Потпишани договори од 4,5 милиони евра за 98 проекти за развој на руралните средини


Скопје, 9 јули, 2018 - 16:32 (META) 

Денеска, во Владата беа потпишани договори за имплементација на 98 нови проекти за развој на планските региони, на селата и на подрачјата со специфични развојни потреби, информираа од таму.

Проектите се финансирани од буџетот на државата, конкретно од Програмите за рамномерен регионален развој на Министерството за локална самоуправа и на Бирото за регионален развој, во вкупна вредност од 280 милиони денари (4,5 милиони евра). Корисници на средствата и имплементатори на проектите се општините и Центрите за развој на планските региони.

„Владата за оваа година, средствата за рамномерен регионален развој ги зголеми за над 50 отсто. 4,5 милиони евра оваа година ќе бидат вложени во проекти кои што ги предложија општините и планските региони врз основа на нивните приоритети. Главно станува збор за инфраструктурни проекти или проектна документација за поголеми проекти, со цел да можат да се обезбедат дополнителни средства и од донаторски извори или од ИПА-програмата на Европската унија“, рече министерот за локална самоуправа, Сухејл Фазлиу.

Од вкупните средства, за проекти за развој на планските региони се издвоени 196 милиони денари. Проектите за развој на подрачјата со специфични развојни потреби се финансирани со 56 милиони денари, а проектите за развој на селата со 28 милиони денари.

Заменик-министерот Дејан Павлески ги повика градоначалниците на поефикасно искористување на средствата, на транспарентен начин. Тој истакна дека во иднина ќе се работи не само на зголемување на ресурсите за рамномерен регионален развој, туку и на решавање на прашањата преку иновативни проекти.


Еден милион евра за проекти за 30 општини и за осумте плански региони   


Скопје, 12 јуни, 2018 - 15:28 (META) 

Министерот за локална самоуправа, Сухејл Фазлиу и постојаната претставничка на УНДП, Луиза Винтон, денеска го отворија форумот на кој се презентираа условите и критериумите за финансирање на проекти во планските региони и во општините, во рамките на  проектот „Подобрување на општинското управување”, финансиран од Европската унија, во вкупна вредност од 2,4 милиони евра.

– Во рамките на проектот што Министерството го имплементира со УНДП, се финансираат осум проекти во осумте плански региони, a во втората фаза ќе бидат финансирани проекти и во 30 општини, во вкупна вредност од еден милион евра. Денеска, со учество на сите присутни  ги договараме генералните услови за подготовка и избор на првите осум проекти. Целта на Министерството за локална самоуправа е функционални единици на локалната самоуправа и конкурентни плански региони. Преку подобро управување на локално ниво да обезбедиме подобар пристап до услугите и подобар квалитет на живеење за сите граѓани – рече Фазлиу.


Отворен повик за 21 милиони евра за развој на туризмот преку инфраструктурни инвестиции


Скопје, 16 март, 2018 - 12:57 (META) 

Владата во соработка со Европската унија и Светска банка денеска објавија втор повик за искористување на 21 милиони евра во рамките на Проектот за локална и регионална конкурентност.

18 милиони евра се обезбедени од ИПА-програмата на Европска комисија, а три милиони евра се од буџетот, повикот е администриран од Светска банка.

Преку овој проект ќе се овозможи општините, асоцијациите и приватните компании да аплицираат за средства со кои ќе се поддржат клучни инвестиции и во инфраструктурни и неинфраструктурни проектни активности, а кои ќе придонесат за поконкурентен и одржлив локален и национален туристички развој.

Вицепремиерот, Кочо Анѓушев рече дека најголем интерес очекува од општините, за да си ја подобрат инфраструктурата од која најголем интерес имаат сите граѓани.

„Се сретнав со речиси сите градоначалници на кои им укажав дека кога ќе излезе овој повик треба да излезат со готови проекти, а не сега да ги изготвуваат. Добар дел од нив, веќе ме информираа дека се подготвени. За општините кои немаат капацитети, има пари за техничка помош за да направат проекти“, рече Анѓушев.

Раководителот на секторот за соработка на Делегацијата на Европска унија, Никола Бертолини рече дека државата е преубава, но има многу ѓубре.

„Во еден преубав предел од државата се изгубив. Немаше патокази, но имаше многу ѓубре. Наидов на диви депонии. Но тоа треба да се спречи. Овие граѓани заслужуваат подобро опкружување. Очекувам следните 18 месеци општините да работат дење и ноќе за да се постигнат резултати и да имаат готови проекти за да аплицираат“, рече Бертолини.

Директорот на канцеларијата на Светска банка, Марко Мантованели рече дека туризмот е значајна гранка за развој на економијата и тој учествува со 10 проценти во светскиот БДП.

„Преку конкурентноста го гледаме развојот на туризмот. Земјата има голем потенцијал и заслужува туристички да биде препознаена во светот. Студијата на Светска банка објавена лани покажува дека ефектите од туризмот се поддршка на економскиот развој, вработувања, заштита на околината, вкрстување на културните вредности. Но, туризмот треба да биде одржлив за да ги даде потребните резултати. Како несакани последици може да биде лошата употреба на природните ресурси“, рече Мантованели.

Со овие финансиски средства предвидено е подобрување на квалитетот на услуги, јакнење на капацитетите за водење и вештини на лиценцирани туристички водичи, собирање на отпад и култура на управување со отпад, сигнализации и попатни информации на патиштата, попатна инфраструктура за посетители.

За општините се предвидени еден, односно три милиони евра грант доколку имаат регионален пристап, за малите и средни претпријатија, доколку има здружување предвидени се 300.000 евра.


Мицкоски: Гасификацијата ќе чини 150 милиони евра


Скопје, 15 март, 2017 - 16:21 (META) 

„Владата предводена од ВМРО-ДПМНЕ досега ја изгради примарната гасоводна мрежа од Клечовце до Штип. Магистралниот гасовод  Штип – Неготино е во напредна фаза на изградба и се очекува да заврши до крајот на оваа година“, изјави денеска на прес-конференција членот на извршниот комитет на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски.

Тој додаде дека во фаза на изградба е магистралниот гасовод Скопје – Тетово – Гостивар.

– Во програмата „Реално“ на ВМРО-ДПМНЕ е предвиден магистралниот гасовод Штип – Хамзали – Струмица – Гевгелија, како и ред други делници, за кои мнозинството граѓани на последните парламентарни избори дадоа поддршка. Но, СДСМ со своето деструктивно однесување го попречува реализирањето на овие проекти, од кои директна корист ќе имаат граѓаните – изјави Мицкоски.

Тој истакна дека дополнително, покрај примарната гасификација, огласите за изградба на секундарниот и на терцијарниот гасовод преку јавно-приватно партнерство се објавени во јавните гласила.

– Со тоа почнува процесот на секундарна и на терцијарна гасификација во Македонија, која се очекува да чини околу 150 милиони евра. Ќе бидат опфатени 17 општини во Скопскиот Регион, 36 општини во Источниот Регион и 26 општини во Западниот Регион – изјави Мицкоски.


Потребни се инвестиции за рамномерен развој на регионите


Охрид, 26 февруари, 2017 - 17:55 (META) 

Неопходно е најмалку еден отсто од домашниот бруто-производ (БДП) да се инвестира во помалку развиените региони, за да се избалансира развојот во осумте плански региони во Македонија.

Ова е еден од заклучоците на учесниците на работилницата на која беа презентирани активностите од проектот „Алијанса за регионален развој“.

Законска регулатива за тоа не недостига, но во практиката е поинаку. Имено, во последните десетина години донесени се Законот за рамномерен регионален развој и Стратегијата за регионален развој 2009-2019.

Работилницата ја организираа Форум – Центар за стратешки истражувања и документација од Скопје и Младински иницијативи за дијалог и соработка од Битола.

Проектот е поддржан од Европска Унија.


Вонредна седница на Владата, ќе се прогласи кризна состојба во Скопско и Тетовско


Скопје, 7 август, 2016 - 14:17 (META) 

Владата за попладнево закажа вонредна седница на која се очекува да биде донесена одлука за прогласување на кризна состојба во Скопско и Тетовско, кои се најмногу погодени од вчерашното невреме. На седницата Владата, исто така, треба да донесе одлука утрешниот ден да биде прогласен за Ден на жалост за жртвите од невремето.

По денешниот состанок на Управувачкиот комитет за справување со кризи, министерот за здравство, Никола Тодоров соопшти дека ќе предложат до Владата да биде прогласена кризна состојба во овие два региони, која ќе трае наредните 15 дена.

На состанокот било одлучено да се формираат комисии кои веднаш ќе почнат со проценка на штетите од невремето.

Според последните информации во временската непогода која вчера попладне го зафати Скопје и околината, животите ги загубиле 20 лица, а десетици повредени побарале лекарска помош.

Најмногу погодени од вчерашното невреме се жителите на Стајковци, Сингелиќ, Смилковци и Арачиново, каде се пронајдени телата на загинатите, а пријавени се и големи штети, односно срушени и поплавени куќи и возила.

Според Законот за управување со кризи, состојбата предизвикана од ризици и опасности кои можат да ги загрозат добрата, здравјето и животот на луѓето и животните и безбедноста на Републиката, за чија превенција или справување е потребна употреба на поголем обем на ресурси, се дефинира како кризна состојба.

Законот предвидува дека во случај на кризна состојба со дел од своите сили може да учествува армијата, како поддршка на полицијата.

Одлуката за постоење на кризна состојба не може да трае подолго од 30 дена, а во случај да биде надминат овој период, владата треба да побара одобрување од Собранието за продолжување на рокот. Во случаи на кризна состојба можат да се употребат и ресурсите на јавните претрпијатија, установи и служби, како и на приватни фирми (трговските друштва) „кои се од пособено значење за работа во кризна состојба, како и за управување со нив во случај на кризна состојба“.

Лани во август, Владата поради мигранската криза прогласи кризна состојба во регинот на јужната и на северната граница, која по последното продолжување е предвидено да трае до крајот на оваа година.


Сончево и топло време со температура до 37 степени


Скопје, 11 јули, 2016 - 9:57 (META) 

Времето денеска ќе биде топло, малку ветровито со локална облачност без услови за дожд.

Долж Повардарието, во централните и во источните делови од земјава температурата ќе достигне 37 Целзиусови степени, а во другите делови од државата до 35 Целзиусови степени.

Во Скопскиот Регион се очекува слично време со температура до 36 Целзиусови степени. УВ-индексот ќе биде 8.

 

 


Четири региони денеска ќе бидат во портокалова фаза


Скопје, 21 јуни, 2016 - 9:50 (META) 

Скопскиот, Осоговско-Малешевскиот, Јужновардарскиот и Пелагонскиот Регион денеска се зафатени со температура од портокаловата фаза поради што се препорачува бремените жени и хронично болните лица над 60 години да се ослободат од работни обврски.

Во овие региони се препорачува да не се одржуваат спортски активности на отворено во овој период, а особено во детските градинки да не се изнесуваат децата на отворено.

Од Министерството за здравство препорачуваат работодавците да го реорганизираат работното време и да се избегнуваат активности од 11 до 17 часот.

На граѓаните од целата држава им се препорачува да ги почитуваат општите препораки за заштита од високата температура, како што се заштита од директна сончева изложеност, избегнување престој на отворено од 11 до 17 часот, носење светла и лесна облека, консумирање лесна храна и течности, хигиенски начин на подготовка на храната и редовно земање на терапијата кај хронично болните лица.

 

 


220.000 евра за развој на туризмот во Охридскиот и Тиквешкиот регион


Скопје, 24 февруари, 2016 - 15:51 (META) 

Oрганизацијата за индустриски развој на Обединетите нации (УНИДО) го одбележа завршувањето на двегодишниот проект во Македонија за развој на туризмот преку поддршка на кластерско здружување во регионите на Охридското езеро и Тиквешкиот регион.

За оваа цел беа издвоени 220.000 евра со што се придонесе за унапредување на локалниот туризам во овие два региони.

Двата македонски туристички кластери ќе имаат за цел остварување и на соработки со земји од регионот, со кои во пакет би се промовирале пред странските тур-оператори.