Анкета: ВМРО-ДПМНЕ води пред СДСМ за 0,8 отсто, а Груевски пред Заев за 1 процент


Скопје, 19 мај, 2017 - 21:23 (META) 

Доколку утре би се одржале избори, за ВМРО-ДПМНЕ би гласале 24,5 отсто од граѓаните, а за СДСМ 23,7 отсто, покажуваат резултатите од последната анкета на телевизија „Телма“ и на Македонскиот центар за меѓународна соработка (МЦМС).

Според резултатите од анкетата, за ДУИ би гласале 8,5 отсто, за Беса – 3,7 отсто, за Алијансата за Албанците – 1,8 отсто, а за ДПА – 0,9 отсто од граѓаните.

Вкупно 35 отсто од анкетираните граѓани не дале одговор, односно 13,1 отсто не сакале да кажат за кого би гласале, 10,8 рекле дека не знаат, а 10,3 отсто рекле дека нема да гласаат за ниту една партија.

Што се однесува до рејтингот на партиските лидери, на прашањето кој политичар заслужува најголема доверба, за лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Никола Груевски се определиле 25,8 отсто од анкетираните, а за лидерот на СДСМ, Зоран Заев, 24,8 отсто.

Претседателот на државата, Ѓорге Иванов, според анкетата има поддршка од 9 отсто од граѓаните, а по него е лидерот на ДУИ, Али Ахмети, со 6,1 отсто. Лидерот на Алијанса за Албанците, Зијадин Села, ја има поддршката на 3,6 отсто од граѓаните, Билал Касами од Беса има поддршка од 3 отсто, додека 14,8 отсто рекле дека немаат доверба во ниту еден политичар.

Анкетата е спроведена телефонски, по насилствата во Собранието на Република Македонија, во периодот од 10 до 15 мај, на репрезентативен примерок од 1.000 испитаници. Анкетата ја спровела агенцијата „М-Проспект“ на барање на „Телма“ и на МЦМС.


Нова демократија води пред СИРИЗА во анкетите на јавното мислење


Атина, 7 април, 2017 - 11:07 (META) 

Мнозинството грчки граѓани сметаат дека десничарската партија Нова демократија би победила доколку утре се распишат избори во Грција. Ова го покажува новата анкета на јавното мислење спроведена за грчката телевизија „Екшн 24“ (Action 24). Според резултатите од анкетата, опозициската партија предничи 13,5 отсто пред владејачката СИРИЗА.

Подетално, според одговорите на анкетираните за предвидување на победникот на потенцијални избори, Нова демократија води со 32,5 отсто, додека СИРИЗА има поддршка од 19 отсто од анкетираните. На трето место, без поголеми промени, и понатаму се ултранационалистите од Златна зора со 7,5 отсто, а зад нив на четврто место е ПАСОК со поддршка од 7 отсто и на петто место е Комунистичката партија со 6 отсто.

Драстично опадната е поддршката на партијата Река, која има само 2 отсто поддршка, а со истиот процент е и коалицискиот партнер на СИРИЗА, Независни Грци. Според оваа анкета, овие две партии заедно со Унија на центристи најверојатно нема да влезат во следното собрание.

Кај грчкиот народ владее разочараност од политиката и од односот на СИРИЗА, поради што само 18 отсто од испитаниците сметаат дека ако утре се распишат избори, на нив повторно ќе победи владејачката левичарска партија на Алексис Ципрас.

Користејќи ги ваквите резултати од анкетите во Грција, лидерот на Нова демократија, Кирјакос Мицотакис, изминатиов период одржува состаноци со лидерите на опозициските партии во обид да го испита расположението за можно издејствување предвремени избори.


„Брима Галуп“: 43 проценти од граѓаните не веруваат во ниту еден политичар


Скопје, 25 ноември, 2016 - 14:32 (META) 

Доколку следната недела се одржат избори, 25,8 проценти од граѓаните би гласале за ВМРО-ДПМНЕ, за СДСМ би се изјасниле 16,7 проценти, за ДУИ би гласале 6,5 отсто, за ДПА – 3 отсто, за Беса – 3,2 отсто, неодлучни би биле 14 отсто, а без одговор би биле 11,5 отсто од испитаниците, покажува последната анкета спроведена од „Брима Галуп“ на барање на неделникот „Република“.

Според анкетата, најмногу доверба кај граѓаните ужива Никола Груевски, за кого се одлучиле 20,8 отсто од анкетираните, по него е Зоран Заев со 11 отсто од гласовите, Али Ахмети има 5,6 отсто доверба, Мендух Тачи – 2,8 отсто, а високи 42,9 отсто од испитаниците се изјасниле дека немаат доверба во ниту еден политичар.

При анкетата не се измерени рејтинзите на Коалицијата за промени и правда, коалицијата ВМРО за Македонија, Левица, Либерална партија. Од „Република“ велат дека прашањето генерално било насочено кон ВМРО-ДПМНЕ и СДСМ затоа што ним им го даваат гласот најголем процент од македонските гласачи.

„Тргнувајќи од фактот што македонските гласачи на избори, во најголем процент својата поддршка ја даваат за ВМРО-ДПМНЕ и за СДСМ, истражувањето генерално е насочено со прашања кои се однесуваат за овие две политички партии, освен одговорите на прашањето за рејтингот на политичките партии, каде што освен македонското гласачко тело предвид беше земено севкупното расположение на сите етнички заедници (Македонци, Албанци, Турци, Срби, Роми, Власи, Бошњаци и други), за да се добие реален приказ за расположението на граѓаните за сите релевантни политички партии во земјата“, велат од „Република“.

Теренската анкета била спроведена во периодот од 11 до 17 ноември годинава, при што се анкетирани 1.006 испитаници на возраст над 18 години.


„Блумберг“: Путин ќе направи своја агенција за мерење на кредитни рејтинзи


Москва, 18 март, 2016 - 16:20 (META) 

Русија формираше сопствена бонитет-агенција, бидејќи големите странски агенции за мерење на кредитни рејтинзи почнаа да се повлекуваат од таа земја, пренесува њујоршката агенција „Блумберг.“

Во претходните три недели, „Муди“ (Moody’s Investors Service Inc) и „Фич“ (Fitch Ratings Ltd) соопштиле дека попрво ќе престанат да издаваат рејтинзи во Русија, отколку нивните разграноци во Москва да ги регулира руската влада.

„Стандард енд пурс“ соопштиле дека разговараат со руската централна банка за тоа како да продолжат со работа под новите правила.

Странските кредитни агенции се под притисок во Русија, бидејќи намалувањето на рејтингот на рускиот долг под ниво кое не е ризично, минатата година беше осудено како политички мотивирано, наведува „Блумберг“.

 


Ципрас го информира Мицотакис за ситуацијата околу спорот за името


Атина, 20 јануари, 2016 - 10:50 (META) 

Грчките медиумски анкети полека почнуваат да му даваат водство на новиот лидер на Нова демократија, Константинос Мицотакис, пред премиерот Алексис Ципрас. Анкетата за телевизијата „Актион 24“ покажува дека според испитаниците, Мицотакис би бил посоодветен премиер од Ципрас.

Според резултатите, 27 отсто од испитаниците се изјасниле дека Мицотакис е подобра опција од Ципрас, на чија страна застанале 25 отсто од испитаниците. За обајцата е поразителен фактот што 41 отсто од граѓаните изјавиле дека ниту еден од нив не е соодветен да ја води Грција.

Анкетата покажува предност на Нова демократија пред СИРИЗА. Според резултатите, десничарската партија ја поддржуваат 28 отсто од граѓаните, СИРИЗА – 24 отсто. Третото место, според популарност, го делат неонацистичката Златна зора и Комунистичката партија, со поддршка од 5,5 отсто, ПАСОК е зад нив со 5 отсто поддршка, Народно единство има 3 отсто од гласовите, партијата Река има драстичен пад на само 2,5 отсто поддршка, а во иста линија се и Независни Грци кои се коалициски партнери во владата на Ципрас.

Грчкиот премиер вчера ја имаше првата официјална средба со неговиот нов политички опонент, Мицотакис, за да разговара за клучните теми во грчката политика. Покрај едно од најпроблематичните прашања, гласањето за реформите за пензиското и за здравственото осигурување, двајцата разговарале и за двете главни прашања од грчката надворешна политика, кипарското прашање и спорот за името. Според информациите во Грција, Мицотакис побарал да биде информиран за случувањата околу овие две прашања. Се разговарало за можноста за нивното решавање и за постигнување компромис, а според грчките медиуми, извор од Нова демократија информирал дека особено за спорот за името кај грчката влада имало желба да се постигне компромисно решение.

Покрај несогласувањата околу некои теми, средбата била цивилизирана и се постигнале компромиси за прашања како измени во грчкиот Устав. Ципрас од Мицотакис побарал поддршка за реформите што мора да се изгласаат и да се спроведат, како здравствените и пензиските реформи кои се болна точка за голем број од грчките граѓани. Лидерот на Нова демократија, пак, побарал да се продолжи политичкиот дијалог меѓу владата и опозицијата, но да се говори искрено и отворено.

Грчкиот премиер од денеска е во Давос, на Светскиот економски форум, каде ќе има средби со американскиот потпретседател Џо Бајден, шефицата на ММФ, Кристин Лагард, и со ред други светски лидери. На форумот ќе присуствува и генералниот секретар на Обединетите нации, Бан Ки-мун, меѓутоа од грчка страна сè уште нема информации за потенцијална средба со него.