Судии се јавувале кај Караџовски да прашаат дали навистина ќе има масовни разрешувања


Скопје, 15 февруари, 2018 - 13:04 (META) 

Судскиот совет на денешната седница нема да одлучува по барањата за разрешување на судии, туку ќе ја почне постапката со избор на членови на Советот кои ќе ги застапуваат барањата за разрешување и ќе се бираат комисии кои ќе истражуваат дали има основи за разрешување, по што ќе реферираат до Судскиот совет.

Ова денеска го соопшти претседателот на Судскиот совет, Зоран Караџовски, кој ги оцени како „лажни вести“ информациите во медиумите дека Советот ќе расправа за разрешување на над 100 судии и појасни дека станува збор само за пет барања за утврдување на одговорност на судија, односно за разрешување.

Шпекулациите дека Судскиот совет ќе расправа за разрешување над сто судии ги вознемирило судиите и претседателите на судовите, кои, како што рече Караџовски, се јавувале во Советот за да прашаат дали е ова точно.

– Денеска за оние предмети за кои е доставено барање за утврдување на одговорност на судија од веќе укинатиот Совет за утврдување на факти ќе одлучуваме кој член на судскиот совет ќе го застапува соодветното барање бидејќи тој орган не постои. Потоа се формира комисија од три члена по пат на жрепка, која понатаму ќе има обврска да расправа да поканува, да истражува. Кога ќе ја заврши работата ќе треба да достави извештај до сите членови на судскиот совет на седница – изјави Караџовски.

Одговарајќи на новинарско прашање, тој рече дека нема рокови до кога треба комисиите да ја завршат работата, меѓутоа, како што додаде, во измените на Законот за Судскиот совет се предвидени добри механизми, поради што смета дека постапката во комисиите нема да трае долго.

– По завршувањето на работата на комисијата, рокот во којшто треба да достави извештај до Судскиот совет е 15 дена. Јас, како претседател на Судскиот совет ќе инсистирам, не да се мешам во работата на таа комисија што ќе ја избереме денеска, меѓутоа во најкраток можен рок да си ја заврши својата работа, за сите предмети – појасни претседателот на Судскиот совет.

Инаку, како што појасни Караџовски до овој момент до Судскиот совет има вкупно 217 претставки и поплаки доставени од граѓани и правни лица за работата на судии или претседатели на судови, а во оваа бројка се и незавршените и незапочнати поплаки и претставки од веќе укинатиот Совет за утврдување на факти.

Тој појасни дека претставки и поплаки се една работа, а барања за утврдување на одговорност на судија, односно разрешување е друга работа.

Просекот на разрешени судии во изминатите 4-5 години, изјави Караџовски, бил еден до еден ипол судија, за разлика од, како што додаде, претходниот период пред десеттина година, кога имало „поголем број на такви разрешувања“.


Судскиот совет треба да одлучува по 110 барања за разрешување на судии


Скопје, 13 февруари, 2018 - 12:52 (META) 

Судскиот совет на седници во наредниот период, од кои првата е закажана во четврток, траба да расправа за 110 барања за поведување на постапка за утврдување на одговорност, односно за разрешување на судии, пренесува „Телма“.

Најмногу иницијативи за разрешување на судии се поднесени од Советот за утврдување на факти и за поведување постапка за утврдување одговорност на судија, но и од други подносители.

Како што пренесува телевизијата, три претставки од Специјалното јавно обвинителство и уште неколку од адвокати и други странки во постапките има против судијката Моника Бахчовановска.

Судскиот совет треба да расправа и по иницијативите за утврдување на одговорност и разрешување на членовите на петчлениот Кривичен совет на Врховниот суд – Јово Вангеловски, Рахилка Стојковска, Ристо Катавеновски, Фаик Аслани и Џемали Саити.

Според најавата за седницата в четврток на веб-страницата на Судскиот совет, расправата по барање за поведување на постапка за утврдување на одговорност за судија и донесување одлука е шеста точка на дневниот ред на седницата.

Расправата по оваа точка, како што стои во соопштението, ќе се води зад затврени врати, односно нема да биде дозволено присуство на медиумите.


Отказ за судијата кој не носи тога, предвидуваат новите законски решенија


Скопје, 31 јануари, 2018 - 10:38 (META) 

Судија освен за партиска и политичка активност ќе може да биде разрешен од функцијата и за неноносење судска тога, како „потешка дисциплинска повреда“. Ова го предвидуваат новите измени на Законот за судовите, објавени на Единствениот национален електронски регистар на прописи (ЕНЕР), како дел од реформите во правосудството од планот „3-6-9“ на Владата.

Судиите и досега, со актуелното законско решение, ризикуваа да добијат дисциплинска мерка за неносење судска тога, но, санкцијата за тоа беше писмена опомена, јавен укор и намалување на платата за 15 до 30 отсто во период од еден до шест месеци.

„Примање подароци и други користи во врска со судиската работа“ и со новите измени останува да се санкционира со дисциплинска мерка – опомена, укор, намалување на платата и „упатување на дополнителни часови за стручна обука во Академијата за судии и јавни обвинители“, која е нова одредба.

Со измените се менуваат и условите за судиите-поротници. Поротник ќе може да се стане и со средно образование, наместо со високо, како што е сега. Останува обврската за обука на поротниците во Академијата за судии и јавни обвинители, но, со измените нема да мора да полагаат завршен испит, туку ќе им се издава сертификат за завршена обука.

„Досегашното решение со кое се бараше високо образование за судија поротник како и полагањето на дополнителни испити се покажа како неефикасно и доведе до недостаток од судии-поротници во сите судови во државата“, стои во образложението на предлог-измените.

Измени има и во возрасната граница – поротник може да биде лице кое не е постаро од 60 години, наместо 64 како што е во актуелниот закон.

Со новите предлог-решенија, Министерството за правда ќе врши надзор над спроведувањето на Судскиот деловник, конкретно на функционирањето на Автоматизираниот компјутерски систем за управување со судските предмети (АКМИС).

Надзорот ќе го врши постојана комисија, што ќе работи по годишен план. Во комисијата ќе бидат двајца „дипломирани правници со најмалку 10 години стаж на правни работи по полагање на правосуден испит и двајца информатичари обучени за работа на АКМИС.

Предвидена е и можност министерот за правда, кога ќе оцени дека е потребно, да формира комисија од надворешни експерти за проверка на функционалноста на АКМИС.

Изманите предвидуваат и Министерството за правда да биде корисник на статистичките податоци од базите на податоци од информатичките системи во правосудството, „согласно неговата надлежност за подготвување на закони од областа на правосудството, прибирање на статистички податоци за работата на правосудните институции, надзор над ажурното вршење на работите во судот и спроведувањето на судскиот деловник“.

Инаку, законот е уште во фаза на подготовка, кој заврши на 30 јануари 2018 година и допрва треба да биде утврден од Владата и усвоен од Собранието.


Раскол во Беса: Два централни одбора, две најави за конгрес, нејасно е кој ја води партијата


Скопје, 6 јануари, 2018 - 19:35 (META) 

Опозициската партија Беса е во длабок раскол по двата паралелни собири на највисокиот партиски орган, Централниот совет – еден во Скопје и друг во Тетово – на кои беа донесени дијаметрално спротивни одлуки. На собирот во Скопје од лидерската позиција е сменет Билал Касами, заради „политичкиот пад на партијата“ и е најавен конгрес на 21 февруари, а во Тетово е донесена одлука за свикување конгрес три дена подоцна до кој со партијата и натаму ќе раководи актуелниот лидер.

Паралелните собири следат откако  оставка на потпретседателската функција во партијата поднесе експратеникот Зеќирија Ибрахими.

На седницата на Централниот совет оддржана во Скопје, на која присуствувале 64 од вкупно 106 членови на овој највисок партиски орган, за привремен претседател на партијата е назначен најстариот партиски функционер,пратеникот Неџбедин Каремани. Од собирот во Скопје за 21 февруари е закажан и конгрес на партијата, на кој ќе треба да се избере новото раководство.
Во Тетово, присутните донеле одлука конгресот да се оддржи на 24 февруари, а дотогаш со партијата и натаму да раководи актуелниот претседател Билал Касами.

На парламентарните избори во декември 2016 година Беса освои пет пратенички места. Пред локалните избори, со најавите на своите градоначалнички кандидатури, Касами и Ибрахими поднесоа оставки на своите дотогашни пратенички функции.


Лилјана Спасоска избрана за в.д. државен јавен обвинител


Скопје, 29 август, 2017 - 13:31 (META) 

На денешната седница Советот на јавни обвинители за вршител на должноста државен јавен обвинител ја избрал Лилјана Спасоска, која ќе го менува разрешениот Марко Зврлевски до изборот на нов јавен обвинител на Република Македонија.

Спасоска и според годишниот распоред на Јавното обвинителство, беше назначена за заменичка на Зврлевски.

Собранието на Република Македонија на 17 август го разреши Зврлевски. На 22 август Владата ја почна постапката за избор на нов државен јавен обвинител, односно му предложи на Собранието да распише оглас за именување нов јавен обвинител.

Предлогот на Владата е ставен на дневен ред на првата наредна седница на Собранието, закажана за 4 септември.


Изборот на заменик на Зврлевски одложен, Аневски не обезбеди кворум


Скопје, 24 август, 2017 - 12:28 (META) 

Советот на јавни обвинители поради немање кворум ја одложи денешната седница за избор на заменик на разрешениот државен јавен обвинител Марко Зврлевски, кој ќе треба да ја врши оваа функција до изборот на нов Јавен обвинител.

Седницата, како што соопшти претседателот на Советот на јавни обвинители, Петар Аневски е презакажана за 29 август.

Аневски изјави дека привремениот шеф на државното јавно обвинителство ќе биде избран од редот на постојните јавни обвинители во државното јавно обвинителство и дека обвинителката од скопското јавно обвинителство, Гордана Гешковска, не влегува во изборот на заменик на Зврлевски до именување на нов Јавен обвинител во Собранието на Република Македонија.

Собранието во четвртокот, минатата недела го разреши Марко Зврлевски од функцијата државен јавен обвинител, а во вторникот оваа недела, Владата ја почна постапката за избор на нов шеф на Јавното обвинителство. Сега на потег е Собранието кое, на предлогот на Владата, треба да распише оглас за именување на државен јавен обвинител.


Груевски: Владата незаконски назначува кадри, ќе бараме одговорност


Скопје, 20 август, 2017 - 19:40 (META) 

Претседателот на ВМРО-ДПМНЕ, Никола Груевски при денешната посета на Oпштина Сопиште рече дека Владата или назначува некомпетентни кадри, или тоа го прави незаконски.

– Се разрешуваат некои кадри што треба да ги разреши и назначи Парламентот, а Владата ги разрешува. На пример, ги назначил Парламентот и согласно законот, треба и да ги разреши доколку оцени така. Сега Владата ги разрешувa и новите ги назначува, што е спротивно на законот. Вакви примери има многу – изјави Груевски.

Според него, Владата направила хаос во однос на назначувањето на кадрите и во иднина ВМРО-ДПМНЕ ќе бара одговорност за ваквото постапување.


Џафери распиша оглас за избор на член на Советот на јавни обвинители


Скопје, 19 август, 2017 - 14:23 (META) 

Претседателот на Собранието, Талат Џафери, распиша оглас за избор на член на Советот на јавни обвинители. Огласот Џафери го распишал вчера, а денеска е објавен во дел од дневните весници, а треба да биде објавен и во „Службен весник“.

Како што стои во објавата, станува збор за избор на член на Советот од „редовите на универзитетски професори по право, адвокати и други истакнати правници“, кој го избира Собранието на Република Македонија. (Собранието избира вкупно 4 членови на Советот кои доаѓаат од оваа фела, од кои двајца се од заедниците кои не се мнозинство во државата).

„Заинтересираните кандидати, универзитетски професори по право, адвокати и други истакнати правници, во рок од 15 дена од денот на објавувањето на овој оглас во „Службен весник“ треба до Собранието на Република Македонија да поднесат пријава, лична биографија и документи, во оригинал или копија заверена на нотар, со кои ќе докажат дека се универзитетски професори по право, адвокати и истакнати правници“, стои во огласот.

Според Законот за Совет на јавни обвинители од денот на распишувањето на огласот до денот на гласањето за избор на член мора да поминат најмалку 30 дена.

oglas za izbor clen na sovet JO

Огласот, кој Џафери го распишал вчера, денеска е објавен во дел од дневните весници и ќе трае 15 дена

Советот на јавни обвинители кој брои вкупно 11 члена, неколку месеци работеше со член помалку, откако Зоран Сулејманов замина во пензија со наполнети 64 години старост. Пополнувањето на неговото место неколку месеци беше блокирано поради кризата со конституирањето на Собранието и изборот на собраниските комисии, конкретно на Комисијата за избори и именувања.

Инаку, распишувањето на оглас за избор на член на Советот доаѓа во исто време со разрешувањето на досегашниот државен јавен обвинител, Марко Зврлевски и постапката за именување нов, што Владата најави дека ќе ја почне во вторник следната недела.

Советот на јавни обвинители има значајна улога во процедурата за именување на нов државен јавен обвинител, односно дава мислење за пријавените кандидати кое е обврзувачко. Во случај Советот да не даде позитивно мислење за ниту еден од пријавените кандидати, Владата не може да достави предлог за именување јавен обвинител и може да му предложи на Собранието да го повтори огласот.

Советот, чиј претседател е Петар Аневски изминативе години беше критикуван дека ја блокира работата и дел од предметите на Специјалното јавно обвинителство. Сепак, мнозинството на членовите во јуни го поддржаа и дадоа позитивно мислење на предлогот на Владата за разрешување на Марко Зврлевски.


СДСМ: Пропадна и последниот обид да се заштити криминалот на ВМРО-ДПМНЕ


Скопје, 17 август, 2017 - 17:07 (META) 

Со разрешувањето на Марко Зврлевски, пропадна последниот обид на Државната комисија за спречување на корупција (ДКСК) да го заштити криминалот во редовите на ВМРО-ДПМНЕ, велат од СДСМ.

Од владејачката партија велат дека „наместо да спречува корупција, криминал и злоупотреби“, Комисијата во изминатите години работела селективно, непрофесионално и исклучиво во заштита на криминалот и корупцијата на ВМРО-ДПМНЕ со што станала „соучесник во криминалното владеење на ВМРО-ДПМНЕ“.

„Преку селективно постапување, преку криење на имотни листови на Никола Груевски и соработниците, преку игнорирање и отфрлање на пријави против функционери од ВМРО-ДПМНЕ и преку сегашниот претседател кој бил донатор на ВМРО-ДПМНЕ, Државната комисија за спречување корупција докажа дека работи под контрола на ВМРО-ДПМНЕ и во заштита на криминалот во нивните редови и ја докажува потребата од ослободување и професионализација на државните институции“, стои во соопштението од СДСМ.

Антикорупциската комисија на барање на ВМРО-ДПМНЕ вчера достави мислење според кое во периодот пред изборите не треба да се расправа и да се разрешуваат државни функционери.


Рокови, процедури и можни сопки за изборот на новиот Јавен обвинител


Скопје, 17 август, 2017 - 16:16 (META) 

Со разрешувањето на Марко Зврлевски од функцијата државен јавен обвинител, Владата може да почне со процедурата за именување на негов наследник. Ако разрешувањето на Зврлевски ја окупираше јавноста добар дел од летото, со развлекувањето на расправата од страна на пратениците на ВМРО-ДПМНЕ, тогаш речиси извесно е дека постапката за именување на нов јавен обвинител, која и онака е покомплицирана, ќе биде актуелна во текот на оваа есен.

Постапката за назначување на нов Јавен обвинител е уредена со членот 41 од Законот за јавно обвинителство:

  • Владата дава предлог до Собранието;
  • Собранието распишува оглас за кандидати за јавен обвинител во „Службен весник“ и во најмалку два дневни весника од кои еден мора да биде на албански јазик;
  • Рокот за пријавување на кандидатите е 15 дена од денот кога огласот ќе биде објавен во „Службен весник“;
  • За именувањето на новиот државен јавен обвинител, Владата мора да поднесе барање за мислење до Советот на јавни обвинители, кое овојпат има обврзувачка улога, за разлика од постапката за разрешување, кога мислењето на Советот е повеќе од процедурална природа;
  • Советот има рок од 15 дена од денот на приемот на барањето од Владата да даде позитивно или негативно мислење за сите пријавени кандидати.

По ова Владата до Собранието доставува предлог за именување јавен обвинител со кандидатите за кои Советот дал позитивно мислење.

  • Доколку Советот на јавни обвинители од оправдани причини во рок од 15 дена не достави мислење, добива дополнителен рок од 15 дена;
  • Ако и во овој рок Советот не достави мислење, се смета дека мислењето е позитивно – што е друга разлика од постапката за разрешување;
  • Во случај Советот да не даде позитивно мислење за ниту еден од пријавените кандидати, Владата не може да достави предлог за именување јавен обвинител и може да му предложи на Собранието да го повтори огласот;
  • За разрешувањето и за именувањето јавен обвинител, Собранието одлучува со просто мнозинство, односно со 61 глас.

Покрај, основните услови – да е државјанин на Република Македонија, активно да го владее македонскиот јазик, да е работоспособен и да е во добра општа здравствена состојба, да има стекнато универзитетска диплома за дипломиран правник во Република Македонија или нострифицирана диплома од странство и да има положено правосуден испит во Република Македонија – кандидатите за државен јавен обвинител треба да исполнуваат и посебни услови. Тоа подразбира да имаат работно искуство од најмалку осум години со потврдени резултати на правни работи по положениот правосуден испит, или редовен или вондреден универзитетски професор кој предавал повеќе од десет години правен предмет од правосудната практика.

Премиерот Заев вчера изјави дека негов личен став е новиот јавен обвинител да биде експерт, кој ќе ја има довербата, пред сè, кај граѓаните.

Мандатот на државниот јавен обвинител е шест години, со право на повторен избор.

Дел од медиумите излегоа со информации дека до назначувањето на нов државен јавен обвинител, вршител на должност на функцијата ќе биде поранешниот министер за труд и социјална политика и поранешен заменик-министер за внатрешни работи Џелал Бајрами.