Панчевски на распит во обвинителтво, осомничен е за две кривични дела


Скопје, 20 септември, 2018 - 11:53 (META) 

Судијата Владимир Панчевски денеска е на распит во Јавното обвинителство, како осомничен за злоупотреби со АКМИС системот (електронски систем за распределба на предмети) во периодот кога беше претседател на Кривичниот суд во Скопје.

Тој се товари за две кривични дела, за злоупотреба на службената положба и овластувања и за несовесно работење во служба.

Поканата за распит од обвинителството, Панчевски ја сподели и на социјалните мрежи.


Срѓан Керим и Јана Станисављева на распит во СЈО за „МПМ“


Скопје, 13 септември, 2018 - 12:03 (META) 

Поранешните први луѓе на Медиа принт Македонија (МПМ), Срѓан Керим и Јана Станисављева, се повикани на распит во Специјалното јавно обвинителство (СЈО), јави „Сведок“.

Двајцата треба да дадат исказ во рамки на истрагата за бројни злоупотреби во МПМ, што ја води ова обвинителството откако предметот го презеде од Основното јавно обвинителство.

Компанијата беше издавач на згаснатите весници „Дневник“,„Вест“ и „Утрински весник“.

Обвинителката Лиле Стефанова за овој случај веќе распрашала и поранешни вработени во весниците, подносители на пријавата, а била одземена и документација за овој случај.

Во Основен суд Скопје 2, во тек е постапка за стечај врз МПМ.


Прв распит кај обвинител на притворените за претепувањето на Никола Саздовски


Скопје, 11 јули, 2018 - 15:52 (META) 

На однапред договорен термин во Скопското обвинителство, за насилство со тешки телесни повреди врз Никола Саздовски кој подоцна почина од повредите, денеска дојдоа на прв распит осомничените двајца Б. Б. (20), С. Д. (21), јави СДК.

Ова е првпат тие да дојдат во Обвинителството.

Асмир Алилспахиќ, адвокатот на второосомничениот, рече дека тој првпат се гледа денеска со осомничените како нивни бранител. На новинарско прашање дали ќе се преквалифукува првичното кривично дело насилство со тешки телесни повреди, адвокатот рече дека е уште рано да се каже било што. Тој вели дека е убеден оти Обвинителството најпрофесионално ќе ја истера оваа истрага, и апелираше овој случај со трагична загуба на семсјството на починатото момче да не се злоупотребува во политички или какви било други цели и скриени намери на поедницни и групи.

Никола Саздовски (21) од Скопје беше брутално претепан на 29 јуни околу 17.30 часот во Скопје на автобуска постојка на булевар Александар Македонски во Автокоманда. Тој од повредите почина завчера на КАРИЛ.


Судот им одреди притвор на пратениците Мукоски, Арнаудов и Василевски


Скопје, 5 декември, 2017 - 15:48 (META) 

Кривичниот суд по денешниот распит, попладнево им одреди притвор на пратениците Крсто Мукоски, Љубен Арнаудов и Сашо Василевски, осомничени за насилствата во Собранието од 27 април. Нивните колеги, Жаклина Пешевска, Јохан Тарчуловски и Љупчо Димовски, добија куќен притвор.

Мукоски, Арнаудов и Василевски попладнево, со полициска придружба, беа изнесени од задниот влез на Кривичниот суд и ставени во полициско комби, кое треба да ги спроведе во истражен затвор на издржување на мерката.

Од судот попладнево и официјално ги соопштија одлуките по денешниот распит на шестемина пратеници.

„Постапувајќи по предлог на ОЈО за гонење организиран криминал и корупција, пред судија на претходна постапка при Основниот суд Скопје 1 денеска беа повикани шест лица опфатени со предлогот на обвинителството, а по нивно изјаснување во однос на предлогот судијата на претходна постапка донесе решенија со кои за К.М., Љ.А. и С.В. го прифати предлогот на обвинителството и им определи притвор во траење од 30 дена. За Ј.Т. и Ж.П. судија на претходна постапка го прифати предлогот на обвинителството и им определи куќен притвор. За Љ.Д. судија на претходна постапка не го прифати предлогот на обвинителството за определување притвор и му определи куќен притвор“, стои во соопштението од Кривичниот суд.

Притворените имаат право на жалба во рок од 24 часа.

Шестемина пратеници денеска дојдоа на сослушување во Кривичниот суд откако во петокот минатата недела, Собранието на пленарна седница одлучи да им го одземе имунитетот.

Од вкупно 36 осомничени за насилствата во Собранието, во притвор веќе се наоѓаат поранешниот министер за внатрешни работи и директор на Бирото за јавна безбедност (БЈБ), Митко Чавков, организаторите на протестите од „За заедничка Македонија“, Игор Дурловски, Богдан Илиевски, Борис Дамовски, актерот Владо Јовановски и уште дваесетина лица.

Обвинителството за организиран криминал и корупција сите ги товари за терористичко загрозување на уставниот поредок и на безбедноста на државата.


Мукоски: Нема основа за судот да ни додели притвор


Скопје, 5 декември, 2017 - 11:23 (META) 

Пратеникот на ВМРО-ДПМНЕ, Крсто Мукоски, на доаѓање во Кривичниот суд на распит кај судија на претходна постапка, рече дека нема основа за судот да му одреди притвор.

– Нема основа за притвор, но оставаме судот да цени и да го каже последниот збор – рече кратко Мукоски и додаде дека редовно се јавувал во судот и дека верува во правдата.

Претходно, во судот пристигнаа и пратеничката Жаклина Пешевска и пратеникот Јохан Тарчуловски на распит кај судијката Весна Димишкова.

Во 12 часот во судот треба да пристигнат и пратениците Сашо Василевски, Љубен Арнаудов и Љупчо Димовски на распит кај судијата Ненад Савески.

Основното обвинителство за организиран криминал и за корупција ги гони шесте пратеници за терористичко загрозување на уставниот поредок и на безбедноста, за време на насилството во Собранието на 27 април годинава.


Пратениците Тарчуловски и Пешевска дојдоа на распит во Кривичниот суд


Скопје, 5 декември, 2017 - 11:01 (META) 

Во Основниот суд Скопје 1 утрово на распит пред судија на претходна постапка пристигнуваат шесте пратеници кои се осомничени за учество во насилствата во Собранието на 27 април годинава.

Досега пристигнаа пратеникот Јохан Тарчуловски и пратеничката Жаклина Пешевска.

Пред Кривичниот суд се и дел од пратениците на ВМРО-ДПМНЕ, меѓу кои и Крсто Јовановски и Зоран Илиевски, како и роднини на осомничените пратеници.

Јохан Тарчуловски, Жаклина Пешевска, Сашо Василевски, Крсто Муковски, Љубен Арнаудов и Љупчо Димовски денеска треба да имаат распит во судот откако во петокот Собранието на Република Македонија им го одзеде имунитетот.

Основното обвинителство за организиран криминал и за корупција ги гони пратениците за терористичко загрозување на уставниот поредок и на безбедноста.


Љупчо Палевски беше на распит во СЈО, изјави дека станува збор за предистражна постапка


Скопје, 16 август, 2017 - 21:49 (META) 

Скопскиот бизнисмен Љупчо Палевски – Палчо беше на распит во Специјалното јавно обвинителство. Палевски, заедно со неговиот адвокат вечерва ги напуштија просториите на СЈО, по што кратко изјави дека станува збор за предистражна постапка.

Палевски вчера беше приведен на барање на Специјалното јавно обвинителство.

Засега официјално не е познато за што се товари Палевски. Се шпекулира дека Палевски е приведен поради тоа што на „Јутјуб“ објавил прислушувани приватни разговори на јавни личности, меѓу кои новинари и бизнисмени.

Уредникот на телевизија „Сител“, Драган Павловиќ – Латас во СЈО пријави вакви злоупотреби, а на профилот Палевски се појавија и снимки од бизнисменот Јордан Камчев.


По два часа распит во СЈО, Мијалков замина без да даде изјава


Скопје, 16 јуни, 2017 - 15:25 (META) 

Два часа траеше распитот на поранешниот директор на УБК, Сашо Мијалков, во Специјалното јавно обвинителство, но и понатаму е непознато за кои случаи тој беше повикан денеска да даде исказ.

По излегувањето од просториите на СЈО, Мијалков не сакаше да даде изјава за медиумите, а за тоа за што е повикан упати на одговор во Обвинителството. Оттаму, пак, не откриваат за кои случаи поранешниот директор на УБК беше повикан на распит.

Како што дознава „Мета“, Мијалков денеска во СЈО побарал увид во повеќе предмети што се водат против него.

Тој во СЈО се појави заедно со неговиот нов адвокат и поранешен државен јавен обвинител, Љупчо Шврговски.

Поранешниот директор на УБК е осомничен во неколку предмети на СЈО, меѓу кои се „Таргет“, „Тврдина“, „Тортура“ и „Трезор“.


Мијалков пристигна на распит во СЈО


Скопје, 16 јуни, 2017 - 13:06 (META) 

Поранешниот директор на Управата за безбедност и контраразузнавање, Сашо Мијалков, денеска пристигна во Специјалното јавно обвинителство каде, најверојатно, треба да даде исказ за некои од случаите за кои го гони СЈО.

Мијалков пристигна околу 13 часот придружуван од адвокатот Љупчо Шврговски, но не сакаше да даде изјава за медиумите пред да влезе во просториите на СЈО.

Засега од СЈО не откриваат за кои слуачи Мијалков е повикан на распит. Тој е осомничен во повеќе случаи на СЈО, меѓу кои „Тортура“, „Таргет“ и „Тврдина“.


Груевски денеска во СЈО, продолжува распитот на осомничените во „Талир“


Скопје, 12 јуни, 2017 - 9:46 (META) 

Денеска околу пладне во Специјалното јавно обвинителство (СЈО) треба да продолжи распитот на високи функционери на ВМРО-ДПМНЕ, осомничени во случајот „Талир“, меѓу кои е и лидерот на партијата, Никола Груевски.

Покрај Груевски, кој е првоосомничен во случајот, од СЈО покани им се испратени и исказ треба да дадат и пратеникот Илија Димовски, Кирил Божиновски и Мартин Протогер, кои се дел од единаесетте осомничени за нелегално финансирање на ВМРО-ДПМНЕ.

Во петокот минатата недела, во СЈО се појавија генералниот секретар на партијата и поранешен технички премиер, Емил Димитриев, пратеничката Даниела Рангелова и поранешниот министер за транспорт и врски, Миле Јанакиески.

Тројцата по излегувањето од просториите на СЈО изјавија дека не дале исказ, туку побарале увид во доказите и веднаш штом ги добијат, ќе се произнесат по кривичните дела за кои ги товари СЈО.

Како што пренесоа дел од медиумите, адвокатот Никола Додевски, кој е бранител на повеќето осомничени во случаите што ги води СЈО, ќе биде повикан како сведок во случајот „Талир“. Ова значи дека тој нема да може да ги застапува осомничените во овој случај.