Ќе се гласа за доверба на владата на Ципрас


Атина, 16 јануари, 2019 - 11:57 (META) 

Во парламентот на Грција денеска треба да продолжи  седницата на која ќе се гласа за доверба на владата на Алексис Ципрас. Гласањето би требало да се одржи попладнево.

На вчерашното прво продолжение на седницата, имаше тензична атмосфера и жестока дискусија.

Гласањето за доверба е на иницијатива на грчкиот премиер, кој се обидува да обезбеди доволно гласови за ратификација на Преспанскиот договор, што му беше отежнато по раскинувањето на владината коалиција во текот на викендот, кога Панос Каменос, лидер на Независни Грци и доскорашен министер за одбрана даде оставка и ја напушти владината коалиција.

Имаше одредени најави дека некои пратеници од Независни Грци ќе гласаат за ратификација на Преспанскиот договор и затворање на 28-годишниот спор со Македонија за името, а Ципрас најави можност договорот да го поддржат и некои независни пратеници, со кои би обезбедил мнозинство од 151 глас.

Денешното гласање доверба ќе биде тест кој ќе покаже дали навистина гласајќи за доверба на владата, доволен број пратеници ќе го поддржат Договорот од Преспа.


Влада: Иванов ја злоупотреби функцијата за да ја блокира демократијата


Скопје, 15 јануари, 2019 - 15:03 (META) 

Владата порача дека ја поддржува одлуката Законот за јазиците и Законот за ратификацијата на Преспанскиот договор да бидат објавени во Службен весник со потпис на претседателот на Собранието, Талат Џафери, имајќи го, како што се вели, „предвид прекршувањето на Уставот од страна на претседателот Ѓорге Иванов“.

„Донесувањето на Законот за употреба на јазиците и Законот за ратификација е во целосна надлежност на Собранието на Република Македонија. Иванов беше должен да го потпише указот за прогласување на двата закони, а кога тој одлучува да го крши Уставот, неопходно е да се преземат мерки кои се во согласност со Уставот за да продолжи да функционира парламентарната демократија“, порача Владата.

Во соопштението се вели дека според член 51, став 2 од Уставот, секој е должен да ги почитува Уставот и законите, па и претседателот на државата.

„Претседателот на државата е должен да го потпише указот за прогласување на законите што ги носи Собранието, доколку тие по втор пат се донесат со потребното мнозинство во законодавниот дом, односно Собранието. И двата закона, Законот за употребата на јазиците во Република Македонија и Законот за ратификација на Договорот од Преспа, се усвоени по втор пат со потребното мнозинство во Собранието на Република Македонија. Законот за употреба на јазиците во март оваа година, а Законот за ратификација на Договорот од Преспа на 5 јули, исто така оваа година. Согласно уставните одредби, а поради неизвршување на обврските на претседателот на државата, на претседателот на Собранието на Република Македонија единствено што му преостана е да ја исполни должноста што произлегува од Членот 52 од Уставот, согласно кој  законите што по втор пат се донесени со потребното мнозинство во законодавниот дом треба да бидат објавени во „Службен весник на РМ“, 7 дена по нивото донесување“, се вели во соопштението.

Проблемот го направил Иванов со тоа што ја злоупотребил положбата и се заканувал да го блокира функционирањето на демократијата, обвинува владата.

„Владата смета дека со оваа постапка претседателот на Собранието ј запре тенденцијата една церемонијална постапка на Претседателот на државата да се претвори во преседан кој се закануваше да го блокира функционирањето на системот и тоа со кршење на Уставот“, се вели во владиното соопштение, во кое се порачува дека претседателот на државата, не е законодавно тело.


Иванов: Законот за јазиците и ратификацијата се објавени противуставно


Скопје, 15 јануари, 2019 - 12:38 (META) 

Објавувањето на Законот за употреба на јазиците и на Законот за ратификација на спогодбата од Преспа во Службен весник без потпис на указ од Претседателот на Република Македонија се противуставни, порача претседателот на државата, Ѓорге Иванов во писмено обраќање.

Тој вели дека постапката да се објават двата закона е основа за кривично гонење.

„Со доставувањето на овие два закона во Службен весник е прекршен член 75 од Уставот на Република Македонија, додека објавувањето на законите е направено незаконски и претставува основа за кривично гонење“, стои во обраќањето.

Претседателот Иванов вели дека сега на потег се Уставниот суд, Обвинителството и судот.

„Ова е момент кој ќе покаже дали во Република Македонија постои Уставен суд, дали функционира обвинителството, дали има независно судство и дали постои владеење на правото“, вели Иванов.

Шефот на државата, исто така, во завиена форма се обраќа и до претставниците на меѓународната заедница, порачувајќи дека поддржувањето на ваков преседан би нанело штета на правото и правната држава.

„Се прашувам, дали високите претставници на меѓународната заедница, кои ја поддржуваат оваа владина коалиција, ќе се јават и ќе го поддржат овој начин на донесување на закони? Дали ќе ги поддржат овие преседани, што носат несогледливи последици и штета по правото и правната држава и дали вакви преседани применуваат во сопствените држави?“, стои во дописот до медиумите.


Со 81 глас „за“, изгласани уставните измени


Скопје, 11 јануари, 2019 - 19:15 (META) 

Со 81 глас „за“ вечерва пратениците во Собранието ги изгласаа уставните измени, односно амандманите 33 до 36, кои се обврска за Македонија според Преспанскиот договор што беше потпишан на 17 јуни минатата година.

Претходно пратениците на Алијансата за Албанците и на Беса ги повлекоа своите амандмани.

Според Уставниот закон кој беше исто така усвоен, овие амандмани влегуваат во сила дури откако целосно ќе стапи на сила Преспанскиот договор, односно биде ратификуван во грчкиот парламент. Според членот 1 од овој закон, амандманите нема да стапат на сила и ќе бидат неважечки ако Грција не го ратификува договорот.

Откако ќе стапи на сила 33-от амандман, државјанството ќе биде македонско/граѓанин на Република Северна Македонија, „што не ја определува ниту ја предодредува етничката припадност на граѓаните“. Придавката ќе биде „на Република Северна Македонија“ или „на Северна Македонија“.

Со 35-от амандман, Републиката гарантира дека „го почитува суверенитетот, територијалниот интегритет и политичката независност на соседните држави: Република Албанија, Република Бугарија, Република Грција, Република Косово и Република Србија“.


Каменос со нов видео-спот му удри шлаканица на Ципрас пред гласањето во парламентот


Атина, 9 јануари, 2019 - 16:58 (META) 

Со клип што го објави денеска партијата „Независни Грци“ промовирајќи го новото партиско лого и новите бори на партијата, коалицискиот партнер на владејачката СИРИЗА, оваа партија му порачува на грчкиот премиер Алексис Ципрас дека нема да гласа за ратификација на Преспанскиот договор, пишува грчкиот весник „иЕфимерида“.

Во клипот во кој има само анимација со црвена линија и по некоја капка крв, се вели „Црвените линии се нашата гордост. Црвените линии ја пишуваат нашата историја. Црвените линии ги чествуваат нашите предци. Црвените линии се нашата независност и нашата сила. Независни Грци. Сега поодлучни од кога било претходно“.

Со клипот се промовираше новото лого на партијата, но и „разводот“ на Независни Грци од СИРИЗА на Ципрас, од којшто не двојат само денови или недели, пишува весникот.

Германската канцеларка Ангела Меркел утре ќе пристигне во Атина во дводневна посета на земјата, што во голем број грчки и европски медиуми се толкува како обид за притисок врз Грција за ратификација на Преспанскиот договор со кој треба да заврши еден од најдолгите спорови во Европа.


Македонија на седум чекори до столчето во НАТО


Скопје, 8 јануари, 2019 - 13:33 (META) 

Формално седум чекори, од кои два суштински, ја делат Македонија од полноправно членство во НАТО. Процесот, според најавите, би требало да заврши до крајот на годинава.

Првиот чекор е усвојување на уставните измени, односно формално спроведување на Преспанскиот договор. Целосното спроведување на договорот „меѓу Скопје и Атина“ е и формален услов во поканата што НАТО и ја упати на Македонија во јуни лани, на самитот во Брисел. Условот се темели на член 10 од Вашингтонскиот договор, со кој е основан НАТО, според кој нови членки се примаат само со едногласна одлука на сите членки. Во македонскиот случај, Преспанскиот договор е услов за грчката согласност.

Втор чекор е Грција да го ратификува Преспанскиот договор, за целосно да се исполни условот од Бриселскиот самит на НАТО. По ова, процедурата се сели во Северноатлантскиот сојуз.

Како трет чекор, НАТО подготвува Протокол на Вашингтонскиот договор за пристапување на новата членка. Тоа е всушност амандман на оригиналниот договор за Северноатлантски сојуз, склучен во 1949 година.

Веднаш потоа почнува четвртиот чекор, процесот на ратификација на протоколот, во кој секоја од 29-те членки на НАТО треба да го ратификува протоколот според националните процедури. Процесот трае различно во секоја земја. На пример на САД им треба двотретинско мнозинство гласови во Сенатот за да го ратификува протоколот. Во Британија, пак, не е потребно формално гласање во парламентот. Се очекува процесот да заврши до крајот на годинава, а Грција најави дека прва ќе го ратификува протоколот.

Додека трае ратификација, Македонија до одредено ниво учествува во процесите во Алијансата. На пример, може да учествува на сите форуми и средби, но без право на глас. Или, како што најавуваат македонските функционери, „ќе добие столче во НАТО“.

Петтиот чекор е поканата за пристапување, која до Македонија ќе ја упати генералниот секретар на НАТО кога сите членки ќе ги известат САД; депонентот на договорот, дека го ратификувале пристапниот протокол.

Македонија во шестиот чекор ќе треба и самата формално да го прифати пристапувањето во НАТО – со референдум или со гласање во Собранието. Потоа одлуката за пристап му ја доставува на Стејт департментот на САД, „чуварот“ на Вашингтонскиот договор, и формално станува членка на НАТО.


Столтенберг: Скопје и Атина до 15 февруари да завршат со Преспанскиот Договор


Атина, 3 јануари, 2019 - 10:49 (META) 

НАТО очекува до 15 февруари македонскиот и грчкиот парламент да ги завршат процедурите околу Договорот за името од Преспа. Тоа, според грчкиот весник „Катимерини“ е наведено во писмо од Столтенберг, порачувајќи дека Алијансата сака најбрз можен процес.

„Според некои назнаки, Генералниот секретар на НАТО, Јенс Столтенберг, испратил писмо во кое Скопје и Атина се повикуваат на завршување на сите процедури во двете престолнини до 15 февруари 2019 година, за балканската држава да може да се приклучи на алијансата без понатамошни одголговлекувања“, се наведува во текстот на „Катимерини“.

Според весникот, за одлуката на членките на НАТО да дозволат приклучување на Македонија во Северноатлантската алијанса веќе нема да се чека ратификација на Договорот од Преспа во Грција, туку ќе се гласа посебно, откако грчкиот парламент ќе изгласа посебна одлука за повлекување на грчкото противење на зачленувањето на Македонија во НАТО.


Хан: На Мицкоски му кажав дека Договорот од Преспа мора да се реализира


Хелсинки, 8 ноември, 2018 - 9:38 (META) 

Еврокомесарот Јоханес Хан вчера на конгресот на Европските народни партии (ЕПП) во Хелсинки се сретнал со лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски, а по средбата на „Твитер“ напиша дека му нагласил на Мицкоски дека Договорот од Преспа мора да се реализира. Тој рече и дека Мицкоски ветил дека нема да ја попречува постапката во Собранието.

„Корисен разговор со лидерот на ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицкоски на конгресот на ЕПП во Хелсинки. Бев кристално јасен дека ратификацијата на Преспанскиот договор мора сега брзо да се заврши, без никакви пречки. Ја поздравувам неговата посветеност да не ја попречува постапката во Парламентот. За евроинтеграцијата треба лојална опозиција“, напиша Хан на својот „Твитер“ профил.

Мицкоски по средбата со Хан на својот „Фејсбук“ профил напиша дека го информирал еврокомесарот за политичкиот прогон и злоупотребата на правосудството против ВМРО-ДПМНЕ, и како што вели посочил дека членството на Република Македонија во Европската Унија преставува стратешки интерес за ВМРО-ДПМНЕ.

Хан исто така се сретна и со исклучените членови на ВМРО-ДПМНЕ, Петар Богојевски кој беше дел од реформското кривло, Емилија Александрова, пратеничката која гласаше за потребата од уставни измени и поранешниот министер за здравство, Никола Тодоров.

„Им честитав на нивната смелост и храброст во гласањето за Преспанскиот Договор. Сите закани кон нив мора да запрат. Сите партии треба да работат за ЕУ агендата бидејќи тоа е она што го сакаат мнозинството граѓани“, напиша Хан.

 


Ѕанакопулос: Во соседната земја беше направен историски чекор


Атина, 22 октомври, 2018 - 15:45 (META) 

Двотретински изгласаниот предлог во македонското Собрание за почеток на уставните промени е историски чекор што ги носи двете страни поблиску до финалното- стапување во сила на Договорот од Преспа, смета портпаролот на грчката Влада и министер без ресор, Димитрис Ѕанакопулос.

-Она што се случи во соседната земја, во ПЈРМ, е историски чекор за почеток на процесите за уставна ревизија и нѐ носи еден чекор поблиску до финалното – стапување во сила на Договорот од Преспа, нешто што создава целосно различни позитивни перспективи и во нашите билатерални односи со соседната земја, но и во регионот, на целиот Балкан. Веќе влегуваме во нова историска фаза. Ги оставаме зад нас конфликтите од минатото и мислам дека оваа нова фаза ќе се покаже како исклучително позитивна за просперитет и соработка на полуостровот – рече Ѕанакопулос во интервју за грчкото радио „Реал фм“.

Како што јави дописничката на МИА од Атина, во однос на предвидените временски рокови, портпаролот на грчката Влада објаснува дека штом ќе се финализираат уставните измени, кои, според него, не е предвидено да завршат пред крајот на јануари, грчкиот Парламент ќе расправа за Договорот од Преспа, а потоа ќе биде ратификуван со предвиденото парламентарно мнозинство.

-Моето мислење е дека сѐ ова ќе се случи, бидејќи постои парламентарен и политички сооднос за ратификација и стапување во сила на Договорот, без да бидат предизвикани било какви политички разврски, кои не се директно поврзани со самиот овој договор – вели портпаролот на грчката Влада и министер без ресор.


Сценарија околу ратификацијата на Договорот за името во грчкиот парламент


Атина, 27 септември, 2018 - 18:33 (META) 

Додека грчкиот премиер Алексис Ципрас ја завршува посетата на САД, се развиваат различни сценарија дали и колкав број пратеници во ќе гласаат кога Договорот од Преспа ќе дојде на ратификација во грчкиот парламент, јавува допосничката на „Мета“ од Атина.

Потпретседателот на партијата Независни Грци, коалицискиот партнер на владата, Панајотис Сигуридис денеска изјави дека пратениците треба да ја почитуваат „официјалната партиска линија“.

Тој вели дека сите кои ја застапуваат таа партија треба да сносат последници ако ја прекршат партиската дисциплина, иако според правилата на грчкиот парламент секој пратеник/пратеничка треба да гласа според неговата/нејзината совест.

Панос Каменос, лидерот на Независни Грци, и натаму вели дека ќе ја напушти владата предводена од Сириза ако договорот биде изгласан. Грчките медиуми велат дека најмалку двајца пратеници на Каменос планираат да гласаат вво прилог на Договорот за името – Танасис Папахистопулос и Елена Кунтура, која Ципрас ја именува за министерка за туризам.