Распределени линиите за автобуски превоз во земјава и странство


Скопје, 23 јули, 2018 - 14:20 (META) 

Министерството за транспорт и врски ја завршило прелиминарната распределба на автобуски линии за 2018 година. Како што стои во соопштението, 91 апликација биле поднесени за нови или промена на веќе постоечки автобуски линии во меѓуопштинскиот и меѓународниот патен сообраќај. Од нив 26 апликации биле за вршење на меѓуопштинскиот превоз на патници и 65 апликации за меѓународен превоз на патници.

За меѓуопштински превоз на патници одобрени се 12 апликации, а за меѓународен превоз на патници одобрени се 35 апликации.

Прелиминарните листи може да се видат на веб-страницата на Министерството за транспорт и врски.


Објавени условите за распределба на станови за социјално ранливи категории на граѓани


Скопје, 6 јули, 2018 - 11:17 (META) 

Министерот за транспорт и врски, Горан Сугарески ги објави условите за распределба на станови за социјално ранливи категории на граѓани во Кочани и Македонски Брод. Електронска распределба ќе се изврши на 43 станбени едници во Кочани и 10 станбени едници во Македонски Брод.

Јавниот оглас е објавен денеска во печатените медиуми како и на веб-страницата на Министерството за транспорт и врски и ќе трае до 6 август.

– Сакам да напоменам дека подносителот на барањето за добивање на социјален стан може да поднесе документација и да аплицира само за една од седумте категории корисници на социјални станови. Доколку лицето или некој од членовите на неговото заедничко домаќинство аплицира во повеќе од една од категориите на корисници, сите поднесени обрасци ќе бидат отфрлени.
Социјалните станови ќе се распределуваат во транспаретна постапка преку електронска распределба согласно Методологијата за бодирање на кандидати за добивање на социјален стан под закуп – изјави Сугарески.

Тој додаде дека предност при добивањето на стан ќе имаат децата без родители или родителска грижа –лица над 18 години кои до својата осумнаесетта година биле згрижени во институции и други облици за згрижување за деца без родители.

– Заинтересирани лица ќе можат да се обратат во Меѓуопштинските центри за социјална работа во Кочани и во Македонски Брод како и во Министерството за транспорт и врски за подетални информации – додаде Сугарески.


ФЗОМ ќе ги зголеми квотите на лекови во аптеките за овој месец


Скопје, 16 март, 2018 - 13:30 (META) 

Фондот за здравствено осигурување на Македонија (ФЗОМ) одлучи да ги зголеми квотите на лекови за овој месец во износ од 15 милиони денари кои ќе бидат линеарно распределени по аптеките, рече денеска на прес-конференција директорот на ФЗОМ, Ден Дончев.

Тој додаде дека вкупниот буџет за лекови за годинава ќе се зголеми во износ од 100 милиони денари годишно, ќе има ревизија на Правилникот и методологијата на распределба на финансиските средства, квотите и надоместоците на аптеките.

Дончев најави и нова поправична и поефикасна распределба на квотите на аптеките и поефикасен систем за нивни надоместоци.

Во долгорочните мерки рече дека се предвидува разгледување на можностите за воведување интегриран и ефикасен електронски систем преку вклучување на сите институции и здравствени установи и работници од здравствениот систем со воведување електронско здравствено досие по пациент.


Панчевски: Судските предмети не сум ги распределувал рачно


Скопје, 18 октомври, 2017 - 20:57 (META) 

Судијата Владимир Панчевски во вечерашното гостување на „Топ тема“ на телевизија „Телма“, уште еднаш повтори дека како поранешниот претседател на Кривичниот суд не го злоупотребил автоматизираниот систем за управување со судските предмети (АКМИС). Тој додаде и дека во врска со овој случај се работи за предистражна постапка за друго лице, а не за него.

На новинарско прашање дали судските предмети ги распределувал рачно, тој негираше.

„База на податоци на сите предмети има во Врховен суд и никој не може да интервенира по завршување на тековниот месец. Потребно е посебно барање до Судскиот совет за да се изврши интеревенција. Не сум Џемс Бонд да правам паралелен систем и да местам случаи“, одговори Панчевски.

Во врска со објавување на снимката од претресот на Специјалното јавно обинителство во неговиот дом во медиумите, тој рече дека „во неговиот дом има налепница“ која информира за постоење на видеонадзор и во домот „може да снима и да прави што сака“.

На прашањето, дали додека бил претседател на Кривичниот суд трпел притисоци од политичарите, рече дека тој не познава политичари, немал контакти со нив, не бил фаворизиран од никого и на функцијата бил избран од Судски совет поради постигнати резултати во работата.

Специјалната јавна обвинителка, Катица Јанева, со истражители од МВР, на 5 октомври изврши претрес во канцеларијата на Панчевски, против кого, како што тогаш изјави таа, СЈО води предистражна постапка поради злоупотреби на системот за распределба на судски предмети и за оддавање службена тајна.

Претрес беше извршен и во домот на Панчевски, за што тој изјави дека тогаш настапил целосен мрак за правдата во Македонија.


Просечниот личен доход е 302 евра месечно, а кај најбогатите тој изнесува 4.180 евра


Скопје, 25 август, 2017 - 15:15 (META) 

Просечниот личен доход лани изнесувал 302 евра месечно, а најбогатите (еден процент) во Македонија имале просечен доход од околу 4.180 евра месечно, објави Министерството за финансии врз основа на податоци од Управата за јавни приходи.

Од Министерство за финансии велат дека „бројките покажуваат дека Македонија е со висока стапка на доходовна нееднаквост помеѓу граѓаните“.

– Педесет проценти од луѓето во Македонија што остваруваат доход, имаат доход што е под 212 евра месечно, 70 проценти имаат доход што е под 297 евра месечно, 90 проценти имаат доход што е под 495 евра месечно, а од друга страна, два проценти од луѓето имаат доход над 1.044 евра, а еден процент од луѓето имаат доход над 1.523 евра – изјави советникот во кабинетот на министерот за финансии, Бранимир Јовановиќ.

Тој посочи дека највисокиот доход лани изнесувал 2,6 милиони евра, а 15 лица оствариле доход од над еден милион евра. Половина милион евра доход, лани имале 66 лица.

– 775  лица кои имале над 100 илјади евра доход заедно оствариле доход од 190 милиони евра, што е еднакво на вкупниот остварен доход на 210 илјади лица кои имале најниски приходи – појасни Јовановиќ.

Тој додаде дека неопходна е даночна реформа со која најбогатите треба да плаќаат повисоки даноци.

Министерот за финанасии, Драган Тевдовски оцени дека направената анализа е важна, бидејќи без веродостојни податоци не може да се креираат нови економски и социјални политики, а од друга страна се создава притисок да се работи на намалување на неедаквоста на доходот.

– Подготвуваме даночна реформа, до крајот на годинава ќе излеземе со нашите предлози – истакна Тевдовски.

Со анализата се опфатени околу 90 проценти од граѓаните кои оставруваат доход или 940 илјади лица.


Минатата година 21,5 отсто од граѓаните биле сиромашни


Скопје, 28 октомври, 2016 - 15:38 (META) 

Стапката на сиромашни лица во Македонија во 2015 година изнесувала 21,5 отсто, објави денеска Државниот завод за статистика.

Анализирано по типови на домаќинства, стапката на сиромаштија на домаќинствата составени од двајца возрасни со две издржувани деца е 22,8 отсто.

Стапката на сиромашни вработени лица е 9 проценти, додека стапката на сиромашни пензионери е 7,2 проценти.

Коефициентот „џини“ (мерка за нееднаквоста во распределбата на приходите) изнесува 33,8 проценти.

Основа на пресметките на сиромаштијата се приходите, а прагот на сиромаштијата е дефиниран на 60 отсто од медијалниот еквивалентен приход.

Државниот завод за статистика го пресметува индексот врз основа на податоците од анкетата за приходи и услови за живеење, која се спроведува во согласност со препораките на Европската Унија.


СДСМ: На сите им е јасно какви злоупотреби се прават со социјалните станови


Скопје, 3 август, 2016 - 18:25 (META) 

Никола Груевски единствено интензивно го уништуваше стандардот, животот и спокојот на граѓаните на Македонија, обвинуваат од опозицискиот СДСМ. Од партијата велат дека залудно е сега, по 10 години, Груевски лажно да ветува покрив над глава или парче леб за ранливите категории.

„Граѓаните не му веруваат на Груевски. На сите им е јасно како оди распределбата на социјалните станови и какви злоупотреби се прават со нив. На бодовните листи највисоко котирани се активисти на ВМРО-ДПМНЕ кои имаат живеалишта, а најдолу се оние што се без дом и што живеат во импровизирани живеалишта. Такви примери има многу, а највпечатливи се примерите во Ресен, Демир Хисар и во Прилеп“, пишува во соопштението на СДСМ.

Од опозицијата додаваат дека Груевски наместо да се фали со распределба на станови на партиските активисти, треба да објасни зошто го урна т.н. ромско маало, кај полигонот во Скопје, без да се обезбеди соодветно вдомување на граѓаните и зошто дозволил повеќе од 100 деца да останат без живеалиште и без покрив над глава.


Ердоган е против распоредување на руски војници на турско-сириската граница


Анкара, 22 јануари, 2016 - 18:45 (META) 

Турскиот претседател Реџеп Таип Ердоган изјави дека е против распределба на руски војници на турско-сириската граница.

– Нема да толерираме распоредување на војници долж границата од Ирак до Медитеранот – изјави Ердоган и додаде дека за тоа ќе разговара со американскиот потпретседател Џозеф Бајден, кој е во посета на Турција.

Односите меѓу Турција и Русија значително се влошија откако на 24 ноември 2015 година, турските сили на безбедност соборија руски авион на границата со Сирија.

Турција наведе дека рускиот авион го нарушил турскиот воздушен простор, а Русија демантираше.


Меркел: Потребна е праведна распределба на бегалците


Берлин, 7 ноември, 2015 - 15:48 (META) 

Германската канцеларка Ангела Меркел ја истакна потребата за праведна распределба на бегалците во Европа, додека лидерите на ЕУ се подготвуваат за дводневниот самит на ЕУ-Африка, посветен на миграциите.

– Мораме постајано да разговараме за фактот дека проблемот со бегалците е заеднички за сите земји-членки на ЕУ или барем за тие што се дел од Шенген-зоната – рече Меркел во неделната видеопорака.

Во Германија од јануари до октомври пристигнале 758.000 баратели на азил.

Европските и африканските лидери ќе се сретнат во Валета, главниот град на Малта, в среда и в четврток на самитот за миграции.