ВМРО-ДПМНE: Договорот од Преспа е правно-политички мртов


Скопје, 18 октомври, 2018 - 15:10 (META) 

Иако над еден милион и 200 илјади граѓани рекоа не за промена на името, Заев не се откажува, и со тоа директно ја крши волјата на граѓаните, се вели во реакцијата на ВМРО-ДПМНЕ, на изјавата на премиерот Зоран Заев.

„Во оваа фаза, договорот е чисто правно прашање, а како такво треба да се гледа низ призма на правото, законите и Уставот. Согласно правото Договорот од Преспа е правно – политички мртов, тоа го кажа ДИК, но тоа го кажува и Уставот. Одењето спротивно е злоупотреба на власта. Зоран Заев наместо насилно да турка спроведување на договор кој е одбиен од граѓаните, треба да си даде оставка како што вети, и не само заради штетниот договор кој го склучи, туку и за руинираната економија, урнисаното здравство и омаловаженото образование“, се вели во реакцијата на ВМРО-ДПМНЕ.


Плевнелиев: Бојкотот е голема грешка на ВМРО-ДПМНЕ


Софија, 18 октомври, 2018 - 15:01 (META) 

Бојкотот на референдумот беше повеќе од очигледен. Тој е голема историска грешка на политичката партија ВМРО-ДПМНЕ, која застана зад него. Зошто е грешка? Затоа што кога имаме момент од историска важност, не се криеш зад отсуството на опозиција. Ако се против, требаше да ја кажат позицијата. Но тоа што водечката опозициска партија се скри зад бојкот на инает, без никакви аргументи, тоа не помага на државата и на демократијата.

Со таква порака се огласи поранешниот претседател на Бугарија и член на Охридската група за поддршка на Македонија за членство во НАТО, Росен Плевнелиев во интервју за „Блумбергтв.бг“.

Тој вели дека одлуката на ВМРО-ДПМНЕ ги испровоцирала проевропските граѓани во државата да излезат на референдумот и дури 92 проценти од нив да гласаат „за“.

– Затоа, овој референдум за мене е успех. Многу жалам што народните претставници нема да бидат на висината на очекувањата – вели поранешниот бугарски претседател.

Тој во бојкотот од ВМРО-ДПМНЕ ја гледа продолжената рака на Кремљ и ја обвини Русија дека директно го финансира национализмот на Балканот за да предизвика поделби и остварување на руско влијание.

– Речиси сите националисти и популисти во регионот, вклучително и во Бугарија се директно финансирани од Русија и застапуваат геополитички интереси на Кремљ – оценува Плевнелиев.

Според Плевнелиев, сега Бугарија, како поразвиена земја подава рака на Македонија, иако претходно улогите биле обратни.

– Во многу аспекти, Западен Балкан заостана во многу работи. Се сеќавам на времето кога бев ученик, од Благоевград одевме во Штип на таканаречените „собори“. Тоа за мене беше вонземска држава. Убава, богата, имаше сè. А денеска гледате како благодарение на членството во НАТО и Европската унија, Бугарија доби шанса се разви многу подобро и ја престигна Македонија. И ако пред 30 години, Македонија била 10 години пред нас, сега е 10 години зад нас. Ние Бугарите ја осознавме својата важност и сме фактор на пријателство и стабилност во регионот. Бугарија, заедно со ЕУ и НАТО подава рака и предлага помош на Македонија, Босна и Херцеговина, Србија и Косово. Така и со Македонија – има подадена рака, судбината чука на врата и зависи од нашите браќа во Македонија да го донесат вистинското решение – вели Плевнелиев.


Вучиќ: Потребно е засилено присуство на ЕУ за да го зачуваме мирот на Западен Балкан


Белград, 18 октомври, 2018 - 12:26 (META) 

Претседателот на Србија, Александар Вучиќ, денеска изјави дека после неуспешниот референдум во Македонија и изборите во БиХ неопходно е посилно присуство на Европската Унија, за да се зачува мирот и стабилноста на Западен Балкан.

На панелот Белградски безбедносен форум на кој учествува заедно со претседателот на Австрија, Александар ван дел Белен, Вучиќ рече дека засилено присуство на ЕУ е неопходно „за да ЕУ остане тој сон, тоа светло на демократијата и слободата кон кое сме тежнееле“.

Вучиќ рече дека ЕУ треба на земјите од Западен Балкан да им понуди нешто големо и „опипливо“ и оцени дека е очигледно дека на народот во Македонија не му се допаднало тоа што му било понудено, а дека ЕУ не сметала на тоа.

– Потребно е да направиме нешто големо на Западен Балкан, мораме да понудиме нешто големо за иднината на Западен Балкан, затоа што ако ја потцениме волјата на луѓето и разочарувањето на народот на кое не сме сметале, се плашам дека ќе не доведе во ситуација кога нема да можеме да одржиме мир и стабилност – оцени Вучиќ.


РТС известува дека пратеници на ВМРО-ДПМНЕ се под притисок, а Заев има мнозинство


Белград, 10 октомври, 2018 - 17:04 (META) 

Во прилог под наслов „Македонија, пратениците на ВМРО-ДПМНЕ под притисок“, Радиотелевизија на Србија (РТС) денеска извести дека пред почетокот на денешната расправа во уставната комисија во македонското Собрание, 11 пратеници на ВМРО-ДПМНЕ се согласиле да ги поддржат уставните измени и така да обезбедат двотретинско мнозинство.

Повикувајќи се на информации на телевизијата „Алсат-М“, РТС потенцираше дека владата на Зоран Заев успеала да обезбеди двотретинска поддршка за уставните измени и да избегне вонредни избори.

Сепак, јавниот радиодифузен сервис на Србија ги пренесе и тврдењата на високите функционери на ВМРО-ДПМНЕ дека тие шпекулации се неточни и дека е „малку веројатно некој од пратениците да гласа спротивно на волјата на граѓаните на Македонија искажана на референдумот“.

Наспроти ваквите тврдења од врвот на најголемата опозициска партија, фактите зборуваат дека на референдумот излегоа 666.344 граѓани, од кои 609.427 граѓани, односно огромно мнозинство од излезените, се определија за прифаќање на на Договорот со Грција, поддржувајќи ја владата. Со други зборови, огромно мнозинство од граѓаните ги поддржаа евроатлантските интеграции. За тоа пишуваше и „Вистиномер“, соочувајќи ги изјавите на претседателот Ѓорге Иванов со реалните бројки.

Повикувајќи се на македонски медиуми, РТС наведува и дека одреден број поранешни функционери на ВМРО-ДПМНЕ се вклучиле во убедување на пратениците на оваа партија да ги поддржат уставните измени.

Претходно, белградска „Политика“, пишуваше дека „новиот претседател на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски, во кампањата се однесувал како пантомимичар, за разлика од претседателот Ѓорге Иванов, којшто, „кога остана осамен, не се скри во својата резиденција, туку од говорницата на Генералното Собрание на ОН ги критикуваше САД, ЕУ и НАТО, повикувајќи ги граѓаните да го бојкотираат референдумот“.

Ова е само делумно точно бидејќи Иванов ниту остана осамен, ниту пак, се јави само од говорницата  на ОН. Тој, во неколку наврати се изјаснуваше против референдумот и дека тој нема да излезе да гласа.


За белградска „Политика“ Мицкоски е пантомимичар, а Иванов херој


Белград, 10 октомври, 2018 - 10:26 (META) 

Под насловот „Референдумски ајвар“, провладиниот српски  весник „Политика“ во вторникот излезе со коментар во кој оценува дека „наместо витешки да признаат дека референдумот пропаднал, европските, американските и НАТО функционерите го прогласиле за победа, што дополнително ги распали политичките страсти“.

„Лицемерието на западните владејачки политички елити и обидот за прекројување на волјата на граѓаните на Македонија коишто не се согласија да станат северни јужњаци, релативизирањето на резултатите на референдумот којшто лаконски беше оценет за консултативен, со дипломатски притисоци промената на името да се протурка во парламентот, само ќе го засили отпорот на Македонците“, пишува Александар Апостоловски во коментарот на „Политика“.

Апостоловски е соработник на порталите „Србин.инфо“ и „Академик.мк“.

Во коментарот се оценува дека „македонското гласачко тело е поделено на две длабоко завојувани страни, коишто пролеаја крв во Собранието, додека во позадина Албанците спокојно порачуваат, седејќи во Тиранската платформа, дека тие се единствените искрени американски сојузници“.

Терминот „Тиранска платформа“ главно беше наратив на ВМРО-ДПМНЕ за законот за јазиците.

Овој референдум Македонците го одлучија со молчење, се наведува во коментарот и се додава дека дури и новиот претседател на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски, во кампањата се однесувал како пантомимичар, за разлика од претседателот Ѓорге Иванов, којшто, „кога остана осамен, не се скри во својата резиденција, туку од говорницата на Генералното Собрание на ОН ги критикуваше САД, ЕУ и НАТО, повикувајќи ги граѓаните да го бојкотираат референдумот“.

„Многумина ќе речат дека Македонците не ја искористија историската шанса експресно да влеззат во НАТО и да почнат преговори со ЕУ по 27 години. Можеби балканската ирационалносто повторно го победи прагматизмот“, се заклучува во текстот.


Герберих: Владата и опозицијата да ја спроведат волјата на населението за излез од чекалната на ЕУ и НАТО


Скопје, 9 октомври, 2018 - 14:39 (META) 

Со преку 91 отсто од гласовите „за“, гласачите во Македонија јасно гласаа за европскиот пат и за понатамошната ЕУ и НАТО перспектива на својата земја. Иако, за жал, само 37 проценти од официјалната бројка на гласачи учествуваа на референдумот и со тоа не се постигна официјалниот кворум, рече германскиот амбасадор Томас Герберих по повод Денот на националното единство.

– Но, сеедно која математика ќе се примени за пресметка на бројот на гласачите, сигурен сум дека мнозинството од македонското население со тоа ја искажа својата волја конечно да излезе од чекалната на ЕУ и НАТО. Сега на ред се владата и опозицијата, заедно да ја спроведат оваа волја и со промена на уставот да го одобрат патот на својата земја во правец на НАТО и ЕУ и да ја покажат својата политичка одговорност, за да не се случи овој пат повторно да биде блокиран на долг рок за Македонија и земјата да биде во Европа во изолација – вели Герберих.

Тој во својот говор истакна дека Германија е и останува да биде најзначајниот трговски партнер на македонското стопанство со билатерална трговска размена што се очекува на крајот на годината да достигне 4 милијарди евра.


Димитров: Собранието треба да реши дали ќе ја следи волјата на народот


Скопје, 8 октомври, 2018 - 14:12 (META) 

Собранието треба да реши дали ќе ја следи волјата на народот, изјави министерот за надворешни работи Никола Димитров на денешната дебата „Билатералното на Балканот: Регионалните импликации на билатералните спорови“, организирано во рамки на Форумот за граѓанско општество Скопје 2018.

– Излезноста на референдумот беше близу 37 проценти и иако имаме Изборен законик кој предвидува цензус, сепак 609 илјади граѓани кажаа „да“. Тоа е мнозинството и тие сакаат Македонија да оди напред. Следат разговори во Парламентот. Ни претстои историска одлука. Нашата реалност е дека не може да го заобиколиме спорот за името на патот кон НАТО и ЕУ. Парламентот треба да реши дали ќе ја следи волјата на народот. Ова е клучот. Ако сакаме напред, треба да го искористиме овој клуч – рече Димитров.

Според него, единствен пат кога повеќе граѓани се изјасниле „за“ на некои избори биле оние во 1994 година кога Киро Глигоров беше избран за претседател на државата.

Димитров меѓу другото истакна дека предвремени парламентарни избори се последна опција.


Уште од 2008 година за ВМРО-ДПМНЕ успешен референдум е мнозинство од излезените граѓани


Скопје, 5 октомври, 2018 - 14:14 (META) 

Шефот на македонската дипломатија, Никола Димитров на „Фејсбук“ објави неколку конкретни ставови околу референдумското изјаснување кои ги оценуваме како вистинити, пишува „Вистиномер“.

Димитров на својот „Фејсбук“ статус посочува дека во програмата на ВМРО- ДПМНЕ на страница 295 е запишано дека: „референдумот ќе биде успешен доколку го поддржат мнозинство од граѓаните кои ќе ИЗЛЕЗАТ да гласаат, а не мнозинство од запишаните на избирачкиот список“ .

Вистина е, како што вели Димитров, дека прашањето за референдумско консултирање на граѓаните за името беше промовирано од сегашната опозиција. ВМРО-ДПМНЕ првпат го стави референдумот уште во 2008 година во изборната програма Перодба во 100 чекори надградена и проширена, во делот „Приоритети на надворешната политика за 2008 – 2012 година“ (стр.146) е наведено дека за можното решение треба да се согласат „мнозинството од граѓаните кои ќе излезат на тој референдум“.

Целата статија прочитајте ја на „Вистиномер.мк“.


Обвинителство: На референдумот регистрирани 40 нарушувања


Скопје, 5 октомври, 2018 - 13:42 (META) 

Јавното обвинителство на Република Македонија денеска ја објави информацијата за привремената комисија што ги  следеше нерегуларностите и инцидентите во кампањата и на денот на референдумот.

Вкупно се регистрирани 40 нерегуларности, а од нив еден случај е во текот на кампањата, за повик за поткуп на гласачи на подрачјето на Вишото јавно обвинителство Скопје.

Нерегуларности на денот на референдумот не се регистрирани на подрачјата на основните јавни обвинителство од Куманово, Крива Паланка, Велес, Кавадарци и Гевгелија, а на подрачјето на скопското обвинителство се регистрирани 29 настани, од кои 27 се разјаснети веднаш. Имало и пријави за неовластено снимање, но најчесто полицијата утврдувала дека се работи за новинарски екипи кои немале истакнато легитимации.

На подрачјето на Вишото јавно обвинителство Битола не се регистрирани нерегуларности освен еден во Битола, кога набљудувач ги повикувал гласачите да не гласаат, а за два случаи на подрачјето на Струга, постапката е во тек. Толку случаи се евидентирани и во Гостивар.

На територијата на Основно јавно обвинителство Штип се регистрирани два настани, исто толку и на подрачјето на кочанското обвинителство, а еден случај на подрачјето на обвинителството од Радовиш.

До Јавното обвинителство преку електронска пошта стигнале 15 информации од граѓани и две кривични пријави од една политичка партија, кои се доставени до Основно јавно обвинитество Скопје.


Хан: Не нови избори, туку градење двотретинско мнозинство во парламентот


Виена, 5 октомври, 2018 - 12:55 (META) 

Нови избори во Македонија ќе бидат одолговлекување на патот кон почетокот на преговорите со ЕУ, порачува комесарот за проширување на ЕУ, Јоханес Хан за австрискиот весник „Куриер“, велејќи дека го советувал македонскиот премери Зоран Заев да не свикува вонредни парламентарни избори, туку да изгради двотретинско мнозинство во Собранието кое би го поддржало Договорот со Грција.

-Новите избори ќе бидат одолговлекување на патот кон почетокот на преговорите со ЕУ. Опозицијата придонесе за нискиот одзив преку бојкот. Далеку од тоа дека може да се каже оти референдумот бил неуспешен. Невообичаено е еден референдум да добие поддршка од 94 проценти од гласачите, но да земат учество само 37 проценти – затоа што опозицијата очигледно беше успешна во бојкотот. Во парламентот ќе може да се обезбеди двотретинско мнозинство. На власта ѝ се потребни 8 или 9 гласа од опозицијата и тоа мора да биде остварливо. Сите велат дека сакаат во ЕУ и НАТО, и опозицијата исто така, и затоа мора да се плати цената со овој договор – вели Хан.

На новинарското прашање како да се дојде до потребното мнозинство во парламентот, Хан одговора „со комбинација на Балкан и рационалност“.