Швајцарската влада ќе помогне со 5,4 милиони франци за регионален развој


Скопје, 26 февруари, 2018 - 16:35 (META) 

Министерот за локална самоуправа, Сухејл Фазлиу и амбасадорката на Швајцарија во Македонија, Сибил Сутер Тејада го претставија новиот проект „Оддржлив и инклузивен рамномерен регионален развој“, финансиски поддржан од швајцарската Влада.

Фазлиу нагласи дека вкупната вредност на проектот е 5,4 милиони швајцарски франци, а ќе го имплементираат Министерството за локална самоуправа и канцеларијата на вицепремиерот за економски прашања.

Проектот во првата компонента ќе помогне за подобрување на нормативната рамка и подготовка на нов стратешки документ 2020-2029, во втората компонента ќе биде поттикнато граѓанското учество за утврдување на регионалните приоритети и во третата компонента ќе бидат финансирани инфраструктурни проекти кои што како приоритет ќе бидат избрани во консултација со граѓаните. Проектот ќе се имплементира до крајот на 2020 година.

– Политиката на рамномерен регионален развој се спроведува заради постоење на реален проблем, односно постоење на големи разлики во развојот на регионите и последиците врз квалитетот на живеење на граѓаните, особено на тие од помалку развиените плански региони – рече Фазлиу.


Владата утре ќе расправа за евроатлантските интеграции и за користењето на ЕУ фондовите


Скопје, 14 ноември, 2017 - 18:59 (META) 

Разгледување на состојбата и напредокот во процесот на европската интеграција, користењето и имплементацијата на фондовите на ЕУ, статусот на реализација на приоритетите за влез во НАТО, се едни од најбитните точки што утре ќе бидат на дневниот ред на 38. седница на Владата.

Министрите ќе расправаат и за информациите за модели за подобрување на функционирањето на проектот „Отворање на народни кујни“, како и за книгите од проектот за превод и печатење на 50 универзитетски учебници кои се употребуваат на првите 10 рангирани универзитети согласно Шангајската листа за 2015 година.

На седницата ќе се разгледа и информацијата за потребата од склучување анекс на Договорот за доделување на државна помош склучен со Владата на Република Македонија и компанијата корисник на ТИРЗ Штип „Џонсон Контролс ДООЕЛ Штип“, извести владината служба за информирање.

Исто така, ќе се разгледува и информацијата за изменување и дополнување на Спогодбата помеѓу Владата и Европската комисија за финансирање во однос на повеќегодишната оперативна програма „Регионален развој“.