, но високи водостои со тенденција на покачување има на реката Вардар кај станицата Јегуновце и Радуша, хидролошката станица кај Новаци на Црна, Катлановска Бања на реката Пчиња, Брегалница кај Штип. Од последните информации се гледа дека на хидролошката станица кај Македонски Брод се забележува намалување на водостојот, велат од Управата.

Најголеми покачувања се јавија на реките Треска, Црна, Вардар, Сатеска, Радика, Пчиња и други помали реки.


Поројните дождови причинија материјална штета во Полошкиот регион


Тетово, 4 февруари, 2018 - 12:04 (META) 

Поројните дождови во Полошкиот регион поплавиле подруми од куќи и згради и предизвикале уривање на потпорен ѕид врз покрив од куќа, информираше портпаролот на СВР Тетово, Марјан Јосифовски.

„Околу 20 часот на улицата Прохор Пчински, како последица на дождот се лизнал и урнал потпорен ограден ѕид со висина од пет до шест метри и должина од 10 метри врз покривот од куќата на И.И.(71). Од уривањето била нанесена поголема материјална штета, а немало повредени бидејќи луѓето од куќата претходно биле евакуирани и сместени кај нивни роднини. Увид на местото ќе биде извршен во текот на денот“, рече Јосифовски.

Сообраќајот на неколку патни правци бил прекинат или отежнат, поради излевање на реките.

Во 2 часот по полноќ било пријавено дека се излеала реката Лакашница над селото Србиново при што поплавени биле земјоделско обработливо земјиште како и една штала, од која сопственикот од Србиново претходно го извадил добитокот на сигурно. Утрово водата се повлекла, по што стоката била вратена назад.

Околу 16 часот вчера, било пријавено дека одрон од два до три кубни метри нанос, го блокирал патот Велебрдо – Требиште. Со интервенција со механизација, одронот од камења и земја бил отстранет и околу 20 часот сообраќајот бил нормализиран.

Од Центарот за управување со кризи информираа дека во Кичево, на улица Прилепска се излеала реката Темница, и биле поплавени околу 50 куќи. Во текот на ноќта биле евакуирани една жена и дете.

Во Охрид се има излеала Коселаска река во село Опеница при што, се поплавиле куќи и земјоделско земјиште.


Сообраќајот прекинат на два патни правци, поради излевање на реките


Тетово, 3 февруари, 2018 - 22:52 (META) 

Водата од реката Поника се излеала на главниот пат Тетово – Јажинце, при што сообраќајот се одвива по едната коловозна лента, информираат од Автомото-сојузот на Македонија.

На влезот за село Долно Орашје, тетовско на патниот правец кој води од село Јегуновце кон село Радуша се излеала водата од Голема река, поради што патниот правец е во целосен прекин.

Сообраќајот на државните патишта се одвива по влажни коловози. На Попова Шапка се бележат врнежи од снег кој наместа се задржува на коловозот, но во моментов не претставува пречка за одвивање на сообраќајот.


Најмалку 30 лица загинаа, а 15 се повредени во автобуска несреќа во Непал


Катманду, 28 октомври, 2017 - 14:33 (META) 

Најмалку 30 лица загинаа, а 15 се повредени во автобуска несреќа што се случила во близина на Катманду, соопштила полицијата. Автобусот излетал од патот во реката Тришули, која е позната по брзите и силни водени струи.

На теренот се припадници на војската и нуркачи, кои се обидуваат да ги пронајдат телата на патниците.

– Досега извлековме 30 тела и веруваме дека сè уште има заглавени во потонатиот автобус – соопштиле локалните власти.

Причина за сообраќајните несреќи во Непал се неодржувањето на патиштата, особено во планининските области, и лошата состојба на возилата.


Денот на реката Дрим се одбележува со повеќе активности во Струга и во Охрид


Струга, 6 мај, 2017 - 12:46 (META) 

Денот на реката Дрим се одбележува со низа активности, во Охрид и во Струга.

Еко-караванот ќе посети неколку села каде што со жителите ќе се разговара за добрите земјоделски практики за да се зачува сливот на реката Дрим, за тој да биде во добра еколошка состојба.

Еко-активистите, но и претставници од надлежните институции ќе ја посетат станицата за пречистување комунални отпадни води, кај село Ложани.


УХМР: Се зголемува нивото на Охридско Езеро


Скопје, 21 февруари, 2017 - 10:57 (META) 

Нивото на Охридско Езеро е два сантиметри над дозволениот минимум, а значително е намален водостојот на реката Црн Дрим кај Ложани, информира Управата за хидрометеоролошки работи (УХМР).

Оттаму велат дека просечниот водостој за февруари на Црн Дрим е 123 сантиметри, а вчера изнесувал 20 сантимтери. Големо намалување на водостојот има и реката Сатеска, каде вчера биле измерени два сантиметри, а вообичаено за овој период од годината е 16 сантиметри.

Пониски нивоа се иземерени и на Вардар кај Демир Капија, Пчиња кај Катланово, Крива Река кај Крива Паланка, додека повисоки од просечните се на Вардар кај Јегуновце, Треска кај Македонски Брод и на Брегалница кај Штип.


Сообраќајот кај Стоби се одвива по една лента поради оштетување на мостот


Скопје, 21 февруари, 2017 - 10:23 (META) 

Сообраќајот на автопатот А-1, Градско – Неготино, кај Стоби, се одвива по левата коловозна лента бидејќи десната е затворена за сообраќај поради оштетување на мостот на реката Црна, информираат од Автомото-сојузот на Македонија.

Сообраќајот на државните патишта се одвива по на места влажни коловози.

Во клисурите и во засеците можна е појава на помали одрони, особено на патните правци Кочани – Македонска Каменица – Делчево, Виница – Берово, Гостивар – Стража, Маврово – Дебар – Струга, Демир Капија – Удово, Катланово – Велес, Крушево – Демир Хисар и Ресен – Буково.

 


Струга за Нова година доби нов мост на Црн Дрим


Струга, 1 јануари, 2017 - 10:55 (META) 

Вчера попладне, непосредно пред дочекот на Нова година, реката Црн Дрим во центарот на Струга доби нов дрвен мост.

Мостот беше свечено пуштен во употреба со пресекување на лентата од страна на поранешниот градоначалник на Струга, сега пратеник, Зијадин Села, неговиот заменик Мустафа Зебзун и бизнисменот и донатор, Менди Ќура.

Проектот го изработи проектантска куќа од Австрија во која работат Македонци, а оттаму беа увезени и дрвените делови. Во изградбата беа инвестирани 150.000 евра.

Пешачкиот мост е монтиран на местото на некогашниот Мост на Нина, по името на некогашната општинска раководителка на Струга, а беше демонтиран пред шест години, поради дотраеност.

Надворешниот лик на мостот е во согласност со другите два моста во централното градско подрачје на Струга, за кои е најавено дека ќе се реновираат.