!Во периодот што претстои работиме на воведување систем за пристап и за претплата. За начинот на пристап и за претплатата ќе информираме дополнително. Содржините на „Мета“ до тогаш се слободни за преземање со задолжително цитирање и атрибуирање.

Поповски: Ни треба Законот за јазиците, но да не биде донесен на „фушерски начин“


Скопје, 23 септември, 2017 - 14:51 (META) 

Пратеникот на ВМРО-ДПМНЕ и поранешен министер за надворешни работи, Никола Поповски, на денешното продолжение на седницата на која се расправа за Закон за употреба на јазиците, рече дека ни е потребен ваков закон, но тој не треба да биде донесен на „фушерски начин“.

На ова, претседателот на Собранието, Талат Џафери, рече дека за тоа дали расправата е „фушерска“ или не, ќе оцени јавноста, бидејќи како што кажа, јасна е намерата на пратениците на ВМРО-ДПМНЕ да ја попречат работата.

„Веќе шест дена си реплицирате сами на себе. Јавноста многу добро знае кои се вашите тенденции“, рече Џафери.

Поповски повтори дека тој смета дека ни треба ваков закон, но кога ќе се дадат аргументи зошто треба да биде донесен сега пред локалните избори и зошто се брза со неговото донесување.

Расправата за законот, пратениците ќе ја продолжат по 15 часот.


Собранието денеска ќе ја продолжи расправата за Законот за употреба на јазиците


Скопје, 23 септември, 2017 - 11:29 (META) 

Собранието денеска напладне ќе ја продолжи 15. седница на која на дневен ред е законот за употреба на јазициите. Предлог-законот е со европско знаменце, односно треба да биде донесен по скратена постапка.

Расправата по оваа точка на претходните продолженија на седницата се одвиваше во тензична атмосфера, бидејќи пратениците на опозициската ВМРО-ДПМНЕ сметаат дека законот е неуставен, дека е резулатат на политички договор на владејачката коалиција и дека нема аргументи за законот да е обележан со европско знаменце.

Од владејачкиот СДСМ, пак, велат дека предложениот закон за употреба на јазиците не е противуставен, туку е во согласност со членот 5 од Уставот на Република Македонија и ја унапредува употребата на сите јазици на немнозинските заедници и отвора шанса за изградба на едно општество за сите.


Собранието со 70 гласа „за“ изгласа минимална плата од 12.000 денари


Скопје, 18 септември, 2017 - 18:09 (META) 

Собранието денеска со 70 гласа „за“ и ниту еден против и воздржан го изгласа предлог-законот за зголемување на минималната плата, со кој официјално треба да почне исплатата на минималната плата во износ од 12.000 денари.

За збор беа пријавени повеќе од триесетина пратеници, а расправата помина во меѓусебни обвинувања на владејачкото мнозинство и на опозицијата, по што опозицијата реши да го поддржи законот и да гласа за него.

За време на расправата, пратениците на ВМРО-ДПМНЕ нагласија дека предлог-законот за зголемување на минимална плата нема да го подобри стандардот на граѓаните ниту ќе ја раздвижи економијата. Според нив, предлогот на Владата е предизборна популистичка мерка од која граѓаните нема да имаат добробит на долг рок.

Владејачкото парламентарно мнозинство тврдеше дека минималната плата од 12.000 денари не е предизборна мерка, туку закон од социјален карактер кој ќе повлече и пораст на просечната плата, животниот стандард на граѓаните, а со тоа и на целокупната економија.

Зголемувањето на минималната плата ќе се однесува на сите работници, односно таа ќе треба да биде исплатена и за вработените во кожарската, текстилната и во индустријата за обувки.

За таа цел месечно од државната каса за субвенционирање на претпријатијата ќе се одвојуваат по 1,5 милиони евра.

Расправата по другите точки на дневен ред на оваа 12. седница претседателот на Собранието Талат Џафери ја закажа за утре во 11 часот.


Собранието ќе расправа за минимална плата и за укинување на радиодифузната такса


Скопје, 15 септември, 2017 - 10:20 (META) 

Собранието денеска во 11 часот ќе ја продолжи 12. седница, на која како точки на дневен ред се законот за минимална плата, законот за стечајците и укинување на радиодифузната такса.

Освен тоа, на дневен ред ќе се најде и предлог за утврдување на бројот на потпретседатели на Собранието, ратификација на Спогодбата за соработка помеѓу Владата на Република Македонија и Советот на министрите на Босна и Херцеговина во процесот на пристапување во Европската Унија и предлог-закон за ратификација на Договорот од Париз.

Вчера Собранието отвори општ претрес по предлог-законот за употреба на јазиците.

Од ВМРО-ДПМНЕ велат дека предлог-законот е неуставен, дека тој произлегува од т.н. тиранска платформа и дека со него се воведува двојазичност на целата територија на државата.

Од парламентарното мнозинство сметаат дека предложениот закон нема да ја уништи туку ќе ја унапреди државата и дека тој произлегува од амандманот 5 на Уставот.

Претседателот на Собранието, Талат Џафери, вчера ја прекина седницата два часа порано поради партиските обврските на пратениците за поднесување кандидатски листи.


Партиските обврски на пратениците пак ја прекинаа дебатата за законот за јазиците


Скопје, 14 септември, 2017 - 16:42 (META) 

Поради партиските обврски на пратениците за поднесување кандидатски листи за претстојните локални избори закажани на 15 октомври, претседателот на Собранието, Талат Џафери, наместо во 18 часот, седницата ја прекина во 16 часот. Следното продолжение на собраниската седницата, на која се расправа за предлог-законот за употреба на јазиците, рече дека дополнително ќе го закаже и ќе ја информира јавноста.

Денешната прва седница, на која беше отворена општа расправа за предлог-законот за употреба на јазиците, помина во меѓусебни обвинувања на владејачкото мнозинство и на опозицијата.

Од ВМРО-ДПМНЕ велат дека предлог-законот е неуставен, дека тој произлегува од т.н. тиранска платформа и дека со него се воведува двојазичност на целата територија на државата.

Според опозицијата, законот преставува политички договор помеѓу СДСМ и ДУИ за да ги покријат штетите направени од досегашното владеење.

На ова реагираше координаторот на пратеничката група на СДСМ, Томислав Тутнев, кој рече дека законот е базиран на Уставот во рамките на амандманот 5.

Од парламентарното мнозинство сметаат дека предложениот закон ќе ја унапреди државата, а нема да ја уништи, како што тврди опозицијата.

Предлог-законот за употреба на јазиците предизвика голем интерес за дебата во Собранието. За збор се пријавени повеќе од 70 пратеници, а расправата по оваа точка ќе продолжи и следните денови.


МАНУ бара стручна и научна расправа за Законот за употреба на јазиците


Скопје, 12 септември, 2017 - 12:30 (META) 

Пред усвојувањето на Законот за употребата на јазиците, треба да се отвори стручна и научна расправа за одделните прашања што ги регулира овој предлог-закон, со учество на експерти од различен профил – лингвисти (македонисти, албанолози, специјалисти од областа на ареалната лингивистика), правници и социолози.

Ова е ставот на претседателството на Македонската академија на науките и уметностите (МАНУ) по повод Законот за употреба на јазиците, кој е во собранска процедура со европско знаменце, односно треба да биде донесен по скратена постапка.

Ваквата расправа, велат од претседателството на МАНУ, ќе придонесе подобро да се разберат предложените решенија, да се расчистат одделни недоречености што можат да создаваат проблеми при примената на Законот во практиката и да се разјаснат некои различни толкувања што се појавија во досегашната расправа.

„Македонската академија на науките и уметностите цврсто стои на гледиштето дека Република Македонија треба да ја градиме и да ја развиваме како демократско, економски просперитетно и европски ориентирано мултиетничко и мултикултурно општество. Предлог-законот за јазиците, респектирајќи го принципот на бројната застапеност на заедниците, значајно ја проширува и ја унапредува примената на албанскиот јазик во Република Македонија, за да се затвори едно отворено прашање, кое создава меѓуетнички тензии и по промената на Уставот на Република Македонија во 2001 година… За сите отворени прашања и дилеми поврзани со оваа проблематика пратениците во Собранието на Република Македонија, респектирајќи ги стручните и научните мислења, треба да иницираат конструктивна дебата, заснована врз принципите на отвореност, толерантност, заемно уважување и избегнување секаков вид ултимативност и исклучивост, сеедно од која страна тие и да доаѓаат“, стои во обраќањето на претседателството на МАНУ.

Оттаму додаваат дека јазичниот плурализам е иманентна карактеристика на мултикултурното општество и дека „легитимни се инсистирањата на заедниците за унапредување на нивните јазични права“.

Македонците, подвлекуваат од Академијата, „треба да го почитуваат тоа и да покажат интерес за јазиците на нивните сограѓани и за унапредување на нивните јазични права, култура и традиции, но, и обратно – претставниците на другите заедници мора да покажат разбирање, толерантност и респект за македонскиот јазик, како јазик на мнозинскиот народ, и за неговата интегративна, обединувачка функција“.


Законот за јазиците денеска излегува од Комисијата за европски прашања


Скопје, 7 септември, 2017 - 9:39 (META) 

Во Комисијата за европски прашања на Собранието на Република Македонија денеска треба да заврши расправата по единствената точка од дневниот ред, Законот за употреба на јазиците, во прво читање.

Во рамките на денешната расправа, која почнува во 12 часот, се најавени завршни обраќања на координаторите на четирите најголеми групи во Собранието, по што ќе се гласа за законот, и потоа, според процедурата, тој оди во друга собраниска комисија.

Вчера, на вториот ден од расправата за законот за јазиците во Комисијата за европски прашања, за одредбите за употребата на албанскиот јазик во Македонија учествуваа Весел Мемеди, Реџаил Исмаили, Владанка Авировиќ, Петре Шилегов, Нола Исмајлоска и Жаклина Пешевска.


ВМРО-ДПМНЕ повторно бара одложување на расправата за оглас за нов јавен обвинител


Скопје, 6 септември, 2017 - 13:14 (META) 

На продолжението на 12. пленарна седница, на која се расправа за предлогот на Владата за распишување оглас за именување нов државен јавен обвинител, пратениците од ВМРО-ДПМНЕ повторно бараа расправата по оваа точка да се одложи и да продолжи по одржувањето на локалните избори.

Тие сметаат дека со оваа расправа Собранието не ги почитува законите.

– Како и разрешувањето на јавниот обвинител, така и објавувањето оглас за поставување нов јавен обвинител е незаконско. Ако Собранието не ги почитува законите, зошто тоа да го прават другите – рече Иван Иванов од ВМРО-ДПМНЕ.

Пратениците на опозицијата ја обвинија власта за арогантно однесување и за манифеситирање самоволие бидејќи го крши членот 8-а од Изборниот законик.

Претседателот на Собранието, Талат Џафери, ја прекина седницата поради протоколарни обврски и најави продолжување во 15.15 часот.


Милошоски: Законот за употреба на јазиците е неуставен и дискриминирачки


Скопје, 5 септември, 2017 - 15:40 (META) 

Дебатата за Законот за употребата на јазиците на Собраниската комисија за европски прашања предизвика жесток дуел помеѓу пратениците Антонио Милошоски од ВМРО-ДПМНЕ и Џеват Адеми од ДУИ.

Милошоски смета дека предлог-законот е противуставен, дека претставува политички договор на владината коалиција и дека без аргументи се носи под знакот на европското знаменце. Според Милошоски предлог-законот е дискриминирачки кон другите етнички заедници.

– Овој предлог-закон слободно може да се нарече „закон за употреба на албанскиот јазик“, иако граѓанинот Албанец нема да добие ништо повеќе во Кичево, Тетово или Струга со носењето на овој закон – смета Милошоски.

Џеват Адеми од ДУИ рече дека законот не е против македонскиот јазик туку дека со него им се остваруваат загарантираните права на Албанците и додаде дека ДУИ на предвремените парламентарни избори била казнета од гласачите поради коалицирањето со ВМРО-ДПМНЕ.

На ова реплицираше Милошоски, кој рече дека ВМРО-ДПМНЕ не е виновна за корумпираните градоначалници на ДУИ.

– Не може вашите неуспеси на изборите, односно падот од 20 на 10 пратеници да ни ги препишувате нам. Не може ВМРО-ДПМНЕ да биде виновна за корумпираните градоначалници на ДУИ, во Чаир, Тетово и во Струга, и не може оваа загуба да ја надоместите со овој предлог-закон за употреба на јазиците кој е неуставен – рече Милошоски.

Адеми побара од Милошоски да се извини за обвинувањата упатени кон градоначалниците од редовите на ДУИ.

– Јавноста слушаше за корумпирани политичари, за огромни провизии, но јас никого не нарекувам корумпиран без за тоа да има судска пресуда. Најмалку што може да направите, Милошоски, е да му се извините на Изет Меџити, да ѝ се извините на Теута Арифи – рече Адеми.

Комисиската расправа за предлог-законот ќе трае до четврток, по што оди на пленарна седница, од каде што треба да се врати во Комисијата за европски прашања на второ читање.


Собраниската расправа за огласот за нов државен јавен обвинител продолжува в среда


Скопје, 4 септември, 2017 - 18:32 (META) 

Претседателот на Собранието, Талат Џафери, точно во 18 часот ја прекина расправата по точката за предлогот на Владата за распишување оглас за именување нов државен јавен обвинител, по разрешувањето на претходниот – Марко Зврлевски.

Следното продолжение на седницата Џафери го закажа за среда, во 11 часот, затоа што утре тој ќе присуствува на Меѓународната научна конференцијата „Балканот помеѓу Западот и Истокот: Стари и/или нови безбедносни предизвици“ во Охрид.

Расправата по оваа точка помина во говори на пратениците на ВМРО-ДПМНЕ кои го обвинија владејачкото мнозинство дека незаконски, спротивно на членот 8-а од Изборниот законик, сака да го протурка именувањето на новиот државен јавен обвинител.

Илија Димовски од ВМРО-ДПМНЕ рече дека одењето спротивно на законот и на членот 8-а, кој беше изгласан на барање на СДСМ, е ароганција и надминување на нормалното функционирање на државата.

Координаторот на пратеничката група на СДСМ, Томислав Тунтев, рече дека доаѓањето на новиот јавен обвинител е неминовно и дел од пакетот реформи во правосудството.