Ангеловска-Бежоска: Потребни се структурни реформи за поголем економски раст


Копенхаген, 9 ноември, 2018 - 11:36 (META) 

На претставувањето на есенскиот Регионален економски преглед за Европа на Меѓународниот монетарен фонд (ММФ) што се одржа вчера во Копенхаген, излагање имаше и гувернерката на Народната банка на Република Македонија, Анита Ангеловска-Бежоска.

Ангеловска-Бежоска, во своето излагање се задржа на економиите од Европа од групата брзорастечки економии и економии во развој. Притоа, таа укажа на високата трговска и финансиска поврзаност на оваа група земји со останатите поразвиени европски економии.

Во тој контекст посочи на ризиците со кои што се соочуваат овие економии на патот кон побрза конвергенција, а како резултат на забавениот потенцијален раст на поразвиените економии и на постепеното затегнување на глобалните финансиски услови.

„Во вакви околности, сè поизразена е потребата за спроведување институционални и структурни реформи, кои што ќе ја зголемат продуктивноста на овие економии и нивниот потенцијал за раст, со што ќе се овозможи и нивна побрза конвергенција.“, истакна Ангеловска-Бежоска.

Во претставениот најнов преглед на ММФ, во кој фокусот е ставен на европската економија, се укажува на нејзиното понатамошно закрепнување, со стапки на раст кои што забавуваат, но и понатаму се движат над потенцијалот.

Воедно, во рамки на Прегледот се упатува на неколку фактори кои што потенцијално можат да делуваат ограничувачки на понатамошниот раст, како што се послабата глобална побарувачка за европски производи, повисоките цени на енергенсите, како и цикличното забавување на економијата.

Како главни ризици околу тековните оцени за растот се наведуваат растечкиот трговски протекционизам, турбуленциите во брзорастечките економии, како и неизвесноста околу процесот на Брегзит.


ВМРО-ДПМНЕ: Намалениот проектиран раст се должи на лошата економска политика на Владата


Скопје, 2 ноември, 2018 - 15:51 (META) 

Економијата бележи пад за над 30 проценти, Народна банка го намали проектираниот раст на економијата од 3,2 на 2,3 проценти, изјави денеска на прес-конференција портпаролот на ВМРО-ДПМНЕ, Димче Арсовски.

Тој додаде дека ова е доказ за лошата економска политика на Владата.

– Почитуваната гувернерка на НБРМ образложувајќи го извештајот за макроекономските проекции за  период од 2018 – 2021 потенцира дека и така минималниот раст кој можеби ќе биде возможен до крајот на годината е благодарение на извозот од фирмите и инвестициите во слободните економски зони. Дополнително нивото на раст е катастрофално ниско и од ниското ниво на реализација на капиталните инвестиции кои за три четвртина од годината изнесуваат само една четвртина од годишно предвидените, ова е жално – рече Арсовски.

Тој додаде дека и покрај огромното задолжување, нема ниту раст ниту инвестиции.

– Никој не знае на што се потрошени близу 400 милиони евра нето задолжувања, во време кога проектираниот раст на економијата изнесува 2,3 проценти. Каде ли завршиле милионите со кои што не задолжи оваа власт? Граѓаните тонат во сиромаштија и се повеќе се зголемува бројката на сиромашни во Македонија – дополни Арсовски.


НБМ ја намали проекцијата за пораст на економијата од 3,2 на 2,3 проценти


Скопје, 1 ноември, 2018 - 14:42 (META) 

Народна банка ја намали проекцијата за пораст на македонската економија од 3,2 проценти во април на 2,3 проценти во ноември. Забрзување на порастот се очекува за следната година за кога се предвидени 3,5 проценти, 3,8 проценти во 2020 и 4 проценти во 2020 година.

Гувернерката на Народната банка Анита Ангеловска Бежоска рече дека направената надолна корекција за 2018 година е одраз на послабите остварувања во првата половина од годината.

– За првата половина од годината беше предвиден пораст од 3,3 проценти, а остварен e 1,6 проценти, што произлегува во најголем дел од инвестициите. Во поглед на структурата на порастот, се очекува дека домашната побарувачка ќе биде главниот двигател на порастот, со исклучок на 2018 година кога најголем ефект ќе има нето-извозот – рече Ангеловска Бежоска.

По падот во 2017 и 2018 година, предвидено е инвестициите да растат. Порастот ќе биде поддржан од јавните и странските инвестиции, но и од подобриот амбиент за инвестирање на домашните инвеститори.

Позитивен придонес се очекува и од личната потрошувачка при стабилен пораст на платите, зголемување на вработеноста и натамошна кредитна поддршка од страна на домашните банки.

Во однос на инфлацијата, ревидирањето е во надолна линија од 2 на 1,6 проценти.

– И натаму постои одредена неизвесност од домашниот политички контекст. Позитивен ризик кој што не е вграден во проекциите, повторно претставува можноста за забрзување на процесот на евроатлантска интеграција – додаде Ангеловска Бежоска.


Анѓушев: Првпат растот е одраз на реалната економија, а не со вештачки проекти


Свети Николе, 10 октомври, 2018 - 15:12 (META) 

Eкономијата не оди во надолна линија, бројките кажуваат дека оди токму во нагорна линија рече вицепремиерот за економски прашања, Кочо Анѓушев при денешната посета на производствените капацитети на компаниите „МИК“ и „БИМ“ каде што оствари средба со бизнис секторот.

– Минатата година имавме негативен раст, после тоа првиот квартал не беше најдобар. Меѓутоа вториот квартал во 2018 година, спореден со вториот квартал во 2017 година имаше раст од 3,1 отсто. Она што мислам дека е многу важно да го потенцираме е што тој раст од 3,1 отсто е остварен при пад на градежништвото од 17 проценти. Знаете, растот во Македонија обично го обезбедувала државата со своите активности, овој пат, првпат растот е одраз на реалната економија – одговори Анѓушев на новинарско прашање.

Тој забележа дека овој раст не го направи државата со вештачки проекти.

– Јас очекувам дека градежништвото ќе го врати растот на нормалното ниво, со раздвижување на три-четири големи проекти кои што сега се случуваат, а тоа се автопатот Кичево – Охрид, железницата кон Бугарија, гасоводот. Но, притоа не со вештачки проекти, туку со инфраструктурни проекти, кои ќе бидат корисни и со самото тоа очекувам подобри бројки – потенцира Анѓушев.


ММФ го намали предвидениот раст за македонската економија од 2,8 на 1,6 отсто


Вашингтон, 9 октомври, 2018 - 17:01 (META) 

Меѓународниот монетарен фонд (ММФ) во есенскиот извештај „Перспективите на светската економија“ предвидува дека економскиот раст на Македонија годинава ќе биде 1,6 проценти, што е намалување во однос на претходната проценка од 2,8 отсто.

ММФ за наредната година прогнозира дека домашниот бруто-производ (БДП) на Македонија ќе порасне за 2,6 проценти, а до 2023 година ќе биде со годишен пораст од 3,4 отсто.

Од земјите во регионот годинава највисок раст ќе имаат Албанија, Србија и Косово четири отсто, Црна Гора 3,7 отсто, Бугарија 3,6,  БиХ 3,2 отсто и Хрватска 2,8 проценти.

Светската економија и оваа и наредната година ќе порасне за 3,7 проценти, наместо претходно предвидените 3,9 проценти.


Светска банка предвидува економски пораст од 2,5 проценти за годинава


Скопје, 4 октомври, 2018 - 11:13 (META) 

Светска банка предвидува економски пораст од 2,5 проценти на Македонија за оваа година, 2,9 за следната и 3,2 проценти за 2020 година беше кажано денеска на презентацијата на редовниот полугодишен економски извештај на Светска банка за земјите од Западен Балкан.

Од Светска банка оценуваат дека економијата во 2018 година закрепнува како резултат на порастот на приватната потрошувачка и повратот на дел од инвестиците.

– Се забележува пораст по квартали, има пораст на индустриското производство од 5,6 проценти, движено од странските директни инвестиции и дел од домашнпто индустриско закрепнување. Градежништвото има негативен пораст во првата половина од 2018 година, движено од запирањето на градбата на дел од автопатиштата. Има поврат на динамиката на приватните инвестиции во високо градба, пораст на приватната потрошувачка поддржана од порастот на платите, пензиите – рече економистот на Светска банка, Бојан Шимбов.

Тој очекува дека во втората половина на годината приватната потрошувачка ќе се забрза, но и ивестициите во градежништвото.

Невработеноста на населението се намалува и се очекува таа да достигне до 20,4 проценти до крајот на годината. Но, она што се оценува како негатовно е што невработеноста кај младите се зголемува, а и повеќе од половината од работната сила е неактивна, односно не бара работа и не е ангажирана на пазарот на труд. Платата во просек се зголемила за 5,5 проценти, а најголемо зголемување има кај трудоинтензивните дејности и тоа од 10 проценти.

Фискалниот дефицит има намалување и, како што рече Шимбов, се должи на зголемување на приходите и намалување на расходите заради недоволното извршување на капиталните инвестиции во 2018 година.

– На страната на приходите има пораст по сите основи социјални придонеси, акцизи, данок на добивка, персонален данок на доход, нето-данок на додадена вредност. Повратот на ДДВ е со забрзано темпо, се чистат заостанатите обврски на државата кон компаниите што е добро заради нивната ликвидност – додаде Шимбов.

Светска банка предвидува дефицитот до крај на годината да изнесува 2,6 проценти од БДП, а јавниот долг 50 проценти од БДП. Странските директни инвестиции се очекуваат да се зголемат од 2,2 проценти лани на 3 проценти годинава.

Како позитивни фактори од надворешното опкружување се оценува порастот на економијата во Европската унија, но како ризици се затегнатите финансиски услуги кон земјите во развој, што би подразбирало скапи кредити, стабилноста на регионот, ескалацијата на трговските спорови помеѓу САД и Кина.

Од домашните ризици, позитивни перспективи има изгледот на државата за пристап кон НАТО и ЕУ кои ќе влијаат на забрзување на структурните реформи, но од друга страна и нивно нарушување поради политички процеси, како што е изгледот за избори.


НБРМ ја задржува каматната стапка на благајничките записи од 2,75 проценти


Скопје, 12 септември, 2018 - 10:49 (META) 

Комитетот за оперативна монетарна политика на Народна банка оцени дека монетарната поставеност е соодветна на постојните економски и финансиски услови, при што одлучи да ја задржи каматната стапка на благајничките записи на нивото од 2,75 проценти, информираат од Народна банка.

„Споредбата на последните макроекономски показатели за домашната економија со нивната проектирана динамика од априлскиот циклус проекции упатува на одредени отстапувања во одделни сегменти од економијата. Согласно со објавените проценети податоци, по слабиот раст во првиот квартал, во второто тримесечје, растот на БДП значително забрза на 3,1 проценти, што сепак е нешто пониско остварување во споредба со проекцијата. За третиот квартал, при ограничен обем на расположливи податоци, засега не може да се даде попрецизна оцена за состојбата во економијата, но сепак, најголемиот дел од податоците упатуваат на продолжување на поповолните движења во економијата и во овој квартал од годината“, се вели во соопштението на Народна банка.


СДСМ: Растот на БДП од 3,1 отсто ја потврдува успешноста на владините економски политики


Скопје, 7 септември, 2018 - 9:32 (META) 

Растот на домашниот бруто-производ БДП од 3,1 отсто во вториот квартал ја потврдува успешноста на владините економски политики и позитивното влијание на интеграциите во ЕУ и НАТО, се вели во соопштението на СДСМ.

Од таму додаваат дека „придвижувањето на процесот на интеграција на Македонија во ЕУ и НАТО позитивно влијае врз економијата.“

„Таквиот процес дополнително ќе се интензивира по влезот во НАТО и по започнување на пристапните преговори за членство во ЕУ. Со влезот во ЕУ, Македонија станува дел од пазар од 500 милиони потрошувачи, македонската економија станува поконкурентна, се отвораат можности за повеќе инвестиции, нови работни места и засилен економски раст.Имајќи предвид дека во последниот квартал од владеењето на ВМРО-ДПМНЕ во 2017 економијата бележеше пад од 1,3 отсто, за нешто повеќе од една година, Владата предводена од СДСМ со успешните економски политики успеа да ја стабилизира економијата и да ја придвижи во вистински правец“, се додава во соопштението.

Од ВМРО-ДПМНЕ пак велат дека економијата повеќе од 15 месеци тоне, нема реален напредок, а граѓаните се се посиромашни.

„Единствена светла точка се странските инвестиции, кои дојдоа во државата и отворија голем број на работни места благодарение на добрите политики на ВМРО-ДПМНЕ“, велат од таму.


Анѓушев: Референдумот нема позначајно да влијае на економскиот раст на државата


Скопје, 31 јули, 2018 - 12:19 (META) 

Вицепремиерот за економски прашања Кочо Анѓушев денеска на прес-конференција рече дека растот на индустриското производство од 12,1 отсто во јуни во однос на истиот месец лани и растот на просечната плата забележан во мај покажуваат дека економските политики на Владата се добри и оти даваат резултати на долг рок.

Тој додаде дека економијата се мери со бројки, а не со политизирање и потребно е, како што рече мало трпение на граѓаните и бројките ќе си дојдат сами по себе.

Во однос на малиот процент на реализација на капиталните инвестиции од околу 16 проценти, Анѓушев рече дека во првите шест месеци има мал застој во реализацијата, но додаде дека е оптимист и смета дека до крајот на годинава ќе се реализираат 90 отсто од планираните инвестиции.

– Малиот застој се должи на тоа што е потребно проектите да се доведат до нормално техничко ниво за да не ни се случуваат непотребни анекси – рече Анѓушев и додаде дека реализацијата на капиталните инвестиции кај државните компании е многу повисока.

Анѓушев не очекува референдумот значајно да влијае на реализацијата на капиталните инвестиции, бидејќи како што рече, предвидено е да ја чини државата околу 3,5 милиони евра, а тоа е помалку од еден отсто од планираните 400 милиони евра за капитални инвестиции.

– Сите политички случувања, па и референдумот негативно влијаат на економијата, но ценам дека нема позначајно да влијае на економскиот раст на државата – рече Анѓушев.

Нагласи дека референдумот се организира со цел Македонија да се придвижи кон евроатланските интеграции, а токму тоа, како што кажа, значи и поголеми инвестиции во земјата и економски раст на државата и се темели на искуството на сите држави кои се приклучиле кон ЕУ и НАТО.

На новинарско прашање во однос на конфликтот на интереси поврзан со компаниите во кои тој е дел од сопственичката структура, Анѓушев рече дека не се битни тие компании.

 -Нема никаков конфликт на интереси и заобиколување на законите. Престана делењето пари зад затворени врати и класифицирани договори. Компаниите кои ги задоволуваат законските критериуми имаат право да аплицираат. Сепак овие компании се повлекоа не поради конфликт на интереси, туку затоа што сензитивноста кај јавноста е голема после подолг период. Не се битни тие две компании, ако се проблем нема да аплицираат. Треаба да гледаме што е добро за целата економија. Бројките покажуваат дека целата економија се раздвижува – рече Анѓушев.

Во првиот квартал, БДП со пораст од 0,1 отсто


Скопје, 7 јуни, 2018 - 12:32 (META) 

Домашниот бруто-производ во првиот квартал годинава забележал стапка на пораст од 0,1 процент, објави Државниот завод за статистика. 

Во првото тримесечје од 2018 година, најголем пораст е забележан во секторите уметност, забава и рекреација од 12,1 отсто, трговија на големо и трговија на мало, поправка на моторни возила и мотоцикли, транспорт и складирање, објекти за сместување и сервисни дејности со храна од 10,5 отсто и стручни, научни и технички дејности, административни и помошни услужни дејности од 8,5 отсто.

Финалната потрошувачка на домаќинствата, вклучувајќи ги непрофитните институции кои им служат на домаќинствата, во првото тримесечје од 2018 година, номинално растел за  четири отсто, а нејзиното учество во структурата на домашниот бруто- производ изнесува 64,3 отсто.