Мисија на САД во ОБСЕ: Разочарани сме од Иванов, бараме да ја преиспита одлуката


Виена, 9 март, 2017 - 20:45 (META) 

Соединетите Американски Држави се разочарани што претседателот Иванов одби да им понуди можност да ја формираат новата влада на претставниците што имаат јасно парламентарно мнозинство и бара од него да ја преиспита својата одлука, стои во соопштението од обраќањето на шефицата на Мисијата на САД во ОБСЕ, Кејт Брнс, во врска со политичката ситуација во Македонија.

– Заедно со нашите сојузници во НАТО и со партнерите од ЕУ, САД внимателно го следат процесот на формирање на влада во Македонија, по парламентарните избори на 11 декември 2016 година. САД се разочарани што претседателот Иванов одби да им понуди можност да се формира новата влада на претставниците кои имаат јасно парламентарно мнозинство. Ние сметаме дека оваа одлука не е во согласност со заложбите на ОБСЕ, основните демократски принципи и владеењето на правото, што се основни вредности на оваа организација – стои во соопштението од Мисијата на САД во ОБСЕ.

Како стратешки партнер и пријател на Македонија, како и со целосно почитување на суверенитетот и единството, се нагласува во соопштението, Мисијата на САД во ОБСЕ бара од претседателот Иванов да ја преиспита својата одлука.

– Ние, исто така, ја повикуваме Владата, политичките лидери и партиите да се воздржат од напади врз организациите од граѓанското општество и да помогнат да се обезбедат услови и поддршка за независните гласови и институции да ја извршуваат својата работа. Во исто време, ги повикуваме соседите на Македонија да покажат воздржаност и да бидат конструктивни во овој момент на зголемена политичка чувствителност во земјата – наведуваат од Мисијата на САД во меѓународната организација.

САД ги повикуваат сите страни да ги стават интересите на Македонија и на нејзините граѓани пред сè друго, да работат конструктивно и на целосно спроведување на сите нивни обврски од Договорот во Пржино.

Решавање на политичката криза, се вели во соопштението, може да дојде само преку почитување на законите на Република Македонија и на меѓународните обврски, и почитување на волјата на народот слободно изразена преку демократски процеси и врз основа на резултатите од изборите во декември 2016 година, и во духот на инклузивност и меѓуетничка соработка.

Изјавата на Брнс доаѓа истовремено со посетата на генералниот секретар на ОБСЕ, Ламберто Заниер, на Македонија и неговите средби со државниот и со политичкиот врв на земјата.


ЛДП e разочаранa од односот на Груевски кон премиерот


Скопје, 8 август, 2016 - 11:45 (META) 

Ливерално-демократската партија (ЛДП) денеска преку соопштение изрази сочувство до семејствата на жртвите од невремето што во саботата вечерта го зафати Скопје и околината, но и разочараност од однесувањето на лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Никола Груевски при неговата посета на погодените подрачја.

Од опозациската партија велат дека се загрижени поради големиот број на загинати во невремето и додаваат дека нивните општински организации во Скопје активно се вклучени во сите граѓански хуманитарни акции за помош на населението.

„Истовремено, ЛДП е разочарана од односот на претседателот на ВМРО-ДПМНЕ, Никола Груевски, кон институциите кои се формирани согласно Уставот на Република Македонија. Особено неприфатливо е понижувањето и деградирањето кое се случи вчера кон Претседателот на Владата на Република Македонија, кон министрите и кон присутните градоначалници од страна на претседател на една политичка партија. Никола Груевски мора еднаш да сфати дека веќе не е Премиер и никогаш повеќе нема да биде. Срамниот однос не е само понижување на личноста на Емил Димитриев, туку и директно девалвирање на институцијата Премиер на Република Македонија. Сцените од синоќешната теренска посета беа уште еден доказ за нефункционалноста на целокупниот институционален систем, кој наместо дејствува согласно законите, чека телефонски наредби од страна на Груевски. Погрешното и штетно трошење на буџетски средства во изминатиот период за крајно непродуктивни цели, се покажа кобно и за тоа некој мора да сноси политичка одговорност“, стои во соопштението од ЛДП.

Оттаму додаваат дека освен одговорност од Груевски, очекуваат и неотповикливи оставки од директорот на Управата за хидрометеоролошки работи (УХМР), Оливер Ромевски и од директорот на Дирекцијата за заштиа и спасување (ДЗС) Шабан Салиу, кои, како што велат од партијата, сериозно потфрлиле во предупредување до граѓаните за можноста од силни врнежи од дожд и со несоодветно и неспремно справување со поплавите кои однесоа човечки жртви.