!Во периодот што претстои работиме на воведување систем за пристап и за претплата. За начинот на пристап и за претплатата ќе информираме дополнително. Содржините на „Мета“ до тогаш се слободни за преземање со задолжително цитирање и атрибуирање.

Стејт департмент: Договорот за добрососедство ќе придонесе за стабилност на регионот


Вашингтон, 2 август, 2017 - 9:52 (META) 

Соединетите Американски Држави им честитаат на Македонија и на Бугарија за потпишување на Договорот за добрососедство и за пријателство, се вели во соопштението на Стејт департментот.

„Овој важен, прогресивен договор ги препознава веќе силните врски помеѓу двете земји и отвора врата за уште поблиска соработка, која се проширува и во други области како инфраструктурата и културата. Потпишувањето на овој Договор ќе придонесе за политичка стабилност и за економски развој пошироко во регионот и е охрабрувачки пример за тоа, како разликите помеѓу соседите може да се решат мирно“, се вели во соопштението на Стејт департментот.

Потпишувањето на Договорот вчера го поздравија Европска Унија и Велика Британија.


Остануваат длабоките разлики со Ердоган, смета Меркел


Хамбург, 8 јули, 2017 - 18:16 (META) 

Германската канцеларка Ангела Меркел по завршувањето на самитот Г20 во Хамбург изјави дека остануваат „длабоките разлики“ помеѓу неа и турскиот претседател Реџеп Таип Ердоган.

Двајцата лидери се сретнаа на самиот почекот на дводневниот самит.

-Апсењата на наводните државни непријатели после минатогодишниот обид за пуч во Турција и спорот околу базите на НАТО се прашања кои јас ги покренав и кои покажуваат длабоки разлики. А ние тие разлики не ги ставивме под тепих – изјави германската канцеларка.


Македонската етно-група „Чалгија саунд систем“ настапи во Солун


Солун, 26 февруари, 2017 - 11:22 (META) 

Публиката во Солун имаше нова можност да запознае дел од македонската современа и традиционална култура преку концертот на етно-составот „Чалгија саунд систем“.

Македонската група, која ја одржува во живот традицијата на старите чалгиски песни, првпат настапи во Солун на фестивалот за балканска музика „Балкан фест“ (Balkan Fest).

Пред преполната концертна сала, групата претстави дел од својот репертоар на македонски чалгиски песни.

За време на настапот на „Чалгија саунд систем“, музиката преовлада и ги премости сите разлики и несогласувања кои постојат на политичко ниво, овозможувајќи им поинакво ниво на поврзување на грчкиот народ со македонската традиција и култура.

Покрај „Чалгија саунд систем“, на фестивалот со својата традиционална музика се претставија и групи од Грција и од Романија. Ова е седма година како се одржува овој фестивал.

Ова е втор настап на „Чалгија саунд систем“ во Грција за неполна година.


ДУИ даде зелено светло за предлогот на СДСМ за употребата на албанскиот јазик


Тетово, 23 февруари, 2017 - 10:27 (META) 

Централното претседателство на ДУИ даде зелено светло за предлог-одлуката на СДСМ околу употребата на албанскиот јазик, останува уште работните групи да испеглаат мали разлики кои не се толку важни околу овој предлог-закон, информира портпаролот на ДУИ, Бујар Османи, по завршувањето на средбата на претседателството на партијата, кое синоќа се состана во седиштето на партијата во Мала Речица.

Утре се очекува лидерот Али Ахмети да го свика централното претседателство на партијата и да се разговара за другите точки кои се услов за ДУИ да му ги даде потписите на СДСМ за состав на нова влада.

Другите точки се однесуваат на работата на Специјалното јавно обвинителство, евроатлантските интеграции, распределба на буџетот, за кои лидерите на двете партии претходно истакнаа дека нема разлики и дека се согласуваат околу нив.


Димитриев на средбата со Коѕиас: Потребни ни се решенија за иднината, не за минатото


Скопје, 25 август, 2016 - 16:58 (META) 

Македонија се залага за градење позитивна клима и пријателство со Грција и е подготвена да разговара за надминување на отворените разлики, истакнал премиерот Емил Димитриев на средбата со шефот на грчката дипломатија, Никос Коѕиас, кој денеска престојува во земјава.

На средбата, како што соопштуваат од Владата, Димитриев ја истакнал потребата од пронаоѓање сфери и области „што ќе придонесат за зближување на двете држави и за воспоставување билатерални соработки“.

„Потребен е објективен пристап и искрена волја за постигнување решенија, како и разумност да се премостат разликите, кои сега се премногу големи. Спроведувањето на мерките за доверба претставува добар пример за тоа дека постои потреба за зближување на двете држави и дека е можно воспоставување на добри релации“, рекол Димитриев на средбата.

Тој посочил дека добредојдени се сите чекори што ќе значат зајакнување на довербата, особено во насока на реализација на стратешките интереси за членство на земјава во Европската Унија и во НАТО, каде пречка е билатералниот спор за името.

„На двете земји потребни им се чекори кои ќе значат решенија за иднината, наместо решенија за минатото“, рекол Димитриев.