!Во периодот што претстои работиме на воведување систем за пристап и за претплата. За начинот на пристап и за претплатата ќе информираме дополнително. Содржините на „Мета“ до тогаш се слободни за преземање со задолжително цитирање и атрибуирање.

СДСМ: Режимот на ВМРО-ДПМНЕ од Македонија направи заробена држава


Скопје, 23 јули, 2017 - 16:42 (META) 

Апсурдно и лицемерно е ВМРО-ДПМНЕ, партијата што 11 години системски ја партизираше државата, воспостави масовна контрола врз институциите и грубо се пресметуваше со неистомислениците, денес да обвинува за партизација и за режим, се вели во реакцијата на СДСМ, на прес-конференцијата на Светлана Колариќ од ВМРО-ДПМНЕ.

„Режимот на ВМРО-ДПМНЕ затвораше медиуми, апсеше и притвораше новинари, монтираше судски случаи и преку злоупотреба на институциите се одмаздуваше кон неистомислениците, со што од Македонија направи заробена држава, изолирана од демократскиот свет“, велат од СДСМ.

Од партијата нагласуваат дека Владата преку рефомскиот план „3-6-9“ почнала со сериозни реформи во јавната администрација, во судството, медиумите и во борбата против корупцијата за ослободување на институциите што ВМРО-ДПМНЕ ги заробила.


СДСМ: Заврши времето кога Милошоски можеше тајно да преговара со соседите


Скопје, 20 јули, 2017 - 18:03 (META) 

Заврши времето кога ВМРО-ДПМНЕ, Антонио Милошоски и Никола Груевски можеа тајно и далеку од очите на јавноста да преговараат за отворените прашања и да имаат монопол во односите што нашата земја ги воспоставува со соседите и со меѓународната заедница, се вели во реакцијата на СДСМ на прес-конференцијата на Милошоски.

„Интерес и на Владата и на граѓаните е Република Македонија да има добра соработка со соседите и да се стави крај на кавгите и на изолациите. Спротивно на тоа, Милошоски денеска кажа многу невистини, иако како претседател на собраниската Комисија за надворешни работи имаше целосен увид во нацрт-верзијата на договорот за добрососедство со Република Бугарија“, стои во соопштението на СДСМ.

Од партијата велат дека сè што прави Владата предводена од СДСМ на домашен и на меѓународен план е во интерес на евроатланските перспективи и добрососедските односи и со целосна заштита на државните и на националните интереси.

„Граѓаните ќе бидат целосно и навремено информирани, а одлуките за сите прашања ќе ги носи Собранието на Република Македонија како највисок државен орган“, стои во реакцијата на СДСМ на прес-конференцијата на Милошоски, кој денеска изјави дека пратениците од Коалицијата за подобра Македонија, предводена од ВМРО-ДПМНЕ, ќе поднесат барање за свикување итна и отворена за јавноста седница на Собранието, за разгледување на договорот за добрососедство помеѓу Македонија и Бугарија.


ЗНМ ги осуди заканите на симпатизери на ДУИ кон екипа на ТВ „Шења“


Скопје, 19 јули, 2017 - 15:13 (META) 

Здружението на новинарите на Македонија (ЗНМ) ги осуди заканите на симпатизерите на ДУИ кон екипа на телевизијата „Шења“, која вчера била попречена во известувањето за комуналните проблеми во општина Чаир.

„Ги повикуваме надлежните институции да ги идентификуваат насилниците и да ги изведат пред лицето на правдата. Насилството против новинарите и медиумските работници е неприфатливо и претставува напад врз демократијата“, стои во соопштението на ЗНМ.

Од здружението нагласуваат дека државата има обврска да обезбеди ефикасен систем на превенција и казнување на насилството врз новинарите, што е основен услов за подобрување на состојбата со слободата на говорот.


СДСМ: Со ребалансот парите наменети за луксуз се враќаат кај граѓаните


Скопје, 9 јули, 2017 - 12:06 (META) 

ВМРО-ДПМНЕ 11 години ја манипулираше јавноста со лажни и нереални проекции за економскиот пораст на Македонија, а со ребалансот, Владата предводена од СДСМ покажа дека следните чекори ќе бидат базирани на реална основа, се вели во реакцијата на СДСМ на соопштението на ВМРО-ДПМНЕ.

„Проекциите за капитални инвестиции досега се давале од ракав, за да изгледаат убаво и да звучат помпезно, но во реалноста биле нереални планови. Затоа скратени се тие нереални планови кои и без ребалансот немало да се реализираат. Ребалансот на буџетот ги следи потребите на сите категории граѓани, а парите наменети за луксуз и непотребни трошоци се враќаат кај граѓаните. Заврши луксузирањето на државни функционери на сметка на граѓаните, што ВМРО-ДПМНЕ 11 години го практикуваше“, велат од партијата.

Од СДСМ додаваат дека преку ребалансот на буџетот тие почнуваат да го исполнуваат ветувањето за повеќе пари кај граѓаните.


Министерството за финансии реагира на поскапувањето на сметководствените услуги


Скопје, 4 јули, 2017 - 15:16 (META) 

Министерството за финансии реагира на одлуката на Институтот за сметководители и овластени сметководители на Република Македонија (ИСОС), со која значително се зголемува висината на минимални трошоци за вршење книговодствени работи и на надоместокот за сметководствени услуги. Одлуката е донесена на 19 мај годинава.

Од министерството реагираат дека институтот има право да ги утврди само критериумите за утврдување на цената, но не и нејзиниот износ.

„Во согласност со Законот за вршење сметководствени работи и статутот на Институтот, нема основа за донесување на оваа одлука. Истовремено, Министерството за финансии појаснува дека оваа одлука е надвор од рамките на законот со оглед на фактот што управниот одбор на Институтот има надлежност да ги утврди само критериумите за утврдување на цената на сметководствените услуги, но не и висината на надоместокот за тие услуги“, се вели во реакцијата.


Бројките што ги споменува Сугарески се лага и конструкција, реагира ВМРО-ДПМНЕ


Скопје, 2 јули, 2017 - 15:33 (META) 

Министерот Горан Сугарески наместо да лиферува лажни бројки и да креира конструкции треба да ги засука ракавите и да почне да си ги врши должностите, се вели во реакцијата на ВМРО-ДПМНЕ на изјавата на министерот за транспорт и врски за пропустите во изградбата на автопатот Кичево – Охрид.

Од ВМРО-ДПМНЕ велат дека бројките што ги споменува Сугарески се лага и конструкција и дека нивната цел е да внесат забуна и да го девалвираат проектот.

„Главната борба на владата на СДС се криминалните побуди, тие во изградбата на патиштата гледаат можност за екстра криминална заработка преку кочење и избор на нови фирми, кои граѓаните ќе ги чинат многу повеќе и поскапо. Сугарески денеска си даде автогол. Ако има отстапки од самите проекти, тогаш за тоа единствено треба Сугарески да побара вина во неговата партија, чија влада ги изготви тие проекти и никогаш не ги реализира, затоа што немаше доволно капацитет и компетентност за тоа“, стои во соопштението на ВМРО-ДПМНЕ.


СДСМ: Проектите на ВМРО-ДПМНЕ се симбол за криминал и за корупција


Скопје, 1 јули, 2017 - 17:14 (META) 

Доколку Љубен Арнаудов и неговите сопартијци навистина се грижеа за интересите на граѓаните, одамна ќе ја увидеа реалната состојба и ќе инсистираа на одговорност за промашувањата во изведбата на автопатот Кичево – Охрид, но и на одговорност за провизиите од автопатиштата за кои слушна целата јавност, се вели во реакцијата на СДСМ на изјавата на пратеникот на ВМРО-ДПМНЕ.

„Но наместо тоа, Арнаудов како и досега, продолжува да работи на штета на граѓаните и исклучиво во заштита на криминалното раководство на ВМРО-ДПМНЕ. Таканаречените проекти на ВМРО-ДПМНЕ во инфраструктурата се симбол за криминал, корупција и за неспособност. Доказ за тоа се истрагите и обвиненијата за автопатиштата Миладиновци – Штип, Демир Капија – Смоквица, како и за споменатиот автопат Кичево – Охрид, каде што огромните пропусти во проектирањето и во изведбата нанесоа огромни штети врз угледот на Македонија и за чие санирање дополнително ќе се потрошат повеќе од 100 милиони евра пари на граѓаните“, стои во соопштението на СДСМ.


ВМРО-ДПМНЕ: СЈО со клеветнички изјави сака да ја покрие својата непрофесионалност


Скопје, 28 јуни, 2017 - 14:29 (META) 

Очигледна е нервозата на Специјалното јавно обвинителство заради фактот што знаат дека не поседуваат никакви докази и затоа со лажни и клеветнички изјави се обидуваат да ја покријат својата пристрасност и непрофесионалност, стои во реакцијата на ВМРО-ДПМНЕ на изјавата на обвинителката на СЈО, Фатиме Фетаи, по денешното рочиште за случајот „Шамари“, кое се одложи.

„Неверојатно е што денеска, кога по интервенција на СJO се одложи рочиштето, токму тие напаѓаат и обвинуваат друг за истото. Доколку не беше интервенцијата на СJO, денеска рочиште ќе имаше и бргу ќе можеше да се види вистината, но и лагите и конструкциите на СJO, како и на измамникот Жерновски“, стои во соопштението на ВМРО-ДПМНЕ.

Оттаму велат дека СЈО и владејачката гарнитура во континуитет преку јавни изјави и заплашувања вршат притисок врз судот и додаваат дека иако се свесни дека врз членовите на ВМРО-ДПМНЕ се врши типична политичка хајка и прогон, лидерот на партијата, Никола Груевски, и другите уредно и редовно се појавуваат во суд, без да смислуваат изговори.


СДСМ: Се поправаат штетите што ВМРО-ДПМНЕ им ги направи на земјоделците


Скопје, 14 јуни, 2017 - 18:30 (META) 

„Штетите што ВМРО-ДПМНЕ им ги нанесе на земјоделците веќе се поправаат. Земјоделците ќе бидат ценети и вреднувани“, се вели во реакцијата на СДСМ, на денешната прес-конференција на Ванчо Костадиновски од ВМРО-ДПМНЕ.

„Уште во првите денови Владата предводена од СДСМ покажа дека земјоделците се приоритет и им ги исплати субвенциите што доцнеа, со што почна да ги поправа штетите што ВМРО-ДПМНЕ им ги нанесе на земјоделците во изминатите 11 години. Субвенциите повеќе нема да се делат по партиска линија, нема да има богатење на лажни земјоделци ниту, пак, ќе има закани и уцени кон вистинските земјоделци како што тоа 11 години го правеше ВМРО-ДПМНЕ“, велат од СДСМ.

Од партијата додаваат дека новата влада ќе работи на зголемување на животниот стандард на земјоделците, како и на сите други граѓани.


СДСМ: Невработеноста ќе се намалува реално, а не декларативно


Скопје, 10 јуни, 2017 - 17:46 (META) 

„Невработеноста ќе се намалува реално и тоа ќе го чувствуваат сите граѓани, а не декларативно како што досега правеше ВМРО-ДПМНЕ, преку нарачани бројки од контролирани институции, бришење од евиденција на невработените лица и иселувањето на младото работоспособно население надвор од државата“, се вели во реакцијата на СДСМ на прес-конференцијата на членот на ИК на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски.

Во соопштението се додава дека „нелогично е да се намалува стапката на невработеност во услови кога економијата стагнираше заради блокадите и опструкциите на ВМРО-ДПМНЕ на демократските процеси за формирање на новата влада.“

„Потребен е економски пораст што ќе ги апсорбира новотворените работни места“, се додава во соопштението.