ЗНМ: Реизборот на Цветковски за директор не оди во прилог на реформите на МРТ


Скопјe, 14 февруари, 2018 - 14:53 (META) 

Здружението на новинари на Македонија смета дека резиборот на Марјан Цветковски за директор на Македонската радио-телевизија не оди во прилог на реформирање на јавниот сервис и неговото ослободување од политичка контрола, се вели во реакцијата на ЗНМ.

Од таму додаваат дека „изборот на Цветковски е резултат на силниот притисок што врз членовите на Програмскиот совет го правеа опозициската ВМРО-ДПМНЕ и владината ДУИ.“

„За жал, членот на ЗНМ, кој не го поддржа изборот на Цветковски, не успеа да ги убеди членовите на Советот новиот директор да биде искусен менаџер, кој не е поврзан со ниту една партија. Потсетуваме дека најмалку четворица членови на Советот кои гласаа за Цветковски, во оваа тело се избрани спротивно на законот. Членот 119, став 1 алинеја 2, од Законот за аудио и аудиовизуелни медиумски услуги, вели дека лицата кои во последните пет години биле носители на јавни функции, не може да бидат избрани за членови на Програмски совет“, се вели во соопштението.

Од ЗНМ го повикувааат Собранието да констатира неспоивост на функции и да ги разреши од Програмскиот совет на МРТ, Јагнула Куновска и Косана Мазнева, поранешни пратеници на ВМРО-ДПМНЕ, Агим Љека, поранешен амбасадор и Снежана Клинчарова, поранешен портпарол на Oпштина Бутел.

„ЗНМ предупредува дека реформирте во јавниот сервис не смеат да бидат предмет на политички пазар меѓу власта и опозицијата, на штета на јавниот интерес“, се додава во соопштението.

Претходно владиниот портпарол, Миле Бошњаковски, запрашан за реакција по изборот на Цветковски, рече дека „овој избор е на важност сè додека не го усвоиме Закон за аудио аудиовизуелни услуги“.

Според него, можно е законот да дојде на владина процедура веќе до крајот на оваа недела.

 
foom-logo-disklejmerТекстот е изработен во рамки на проектот „Опсерваторија на медиумските реформи“, што го спроведуваат Фондацијата за интернет и општество „Метаморфозис“, „Агора“ Центар за промовирање на граѓански вредности и Платформата за истражувачко новинарство и анализи (ПИНА), со финансиска поддршка на „Фондацијата Отворено општество – Македонија“.
Содржината на текстот е единствена одговорност на авторите и на ниту еден начин не може да се смета дека ги одразува гледиштата на „Фондацијата Отворено општество – Македонија“.


СДСМ денеска на конгресот ќе го реизбира Заев


Скопје, 27 мај, 2017 - 9:55 (META) 

Во хотелот „Александар Палас“ во Скопје денеска ќе се одржи 22. редовен конгрес на СДСМ, на кој, покрај другите точки, ќе се изврши реизбор на Зоран Заев за претседател на партијата и ќе се избере нов состав на Централниот одбор.

СДСМ на почетокот на месецот распиша конкурси за самокандидирање на заинтересирани за функцијата претседател на партијата и за членови на Централниот одбор, а како што соопштија од СДСМ Заев е единствениот кандидат за највисоката функција.

СДСМ најави учество на околу 700 делегати на конгресот. Неизвесно е дали тие, покрај другите точки, ќе бидат информирани за составот на новата влада, која ќе ја предводи Заев, бидејќи преговорите со партиите од албанскиот политички блок – ДУИ, Беса и Алијанса за Албанците не се исцрпени.

Заев вчера за изгледот на новата влада и за кадровските решенија разговараше со Али Ахмети, Зијадин Села и Биљал Касами, а најави дека преговорите ќе продолжат и денеска, ако остане време по конгресот и најверојатно и утре.

Од Беса по преговорите нагласија дека партијата нема да отстапува од своите принципи и нема да прави компромиси во поглед на барањата на партијата адресирани до СДСМ.

Лидерот на СДСМ изрази надеж дека до утрешниот ден веќе ќе бидат завршени преговорите, за во текот на следната седмица Македонија да ја добие новата реформска влада.


Заев задутре на конгресот на СДСМ ќе биде единствен кандидат за претседател


Скопје, 25 мај, 2017 - 10:48 (META) 

Претседателот на СДСМ, Зоран Заев по вчерашната вечера во Брисел со Федерика Могерини и со премиерите од земјите од Западен Балкан задутре на конгресот на партијата го очекува реизбор за претседател на СДСМ. Заев е единствениот кандидат за претседател на партијата што ќе се избира на задутрешниот, 22. редовен конгрес, кој ќе се одржи во хотелот „Александар Палас“, известија од СДСМ за „Мета“.

Со оглед на тоа дека конгресот треба да се одржи еден ден откако Заев најверојатно ќе го достави предлогот за новата влада во Собрание, очекувано е за предлогот да се изјасни Централниот одбор на партијата пред тој да биде доставен во Собрание на разгледување. Според изворот од СДСМ можно е седница на Централниот одбор да се одржи и деновиве пред конграсот.

На конгресот ќе се избира и нов состав на ЦО на партијата, оти мандатот на сегашниот истекува во јуни.

Конкурсите за нов претседател и за членови на Централниот одбор беше распишан на почетокот на месецов и во нив се бараше тоа да се направи по принципот на „самокандидирање“.


СДСМ: Ќе има реизбор во судството, Груевски не се прашува


Скопје, 14 мај, 2017 - 21:25 (META) 

„Граѓаните гласаа за промени и избраа Македонија да биде правна држава, а тоа подразбира темелни реформи во судскиот систем и реизбор во судството спроведен според најдобрите европски практики. Никола Груевски и раководството на ВМРО-ДПМНЕ не можат со ниту една лага и манипулација да го спасат „сваровски-судството“. Секој што работел противзаконски на штета на граѓаните, ќе одговара пред независни судски органи. Груевски веќе не се прашува за ништо“, порача СДСМ вечерва, во одговор на изјавата на претседателот на ВМРО-ДПМНЕ, Никола Груевски.

ВМРО-ДПМНЕ нема да дозволи реизбор на судии, изјави денеска Груевски.

– СДСМ, кога зборува за реформи за судството, мисли на партизација на судството. Тие никогаш не направиле некакви реални реформи што би го подобриле работењето на истото. Тие што се повозрасни паметат што се случи во време на СДСМ со судството, се случуваше постојана партизација и контрола од страна на извршната власт – рече Груевски.


СДСМ: Одговорните во ВМРО-ДПМНЕ да поддржат реформи на „сваровски-судството“


Скопје, 13 мај, 2017 - 17:57 (META) 

Ќе има реизбор во судството по најдобрите европски практики и Македонија ќе биде правна држава, порача СДСМ денеска, преку соопштение како одговор на прес-конференцијата на ВМРО-ДПМНЕ, на која зборуваше Горан Манојлоски.

„Реизбор во судството и правна држава, како што им вети на граѓаните, ќе обезбеди новата реформска влада. Очекуваме чесните и одговорни политичари и пратеници во опзициската ВМРО-ДПМНЕ да ги поддржат реформските процеси за европска Македонија, што подразбираат и независно судство и владеење на правото“, се додава во соопштението на СДСМ.


ВМРО-ДПМНЕ: Генерален реизбор на судии би бил незаконски


Скопје, 13 мај, 2017 - 15:56 (META) 

Заплашувањата на Заев и на неговата „ергела платени експерти“ врз судиите и вработените во јавната и државната администрација се само уште еден обид да се врати државата во мрачните 90-тите години на минатиот век, порача Горан Манојлоски од ВМРО-ДПМНЕ на партиска прес-конференција денеска.

Тој порача дека реизбор на судиите не може и не смее да се случи.

– Генерален реизбор на судии не може да има бидејќи тоа е во спротивност со домашните и со меѓународните законски норми. Во Република Македонија постои Републички судски совет, кој е единствено надлежен да одлучува за и околу именување, разрешување и суспендирање на судии. Секој обид за каков било политички притисок врз судиите и судскиот систем значи авторитарен обид да се стави судството под партиска чизма и да се врати државата во 90-тите години од минатиот век – рече Манојлоски.

Тој му порача на претседателот на СДСМ, Зоран Заев, дека „кривичните дела за кои се гони се дела што не застаруваат бргу, Заев мора да знае дека одговорност ќе има и неа не може да ја избегне со никакво заплашување врз судиите и судскиот систем на државата“.


Доналд Туск останува претседател на Европскиот совет


Брисел, 9 март, 2017 - 19:06 (META) 

Лидерите на Европска Унија денеска му го продолжија мандатот на поранешниот полски премиер Доналд Туск на функцијата претседател на Европскиот совет за нови 30 месеци и покрај жестоките противења на Полска, јавува „Би-би-си“.

Според француски дипломатски извори, за реизборот на Туск гласале 27 земји членки, а само еден гласач бил „против“.

„Ќе направиме сè да не се случи реизбор на Туск“, изјави претходно шефот на полската дипломатија Витолд Вашчиковски.

Германската канцеларка, Ангела Меркел, во пресрет на гласањето изјави дека реизборот на Туск би бил знак за стабилноста на Унијата.

Холандскиот премиер, Марк Руте, истакна дека неговата земја го поддржува Туск бидејќи во турбулентните времиња знаел да зачува „студена глава“.


По новиот распоред на судиите СДСМ најавува реизбор, а ВМРО-ДПМНЕ обвинува за притисоци


Скопје, 21 февруари, 2017 - 17:26 (META) 

Во Македонија ќе има целосен реизбор на судии, кои ќе работат за заштита на граѓаните, а не по партиски директиви како досега, велат од СДСМ, по информациите дека Основниот суд Скопје 1 донел нов годишен распоред на судии, со кој извесен број судии, кои досега работеа на кривични предмети, се прераспоредени во одделот за прекршоци.

– Сите обиди на криминалците и надежи дека може да ја избегнат правдата се јалови. Порачуваме до институциите да не се вовлекуваат во заштита на криминалната власт во заминување, која не избира кого ќе повлече со себе, во паниката од промените што доаѓаат – стои во соопштението на СДСМ.

На ова реагираа од ВМРО-ДПМНЕ, од каде велат дека граѓаните еднаш веќе видоа „како СДСМ владее и како сака во целост да го окупира судството“.

– СДСМ е водена од аболиран криминалец и врши континуиран притисок врз судството. Македонија еднаш виде како изгледа кога СДСМ во еден ден менува 617 судии и обвинители со такви по свој терк. Судството не смее да потклекне пред заканите на СДСМ. Судиите мора да го задржат професионалниот кредибилитет и интегритет и да судат по закон без разлика на заканите за нивно разрешување ако не се покорат на волјата на Заев – стои во реакцијата на ВМРО-ДПМНЕ.


ВМРО-ДПМНЕ повторно со напад на Катица Јанева и на СЈО


Скопје, 2 февруари, 2017 - 12:58 (META) 

ВМРО-ДПМНЕ продолжи со нападите врз СЈО и неговиот прв човек, Катица Јанева, и претпладнево обвини дека работат за Зоран Заев. Порача дека „со повлекувањето на предметот „Пуч“ и аболицијата на криминалецот Заев, Катица Јанева ја поништи и основната причина за постоењето на СЈО“.

Јанева и СЈО се срам за правосудниот систем. СЈО се заортачи со аболираниот криминалец Зоран Заев и работи по негов диктат, притиска судии да ги вршат валканите нарачки на СДСМ, а без да ги види доказите на слобода пушта криминалци како Верушевски, кои им нанеле огромна штета на Македонија и на македонските граѓани“, се вели во соопштението.

Партијата истовремено „ги предупредува“ судиите дека Заев им се „заканил“ со генерален реизбор.

На судиите кои работат по закон, а не по диктат на двоецот Заев – СЈО за изигрување на правдата, им виси заканата од генерален реизбор што им ја упати Заев“, порачува ВМРО-ДПМНЕ и вели дека „ги охрабрува судиите да не подлегнуваат на притисоците кои се резултат на фрустрации“.


Насер Селмани реизбран за претседател на ЗНМ


Скопје, 13 декември, 2014 - 16:26 (META) 

Досегашниот претседател на Здружението на новинари на Македонија (ЗНМ), Насер Селмани од дневниот весник „Вест“, со освоени 154 гласови, повторно е избран за претседател и во наредните четири години ќе го предводи здружението на новинари.

Неговиот противкандидат, Семи Мехмети, уредник на порталот „Алмакос“, на денешните избори освои 21 глас.

На изборите за членови на управен одбор на ЗНМ, најмногу гласови освои новинарот Томислав Кежаровски, а покрај него за нови членови избрани се: Гоце Михајлоски од телевизијата „24 Вести“, Зоран Димитровски од неделникот „Фокус“, Бенјамин Арифи од „Алсат-М“, Иван Бојаџиски од „Утрински весник“, Ристо Тасев, дописник на „Утрински весник“, Мишко Иванов од „24 Вести“, Зоран Андонов од „Вест“, Стојанче Наумов, новинар, Фиљана Кока од МРТ, Миомир Серафиновиќ од „Канал 5“, Кристина Мачкиќ од „Телма“, Бесим Илјази од „Коха“ и Неџат Акифи од МРТ.

Членови на надзорниот одбор во наредните четири години ќе бидат новинарите: Дарко Чекеровски од „Телма“, Башким Сулејмани од „Алсат-М“, Мира Костиќ од МРТ, Соња Колевска-Делевска од „Вест“, Тони Михаилов од „ТВ Стар“, Џенис Сулимани и Лајм Хусаметин Гина од „Балкон 3“.

За седум членови на Советот на честа се избрани новинарите: Гордана Дувњак од „Утрински весник“, Емилија Лазаревска од „Телма“, Урим Хасипи од „Коха“, Илија Стефановски од „Радио Кочани“, Мирјана Трпческа од „Канал 5“, Фросина Лазаревска од „Плоштад“ и Каролина Мицевска од „Нова Македонија“.