Разбојништво во менувачница во Тетово


Тетово, 19 септември, 2018 - 11:46 (META) 

Четири лица, од кои двајца италијански и двајца македонски државјани, приведени се поради основи на сомнение дека вчера извршиле кривично дело „разбојништво“ во менувачница во Тетово, соопштуваат од Секторот за внатрешни работи Тетово.

„Првоосoмничениот се товари дека влегол во објектот и заканувајќи му се на вработениот со пиштол, од метален сеф и фиока одзел парични средства во вкупен износ од околу 20 илјади евра, по што со такси возило управувано од вториот осомничен, веднаш се оддалечил заедно со другите приведени лица, кои го чекале во непосредна близина. Набрзо, четворицата осомничени се упатиле кон угостителски објект покрај регионалниот пат Тетово-Волковија, каде ги поделиле одземените парични средства, а потоа во друг угостителски објект каде што престојувале, лишени се од слобода од полициски службеници на СВР Тетово“, стои во соопштението.

Во текот на денешниот ден четворицата осомничени ќе бидат изведени пред судија во претходна постапка на Основниот суд Тетово.


Разбојник однел 6.500 евра од „Шпаркасе банка“ во Кичево


Кичево, 13 декември, 2017 - 11:41 (META) 

Вооружен разбојник вчера ја ограбил експозитурата на „Шпаркасе банка“ во Кичево, од каде одзел поголема сума денари и девизи, информира МВР.

Грабежот се случил околу 12.30 часот, а разбојникот, со закана со пиштол од вработената одзел 100.000 денари, 2.500 евра и околу 2.800 американски долари, по што побегнал.

Од МВР велат дека е извршен увид на местото и дека се трага по сторителот.

Инаку, Обвинителството и полицијата сè уште ја истражуваат кражбата на пари и вредни предмети од сефови на „Шпаркасе банка“ во Скопје изнајмени од неколкумина граѓани.


Разбојници нападнале скопјанец и му го украле возилото


Скопје, 21 мај, 2017 - 16:45 (META) 

Две машки лица ноќеска околу 2 часот по полноќ на булеварот „Гоце Делчев“ нападнале возач и му го одзеле возилото, соопшти МВР.

Напаѓачите со возило марка „ровер“ со непознати таблички му го попречиле патот на Б.Д. по што го извлекле од неговото возило „даеву рејсер“, физички го нападнале, му го одзеле возилото и побегнале во непознат правец.

Полицијата презема мерки за пронаоѓање на сторителите и за целосно расчистување на случајот.


Покрената кривична пријава против тетовец за разбојништво


Тетово, 21 мај, 2017 - 13:44 (META) 

Кривична пријава поради основано сомнение дека сторил кривично дело „разбојништво“ е поднесено против тетовец. Тој се сомничи дека заедно со непознато женско лице нападнале и ограбиле жител во стан на улицата „Методија Митевски“ во Скопје.

Од МВР информираат дека кривичната пријава е поднесена против Н.Ш. (32).

На 6 јуни минатата година околу 17 часот непознатото женско лице отишло во станот на оштетениот под изговор дека ја испратил негов пријател за да и најде стан под кирија. Се задржала околу 15 минути и си заминала. Подоцна, околу 23 часот таа се вратила во станот под изговор дека нема каде да преспие, додека пријавениот Н.Ш. останал во ходникот од зградата да ја чека. По кратко време непознатото женско лице ја отклучила влезната врата и телефонски го повикала пријавениот да влезе во станот. Откако влегол пријавениот, женското лице го удрила оштетениот во пределот на лицето, го соборила на подот и со помош од пријавениот го покрила со ќебе. После тоа продолжила да го држи оштетениот. Во меѓувреме, пријавениот извршил пребарување по мебелот од дневната соба од каде одзел еден пиштол марка „Бровинг“ калибар 7.65 м.м. во кој имало рамка со три куршуми и пари. После тоа двајцата го напуштиле станот.
Увидна екипа на СВР Скопје извршила увид на местото на настанот, по што по наредба на јавен обвинител извршено е вештачење на траги најдени на местото на настанот.

На 11 мај 2017 година од страна на полициски службеници од СВР Тетово, лицето Н.Ш. е лишено од слобода и е предадено на полициски службеници во ПС ОН „Бит Пазар“ каде е извршен разговор во кој го појаснил начинот на извршување на кривичното дело.

Секторот за внатрешни работи Скопје и панатаму презема мерки и дејствија за откривање на непознатото женско лице. По нејзино откривање ќе следи соодветен поднесок.


Внук сакал да ги ограби баба си и дедо си


Штип, 9 април, 2017 - 13:20 (META) 

Го скршил стаклото на влезната врата на куќата на неговите баба и дедо и се обидел да ги ограби, но обидот му бил неуспешен, а бабата го препознала, па го пријавила в полиција. Ваков инцидент се случил вчера во Штип, половина час по полноќ, соопшти СВР Штип.

Имено, штипјанецот К.С. (31) откако го скршил стаклото на влезната врата, ја отворил и потоа ставил черга на главата за да не го препознаат, па се упатил во собата каде спиеле С.М.(77) и П.М.(74). Тие, откако слушнале кршење на стаклото станале, а потоа во собата влегол внукот, кој им побарал пари. Тогаш жената тргнала кон него и му ја симнала чергата од главата и го препознала својот внук, но тој ја удрил по глава и таа паднала, а „разбојникот“ почнал да пребарува. Откако жената станала и тргнала кон кујната за да земе предмет за да се одбрани, внукот ја стигнал и пак ја удрил по глава, по што побегнал без да украде нешто.

СВР Штип вели дека е извршен увид и се трага по сторителот.


Ја ограбил сосетката и ѝ се заканувал


Куманово, 10 март, 2017 - 14:51 (META) 

Брутално разбојништво извршил вчера 49-годишен маж, кој првин ја искршил влезната врата на куќата на неговата сосетка, а потоа ѝ се заканил и ѝ побарал пари.

Како што соопшти СВР Куманово, инцидентот се случил вчера, околу 15 часот, на улицата Ѓуро Пуцар – Стари. А.И., кој живеел под кирија во објект во истиот двор со куќата на Ш.А. (49), откако ја искршил влезната врата и влегол во домот на својата сосетка, ѝ се заканил и ѝ побарал пари. Преплашената жена избегала, а разбојникот почнал да пребарува и од нејзината чанта зел пет банкноти од 100 евра.

Полицијата вели дека се работи на расчистување на случајот.


Уапсен осомничениот за убиството на 67-годишната жена во Охрид


Куманово, 22 февруари, 2017 - 10:57 (META) 

Разбојникот  кој завчера изврши убиство на 67-годишна жена во Охрид е уапсен во Куманово, во координирана акција на полицијата и на обвинителството.

Како што соопштуваат од Јавното обвинителство, осомничениот бил со потекло од Куманово, а во моментот на разбојништвото и на убиството живеел во истата станбена зграда со жртвата и се познавал со неа. По разбојништвото, тој заминал за Куманово и, како што велат од обвинителството, имал намера да побегне од земјава.

– Лицето е лишено од слобода и по наредба на надлежен јавен обвинител во тек се дејства за понатамошно расветлување на кривично-правниот настан – стои во соопштението од обвинителството.


Разбојник од Струшко добил секира по глава во охридско Ново Село


Охрид, 23 септември, 2016 - 11:56 (META) 

Жител на струшкото село Делогожда се обидел да изврши разбојништво во охридско Ново Село, откако со измама дека му треба леб, влегол во куќата на 56-годишната Ф.А. во 2 часот по полноќ и физички ја нападнал.

Оштетената, која била сама, успеала да дојде до секирата и за да се одбрани, го удрила пријавениот по главата.

Одкако пријавениот Ф.А. паднал на подот, оштетената избегала од куќата и побарала помош кај соседите. По кратко време, со нив се вратила во куќата, но напаѓачот бил избеган.

СВР од Охрид на Ф.А. (38) му поднесе кривична пријава поради основан сомнеж дека сторол разбојништво.


Разбојник ограбил и до смрт претепал 91-годишен жител на Свети Николе


Свети Николе, 29 јули, 2016 - 15:48 (META) 

Вчера, во периодот меѓу 13 и 18.20 часот, непознат сторител претепал и ограбил 91-годишен жител на Свети Николе, во неговиот дом, информираат од МВР. Старецот, на кој му била укажана лекарска помош во светиниколската болница, ноќеска околу 2 часот им подлегнал на повредите.

Според полициските информации, разбојникот во станот на улицата Рахилка Гонева, влегол преку незаклучена врата и со тап предмет го нападнал 91-годишниот С.К., нанесувајчи му повреди по целото тело.

Откако го принудл да каже каде ги чува парите, разбојникот ги зел и ја напуштил куќата. Станува збор за сума од околу 30.000 денари.

Старецот, кој бил во бесознание, во болница бил однесен од неговиот син, од каде по укажната помош бил пуштен дома. Денеска, околу 2 часот, С.К. им подлегнал на повредите.

Полицијата презема марки за пронаоѓање на сторителот и за целосно расчистување на случајот.


Вооружен и маскиран разбојник ограбил продавница среде Струга


Охрид, 19 април, 2016 - 12:20 (META) 

Е.Р. (25) од струшкото село Корошишта, според МВР, вооружен и маскиран влегол во продавница лоцирана на улицата Моша Пијаде во Струга, им се заканувал на вработените и им ја обил касата.

Поради постоење основан сомнеж дека сторил разбојништво, МВР му поднесе кривична пријава.

Пријавениот, со капа на главата, шал на устата и со пиштол во рака, влегол во продавницата и со висок тон на вработените им се заканал дека ќе ги нападне викајќи им: „Каде се парите, дајте ги парите, ќе ве убијам“.

За кратко време Е.Р. ја отворил касата и противправно одзел околу 1.000 денари во разни апоени и еден пакет со 25 штеки цигари.

Веднаш потоа тој избегал од продавницата.