УЈП: До 15 јануари да се поднесе пријава за регистрација за ДДВ


Скопје, 10 јануари, 2019 - 14:03 (META) 

Даночните обврзници кои во претходната календарска година оствариле вкупен оданочлив промет од вршење стопанска дејност повисок од милион денари, имаат обврска да поднесат Пријава за регистрација за целите на данокот на додадена вредност (образец ДДВ 01) најдоцна до 15 јануари, соопшти денеска Управата за јавни приходи (УЈП).

УЈП потсетува дека даночни обврзници за ДДВ можат да бидат сите правни и физички лица, како и здружувањата на лица кои вршат оданочив промет од извршување на стопанска дејност.

Од таму посочуваат дека, за подобро информирање на физичките лица по однос на правата и обврските кои произлегуваат од Законот за данок на додадена вредност, граѓаните може да го користат Водичот, кој беше промовиран вчера.

„Во него има информации и упатства за предметот на оданочување со данок на додадена вредност, пресметувањето на вкупниот промет за цели на регистрација за ДДВ, начинот на регистрација за цели на ДДВ, како и појаснувања за останатите права и обврски на даночниот обврзник – физичко лице. Доколку според Законот за данок на додадена вредност и дополнителните појаснувања и упатства дадени во „Водичот за подобро информирање на физичките лица за данок на додадена вредност“ сте оствариле промет оданочив за целите на ДДВ во износ кој надминува 1.000.000 денари, потребно е да поднесете Пријава за регистрација за целите на данокот на додадена вредност“, се вели во соопштението на УЈП.


Тевдовски: Од годинава ќе стартува Регистарот на вистински сопственици на фирми


Скопје, 10 јануари, 2019 - 13:32 (META) 

Годинава ќе стартува регистарот на вистински сопственици со кој ќе се евидентираат физичките лица, сопственици на правни субјекти кои ги поседуваат или контролираат  фирмите. Ова беше истакнато на денешната работна посета на министерот за финансии Драган Тевдовски на Управата за финансиско разузнавање. Инаку, оваа новина е дел од новиот донесен Закон за спречување перење пари и финансирање на тероризам, кој е согласно европската регулатива.

Тевдовски истакна дека оваа и други мерки се во насока на зајакнување на капацитетите на институциите и борбата против корупцијата преку зајакнување на транспарентноста.

-Регистарот на Вистински сопственици треба да претставува систем кој има за цел да ги направи транспарентни сложените сопственички структури и правни аранжмани, односно да го разоткрие „скриеното“ сопствеништво. Имено истиот треба да го бележи сопственикот, односно сопствениците на правното лице или оние кои имаат реална или друг вид на контрола врз истото-истакна министерот за финансии – рече Тевдовски.

Тој посочи дека Министерството за финансии пропишало Правилник за регистрација во Регистарот  во кој е регулиран начинот на внесување, пријавување на вистински сопственици, изразување на уделот на сопствеништво, технички барања и начинот на одржување и администрирање.

Директорот на Управата за финансиско разузнавање Блажо Трендафилов истакна дека Македонија има значаен напредок во борбата против перењето на пари и спречување тероризам. Ова го потврдува и реномираниот „Базелски институт“ во својот извештај за 2018 година.

– Македонија е една од земјите која од 2018 година може да се пофали дека се наоѓа во листата на 10 земји во светот со низок ризик од перење пари и финансирање на тероризам, меѓу земји како Финска и Шведска. Република Македонија има напредок од преку 15 места на ранг листата на нискоризични држави во поглед на перењето пари и финансирањето на тероризам. За илустрација во извештајот за 2016 година Македонија била на листата на т.н. топ 10 „најголеми губитници“ со зголемувањето на степенот на ризик – рече Трендафилов.


УЈП потсетува дека за 13 дена истекува рокот за регистрација за е-персонален данок


Скопје, 18 декември, 2018 - 15:33 (META) 

Управата за јавни приходи (УЈП) денеска ги повика граѓаните кои не ја исполниле својата обврска да се регистрираат на системот е-персонален данок бидејќи крајниот рок за пријавување истекува на 31 овој месец.

Од УЈП информираат дека покрај шалтерите во Регионалната дирекција во Скопје, отворени се и дополнителни шалтери во општините. Така, шалтери на УЈП се отворени во зградата на урбаната заедница Ѓорче Петров кај полициската станица и во општинската зграда во Аеродром и тие ќе работат од 8 до 18 часот до 31 декември. Шалтери се отворени и во општините Кисела Вода, Гази Баба и Чаир со работно време од 8 до 16 часот.

Регионалните дирекции на УЈП во Скопје, Штип, Тетово и Битола ќе работат од 7 до 21.30 часот, освен на 31 декември кога работното време ќе биде до 16.30 часот. Регионалните дирекции ќе бидат отворени за граѓаните и во последните две саботи од месецот, односно на 22 и 29 декември со работно време од 8 до 14 часот.

Од УЈП информираат дека функционира и „Мобилен даночен шалтер“ кој што ги посетува оние населени места во Скопје каде Управата за јавни приходи нема постојано даночни канцеларии. Вонредниот возен ред на овој Мобилен даночен шалтер може да се најде на линкот http://ujp.gov.mk/mk/otvoreni_povici/pogledni/400.


МЗШВ: Земјоделците можат да поднесат барања за легализација на фармите до крајот на 2018


Скопје, 23 ноември, 2018 - 13:02 (META) 

Министерство за земјоделство, шумарство и водостопанство (МЗШВ) информираше дека до крајот на годинава, земјоделците можат да достават барања за легализација на изградените објекти, фарми на градежно земјиште.

„Барањата за легализација треба да се поднесат во општините на живеење. Продолжувањето на рокот е со цел да им се излезе во пресрет на големиот број на граѓани, вклучително и на земјоделците, кои досега не ја завршиле постапката за легализација“, се вели во соопштението на МЗШВ.

Од таму информираат дека, до сега бројот на земјоделските стопанства и чии што објекти се легализирани е исклучително мал, и поголем број од истите ја немаат искористено можноста која ја имаше понудено законот.

„Нерегулираниот статус на објектите за земјоделска намена на градежно земјиште негативно влијае на можноста за модернизација и реструктуирање на земјоделските стопанства кои се занимаваат со сточарство и ги оневозможува стопанствата во користење на државната финансиска помош за земјоделството. Можноста за легализација на фармите е од голема важност за земјоделците. Со стекнување имотни листови, самите фарми ќе добијат и финансиска вредност, која што земјоделците ќе можат да ја искористат за подигнување на кредити за реновирање и модернизација на фармите. Воедно, со легализацијата ќе можат да остварат право за аплицирање за мерките од ИПАРД-програмата и од Националните програми, што ќе влијае врз обемот и квалитетот на производството“, се додава во соопштението.


Пензионерите кои имаат приходи само од ПИОМ, не треба да се регистрираат во УЈП


Скопје, 22 ноември, 2018 - 14:14 (META) 

Директорката на Управата за јавни приходи, Сања Лукаревска денеска информираше дека 300.000 граѓани се регистрирале преку системот е-регистрација, но и дека обврската за пензионерите се одложува до 2024 година, доколку нивните приходи се само од Фондот за пензиско и инвалидско осигурување.

„Со новиот закон за личен доход се предвидува, во наредните седум години да се одложи обврската за доставување на годишна даночна пријава од страна на УЈП, до граѓаните кои оствариле доход само од пензија исплатена од Фондот за пензиско и инвалидско осигурување. Тоа значи дека во даночните периоди од 2018 до 2024 година пензионерите кои не оствариле друг приход освен пензија се ослободени од било каква обврска кон УЈП“, рече Лукаревска.

Таа очекува, до крајот на годината граѓаните без поголеми проблеми да ја завршат обврската со регистрација, иако остануваат уште 600.000 да се регистрираат.

За таа намена, како што кажа, се поставуваат мобилни даночни шалтери на УЈП по општините, а мобилни екипи на Управата ги посетуваат домовите на изнемоштените лица кои не се во состојба сами да се регистрираат и да го однесат документот.

Во Скопје за регистрација се достапни сите шалтери во Регионалната дирекција кои работат и после 16.30 часот, како и во сабота, има и даночни канцеларии во Аеродром, Гази Баба, Чаир и Ѓорче Петров, а се очекува да се отворат и во другите скопски општини.


Пребрзо возење и пијаните возачи се најчестите причини за сообраќајки во Полошко


Тетово, 25 октомври, 2018 - 14:20 (META) 

На поширокото гостиврско подрачје, само во еден ден биле утврдени 35 различни видови сообраќајни прекршоци. Десет од нив биле пребрзо возење, девет возила имале истечена регистрација до и над 30 дена, додека три лица управувале без положен возачки испит. Од Секторот за внатрешни работи (СВР) Тетово информираат дека токму овие прекршоци се најчестите што се откриваат годинава во Полошко, но и најчести причини за сообраќајни несреќи.

Во текот на изминатиот викенд во Тетово, пак, за возење под дејство на алкохол биле тестирани 60 возачи од вкупно опфатени 70, при што е утврдено дека тоа е случај кај петмина, кои веднаш биле исклучени од сообраќај и изготвени им се мандатни платни налози. Во контролата, исто така, откриени се и 14 други видови прекршоци, најмногу управување без положен возачки испит (8), некористење сигурносен појас (2), како и двајца возачи почетници.

На гостиварското подрачје, пак, вкупно контролирани за алкохол биле 60 возачи. Од 23-те алкотестирани, кај пет возачи констатирано е присуство на алкохол повеќе од дозволеното и исклучени се од сообраќај, додека на тројца времено им се одземени возачките дозволи, соопштуваат од СВР Тетово.


УЈП: Граѓаните електронски да се регистрираат на системот за е-персонален данок


Скопје, 12 септември, 2018 - 13:30 (META) 

Сите физички лица кои во текот на 2018 година имаат остварено приход, вклучувајќи и оние што примиле само плата и пензија, треба електронски да се регистрираат во Управата за јавни приходи на системот Е-персонален данок, велат од таму.

УЈП ги повикува граѓаните тоа да го направат поскоро и да не се чека крајниот рок 31 декември 2018 година.

Обврска за регистрација во системот имаат сите физички лица кои оствариле приходи по кој било основ – плата, регрес за годишен одмор, приходи од закуп, добивка од игри на среќа, од странство, пензија и други приходи кои подлежат на оданочување со персоналниот данок на доход заради прием на пополнетата годишна даночна пријава што од 1 јануари 2019 година ќе ја доставува УЈП.

Физичките лица ќе треба електронски да се пријават на системот e-pdd.ujp.gov.mk. Откако електронски ќе се пријават на системот потоа си ги потврдуваат податоците во УЈП.

Пополнетата годишна даночна пријава преку електронскиот систем УЈП треба да ја достави до граѓаните најдоцна до 30 април 2019 година, а граѓаните ќе треба да ги потврдат или коригираат податоците од пополнетата даночна пријава најдоцна до 31 мај 2019 година. Во електронскиот систем досега се регистрирани 13 илјади граѓани.


Николовски: Даночните постапки за земјоделците се поедноставуваат


Скопје, 11 јуни, 2018 - 16:45 (META) 

Со последните измените на Законот за персонален данок на доход, значително се поедноставуваат даночните постапки за земјоделците, порачаа на денешната заедничка прес-конференција министерот за земјоделство, шумарство и водостопанство, Љупчо Николовски и директорката на Управата за јавни приходи, Сања Лукаревска.

Со последните законски измени, се намали прагот за регистрација на овие даночни обврзници. Со измените на законот се зголеми прагот за остварени приходи од продажба на земјоделски производи од претходно 300.000 денари на 1.000.000 денари, за што земјоделците кои немаат дополнителни приходи во текот на годината, ќе имаат право на поврат на данокот на доход.

Николовски посочи дека на овој начин остануваат повеќе пари кај земјоделците, а дополнително ќе бидат ослободени од досегашните административни процедури.

„Кон крајот на годината УЈП ќе ги има сите пресметки за тоа колкава група на земјоделци ќе бидат опфатени и колку пари се враќаат кај земјоделците. Повратот ќе оди директно на земјоделците, а овој данок ќе се задржува од страна на откупувачите“, рече Николовски.

Тој додаде дека земјоделците нема да поднесуваат барање за регистрација како даночни обврзници, нешто што досега се вршеше, нема да плаќаат адмнистративни такси и нема да поднесуваат годишна даночна пријава.

Повратот на платениот данок ќе го врши Управата за јавни приходи и ќе се реализира по службена должност, по истекот на годината во која е остварен приходот, односно откако ќе завршат постапките за утврдување на годишните приходи и данокот за таа година.

Така, граѓаните ќе немаат обврска да доаѓаат во Управата и да поднесуваат барање за поврат и нема да плаќаат административни такси за барањето за поврат и за даночниот управен акт со кој се врши повратот, во вкупен износ од 300 денари.


Трајчевски: Порталите нема потреба да се регулираат, туку само да се регистрираат


Скопје, 22 декември, 2017 - 16:15 (META) 

Невозможно е регулирање на интернет порталите, порача Зоран Трајчевски, директорот на Агенцијата за аудио и аудиовизуелни медиумски услуги (ААВМУ) на денешниот јавен состанок на кој ги презентираше активностите за четвртото тромесечје со фокус на медиумскиот мониторинг за локалните избори.

– Не станува збор за регулирање, туку најмногу за регистрирање и нотификација. Сметаме дека е невозможно да се спроведе регулирање на овој вид медиуми. Ние како Агенција имаме нарачано истражување во однос на овие нови медиуми за тоа каква е состојбата споредено со другите држави. Требаше да го плати Агенцијата преку јавна набавка меѓутоа добивме одобрение од Советот на Европа и тие ќе го спроведат во еден краток разумен период, можеби до крајот на првото тромесечје од идната година и тогаш ќе имаме објективно, непристрасно мислење од експерти коишто ќе ни понудат не решение, туку ќе ни дадат слика каква е состојбата на ова поле во другите држави – рече Трајчевски на четвртиот и последен јавен состанок за 2017 година на Aгенцијата.

Toј потсети дека и досега наведувале дека ААВМУ не може да спроведе изборен мониторинг на известувањето што го вршат порталите.

Темата за интернет порталите се актуелизираше вчера на дебатата „Утврдување на потребата за можни измени во Законот за медиуми“, која ја организираа Министерството за информатичко општество и администрација (МИОА) и министерот без ресор, задолжен за комуникации, отчетност и транспарентност, Роберт Поповски.
foom-logo-disklejmer

Текстот е изработен во рамки на проектот „Опсерваторија на медиумските реформи“, што го спроведуваат Фондацијата за интернет и општество „Метаморфозис“, „Агора“ Центар за промовирање на граѓански вредности и Платформата за истражувачко новинарство и анализи (ПИНА), со финансиска поддршка на „Фондацијата Отворено општество – Македонија“.
Содржината на текстот е единствена одговорност на авторите и на ниту еден начин не може да се смета дека ги одразува гледиштата на „Фондацијата Отворено општество – Македонија“.


Судот во Стразбур ѝ пресуди 9.500 евра обесштетување на ПОА на Вранишковски


Стразбур, 16 ноември, 2017 - 15:51 (META) 

Европскиот суд за човекови права (ЕСЧП) во Стразбур денеска донел пресуда во полза на Православната охридска архиепископија (ПОА) на Јован Вранишковски, а Република Македонија ќе мора да исплати 9.500 евра обештетување на ПОА, извести Хелсиншкиот комитет за човекови права на Република Македонија.

Со пресудата се констатира дека со одбивањето на надлежните во Македонија да се регистрира ПОА како посебна верска заедница, се прекршени членот 11, за слободата на собирање и на здружување, во врска со членот 9, кој се однесува на слободата на мислата, совеста и на религијата, од Европската конвенција за човекови права.

Со пресудата од Стразбур, Република Македонија како тужена и одговорна држава е задолжена да ѝ исплати на ПОА 4.500 евра како надомест на нематеријалната штета, како и дополнителни 5.000 евра за трошоците и за издатоците направени при оваа постапка пред ЕСЧП.

Хелсиншкиот комитет ја почнал постапката во името на ПОА, наведувајќи дека двете барања за регистрација на ПОА како верско здружение биле одбиени.

„ЕСЧП нагласува дека јавното мислење на државата не треба да биде заштитено на штета на малцинските ставови, така што ниту огромната важност што автокефалноста на МПЦ ја има за нејзините верници и поддржувачи, не може да го оправда преземањето мерки што би го спречиле апликантот сеопфатно и безусловно да почне со каква било религиозна активност. Токму врз таа основа, имајќи ја предвид потребата од одржување на религискиот плурализам, во ситуација на каков било конфликт помеѓу или во рамките на самите верски групи, Судот во Стразбур експлицитно го осуди преземањето превентивни мерки со кои би се сузбила слободата на собирање и на изразување во едно демократско општество“, констатира Хелсиншки комитет.