ЕЛЕМ ќе ја исклучи електраната Осломеј, ќе го вклучи блокот 2 во РЕК Битола


Скопје, 12 јуни, 2018 - 15:05 (META) 

АД ЕЛЕМ соопшти дека ќе ја исклучи термоелектраната Осломеј и на нејзино место ќе го вклучи блокот 2 во РЕК Битола. Причината за тоа е загриженоста на жителите од населените места околу „Осломеј“ за можно загадување.

„И покрај тоа што дефектот на системот за водено отпепелување е отстранет и ТЕ Осломеј може да работи по сите еколошки стандарди, раководството на АД ЕЛЕМ одлучи да го запре производството на електрична енергија во електраната, имајќи ја предвид загриженоста и сензитивноста на населението од околните места“, велат од ЕЛЕМ.

Блок 2 во РЕК Битола бил подложен на превентивен зафат во текот на викендот, а сега може непречено да се вклучи во производниот процес.


ЕЛЕМ: Условите во тендерот за ископ на јаглен бараат само сериозни фирми


Скопје, 13 април, 2018 - 16:00 (META) 

АД ЕЛЕМ, државниот производител на струја, кој од генералниот секретар на ВМРО-ДПМНЕ, Игор Јанушев, денеска беше обвинет дека ги мести условите за учество на новиот тендер на РЕК Битола вреден 320 милиони денари за да победи фирма блиска до врвот на СДСМ, ги отфрли обвинувањата.

Во соопштение, АД ЕЛЕМ порачува дека условите во тендерот за ископ на јаглен во РЕК Битола гласат „Економскиот оператор во последните 3 години да има извршено ископ на најмалку 900 илјади тони јаглен или 1 милион кубни метри јаловина (земјени или карпести маси) или руда”, од каков било вид.

„Условите во тендерот овозможуваат поголема можност за пријавување на што повеќе економски оператори, а од друга страна, условите се и натаму доволно ригорозни да овозможат пријавување само на фирми кои имаат технички и кадровски капацитет и референци за изведување на одговорна задача, како што е ископот на јаглен во РЕК Битола, од што зависи стабилноста на производствениот процес на електрична енергија за потребите на Р.Македонија. Сакаме да нагласиме дека ВМРО ДПМНЕ неколку дена и дава на јавноста неточни информации и лажни конструкции во врска со јавни набавки во РЕК Битола, кои се демантираат со документацијата која АД ЕЛЕМ и вчера и денеска ја става на увид на целата јавност и исто така на опозицијата“, гласи соопштението од ЕЛЕМ.


Јанушев: ЕЛЕМ го мести тендерот за РЕК Битола за фирма блиска до врвот на СДСМ


Скопје, 13 април, 2018 - 14:04 (META) 

Постои сомнеж дека државниот производител на струја АД ЕЛЕМ ги мести условите за учество на новиот тендер на РЕК Битола вреден 320 милиони денари за да победи фирма блиска до врвот на СДСМ, обвини денеска Игор Јанушев, генерален секретар на ВМРО-ДПМНЕ.

– Согласно тендерската документација – економскиот оператор во последните 3 години треба да има ископано 900.000 тони јаглен, а таква фирма во Република Македонија според информациите со кои што располагаме има само една, тоа е фирмата која важи за блиска до врвот на СДСМ – „Пелистер“ ДОО Битола. Ако тоа е така, другите компании кои се занимаваат со оваа дејност од старт се елиминирани, а со тоа однапред се знае кој ќе го добие тендерот.  Сомнежот е дека oваа тендерска постапка е однапред договорена работа – рече генералниот секретар на најголемата опозициска партија.

ВМРО-ДПМНЕ бара тендерската постапка да биде поништена и да биде распишан нов оглас, со еднакви услови за учество. Јанушев обвини дека власта сакајќи да овозможи простор за нелегални активности смислено го укинала Советот за јавни набавки.

– На површина излегоа причините поради кои беше укинат Советот за јавни набавки, кој беше гарант за законитоста и чувар на јавниот интерес при постапките за јавни набавки. Советот за јавни набавки беше трн во очите на власта, пречка за сите коруптивни шеми, и затоа беше укинат. Цената на неговото укинување сега ја плаќаат граѓаните, од чии пари се полнат сметките на фирми блиски до оваа криминална власт – рече генералниот секретар на ВМРО-ДПМНЕ, напоменувајќи дека вчера партијата обелоденила дека фирмата „Пелистер“ со склучен договор во четири очи во изминатиот период вршеше ископ на јаглен за потребите на РЕК Битола „по цени двојно поголеми од првично предвидените, со што државата плати 1 милион евра повеќе“.


ВМРО-ДПМНЕ: СДСМ и Ковачевски сами да си поднесат кривични пријави


Битола, 3 април, 2018 - 17:08 (META) 

Генералниот директор на РЕК Битола, Васко Ковачевски, и раководството на СДСМ сами на себе да си поднесат кривични пријави за загрозувањето на здравјето на битолчани и животната средина, како што правеа кон претходното раководство, порача ВМРО-ДПМНЕ денеска.

– Раководството на ЕЛЕМ, покрај директната одговорност што ја има со лошото менаџирање со водостојот на Охридското Eзеро, со што неколку дена под вода се поголем дел од улиците и објектите во Охрид, со своето нестручно работење деновиве повторно од незнаење и недобро менаџирање и негрижа предизвикува уште една еколошка катастрофа со расејување на пепелта од депонијата од РЕК Битола низ цела Пелагонија – вели Олга Лозановска од Општинскиот комитет на ВМРО-ДПМНЕ во Битола.

Таа рече дека Ковачевски и власта очигледно заборавиле на ветувањето за чистиот воздух и здравата животна средина „што им беше главна порака на изборите за добивање на гласовите на битолчани“.


ЕЛЕМ објави тендер за купување на механизација за РЕК Битола


Скопје, 26 март, 2018 - 16:47 (META) 

ЕЛЕМ денеска објави тендер за купување на помошна механизација за РЕК Битола, бидејќи ангажирањето механизација при ископот е еден од главните трошоци на компанијата, информираат од таму.

– За таа услуга ЕЛЕМ постојано им плаќа на надворешни фирми, бидејќи сопствена механизација нема. Планираме за 41 милион евра да ја купиме целата потребна механизација и да копаат нашите работници. Со тоа ќе се изврши заштеда, а таа заштеда ќе се одрази на производствената цена на електричната енергија – изјави директорот Драган Миновски.

За ископ на јаглен, преку ангажирање на надворешни фирми ЕЛЕМ последните пет години платиле 212 милиони евра.

Доколку тендерската постапка се одвива во предвидените рокови, машините треба да бидат испорачани до крајот на годината. Со тоа, во 2019 година помошна механизација од надворешни фирми во РЕК Битола нема повеќе да се користи.

Од ВМРО-ДПМНЕ реагираа на пресот на Миновски и во соопштението велат дека „управувањето на ЕЛЕМ од страна на СДСМ го чинело претпријатието осум месеци без сопствена опрема.“

„Откако СДСМ ја поништи набавката отпочнато во време на ВМРО-ДПМНЕ, набавка која во целост ги задоволуваше потребите на РЕК  Битола, сега распиша парцијален оглас за опрема, која не може во целост да ги покрие потребите на претпријатието“, реагираат од ВМРО-ДПМНЕ.


Кривична против ЕЛЕМ и директори во РЕК Битола за загадување на животната средина


Битола, 13 февруари, 2018 - 13:17 (META) 

Секторот за внатрешни работи Битола поднесе кривична пријава против Електрани на Македонија (ЕЛЕМ) и против поранешни и актеуелни директори и раководители во РЕК Битола поради загадување на животната средина и природата.

Како што соопштија денеска од МВР, кривични пријави се поднесени против И.К. (63) од Гостивар, поранешен директор на подружница РЕК Битола, Ј.К. (67) од Битола, директор на подружница РЕК Битола, О.З. (54) од Битола, директор во РЕК Битола, З.М. (44) од Битола, раководител во подружница РЕК Битола и против С.А. (63) од Битола, раководител во подружница РЕК Битола поради постоење основи на сомнение за сторено кривично дело „соизвршителство“ во врска со „загадување на животната средина и природата“.

Кривична пријава е поднесена и против АД Електрани на Македонија – Скопје поради постоење основи на сомнение за сторено кривично дело „загадување на животната средина и природата“.

„Имено, по претходна пријава до СВР Битола и до ОЈО Битола, во тесна координација и дадени насоки за постапување од Јавното обвинителство направени се низа проверки при што е констатирано дека пријавените физички лица, со непридржување кон прописите за заштита и унапредување на животната средина, пропуштиле да ги реконструираат постоечките или да постават нови филтри за прашина. Дозволиле преку работата на пријавеното правно лице да се пропуштаат штетни честички количински повеќе од 50 милиграми на метар кубен“, стои во соопштението на МВР.

Осомничените физички лица, се додава во соопштението, дозволиле да се врши отпепелување на одлагалиштето, каде што често се создавале воздушни вртлози од пепел и земја.

„На тој начин предизвикале пораст на статистичкиот показател на загаденост на воздухот во град Битола, што претставува опасност по здравјето на луѓето“, стои во соопштението.


ЕЛЕМ: Најдоцна до 13 часот Блок 2 во РЕК Битола ќе проработи


Битола, 2 јануари, 2018 - 12:39 (META) 

Државната компанија за производство на струја ЕЛЕМ соопшти дека по 15 часовен застој, најдоцна до 13 часот денеска повторно во електроенергетскиот систем ќе биде приклучен Блок 2 во РЕК Битола.

Според ЕЛЕМ, застојот почнал вчера во 19.57 часот, поради прекин во помошното напојување. Од компанијата уверуваат дека не станува збор за голем технички дефект и во моментов се врши постапката за рестартирање на капацитетот, кој најдоцна до 13 часот ќе биде повторно во целосна функција.


Миновски: Состојбата со производството на струја во Македонија е катастрофална


Скопје, 17 септември, 2017 - 14:31 (META) 

Ситуацијата со производството на електирична енергија во Македонија е катастрофална и оваа година земјава ќе произведе најмалку струја од кога и да било досега, изјави денеска на прес-конференција Драган Миновски, генерален директор на АД „Електрани на Македонија“ (ЕЛЕМ).

За ваквата состојба тој ги обвини претходните раководства на компанијата, кои, како што рече, изминативе години работеле недомаќински и неодговорно.

– Во 2006 година произведени биле 6.510 гигават-часови, во 2013 бројките се веќе значително намалени… За годинава, пак, предвидувањата се дека ќе завршиме само со 3.600 гигават-часови произведена електрична енергија, што не се случило никогаш – рече Миновски.

Причините за ваквата состојба, според Миновски, се во тоа што во текот на оваа година не се направени редовните годишни ремонти на блоковите на РЕК Битола, потоа лошо изведената ревитализација на блоковите 2 и 3 во Битола, зафат за кој биле платени 66 милиони евра, неотворените нови копови за јаглен во РЕК Осломеј и исцрпените хидроелектрани во кои нивото на водата е спуштено под нивото потребно за безбедно и стабилно управување со системот.

Генералниот директор на ЕЛЕМ уверува дека компанијата прави максимални напори ниското ниво на производство на струја да се зголеми, за да се избегне или да се минимизира потребата од увоз на електрична енергија до крајот на 2017 година.

Во врска со финансиската состојба на АД ЕЛЕМ, Миновски соопшти дека до крајот на годината компанијата ќе влезе во минус.

– На 7 август 2017 година, при примопредавањето на сметката на АД ЕЛЕМ, на истата имаше 7,3 милиони евра расположливи средства. Но, до крајот на оваа година ЕЛЕМ треба да плати кредити во износ од 12,5 милиони евра – рече Миновски.


„Фероинвест“ на Анѓушев не го доби тендерот на ЕЛЕМ


Скопје, 15 септември, 2017 - 16:36 (META) 

ЕЛЕМ информира дека денешната аукција за тендерот за гумени ленти за транспорт на материјалот во РЕК Битола завршил делумно успешно.

За ЕЛЕМ била прифатлива понудата само за еден дел, а за другите четири Комисијата за јавни набавки на ЕЛЕМ следната недела ќе одлучува што понатаму.

„Цените што учесниците ги понудија во четири од петте одвоени пакети, се повисоки од сумата штo ЕЛЕМ ја имаше планирано во буџетот за нив. Прифатлива е понудата само за еден дел, која е дадена од „Репро опрема“ од Белград. Комисијата за јавни набавки на ЕЛЕМ ќе ја утврди фактичката состојба во текот на следната недела и ќе се изјасни за понатамошните чекори во врска со овој тендер“, велат од компанијата.

Од таму додаваат дека според законот, една од можностите е да се прифати понудата за делот од набавката која е во рамките на предвидениот буџет на ЕЛЕМ, а за другите четири дела да се поништи тендерот и да се распише нов.

„Во тој случај, ЕЛЕМ веднаш ќе почне процедура за нов тендер, од причини што предметот на оваа набавка е крајно неопходен за да може да тече производството во РЕК Битола“, велат од ЕЛЕМ.

Така, на пример, првиот дел, односно набавка на гумени транспортни ленти од 1.800 до 2.400 милиметри со платно, за која се јавил само еден понудувач, компанијата „Фероинвест“, понудената цена е 383.663 евра, а планираната максимална цена од ЕЛЕМ е 372.580 евра.

Вкупен планиран буџет на ЕЛЕМ за сите пет пакети е 17.220.000 евра.

Овој тендер предизвика големо внимание во јавноста бидејќи компанијата „Фероинвест“ е во сопственост на вицепремиерот Кочо Анѓушев. Тој не гледа ништо спорно, фирмата да учествува на тендери, бидејќи се запазени сите законски процедури, бидејќи е назначен друг управител.

За овој случај се произнесе и премиерот Зоран Заев, кој кажа дека покрај законите, важен е и етичкиот кодекс.


Анѓушев: „Трансмет“ порано наплаќала по 144 денари за ископ, а овој тендер го добила за 44


Радовиш, 28 август, 2017 - 16:38 (META) 

Фирмата „Трансмет“ на Сеад Кочан која го доби тендерот на ЕЛЕМ за ископ на јаловина во РЕК Битола, наплаќала и до 144 денари по ископ на 1 гигаџул, а сега компанијата е подготвена да ја врши истата услуга за 44 денари, соопшти денеска вицепремиерот задолжен за економски прашања, Кочо Анѓушев.

-Најбитното прашање кое што треба да се одговори е, зошто истата компанија до вчера наплаќала од 90, а во одделни ситуации и до 144 денари по ископ на 1 гигаџул, а денеска истата компанија е подготвена да ја врши истата услуга за 44 денари. Моето прашање е каде завршила разликата од тие пари, и зошто тие цени не се постигнувани и претходно – вели Анѓушев.

На прашање кое е неговото мислење за ваквата понуда на тендерот, тој рече се анализираат сите понуди што конкурирале на тендерот, вклучувајќи ја и компанијата што дала најповолна цена, и при тоа, доколку нивната понуда е во колизија со законите, таа понуда ќе биде одбиена.

-Доколку нема такво нешто, јас би се фокусирал на две други прашања. Првото е зошто судот ја отфрли блокадата на сметката на таа компанија, кога веќе било утврдено дека нејзиното работење не било во согласност со законот, и второ, зошто претходното раководство на ЕЛЕМ, кога веќе беше разоткриено таквото работење на таа компанија, распиша тендер во кој не објави негативна референца, согласно Законот за јавни набавки, за оваа компанија – додаде вицепремиерот Анѓушев.

Според него со транспарентна постапка и чесен пристап ќе се дојде до реални цени на работењето, а заштедите што ќе се постигнат во енергетските компании ќе бидат трансферирани кај граѓаните.

Тој потенцираше дека лага се сите информации околу покачувањето на цената на струјата и дека тоа е само одвлекување на вниманието на македонската јавност од вистинските теми.