!Во периодот што претстои работиме на воведување систем за пристап и за претплата. За начинот на пристап и за претплатата ќе информираме дополнително. Содржините на „Мета“ до тогаш се слободни за преземање со задолжително цитирање и атрибуирање.

Избеган затвореник и баран криминалец од Србија, биле убиените од менувачницата


Скопје, 4 декември, 2017 - 15:08 (META) 

Основното јавно обвинителство Скопје соопшти дека во соработка со МВР е идентификуван и вториот разбојник што беше убиен во средата минатата недела, при обид да ограби менувачница во скопската населба Кисела Вода.

Тој е  граѓанин на Србија, по кого поради претходно сторени кривични дела била распишана потерница.

Според првичните сознанија на јавното обвинителство, македонскиот државјанин, кој вршејќи разбојништво настрада во менувачницата, бил осуденик кој од користење слободен викенд во март годинава не се вратил в затвор. Тој летово бил сторител на петнаесетина разбојништва во банки, менувачници и во обложувалници. Разбојништвата претежно ги вршел сам, но последниот пат се здружил со познатиот разбојник од Република Србија.

Во однос на постапката против сопственикот на менувачницата, кој по физичката пресметка со разбојниците пукал во нив и ги убил, обвинителството уште нема донесено дефинитивна одлука.


Фатен еден од разбојниците што ја ограбија „Халк банка“


Скопје, 18 ноември, 2017 - 14:03 (META) 

Осомничениот Е.М. (29) од Скопје е приведен и доби кривична пријава поради грабежот во експозитура на „Халк банка“ на 3 ноември годинава.

Пријавениот заедно со уште две, засега непознати лица, на улицата Александар Урдаревски во експозитура на „Халк банка“ извршил грабеж, при што одзел околу 1.200.000 денари.

„Е.М. и едно од двете лица извадиле пиштоли, заканувајќи им се на вработените и барајќи да им ги дадат парите. За време на извршувањето на кривичното дело, одзеле 1.150.000 денари пари од банката и уште 50.000 денари на клиент кој во тоа време се затекнал во банката, по што избегале во непознат правец“, информираат од МВР.


Албанци ограбени од лажни полицајци во Охрид


Охрид, 7 април, 2017 - 15:26 (META) 

Двајца разбојници, од кои еден со елек на кој пишувало „полиција“, вчеравечер во Охрид сопреле автомобил со тројца државјани на Албанија, па им украле четири мобилни телефони, како и повеќе од 7.800 евра, но и лични документи.

Како што соопшти МВР, случајот бил пријавен во полициската станица во Охрид вчера, по 21.30 часот. А.Д. (32) од Тирана, Албанија, кажал дека час и половина претходно, додека заедно со неговите пријатели С.М. (38) и Г.Г. (37), двајцата од Елбасан, Албанија, оделе по улицата Крум Точко, биле пресретнати од автомобил „голф 5“, од кој излегле двајца мажи, од кои едниот имал елек на кој пишувало „полиција“, а другиот имал оружје в раце.

Разбојниците им наредилe да легнат на земја, по што ги претресувале, а потоа им одзеле две чанти, во кои имало четири мобилни телефони, пасош, лични карти, 4.000 долари, 450.000 леки, 730 евра, 60 турски лири, 350 канадски долари и 300 денари, во вкупна вредност од повеќе од 7.800 евра, па избегале.


Разбојници украле актовка со 120.000 евра


Арачиново, 28 март, 2017 - 14:57 (META) 

Жител на Арачиново ноќеска останал без 120.000 евра, пари што пред два месеца ги добил од продажба на нива, соопшти СВР Скопје.

Случајот бил пријаван во 5.15 часот утрово. Пријавувачот, 20-годишен син на ограбениот арачиновец, на полицијата ѝ кажал дека три непознати маскирани лица, вооружени со пиштол, ноќеска преку незаклучена влезна врата влегле во куќата, а потоа во спалната соба, каде спиел сопственикот, 45-годишниот И.С. Го разбудиле и заканувајќи му се со пиштол, му ја одзеле актовката со 120.000 евра, која била под креветот.

Ограбениот претходно ги подигнал парите од банка, а во актовката била и потврдата за исплатата. Полицијата вели дека работи на расчистување на случајот.


Ограбени двајца мигранти во Гевгелија


Гевгелија, 3 август, 2015 - 13:31 (META) 

Вчераутро, двајца мигранти од Сирија и од Ирак, на возраст од 30, односни 44 години, во гевгелиската полиција пријавиле дека биле ограбени од двајца разбојници во близина на Железнички мост.

Како што информираат од полицијата, мигрантите пријавиле дека околу 5.30 часот биле нападнати од две непознати лица, кои биле со возило без регистарски таблички, со црвена боја. Разбојниците им одзеле два мобилни телефони, околу 800 евра и патни документи.

Од полицијата велат дека преземаат мерки за расчистување на случајот.


Го повредиле со нож за 1.000 денари и за „метадон“


Битола, 29 декември, 2014 - 14:16 (META) 

СВР Битола поднесе кривична пријава против Џ.М. (30) и Е.И. (32), двајцата од Битола, за разбојништво.

Имено, на 9 ноември годинава, во 10 часот, во Старата битолска чаршија, пријавените, со закана со нож и со употреба на физичка сила, извршиле разбојништво над 26-годишно лице од село Кривогаштани, при што му нанеле видливи повреди и му одзеле 1.000 денари и седум шишиња „метадон“.


Разбојници се обиделе да ограбат колонијал во Прилеп


Прилеп, 27 ноември, 2014 - 13:53 (META) 

Вработен во колонијална продавница во Прилеп бил повреден со нож, од двајца разбојници кои утрово влегле во продавницата и се обиделе да ја ограбат, информираат од полицијата.

Според полициските информации, обидот за грабеж се случил околу 3.30 часот, во колонијалната продавница „Забрането пушење“, на улицата Сотка Ѓорѓиоски. Едниот од двајцата маскирани разбојници му се заканил со нож на вработениот Л.В. (61), барајќи пари, но кога тој му се спротиставил, го исекол со ножот во пределот на лицето.

Веднаш потоа разбојниците, без да одземат ништо, побегнале од колонијалот, а вработениот бил пренесен и задржан во градската општа болница во Прилеп.