!Во периодот што претстои работиме на воведување систем за пристап и за претплата. За начинот на пристап и за претплатата ќе информираме дополнително. Содржините на „Мета“ до тогаш се слободни за преземање со задолжително цитирање и атрибуирање.

Ердоган ги повлече турските војници од воена вежба, НАТО се извини


Анкара, 17 ноември, 2017 - 17:06 (META) 

Генералниот секретар на НАТО, Јенс Столтенберг, се извини на Турција откако актуелниот претседател на земјата, Реџеп Таип Ердоган, и првиот претседател на модерна Турција, Мустафа Кемал Ататурк, беа претставени како „непријатели“ на воена вежба на НАТО во Норвешка.

Ердоган, лут поради тоа, ги повлекол 40-те турски војници, по што следуваше извинувањето од Столтенберг.

– Се извинувам за навредата што е нанесена. Инцидентите беа резултат на постапките на поединец и не ги одразуваат гледиштата на НАТО – изјави Столтеберг.


Турците вчера пред да телефонираат мораа да го слушаат Ердоган


Анкара, 16 јули, 2017 - 13:55 (META) 

Обидот да се повика мобилен број во Турција вчера доведуваше до неочекуван соговорник – гласот на турскиот претседател Реџеп Таип Ердоган. По вртењето на бројот, пред да почне воспоставувањето на врската, повикувачот првин ја слушаше снимената аудиопорака од претседателот, а дури по нејзиниот крај почнуваше вртењето на бројот, јавуваат турските медиуми.

Во пораката, Ердоган им го честитал на повикувачите „националниот празник на демократијата и на единството“, со кој се одбележа првата годишнина од неуспешниот пуч.

„Како претседател, испраќам честитки за 15 јули – Денот на демократијата и националното единство и посакувам милост за мачениците, а на хероите (кои се бореа против пучистите) здравје и благосостојба“, гласи пораката која траеше 16 секунди.

Дека нарачката за оваа „услуга“ ја направила државата, на својот твитер-профил потврди Омер Фатих Сајан, директор на Комисијата за информации и комуникациски технологии (БТК).

Овој потег предизвика гнев кај многумина корисници, а многумина критикуваа и објавија видеоснимки на кои се гледа како мора да почекаат да заврши пораката пред да може да разговараат.


Повеќе од милион луѓе во Истанбул на годишнината од обидот за пуч


Истанбул, 16 јули, 2017 - 13:18 (META) 

Повеќе од еден милион Турци во Истанбул синоќа беа на гигантскиот собир наречен „Епопеја на победата за демократија“, со кој беше одбележана првата годишнина од обидот за државен удар, што се случи на 15 јули лани.

Мостот над Босфор, наречен Мост на мачениците на 15 јули, кој е долг 1,5 километар, беше исполнет со луѓе, а според некои проценки, имало повеќе од еден еден милион лица. Пред една година мостот беше заземен со тенкови. Притоа  беа убиени повеќе луѓе, но тенковите беа запрени и не им беше дозволено да минат на другиот брег, што беше одлучувачки момент за неуспехот на пучот.

Точно на тоа место беше отворен меморијалот на мачениците од пучот на 15 јули, во кој загинаа 249 лица, а 2.100 беа ранети.

Синоќешниот собир почна со огромна поворка, на чие чело беа претседателот Реџеп Таип Ердоган и неговата сопруга Емине. Фатени за рака, тие минаа пеш од домот до мостот, заедно со голема група луѓе, меѓу кои семејствата и блиските на жртвите на превратот.

– Овој мост пред една година беше сведок на најкрвавиот злосторнички преврат во нашата историја. Но истата таа ноќ, тој стана и сведок на победата. Како и денеска луѓето во рацете имаа единствено знамиња. Но тие имаа посилно оружје. Својата вера – рече Ердоган.

Ердоган од Истанбул замина за Анкара, каде по полноќ учествуваше на седницата на парламентот во спомен на жртвите, која почна во 2.32 минути по локално време, кога парламентот беше подложен на напад од турски „Ф-16“ за време на пучот. Опозициските пратеници го бојкотираа настанот.

Во говорот во Анкара, Ердоган изјави дека ќе го потпише законот за враќање на смртната казна доколку му биде доставен.


ВМРО-ДПМНЕ изразува сочувство за убиените во обидот за државен удар во Турција


Скопје, 16 јули, 2017 - 11:14 (META) 

ВМРО-ДПМНЕ изразува најдлабоко сочуство за сите што ги загубија животите при обидот за државен удар во Република Турција, посочуваат од партијата во соопштение.

„Сликите и снимките од минатогодишниот 15 јули засекогаш ќе останат врежани во сеќавањата не само на турскиот народ, туку и на сите кои имаат посебна почит и симпатии кон Турција. Република Турција и турскиот народ биле и остануваат докажан пријател на Република Македонија. Меѓусебните односи секогаш биле проткаени со заемна почит и пријателство и очекуваме врските со Република Турција да се продлабочуваат и во иднина. Демократските избори се единствениот начин на кој една власт може да ја добие честа да ја управува државата“, се вели во соопштението.


Мас: Помина времето на љубезен тон на Германија со Турција


Берлин, 28 февруари, 2017 - 20:24 (META) 

Германскиот министер за правда, Хајко Мас, во интервју за весникот „Велт“ изјави дека истече времето на љубезен тон во односот на Берлин со Анкара, откако турскиот суд одлучи да го затвори новинарот на германскиот весник „Велт“, Дениз Јуџел.

Мас оцени дека односот кон Јуџел е неприфатлив и оти тоа не е единствен случај во Турција, каде се уапсени голем број лица, посебно судии.

– Турскиот претседател Реџеп Таип Ердоган треба да сфати дека оној што систематски ги поткопува основите на слободата на медиумите и принципите на правната држава, ја оддалечува земјата од основните вредности на Европска Унија. Ако Турција не се придржува до тие вредности, доближувањето до ЕУ во практика ќе биде невозможно – рече германскиот министер.

Мас рече дека Берлин нема да го прекине дијалогот со Турција, но кога се замолчуваат новинари и се затвораат судии, нема веќе место за љубезен тон.

Турските власти на 17 февруари соопштија дека приведен е 43-годишниот Јуџел, под обвинение за учество во терористичка организација, неовластено користење информација и за пропаганда во корист на тероризмот.